У.бр.250/2009

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 декември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за ратификација на Договорот за физичка демаркација на границата меѓу Република Македонија и Република Косово („Службен весник на Република Македонија“ бр.127/2009).

2. Либерално Демократската Партија му поднесе иницијатива на Уставниот суд на Република Македонија за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, Законот за ратификација на Договорот склучен меѓу Република Македонија и Република Косово со кој се менувала границата на Република Македонија, бил донесен од Собранието на Република Македонија спротивно на членот 74 став 1 од Уставот, односно бил донесен со просто мнозинство наместо со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, поради што со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот Закон.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за ратификација на Договорот за физичка демаркација на границата меѓу Република Македонија и Република Косово, во членот 1 предвидел дека се ратификува овој Договор, потпишан на 16 октомври 2009 година.

Во членот 2 од Законот е определено дека Договорот кој е потпишан во оригинал на македонски, албански и на српски јазик гласи како што е цитиран Договорот во овој член од Законот.

Имено, Законот содржи два члена. Цитираниот текст на Договорот во членот 2 од Законот не е регулатива на Законот. Со Законот се врши ратификација на Договорот кој го склучиле договорните страни и во кој ги уредиле односите предмет на Договорот.

4. Според членот 1 од Уставот, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив.

Според членот 2 од Уставот, во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Со членот 3 од Уставот, кој со Амандманот I е дополнет и изменет, е утврдено дека територијата на Република Македонија е неделива и неотуѓива.

Постојната граница на Република Македонија е неповредлива.

Границата на Република Македонија може да се менува само во согласност со Уставот, а врз принципот на доброволност и во согласност со општоприфатените меѓународни норми.

Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави.

Во делот на Уставот, кој се однесува на „Организација на државната власт“, со членот 61 став 1 е определено дека Собранието на Република македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката, а според членот 66 ставови 1 и 2, Собранието е во постојано заседание и работи на седници.

Во членот 68 од Уставот се набројани надлежностите на Собранието, меѓу кои, тоа донесува закони, ратификува меѓународни договори, донесува одлука за менување на границата на Републиката, донесува одлука за стапување и истапување од сојуз или заедница со други држави, распишува референдум и врши други работи утврдени со Уставот.

Според членот 74 од Уставот, Собранието донесува одлука за менување на границата на Републиката со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Одлуката за менување на границата на Републиката е усвоена на референдум, доколку за неа гласало мнозинството од вкупниот број избирачи.

Според членот 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон.

5. Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 17 октомври 2009 година донело Закон за ратификација на Договорот за физичка демаркација на границата меѓу Република Македонија и Република Косово.

Предмет на уредување на овој закон е ратификување на наведениот меѓународен договор склучен меѓу Република Македонија и Република Косово. Со Законот се врши ратификација на предметниот договор кој е насловен и се однесува за демаркација на границата меѓу Република Македонија и Република Косово, а не за менување на границата.

Судот утврди дека и со членовите на Законот не се регулира прашањето за менување на граници, а според изнесените уставни норми Уставниот суд нема надлежност да врши уставносудска анализа на содржината од Договорот цитиран во членот 2 од Законот.

Судот, исто така утврди дека од стенографските белешки од седумдесет и деветтата седница на Собранието на Република Македонија одржана на 17 октомври 2009 година, неспорно е дека за Законот за ратификација на Договорот за физичка демаркација на границата помеѓу Република Македонија и Република Косово, вкупно гласале 83 пратеници, од кои „за“ Законот гласале 72 пратеници, 11 пратеници биле „против“, а воздржани немало и Собранието констатирало дека Законот бил донесен.

Со Амандманот X од Уставот со кој е заменет членот 69 од Уставот, во точката 1 е определено дека Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство.

Тргнувајќи од изнесените одредби од Уставот, а имајќи предвид дека оспорениот закон е донесен во согласност со точката 1 од Амандманот X од Уставот бидејќи бил донесен на седница на Собранието на Република Македонија на која од вкупно 120 пратеници присуствувале 83 пратеници односно присуствувале мнозинство од вкупниот број пратеници, и со мнозинство гласови Собранието одлучило за донесување на Законот, Судот оцени дека постапката во која бил донесен Законот не може уставно да се проблематизира.

Судот, исто така, веќе има изразен став во уставно судската пракса, дека Уставниот суд не е надлежен да ја оценува уставноста на содржината на меѓународните договори и оцената за согласноста на меѓународните договори со Уставот ја врши Собранието на Република Македонија во постапката на ратификација на меѓународниот договор, кој по неговото ратификувње станува дел од внатрешниот правен поредок, а со тоа и дирекно извршлив.

Според Судот, подносителот на иницијативата неосновано се повикува дека е повреден членот 74 став 1 од Уставот на Република Македонија, со оглед на тоа што со Договорот не се менува границата на Република Македонија туку се врши физичка демаркација (одбележување) на границата меѓу Република Македонија и Република Косово, во имплементација на процесот пропишан во член 3, Анекс VIII од сеопфатниот предлог за решавање на статусот на Косово од 26 март 2007 година за физичко демаркирање на границата и адресирање на другите прашања кои произлегуваат од имплементацијата на Договорот за протегање и опис на државната граница склучен на 23 февруари 2001 година. Законот за ратификација на Договорот за протегање и опис на државната граница меѓу Република Македонија и (тогаш) Сојузна Република Југославија склучен на 23 февруари 2001 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.19/2001) е усвоен од страна на Собранието на Република Македонија, согласно членот 69 од Уставот на Република Македонија, исто така, со просто мнозинство.

Со оглед на тоа што со оспорениот закон се врши ратификација на Договорот, Судот оцени дека се неосновани наводите во иницијативата со кои се наведува дека Законот уредувал менување на граница меѓу Република Македонија и Република Косово и дека поради тоа Законот требало да биде донесен во согласност со членот 74 од Уставот односно со одлука на Собранието изгласана со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Имено со Законот не се регулираат односите на договорните страни, кои всушност се договорени и склучени со Договорот, а не со Законот. Уставниот суд нема уставна надлежност да го цени предметниот Договор за физичка демаркација на границата меѓу Република Македонија и Република Косово, чија согласност со Уставот, Собранието на Република Македонија ја ценело во спроведената постапка на ратификација, а во која оспорениот закон е правилно донесен во согласност со точката 1 од Амандманот X од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.250/2009
23 декември 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Издвоено мислење по предметот У.бр.250/2009