У.бр.182/2009

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 септември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Олимпијада Мижимаковска од с. Нижеполе – Битола за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот утврдена во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

2. Олимпијада Мижимаковска од с. Нижеполе-Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија што се однесуваат на слободата на уверувањето и забрана на дискриминација по основ на верска припадност.

Според наводите во барањето, кое е поднесено од подносителката Олимпијада Мижимаковска, а во име на религиозна група Основниот суд Скопје II Скопје со Решение РГ.бр.4 од 18 февруари 2009 година, го одбил како неосновано барањето за упис во Единствениот судски регистар на црква, верска заедница и религиозна група, на доброволната заедница на физички лица, означена како „Ставропигијален манастир Свети Јован Златоуст“ – село Нижеполе кај Битола.

Според подносителот на барањето, со ова решение биле повредени одредбите на член 1 ставовите 1 и 2 и член 16 став 1 од Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2007), од причина што Законот не предвидувал форма за регистрирање на доброволна заедница на физички лица.

Од истите причини Апелациониот суд во Скопје со Решение ГЖ.бр.1875/09 од 29 април 2009 година ја одбил жалбата на предлагачот изјавена преку настојател Олимпијада Мижимаковска.

Според наводите во барањето, припадниците на религиозната група која сега ја застапува подносителката, барале Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст да биде регистриран како верска заедница, а не како трговско здружение.

Од наведените причини, се бара Уставниот суд да испита дали во овој случај погрешно е применет Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозни права и дали со наведените решенија со нерегистрирањето на означената религиозна група на припадниците на религиозната група им било повредено правото на слобода на уверувањето и вероисповеста.

3. Судот на седницата утврди дека подносителката на барањето и припаѓала и истовремено била следбеник на религиозна група означена како „Ставропигијален манастир Св. Јован Златоуст“ од с. Нижеполе – Битола. Но, со барањето за заштита на слободите и правата поднесена до Уставниот суд на Република Македонија подносителката на барањето не бара лична заштита од дискриминација сторена со повреда од членот 110 алинеја 3 од Уставот, туку истата е поднесена во име на т.н. религиозна група, на која таа и припаѓала. Оттука, поднесеното барање е од физичко лице, но во име на група лица и основот на кој се повикува е заштита на слободи и права на групата на која таа и припаѓала.

Имено, религиозната група, означена како „Ставропигијалниот манастир „Св. Јован Златоруст“ од с. Нижеполе – Битола, врз основа на членовите 12 и 13 од Законот за правната положба на црквите, верските заедници и религиозните групи до Основниот суд Скопје II Скопје поднеле барање за запишување на истата во надлежниот регистар на црквите, верските заедници и религиозните групи, како една од верските заедници во Република Македонија. Основниот суд Скопје II Скопје, со Решение Рег.бр.4 од 18 февруари 2009 година го одбил барањето за упис како неосновано. Против ова решение била поднесена жалба од барателот до Апелациониот суд во Скопје, по која истиот донел Решение ГЖ.бр.1875/09 од 29 април 2009 година, со кое жалбата ја одбил како неоснована, а Решението на првостепениот суд во целост го потврдил, наоѓајќи дека првостепениот суд правилно закучил дека поднесеното барање за запишување во судскиот регистер на доброволната заедница на физички лица означена како „Ставропигијален манастир Св. Јован Златоуст“ било спротивно на член 1 став 1 и член 2 од Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група од причина што запишувањето на истата во единствениот регистар на црква, верска заедница и религиозна група прво би значело повреда на наведените членови од Законот, бидејќи овој Закон ја уредувал само правната положба на одредени верски субјекти – доброволни заедници на физички лица набројани во Законот, и тоа како црква, верска заедница или религиозна група, а не и други видови на верски субјекти, како што во случајов се работело за доброволна заедница на физички лица, која е определена по своето уредување и работење во вид на манастир, што значи во форма, уредување, статус и работење кои се спротивни на одредбите од наведениот закон.

Со членот 110 од Уставот, децидно се утврдени надлежностите на Уставниот суд и тоа не е прашање препуштено на уредување со закон или друг пропис. Според алинеја 1 и 2 од овој член од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Според алинеја 3 од овој член од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Значи, посебно уставносудската заштита не се однесува на целиот корпус на слободи и права утврдени со Уставот, туку на дел од нив. Тие се како надлежност на Уставниот суд на Република Македонија определени во членот 110 алинеја 3 од Уставот.

Согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеца од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во членот 52 од Деловникот е предвидено дека во барањето од член 51, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита на слободите и правата, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите врз кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучување на Уставниот суд.

Од наводите изнесени во барањето и од цитираните уставни и деловнички одредби, Судот оцени дека конкретно во случајов подносителката само формално и декларативно се повикува на заштита на слободите и правата без притоа да наведе аргументи, ниту докази и факти во што се состоела дискриминацијата и повредата на правото на вероисповест, односно верско изразување.

Од друга страна, пак, подносителката бара Уставниот суд да ја преиспита примената на Законот од страна на редовните судови во конкретните акти со кои е одлучувано по однос на барањето за упис на религиозната група на која припаѓала подносителката на барањето во Единствениот судски регистар, но според надлежноста на Судот, дефинирана во Уставот на Република Македонија, Уставниот суд не е надлежен да ја цени и испитува примената на Законот на судовите во редовната судска постапка.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.182/2009
9 септември 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Издвоено мислење по предметот У.бр.182/2009