Издвоено мислење

Издвоено мислење по предметот У.бр.87/2013

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.87/2013 донесено на 25.12.1013 година за неповедување на постапка за оценување на уставноста на член 6 став 4 во делот “содржината и“ од Законот за прекинување на бременоста (“Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2013) го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со означеното Решение, Уставниот суд меѓу другото, со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оспорениот член 6 став 4 во делот “содржината и“ од Законот за прекинување на бременоста (“Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2013) образложувајќи дека бидејќи законодавецот дал објективна законска рамка за тоа во која насока треба да се одвива советувањето на бремената жена во ставот 3 на истиот член, министерот за здравство може содржината и начинот на советувањето на бремената жена единствено да го подразбере како операционализација на законот, a никако како право на изворно утврдување на други содржини на советувањето, надвор од пропишаните со ставот 3 на овој член.

Мојот спротивен став по оспорениот дел – “содржината и“ на член 6 став 4 го темелам токму на досегашната богата пракса на Уставниот суд, кој доследно ја градел својата позиција земајќи предвид дека соодветните критериуми или параметри во нормирањето на определена област (во случајов, содржината на советувањето на бремената жена) треба да се составен дел на законот, а единствено нивната операционализација е прашање кое може да се уредува со подзаконски акт.

Конкретно, член 6 став 3 точно ја наведува содржината на советувањето кое бремената жена ќе го добие: можните предности за продолжување на бременоста, ризиците при спроведување односно неспроведување на интервенцијата за прекинувње на бременоста по здравјето и животот на жената, методите за вршење на прекинување на бременоста, како и можностите и методите за спречување на бременоста. Ставот 4 на истиот член наведува дека “Содржината и начинот на советувањето од став 3 на овој член го пропишува министерот за здравство со посебен акт“.

Наспроти наведеното во Решението, сметам дека во ставот 4 со самиот факт што содржината на посебниот акт кој треба да го донесе министерот за здравство повторно се споменува и законски се овластува тој да го уреди со посебен акт, Законот остава и понатаму простор за интервенција на министерот во содржината на подзаконскиот акт, а надвор од веќе дадената законска рамка, со нови елементи на советувањето кои се однапред непознати.

Во случај интенцијата на законодавецот сепак да била советувањето на бремената жена единствено да го подразбере како операционализација на законот, a никако како право на изворно утврдување на други содржини на советувањето, го прави присуството на зборовите “содржината и“ во ставот 4 потполно излишно и беспредметно, а воедно оправдано за уставно-судска интервенција.

Судија на Уставниот суд
Д-р Наташа Габер-Дамјановска

Решение У.бр.87/2013

Leave a Reply