Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 18 декември 2013 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 6 став 4 во делот:„содржината и“ и член 19 став 2 во делот:„како и постапката за изведување на прекинување на бременоста“ од Законот за прекинување на бременоста („Службен весник на Република Македонија“ бр. 87/2013).
2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, ако се гледала содржината на член 6 став 3 од Законот, ќе се утврдело дека содржината на советувањето на бремената жена била пропишана со самиот закон. Освен тоа, содржината во овој случај можела да се пропишува само со закон, како што и било направено во случајов, а не со посебен акт на министерот за здравство, како што било во оспорениот став 4 на истиот член. Законодавецот не ги одредил законските рамки во кои може да се движи министерот за здравство при пропишувањето на содржината на докторското советување на бремената жена, што не било во согласност со член 96 од Уставот, каде било пропишано дека органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно, но само врз основа и во рамките на Уставот и законите. Освен тоа, со оспорениот законски дел не се разработувала одредбата од член 6 став 3 од Законот, заради извршување на наведениот став, туку му се давало изворно право овластување на министерот за здравство со посебен акт да ја пропише содржината на советувањето на бремената жена, што не било во согласност ниту со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија: владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска од член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 61 став 1 и член 61 став 1 алинеја 2 од Уставот.
Согласно член 19 став 2 од Законот за прекинување на бременоста, министерот за здравство пропишувал медицински протокол за работа во кој ќе се содржат потребните медицински иследувања вклучително и ултрасонографски преглед и по прекинување на бременоста, како и постапките за изведување на прекинување на бременоста. Меѓутоа, според општата одредба на член 2 став 1 од Законот, прекинување на бременоста била посебна медицинска интервенција за која слободно одлучува бремената жена. Во таков случај, постапките за изведување на прекинување на бременоста ја изведувале стручни лекари според својата специјална стручност, а не по пропишаните постапки од министерот за здравство, како што било пропишано со оспорениот законски дел. Поради тоа, со оспорената одредба се повредувале член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 61 став 1, член 61 став 1 алинеја 2 и член 96 од Уставот.
Врз основа на изнесеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби и истите да ги поништи како несогласни со Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека според член 6 став 4 од Законот за прекинување на бременоста, содржината и начинот на советувањето од став 3 на овој член го пропишува министерот за здравство со посебен акт.
Според член 19 став 2 од истиот закон, министерот за здравство пропишува медицински протокол за работа во кој ќе се содржат потребните медицински иследувања вклучително и ултрасонографски преглед пред и по прекинување на бременоста, како и постапките за изведување на прекинување на бременост.
4. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Согласно член 61 став 1 од Уставот, Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт во Републиката. Според став 2 на истиот член, организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот.
Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Со Законот за прекинување на бременостa се уредуваат условите под кои може да се врши прекинување на бременостa, постапката за одобрување на прекинување на бременостa, условите што треба да ги исполнуваат здравствените установи за вршење на постапка за прекинување на бременостa и надзорот над условите и постапката за прекинување на бременоста (член 1).
Според член 2 на овој закон, прекинување на бременоста е посебна медицинска интервенција за која слободно одлучува бремената жена. Правото за прекинување на бременоста може да се ограничи само заради заштита на здравјето и животот на бремената жена.
Според член 6 став 3 од Законот, пред прекинување на бременоста докторот е должен да изврши советување на бремената жена за можните предности за продолжување на бременост, како и за ризиците при спроведување, односно не спроведување на интервенцијата за прекинување на бременоста по здравјето и животот на жената, методите за вршење на прекинување на бременоста и да ја запознае со можностите и методите за спречување на бременоста.
Според оспорениот став 4 од овој член, содржината и начинот на советувањето од ставот 3 на овој член го пропишува министерот за здравство со посебен акт.
Со иницијативата се оспорува законското решение според кое министерот за здравство е овластен да ја пропише содржината на советувањето на бремената жена пред прекинувањето на бременоста, од причини што таквото овластување не било разработка на одредбата од членот 6 став 3 на Законот, туку значело изворно овластување за министерот да ја пропише содржината на советувањето, што не било во согласност со владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, утврдени со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51 и член 61 став 1 и член 61 став 1 алинеја 2 од Уставот.
Според Судот, ваквите наводи во иницијативата се неосновани. Имено, со член 6 став 3 од Законот, се утврдува задолжителна обврска за докторот кој треба да изврши прекинување на бременоста, пред прекинувањето на бременоста, да изврши советување на бремената жена за можните предности за продолжување на бременоста, како и за ризиците при спроведување односно неспроведување на интервенцијата за прекинување на бременоста по здравјето и животот на жената, методите за вршење на прекинување на бременоста и да ги запознае со можностите и методите за спречување на бременоста. На таков начин, законодавецот јасно и недвосмислено ја определил темата и содржината на советувањето на бремената жена, односно дал објективна законска рамка за тоа во која насока треба да се одвива советувањето на бремената жена, па натамошното овластување во ставот 4 на истиот член, министерот за здравство да ги пропише содржината и начинот на советувањето од ставот 3 на овој член, единствено може и треба да се подразбере како доразработка на одредбата од ставот 3 на истиот член, во функција на операционализација на Законот, а не како право за изворно утврдување на други содржини на советувањето, надвор од пропишаните со ставот 3 на истиот член.
Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека овластувањето на министерот за здравство со подзаконски акт да ја пропише содржината на советувањето на бремената жена од член 6 став 3 од Законот, е во функција на разработка на ставот 3 на истиот член со кој законодавецот ја определил рамката на содржината на советувањето на бремената жена, поради што не го постави прашањето за согласноста на член 6 став 4 во делот:„содржината и“ од Законот за прекинување на бременоста со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51 и член 61 став 1 од Уставот.
Според член 19 став 2 од Законот, министерот за здравство пропишува медицински протокол за работа во кој ќе се содржат потребните медицински иследувања вклучително и ултрасонографски преглед пред и по прекинување на бременоста, како и постапките за изведување на прекинување на бременост.
Со иницијативата се оспорува делот од оваа одредба кој се однесува на овластувањето на министерот за здравство да пропише медицински протокол кој ги опфаќа постапките за изведување на прекинување на бременоста, затоа што постапките за изведување на прекинувањето на бременоста ја изведувале стручни лекари според својата специјална стручност, а не по пропишани постапки од министерот за здравство, како што било пропишано со оспорениот дел од одредбата, поради што со овој дел од одредбата се повредувале член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 61 став 1, член 61 став 1 алинеја 2 и член 96 од Уставот.
Според Судот, и овие наводи од иницијативата се неосновани, поради следното:
Со Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ број 43/12, 145/1 и 87/2013), се уредуваат прашањата кои се однесуваат на системот и организацијата на здравствената заштита и вршењето на здравствената дејност. Според член 27 став 1 од овој закон, здравствената дејност во здравствените установи од страна на здравствените работници и здравствените соработници задолжително се врши согласно со стручни упатства за медицина заснована на докази кои согласно со современата светска медицинска практика, ги пропишува министерот за здравство. Според став 4 на истиот член, здравствената дејност во здравствените установи од организациски аспект задолжително се врши согласно со протоколи кои ги пропишува министерот за здравство.
Според одредбите на Законот за прекинување на бременоста, прекинување на бременоста е посебна медицинска интервенција за која слободно одлучува бремената жена и која може да се врши во болничка здравствена установа која во својот состав има гинеколошко акушерско одделение кое ги исполнува условите по однос на простор, опрема и кадар согласно прописите за здравствена заштита и која што добила одобрение од Министерството за здравство за вршење на дејноста прекинување на бременост.
Тоа значи дека законодавецот пропишал дека постапката за прекинување на бременоста, како посебна медицинска интервенција, се спроведува во болничка здравствена установа, од страна на стручни лица – доктори со посебна специјалност кои се овластени да ја вршат оваа интервенција, врз основа на стручни упатства за медицина заснована на докази, кои се воведени со цел да се изгради стандардизација на третманите, но кои не значат супституција на стручното знаење и одлучување на здравствените работници во конкретните случаи на третман. Стручните упатства се во насока на потребата од зајакнување на одговорноста на здравствените работници и воведување на професионални стандарди во здравството во контекс на медицина заснована на докази. Во таа насока е и медицинскиот протокол за работа пропишан од страна на министерот за здравство, кој ги содржи потребните медицински иследувања вклучително и ултрасонографски преглед пред и по прекинување на бременоста, како и постапките за изведување на прекинување на бременост, со кој се уредува наведената медицинска интервенција од организациски аспект. На таков начин, според Судот, не се повредува начелото на владеењето на правото, ниту може да се прифати дека извршната власт навлегла во ингеренциите на законодавната власт, како што се наведува во иницијативата.
Поради наведеното, Судот оцени дека се неосновани наводите во иницијативата за несогласноста на член 19 став 2 во делот:„ како и постапките за изведување на прекинување на бременост“ од Законот за прекинување на бременоста со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 61 став 1 и член 96 од Уставот.
5. Наводите во иницијативата за несогласноста на оспорените одредби од Законот со член 61 став 1 алинеја 2 од Уставот, Судот ги отфрли. Ова од причина што членот 61 став 1 од Уставот воопшто нема алинеи, поради што произлегува дека подносителот на иницијативата бара оценување на согласноста на оспорените одредби од Законот со непостоечки одредби од Уставот.
6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски, а во однос на член 6 став 4 од Законот, Решението е донесено со мнозинство на гласови.
У.бр.87/2013
18 декември 2013 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева
Издвоено мислење по предметот У.бр.87/2013