У.бр.107/2010

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија членовите 55, 56 и 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) по одржана јавна расправа на 3 февруари 2011 година, на седницата одржана на 16 февруари 2011 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на лицето Левко Таневски, адвокат од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, што се однесуваат на јавното изразување на мислата, гарантирани со член 16 од Уставот, повредени со Пресуда К.бр.80/2010 донесена од Основниот суд во Штип на 11 декември 2009 година и Пресудата КЖ.бр.94/2010, донесена од Апелациониот суд во Штип на 22 март 2010 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Левко Таневски адвокат од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на слободата на уверувањето, мислата и јавното изразување на мислата, повредени со пресудите наведени во точката 1 од оваа одлука.

Според подносителот на барањето со наведените пресуди со кои бил огласен за виновен за искажано мислење при давање на правна помош, бил повреден член 8 алинеја 1, член 16 ставовите 1 и 2, член 53 и член 54 од Уставот на Република Македонија, член 19 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и член 10 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи.

Понатаму, според подносителот на барањето, со пресудите била направена повреда на член 21 ставовите 1 и 2 од Законот за адвокатура, според кој адвокат не може да биде повикан на одговорност за искажано мислење при давање правна помош и вршење на јавни овластувања, како и тоа дека адвокат во вршењето на адвокатската дејност има имунитет. Воедно, постоела и повреда на член 176 од Кривичниот законик според кој „нема да се казни тој што навредливо ќе се изрази за друг во вршење на службена должност, политичка или друга општествена дејност“ во која влегува и адвокатската дејност. Имајќи ги предвид овие законски одредби на првостепениот суд како доказ му биле доставени Решение К.бр.485/08 на Основниот суд Скопје I и Решение КЖ.бр.1298/08 на Апелациониот суд Скопје каде во иста правна ситуација тужбата на приватниот тужител против органот за клевета била отфрлена, кои како доказ биле изведени на претресот од 16.03.2009 година во постапката што се водела против него, но судот воопшто не ги цитирал во првостепената пресуда. Според подносителот на барањето во вакви и слични предмети каде се изнесува мислење во вршење на службената должност пред се судии, јавни обвинители и адвокати постојат законски пречки за водење на постапка против носителите на овие функции за изнесено мислење дадено во тие постапки.

Според подносителот, контрадикторни биле наводите на првостепениот и второстепениот суд дека адвокатот не бил осуден за искажаното мислење како адвокат, кого во самиот диспозитив на пресудата стои: „Како адвокат на тужителот АД „Јака Табак“ ….

Вистинитоста и невистинитоста на наводот поради кој адвокатот Левко Таневски бил осуден можел да се утврдува во предметот во кој тој се јавува како застапник (П.бр.831/99), а не можел да се утврдува во постапка против него за сторена клевета. Адвокатот Левко Таневски е првиот адвокат во Република Македонија (можеби и во Европа) кој е осуден за кривично дело клевета за изнесени факти и околности пренесени од неговите странки во тужбата кои тие ја поднеле и која била со слична содржина како и инкриминираната изјава (а не како што утврдуваат првостепениот и второстепениот суд, дека адвокатот ја поднел оваа тужба). По овој преседан кој е спротивен на Кривичниот законик и Законот за адвокатура се отвара патот секој судија, адвокат и јавен обвинител да биде приватно тужен за наводи дадени во постапките, па нашите судови во други постапки за кривично дело клевета ќе ги утврдуваат вистинитоста, односно невистинитоста на изјавите дадени во друг предмет.

Правната заштита за изразено мислење постои и во Европската конвенција за заштита на човековите права од член 10 која е дел од правниот поредок на Република Македонија која одредба ја применил Апелациониот суд во Битола постапувајќи по жалба на казнет адвокат во друг предмет за изразено мислење (КЖ.бр.802/2009).

Вистинитоста на наводите кои биле предмет на кривичната постапка можеле да се утврдат дополнително и од правосилната пресуда на Основниот суд Штип П.бр.555/09 од 12.03.2009 година и пресуда ГЖ.бр.1553/09 од 10.11.2009 година. Причините кои биле предмет на кривичната постапка биле причини за одбивање на тужбеното барање во парнична постапка за наплата на парично побарување на тужителите С.Н. и В.Н..

Подносителот на барањето наведува дека наводите дадени по предметот П.бр.831/99 (споен со П.бр.555/09) се во правна врска со предметот на спорот, а воедно во истиот е утврдено дека исказот е вистинит во парничната постапка, а во кривичната постапка К.бр.80/2010 истите наводи се покажале како невистинити. Оттука, се поставува прашањето дали Основниот суд во Штип и Апелациониот суд во Штип на два пати ги прикажуват оштетените (С.Н. и В.Н.) како нечесни кога им го одбиваат тужбеното барање во износ од 600.000,00 денари и им досудуваат 9.000,00.

Во предметот било доставено и толкување од Адвокатската комора за член 21 од Законот за адвокатура кое не било земено во предвид.

Во барањето, исто така, се наведува дека на подносителот не му било овозможено да ја докажува вистинитоста на наводите во инкриминираната изјава со тоа што судот не прифатил да се изведат докази што ги предложил тој и тоа: сослушување на сведокот, да бидат прибавени предметите КО.бр.112/2007 и КО.бр. 117/2007 и да се направи увид во нив, како и да се изведат докази со увид во точно наведени предмети, поднесоци, записници и одлуки кои биле доставени како во текот на првостепената и жалбената постапка, иако во второстепената пресуда стоело задолжение да се изведат и други докази неопходни за правилно утврдување на фактичката состојба.

Апсурдноста на осудителната пресуда била уште поголема со оглед на фактот што адвокатот Левко Таневски поради вистинитоста на наводите утврдени во пресудата П.бр.555/09 успеал да го поништи договорот за адвокатско застапување, а истиот навод Кривичниот суд го оценил како невистинит и го огласил за виновен и покрај законската пречка да се води постапка против адвокатот согласно член 21 од Законот за адвокатура.

Покрај предметот П.бр.831/99 што „Јака Табак“ – Радовиш преку адвокатот Левко Таневски го водела против приватните тужители за поништување на договор за адвокатски услуги такви тужби постоеле и од други трговски друштва како што е “ЈАКА 80” – Радовиш која водела спор против С.Н. за поништување на договор за адвокатско застапување каде бил договорен надомест од 8% од 7.680.470,00 денари кој факт би можело да се утврди од Пресудата на Врховниот суд на Република Македонија Рев.бр.766/07 од 9 јули 2008 година.

Понатаму, според подносителот на барањето, делото кое му се ставало на товар на адвокатот Левко Таневски не било кривично дело согласно Кривичниот законик. Имено, како дејство и објект на извршување на кривичното дело клевета неопходно било потребно да постои изнесување на нешто невистинито. Од наводите на адвокатот Левко Таневски со сигурност можело да се утврди дека се работи за вистински наводи и дека неговите уверувања се поткрепени со докази дадени пред судот во постапка по предметот П.бр.831/99 споен со 555/99), во која постапка тужителите не посочиле со ништо дека наводите во исказот не се точни.

За да постои кривично дело Клевета неопходно е потребно тврдењето да биде такво што она што се изнесува или пренесува може да им наштети на честа и угледот. Во конкретниов случај не смее да биде решавачко личното мислење на сторителот на делото за тоа каква изјава може да му наштети на оштетениот, ниту, пак, во крајна линија, личното чувство на повреденост на оштетениот, иако начелно земено изнесувањето нешто невистинито што него субјективно го погаѓа би требало да претставува клевета и според еден општ вредносен суд.

Од овие причини, според подносителот, судот погрешно ја утврдил нематеријалната штета единствено врз изведените докази од невропсихијатар за претрпена нематеријална штета.

Воедно, во барањето се наведува дека адвокатот Левко Таневски во ниеден момент, ниту кога ја давал изјавата, ниту сега не сакал да даде вредносно негативен став кон тужителите, ниту истите да ги навреди од проста причина што наводите се дадени во постапка во која тужителите бараат да остварат парични побарувања за кое клиентот на Левко Таневски сметал дека е неосновано.

Подносителот на барањето, воедно смета дека судот спротивно на Законот за облигационите односи, Законот за парничната постапка и Законот за кривичната постапка ја определил висината на штетата од причина што приватните тужители немале поделба на бараниот износ од по 300.000,00 денари во однос по кој основ од нематеријалната штета бараат штета. Првостепениот суд ја извршил поделбата самоиницијативно, без да постои прецизно тужбено барање, врз основа на своја претпоставка дека тужителите бараат по 150.000,00 денари за претрпен бол, односно по 150.000,00 денари за повреда на угледот, од што се добива впечаток дека не е применет член 189 од Законот за облигационите односи. Според подносителот, ваквиот начин на утврдување на надоместокот на штета се претворал во основ за материјална добивка и на тужителите им се овозможувало она што не успеале да го добијат – износот од 600.000,00 денари во парничната постапка по предметот П.бр.831/99 успале да го остварат во кривичната постапка кога им бил досуден износ од 400.000,00 денари за претрпена нематеријална штета.

4. Судот на јавната расправа и на седницата а од извршениот увид во доставените и прибавени докази, утврди дека на 1 март 1999 година е склучен договор за давање на адвокатски услуги помеѓу адвокатите В.Н. и С.Н. од Скопје, како даватели на адвокатските услуги и „Јака Табак“ – Радовиш, како корисник на адвокатски услуги, застапувана од генералниот директор З.М. Според овој договор, адвокатите се обврзале да ја застапуваат „Јака Табак“–Радовиш во постапките по тужба за нарушено владение против физички лица, со предлог за определување на привремена мерка за обезбедување на непарично побарување против физички лица, двете пред пред Основниот суд во Радовиш и по предметот Трег.бр.2026/98 што се водел пред Основниот суд во Штип, како и пред повисоките судови. „Јака Табак“– Радовиш се обврзала за дадените услуги, независно од исходот на споровите, на адвокатите да им исплати износ од 650.000,00 денари, по доставена фактура, најдоцна до 30 април 1999 година. Странките предвиделе нераскинливост на договорот, како и надлежност на Основниот суд Штип, во случај на спор.

Од изводот од трговскиот регистар Сл.бр.40/99 од 4 март 1999 година произлегува дека, во време на случување на договорот, во Основниот суд Штип во тек била постапка за усогласување и промена на претходно овластено лице на Јака Табак“ – Радовиш, но на 4 март 1999 година кога е составен изводот, решението за усогласување и промена не било правосилно.

По истекот на 30 април 1999 година адвокатите В.Н. и С.Н. од Скопје, доставиле фактура бр.18/99 до „Јака Табак“ – Радовиш за исплата на договорениот износ од 650.000,00 денари, но „Јака Табак“ – Радовиш не ја платил фактурата, по што адвокатите поднеле тужба за исплата на долг до Основниот суд Штип. Тужбата е заведена под П.бр.555/99.

На 16 септември 1999 година од страна на „Јака Табак“ – Радовиш е поднесена тужба против В.Н. и С.Н., како и З.М., сите од Скопје за поништување на договор за давање на адвокатски услуги. Тужбата е заведена под П.бр.831/99, а во неа е содржан посебен предлог за спојување со постапката по предметот П.бр.555/99. По поднесената тужба од страна на Јака Табак“ – Радовиш како полномошник е ангажиран Левко Таневски, адвокат од Скопје.

Со пресуда П.бр.831/99 од 10 мај 2005 година Основниот суд Штип го усвоил тужбеното барање на тужителот „Јака Табак“ – Радовиш, го поништил склучениот договор за давање на адвокатски услуги поради несразмер на заемните давања, ги задолжил тужените В.Н. и С.Н. да платат трошоци во постапката. При донесувањето на пресудата, Левко Таневски се појавува како полномошник на тужителот, видно од уводот на пресудата.

При донесувањето на пресудата Основниот суд Штип направил увид во склучениот договор и утврдил дека помеѓу договорните странки не било предвидено составување на писмени поднесоци, туку застапување на Друштвото пред судовите во Штип и Радовиш. Од увидот во предметите, кои биле заведени пред Основниот суд во Радовиш (П.бр.47/99 и П.бр.45/99) и други акти се утврдило дека по предметите не била одржана ниту една расправа, како што било договорено, од каде судот заклучил дека тужените адвокати не извршиле застапување на Друштвото (освен составен еден записник). Тоа што тужените презеле само едно писмено дејствие-состав на поднесок за кој следи адвокатска награда од 10.000,00 денари за судот значело дека е голема разликата помеѓу вредноста на преземените дејствија од страна на адвокатите, кои не биле предвидени во договорот и договорениот износ за застапување (650.000,00), од кои причини е уважено тужбеното барање за поништување на договорот.

Апелациониот суд Штип, со пресуда ГЖ.бр.1935/2005 од 10 мај 2005 година, ја одбил како неоснована жалбата на В.Н. и С.Н. и ја потврдил првостепената пресуда, потврдувајќи го ставот на понискиот суд за постоење на очигледен несразмер помеѓу обврските на договорните страни.

Незадоволни од пресудата адвокатите С.Н. и В.Н. поднеле предлог до Јавното обвинителство за подигање на Барање за заштита на законитоста, на што адвокатот Левко Таневски дал одговор во кој е содржан наводот за кој, подоцна е осуден за кривичното дело „Клевета“. Во барањето за заштита на законитоста Јавниот обвинител сметал дека е повреден законот, бидејќи според него, адвокатот и странката можат слободно да ја договараат наградата и трошоците и начинот и средствата на плаќањето, што било утврдено во Договорот за давање на адвокатски услуги, заклучен согласно член 1 став 2 од Тарифата за награда и надомест за работата на адвокатите. Според него, ако судот за причините на решителните факти утврдил дека договорот воопшто не почнал да се реализира, односно дека тужените не ја исполниле својата обврска, тужителот можел да бара раскинување на двостраниот договор, а не и поништување на договорот.

Во одговорот на Барањето за заштита на законитоста, полномошникот Левко Таневски, меѓу дугото, навел дека тужбеното барање по предметот П.бр.831/99 било поднесено поради основната причина-очигледен несразмер на заемните давања. Поточно, за адвокатски дејствија од 5.000, 00 денари предвидени во Тарифата за награда на надоместоци на адвокатите, бил договорен надомест од 650.000,00 денари, а биле реализирани дејствија за 6.000,00 денари. Според него не постоел ниту еден правно релевантен факт врз основа на кој би можела да се укине првостепената пресуда, а желбата на тужените да заработат 40.000 евра (главен долг и камата) без ивршување на било какво дејствије, според него било „најблаго речено нечесно“, а овозможувањето да се земат тие пари, врз основа на „виртуелни дејствија“, односно без преземено било какво дејствие е соучесништво во вршењето на незаконските дејствија. Потоа следуваат наводите за кои подоцна е поднесена приватна кривична тужба, кои гласат: „ Ова е уште почудно што истиот тужен пред четири години има склучено повеќе вакви договори и со неколку фирми од подрачјето на Апелациониот суд од Штип, кои уште се тетерават во правните лавиринти на Основниот суд Штип каде е договорена месната надлежност согласно овие договори за адвокатско застапување, каде адвокатите имаат договорено и преземено само по неколку правни дејствија, а несразмерно бараат надомест од повеќе десетици илјади евра, а при тоа адвокатите имат седиште во Скопје.“

Врховниот суд на Република Македонија со Решение ГЗЗ.бр.142/2006 од 23 мај 2006 и 6 јуни 2007 година го усвоил барањето за заштита на законитоста и предметот П.бр.831/99 го вратил на повторно судење на првостепениот суд.

Паралелно со постапката по предметот П.бр.831/99 во тек била и постапка по предметот П.бр.555/99 по тужбата на В.Н. и С.Н. против Јака Табак, за долг и кон овој предмет на 20.05.2008 година е споен и предметот П.бр.831/99, по што Основниот суд во Штип донел пресуда П.бр.555/99 од 12.03.2009 година со која делумно го уважил тужбеното барање на В.Н. и С.Н. и ја задолжил Јака Табак да им плати на тужителите износ од 9.100,00 денари на име долг, а за разликата до бараниот износ од 650.000,00 денари го одбил барањето како неосновано. Воедно, тужбеното барање на Јака Табак е делумно уважено на начин што судот го раскинал договорот за давање правна помош склучен со В.Н. и С.Н. за износот од 640.900,00 денари, а за износот од 9.100,00 денари договорот е оставен во сила. Апелациониот суд во Штип со пресуда Г.Ж.1553/09 од 1.11.2009 година ја потврдил првостепената пресуда.

Адвокатите В.Н. и С.Н. сметајќи дека во одговорот на барањето за заштита на законитоста истакнат во постапката по предметот П.бр.831/99 е сторено кривично дело „Клевета“ од член 172 став 1 од Кривичниот законик, на 20 јуни 2006 година поднеле приватна кривична тужба против адвокатот Левко Таневски.

Основниот суд во Штип во кривичната постапка во повеќе наврати носел пресуди кои биле укинувани од повисокиот суд, поради суштествени повреди на постапката и нецелосно и неправилно утврдена фактичка состојба. Конечно, со пресудата К.бр.80/2010 од 11 декември 2009 година, Левко Таневски бил огласен за виновен за стореното кривично дело и казнет со парична казна и задолжен да надомести нематеријална штета на приватните тужители С.Н. и В.Н..

Од увидот извршен во Пресудата К.бр.80/2010 од 11 декември 2009 година на Основниот суд во Штип, се утврди дека со наведената пресуда обвинетиот Левко Таневски од Скопје е огласен за виновен за сторени две кривични дела „Клевета“ од член 172 став 1 од Кривичниот законик за што е осуден да плати 50 дневни глоби, односно износ од 30.750,оо денари, како и да плати износ од 180.000,00 денари на оштетениот В.Н. на име нематеријална штета за претрпени душевни болки поради повреда на угледот и честа и износ од 220.000,00 денари на С.Н. од Скопје на име нематеријална штета за претрпени душевни болки поради повреда на угледот и честа, во рок од 15 дена од правосилноста на пресудата.

Делата биле сторени затоа што Левко Таневски, како адвокат на АД “ЈАКА ТАБАК” Радовиш, во својот писмен поднесок поднесен преку Основниот суд Штип до Врховниот суд на Република Македонија од 22 мај 2006 година, давајќи одговор на барањето за заштита на законитоста подигнато од страна на Јавното обвинителство на Република Македонија, против пресудата П.бр.831/99 од 10 мај 2005 година на Основниот суд во Штип и против Пресудата ГЖ.бр.1935/2005 од 19 јануари 2006 година на Апелациониот суд Штип, изнел повеќе невистини за оштетените В.Н. од Штип и С.Н. од Скопје што било штетно за нивната чест и углед постигнати како адвокати. Ова го сторил на начин што изјавил: „Ова е уште почудно што истиот тужен пред четири години има склучено повеќе вакви договори и со неколку фирми од подрачјето на Апелациониот суд од Штип, кои уште се тетерават во правните лавиринти на Основниот суд Штип каде е договорена месната надлежност согласно овие договори за адвокатско застапување, каде адвокатите имаат договорено и преземано само по неколку правни дејствија, а несразмерно бараат надомест од повеќе десетици илјади евра, а при тоа адвокатите имат седиште во Скопје“, иако ниту едно од тврдењата не било вистинито.

На главниот претрес приватните тужители останале во целост кон тужбата и побарале обвинетиот да биде огласен за виновен за две кривични дела „Клевета“ од член 172 став 1 од Кривичниот законик и предложиле судот да им досуди нематеријална штета за душевни болки поради повреда на честа и угледот и тоа за секој посебно во вкупен износ од по 300.000,00 денари.

Во својата одбрана обвинетиот Левко Таневски лично и преку неговиот бранител изјавил дека не се чувствува за виновен и дека согласно член 21 од Законот за адвокатура не може да биде повикан на одговорност за искажано мислење при давање на правна помош и побарал да биде ослободен од обвинение.

Во доказната постапка судот го сослушал приватниот тужител – оштетен В.Н. кој во целост останал на исказот даден на 16 март 2009 година, ја сослушал приватната тужителка – општетената С.Н., ги прочитал одговорот на барањето за заштита на законитоста поднесен до судот на 22 мај 2006 година, пресудата П.бр.831/99 од 10 мај 2005 година, доставница со предлог за извршување со решение за дозвола за извршување И.бр.1494/99 од 19 мај 1999 година, фактура бр.18/99 од 2 април 1999 година, договорот за давање на адвокатски услуги од 1 март 1999 година, психијатрискиот наод и мислење од 23 април 2008 година од вештото лице, па ценејќи го секој доказ посебно и сите заедно како и одбраната на обвинетиот судот го утврдил следното:

„ Во конкретната ситуација обвинетиот со поднесување на одговор на барање за заштита на законитост преку О.с. Ш. до В.с. на РМ С. во истото изнел невистинити тврдења за приватните тужители за кој невистини дознале и трети лица со оглед дека поднесокот бил поднесен преку О.с.Ш. до В. с, на РМ во С. и натој начин им наштетил на честа и угледот на приватните тужители кој долги години работеле како успешни адвокати докажани во средината каде живееле и работеле.

Од изјавата на оштетениот В.Н.се утврди дека приватните тужители немале склучувано договори како што наведува во поднесокот – Одговор на барањето за заштита на законитоста од 22.05.2006 година обвинетиот, односно дека изнесеното во поднесокот е невистинито и се утврди дека тоа за приватниот тужител В.Н.како адвокат, а истотака и за приватната тужителка С.Н.преставува невистина која им штети на нивната чест и углед кој го имаат во општеството како адвокати………….
………..На главниот претрес од изведените докази што ги предложи обвинетиот не се докажа дека тие тврдења изнесени во писмениот поднесок се вистинити и не се докажа дека имало било какви договори кои ги склучиле приватните тужители со правни субјекти на подрачјето на А.с.Ш. каде приватните тужители барале несразмерен надомест за нивната работа……..
…….Инкриминираниот текст наведен во т.1 од изреката од пресудата, особено ценејки го овој текст со остатокот од содржината на писмениот поднесок – Одговор на барањето за заштита на законитоста, целта на обвинетиот била да ги прикаже приватните тужители како нечесни адвокати и кои со нечесна работа сакаат да заработат многу пари. Обвинетиот бил свесен дека изнесува невистини во поднесокот и дека тие невистини може да им наштетат на честа и угледот на приватните тужители, но истиот се согласил со тоа и тој писмен поднесок го доставил до судот. Обвинетиот е адвокат и истиот како правник знаел дека таквите дејствија се противправни и претставуваат кривично дело клевета…….
Судот ја ценеше одбраната на обвинетиот дека со напишаното во одговорот на барањето за заштита на законитоста не изнел никакви невистини кој се штетни за честа и угледот на приватните тужители, и дека тој согласно чл.21 од Законот за адвокатура не може да биде повикан на одговорност за искажано мислење при давање на правна помош, но не и поклони верба бидејќи е во спротивност со доказите изведени на главен претрес и е дадена со цел да ја одбегне кривичната одговорност………..

Во конкретната ситуација не се работи за искажано мислење при давање на правна помош туку за изнесување на невистинити тврдења за оштетените-приватните тужители до кои обвинетиот дошол сам и со тоа им наштетил на нивната чест и углед. …… Изнесените невистини опишани во изреката на пресудата се невистини кои се дадени со цел да се дискредитираат и омаловажат и се потенцира нечесност на приватните тужители како адвокати и ова се спротивно и на професионалните етички стандарди на адвокатите односно ваквото однесување на обвинетиот е спротивно на Кодексот на професионалната етика на адвокатите, бидејќи изнесените невистини се изкажани од колега адвокат и тоа во судска постапка.Судот утврди дека не може во овој случај да стане збор дека се работи за правно мислење, тоа што е изнесено за приватните тужители во поднесокот, при давање на правна помош, бидејќи инкриминираниот текст не е во врска со правната работа за која е заведен спорот помеѓу странките во предметот П.бр.831/99, не се однесува за факти и докази во врска со оваа правна работа, а по мислење на овој суд напишаниот текст во одговор на барање на заштита на законитоста е даден со цел да се престават адвокатите- тужените во тој спор како нечесни.
………Како отежнителни околности судот ги зема дека кривичното дело е сторено спрема две лица, кои се негови колеги адвокати и дека тоа е сторено во судска постапка……….“

Судот согласно членот 102 став 1 и 2 од Законот за кривичната постапка одлучил за имотно правното барање на приватните тужители.

Незадоволен од донесената пресуда на Основниот суд Штип, обвинетиот Левко Таневски од Скопје поднел жалба против пресудата К.бр.80/2010 од 11 декември 2009 година. Апелациониот суд во Штип постапувајќи по жалбата донел Пресуда КЖ.бр.94/10 од 22 март 2010 година со која жалбата на обвинетиот ја одбил како неоснована, а првостепената пресуда ја потврдил.

Апелациониот суд во Штип одлучувајќи по поднесената жалба, а по претходна оцена на наводите во истата, утврдил дека не биле основани жалбените наводи за сторени суштествени повреди на одредби од член 355 став 1 точка 11 од Законот за кривичната постапка, бидејќи првостепената пресуда била јасна, разбирлива и непротивречна на изведените докази. Утврдени биле сите релевантни факти врз основа на кои било одлучено за постоење на кривичните дела, а во образложението на пресудата првостепениот суд дал доволно причини за сите решителни факти кои што ги сочинуваат елементите на кривичното дело „Клевета“ од член 172 став 1 од Кривичниот законик.

Според Апелациониот суд, првостепениот суд јасно навел на кои докази им поклонил верба и од кои причини и зошто одбраната на обвинетиот ја одбил како неоснована, како и тоа дека првостепениот суд правилно раководејќи се од наодот и мислењето на вештото лице ја утврдил претрпената нематеријална штета и соодветно го определил надоместокот.

5. Според член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 11 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и почитување на општоприфатените норми на меѓународното право, се утвредени како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 16 став 1 од Уставот на Република Македонија, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и тоа само во време на воена или вонредна состојба, според одредбите на Уставот, при што ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата, според ставот 4 на овој член, не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Според членот 19 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права, 1) Никој не може да биде вознемируван поради своето мислење; 2) Секој има право на слобода на изразување; тоа право подразбира слобода да се бараат, примаат и шират известувања и идеи од секој вид, без оглед на границите, било усно, писмено, по пат на печат или во уметничка форма или со кое било друго средство во свој избор; 3) Вршењето на слободата предвидена во став 2 на овој член повлекува посебни обврски и одговорности. Тоа може да биде подложено на одредени ограничувања кои сепак мора да бидат изречно утврдени со закон и кои се нужни: а) за почитување на правата и угледот на другите лица; б) за заштита на националната безбедност или јавниот поредок или јавното здравје или морал.

Според членот 10 од Конвенцијата, 1) секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаѓа слобода на мислење и слобода на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите на претпријатијата за радио, филм и телевизија да им наметнуваат режим на дозволи за работа. 2) Остварувањето на овие слободи кое што вклучува обврски и одговорности, може да биде под определени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, и кои се неопходни во едно демократско општество заради заштита на државната безбедност, територијалниот интегритет и јавна безбедност, заштитата на редот и спречување нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширење на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и неприкосновеноста на судењето.

Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права и Европската конвенција за човековите права поаѓаат од правото на поединецот слободно да го манифестира своето уверување и совест и слободно да ја изрази својата мисла, без никакво ограничување и во било која форма, и, истовремено, упатуваат на ограничувањата на оваа слобода, кои мора да бидат изречно утврдени со закон и кои се нужни, односно неопходни во едно демократско општество заради заштита на правата или слободите на другите лица, националната безбедност или јавниот поредок, здравјето или моралот.

Уставот на Република Македонија поаѓа од гарантирање на самата слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, на начин кој е општ, генерален за сите поединци и токму од аспект на оваа општост мора да се толкува одредбата од член 54 став 4 од Уставот со која се исклучува ограничувањето на оваа слобода.

Меѓутоа, ова не значи дека не постои никакво ограничување за поединецот во манифестирањето на генерално загарантираната слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Границите на манифестирањето на оваа слобода за поединецот се наоѓаат во со закон санционираните дејствија, без оглед дали се работи за кривична или граѓанско-правна санкција. Оттука, уставно-правен спор дали постои повреда на со Уставот загарантираната слобода на јавното изразување на мислата преку санкционирање на нејзината манифестација, се сведува на уставно – правна оцена дали со ваквата санкција е повредена самата содржина на уставно гарантираната слобода на поединецот без никакво ограничување јавно да го искаже своето мислење, или, пак, е санкционирано дејствие кое, иако како свој појавен облик го има јавното искажување на мислење, всушност ја изгубило смислата на слобода на мислење и јавно искажување на мислата која што Уставот ја гарантира и заштитува, преминувајќи во дејствие со кое се повредуваат други со Уставот и со закон заштитени слободи, права и интереси.

Слободата на мислата и јавното изразување на мислата претставува субјективно право кое е нераскинливо поврзано со човековата личност. Гарантирањето на оваа слобода во Уставот на Република Македонија е на такво рамниште што овозможува нејзино директно остварување, без поддршка на посебно законско уредување и истовремено овозможува нејзина директна заштита врз основа на Уставот, од страна на Уставниот суд, согласно членот 110 став 1 алинеја 3 од Уставот. Исто така, Уставот на Република Македонија не содржи ниту специјална ниту генерална законска резерва која би ги определила границите на остварувањето на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, поради што нејзината граница треба да се бара во севкупноста на Уставот и неговите определби имајќи ги при тоа во предвид меѓународните документи што се ратификувани во согласност со Уставот.

Ваквото високо ниво на гарантирање на слободата на мислата и нејзиното јавно изразување во Уставот на Република Македонија, интерпретирани во светлината на меѓународното право не може да важи неограничено. Заради обезбедување на заедничкиот живот, правниот поредок мора да ја ограничи слободата на поединецот за да ја заштити слободата на другите, односно содржински да го ограничи нивното важење.

Слободата на изразување на мислата на адвокатите, пак, преставува посебен контекст.

Според член 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба, што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Со Законот за адвокатура е определено дека адвокатот е слободен, самостоен и независен во својата работа и во рамките на законот, актите на комората и овластување самостојно одлучува за начинот на застапување на правата и интересите на странката. Согласно овој закон правната помош на странката адвокатот ја дава совесно и стручно согласно со закон, кодексот на адвокатска етика и другите акти на комората и како тајна го чува она што му го доверила странката.

Согласно член 21 став 1 адвокатот не може да биде повикан на одговорност за искажано мислење при давањето правна помош и вршењето на јавни овластувања, а согласно ставот 2 од истиот член од Законот, адвокатот во вршењето на адвокатската дејност има имунитет. Согласно ставот 3 на овој член од Законот, адвокатот не може да биде лишен од слобода ниту притворен за кривично дело сторено во вршењето на адвокатската дејност без претходна согласност од Адвокатската комора на Република Македонија.

Законот за адвокатурата во посебен дел го уредува прашањето за одговорност за повреда на адвокатската должност и угледот на адвокатурата. Во членовите од 30-32 од Законот се утврдени потешките повреди на адвокатската должност, дисциплинските мерки што можат да му се изречат на адвокатот (јавна опомена, парична казна во висина до десетократен износ на годишната коморска членарина и привремено престанување на правото на вршење адвокатска дејност во траење до една година), правото на жалба и правото на судска заштита. Треба да се истакне дека дисциплинското казнување на адвокатот врз основа на овие одредби е во рацете на надлежен орган на Адвокатската комора.

Пооаѓајќи од специфичната улога на адвокатите во процесот на заштита на правото на нивните странки и во насока на промовирање на целите на правдата, на 8-ми Конгрес на ООН за превенција на криминалот и третманот на сторителите одржан во Хрватска 1990 година усвоени се Основните принципи за улогата на адвокатот според кои принципи адвокатите треба да уживаат цивилен и казнен имунитет за релевантни изјави дадени во добра верба во писмените или усните искази во своите професионални излагања пред суд, да можат да ги извршуваат своите професионални функции без закани, попречување, малтретирање или несоодветно мешање, да не бидат подложени на законски обвиненија или административни, економски или други санкции за кое и до професионални обврски, стандарди и етика. При извршувањето на правата, адвокатите секогаш ќе се однесуваат во согласност со закон и со признатите стандарди и етика на правната професија.

Во Препораката 2000 (21) на Комитетот на министри на Советот на Европа, се препорачува на државите членки да преземат и да ги засилат сите мерки што ги сметаат за неопходни заради имплементирање на слободата на извршувањето на адвокатската професија при што се предвидува дека адвокатите не треба да бидат подложени на закони со какви и да било санкции или притисок во случај како постапуваат во согласност со нивните професионални стандарди.

Во контекст на основните принципи за улогата на адвокатите и препораката на Комитетот на министри, Судот во Стразбур во пресудата Nikula v. Finland (т.22) укажува и на истражувањата на Меѓународниот центар за правно сведочење-Legal Testify, направени во поглед на повеќе земји на Советот на Европа (пр. Белгија, Данска, Франција, Италија, Холандија, Шпанија, Шведска и Обединетото Кралство) како и определени други држави (Австралија, Канада и Јужна Африка), врз основа на кои заклучува дека големото мнозинство од нив им дава привилегија на адвокатите во поглед на изјави изречени при застапување на странките во судот. Иако обемот и примената на оваа привилегија се разликува од една држава до друга, секоја држава опфатена со истражувањето признава дека способноста на адвокатот да се изрази е тесно поврзана со обврската на адвокатот да го брани својот клиент. Привилегијата за наводно изјави за клевета му овозможува на бранителот да спори што е можно поефикасно, потпирајќи се дури и на факти за кои тие не можат да бидат сигурни дали се вистинити. На пример, во Холандија наводите дека обвинителот го злоупотребил неговото/нејзиното дискреционо право речиси редовно се истакнуваат од страна на адвокатите на одбраната. Потенцијално релевантните наводи кои се во целост неосновани едноставно не се земаат предвид. Онаму каде што кривични санкции се допуштени во теоријата (т.24 од пресудата), во повеќето од правните системи што ги проучувал Центарот во своето истражување, тие ретко се применуваат во практиката и тоа вообичаено во екстремни околности и под услов намерата да може да се покаже (види), спротивно на обичното невнимание. Дури и тогаш кога изјавите на адвокатот можат во принцип да бидат предмет на ограничувања, тие генерално се применуваат само тогаш кога изјавата не само што е клеветничка, туку и без каква било врска со постапката или странките.

6. Прифаќајќи ги изнесените генерални ставови за посебната положба на адвокатите и нивната улога во правниот систем, Судот смета дека адвокатот треба да располага со слобода во изнесување на мислење, ставови и критики се додека тоа го прави во рамките на постапката заради успешно застапување на интересите на клиентите. На адвокатот треба да му биде оставено слободно да го искаже своето мислење без воздржување од изнесување на правно релевантни фактички тврдења кои се однесуваат на спротивната страна вклучително и на нејзиниот адвокат.

За Судот не е спорно дека прашањето на слободата на изразување и нејзиното ограничување или злоупотреба е мошне чувствително, а тоа особено кога таа слобода треба да се балансира со правото на приватноста, честа и угледот што треба да се утврди во секој конкретен случај.

Во конкретниов случај, Судот имајќи ја предвид утврдената фактичка сосотојба, односно содржината на оспорените пресуди, наводите во барањето, одредбите од Законот за адвокатура, практиката на Европскиот суд за човекови права, оцени дека не постои повреда на слободата на јавното изразување на мислата која се манифестира со квалификување на изразеното мислење како сторено кривично дело „Клевета“ или поточно речено според Судот изрекувањето на казна за клевета не претставува ограничување на слободата на изразување на мислата на подносителот на барањето гарантирано со член 16 од Уставот.

Ова од причина што во конкретниов случај се работи за обвинувања за професионално несоодветно работење на адвокатите кои подносителот на барањето сакал да ги претстави како нечесни.

Како во конкретниов случај се работи за искажани ставови и критики кои по својата содржина имаат карактер на клеветнички изјави, Судот смета дека прагот на толеранција за ограничување на слободата на изразување оправдано е понизок. Искажувањето на навредливи критики кои ја надминуваат острата критика и со кои адвокатот лично ги омаловажил и навредил, според Судот не може да биде оправдано со тврдењето дека адвокатот цврсто верувал дека со искажаните ставови и критики немал намера да ја доведе во прашање нивната чест и углед.

Судот смета дека искажаните ставови кои наштетиле на честа и угледот на адвокатите би можеле да бидат прифатливи во одредени околности, а особено во случајот на одбрана на клиентот од страна на адвокатот за тешки кривични дела за кои е запретена казна затвор, при што прагот на толеранција може да биде повисок отколку во други случаи како што тоа е направено во конкретниов случај.

Со оглед на фактот што во конкретниов случај изнесеното мислење, ставови и критики ги надминале границите на можна толеранција, односно ги надминале дозволените граници и со тоа ја повредиле честа и угледот на адвокатите, Судот оцени дека првостепениот и второстепениот суд утврдувајќи ги сите правно релеванти факти и околности и донесувајќи ги нападнатите одлуки постапиле во рамките на своите судски надлежности, поради што не може да стане збор за повреда на правото на слободата на јавно изразување на мислата.

Во однос на наводите во барањето дека утврдената нематеријална штета била превисока односно несразмерно утврдена од страна на првостепениот и второстепениот суд, е прашање кое излегува надвор од доменот на надлежноста на Уставниот суд.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.107/2010
16 февруари 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Издвоено мислење по предметот У.бр.107/2010