Издвоено мислење

Издвоено мислење по предметот У.бр.250/2009

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.250/2009 од 23 декември 2009 година, го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Гласав против Решението затоа што на седницата не изведовме доволно докази врз основа на кои може да се утврди дали со означениот меѓународен договор, ратификуван со закон, е изменета границата на Република Македонија или не. Овој клучен факт врз кој може да се заснова каква и да е одлука на Уставниот суд по вакво прашање не може да се утврди само врз основа на увидот во договорот чијшто наслов зборува за “физичка демаркација“ на границата и имплицира само обележување на границата, а неговата содржина зборува за “измена на граничната линија“ на одредени места и според определен опис. Нејаснотијата што ја создава оваа противречност помеѓу насловот и содржината на договорот може да се отстрани единствено со увид во топографскиот приказ на решенијата во договорот, проследен со стручни објаснувања. Таков увид не беше остварен и затоа сметам дека Судот не го утврди на недвосмислен начин основниот и единствениот факт што ја определува одлуката на Судот во овој случај, поради што и не можам да судам за тоа дали во случајов била следена уставната процедура или не, како единствено релевантно уставно прашање.

Инаку, јас не се согласувам со пристапот што механички ги раздвојува меѓународниот договор и законот за негова ратификација, ниту со ставот дека Уставниот суд може да ја оценува согласноста на законот само од аспект на начинот на неговото донесување, а не и од аспект на содржината на меѓународниот договор којшто со ратификацијата станува дел од внатрешниот правен поредок, како ни со тоа дека контролата на уставноста на меѓународните договори ја вршело Собранието во постапката за нивна ратификација. Овие темелни разлики во ставовите се веќе исцрпно експлицирани и нема потреба тоа повторно де се прави. Меѓутоа, овој е еден од двата случаи во кои според Уставот се одлучува за белезите на државата според посебна процедура и со комплементарни акти, што го надминува нивото на наведените разлики и отвора еден нов контекст и нови прашања коишто со Решението на Судот остануваат затворени.

Имено, Уставот пропишува дека за менување на границата (член 74) и за стапување на Република Македонија во сојуз или заедница со други држави (член 120 – тука реферирам само на Европската унија како актуелен предизвик) одлука донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници, а таа е усвоена на референдум ако за неа гласало мнозинството од вкупниот број на избирачи. Со оглед на тоа што и двете одлуки се однесуваат на меѓународните односи и засегаат во интереси и на други држави, за нивниот краен ефект е нужно да постои и меѓународен договор. Дури со склучувањето и ратификацијата на меѓународниот договор може да се смета дека границата на Републиката е изменета односно дека Републиката влегла во сојуз или заедница со други држави (ЕУ). Поентата на овие уставни одредби е тоа што ниту границата може да се смени, ниту Република Македонија може да стапи во членство во ЕУ, само врз основа на меѓународен договор. Ако таков меѓународен договор сепак биде склучен и ратификуван со закон, нему (и на договорот и на законот за ратификација, како кој милува) не може да му се признае правна важност затоа што би недостигало овластување за склучување на таков договор од страна на граѓаните дадено на референдум како што налага Уставот.

Во овој контекст прашањето веќе не е толку дали законот за ратификација е едно, а меѓународниот договор друго, дали Уставниот суд е надлежен за едното или другото и т.н., туку дали границата (територијата како белег на државата) или влегувањето во ЕУ (трансфер на суверенитетот – јавната власт како белег на државата) е извршено на начин пропишан со Уставот. При одлучување за вакво прашање, според моето убедување, Уставниот суд не би требало да се повикува на природата на одлуката, меѓународниот договор и законот за ратификација за да ги испитува условите на својата надлежност. Според моето мислење, Уставниот суд има апсолутна надлежност да одлучува за уставноста на кој и да е акт со кој се врши промена на границата или се реализира стапување во членство во ЕУ, и следствено да ја прифати неговата уставност или да го отстрани од правниот поредок во зависност од тоа дали за неговото донесување се исполнети сите услови на специјалната уставна процедура. Оттука, и кога еден закон за ратификација на меѓународен договор по овие прашања е донесен со потребното мнозинство и во потребната процедура, тоа не ја исклучува ниту надлежноста на Уставниот суд да одговори на прашањето за уставноста на начинот на менување на границата (ако се менува) и стапувањето во членство на ЕУ, ниту ја исклучува евентуалната неуставност на актот (вклучително и ратификуван меѓународен договор) со кој тоа е направено. Спротивното стојалиште несомнено води кон тоа дека одлуките на Собранието од членовите 74 и 120 од Уставот и нивната потврда на референдум и не се некоја нужна фаза за одлучување по овие прашања.

Судија
на Уставниот суд на Република Македонија
Игор Спировски

Решение У.бр.250/2009

Leave a Reply