У.бр.63/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 април 2009 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 345 став 1 и став 6 во делот: „…овите 1 и“ од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/1997, 44/2002, 74/2004 и 83/2008).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Љупчо Тодоровски од Скопје со Решение У.бр.63/2008 од 11 февруари 2009 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот се постави прашањето за согласноста на наведената законска одредба со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 345 став 1 од Законот, кога ќе изрече пресуда со која обвинетиот се осудува на пет или повеќе години затвор, советот ќе определи притвор ако обвинетиот веќе не се наоѓа во притвор.

Според оспорениот став 6 на член 345 од Законот, ако обвинетиот веќе се наоѓа во притвор, а советот најде дека се уште постојат причините поради кои бил определен притвор или дека постојат причините од ставовите 1 и 2 на овој член ќе донесе посебно решение за продолжување на притворот. Посебно решение советот донесува и кога треба да се определи или укине притворот. Жалбата против решението не го задржува извршувањето на решението.

5. Согласно член 8 став 1 алиени 1, 3, 4 и 11 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; владеењето на правото; поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 12 став 1 од Уставот на Република Македонија слободата на човекот е неприкосновена, а во ставот 2 од овој член е утврдено дека никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон.

Според член 13 став 1 од Уставот лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Според Амандман XXI точка 1 став 1 од Уставот на Република Македонија, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.

Согласно член 118 од Уставот на Република Македонија, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи на Советот на Европа е ратификувана со Закон објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.11/1997.

Според член 5 став 1 точка б од Конвенцијата секој човек има право на слобода и на безбедност. Никој не смее да биде лишен од слобода, освен врз основа на закон, меѓу другото, и ако е уапсен или притворен поради приведување пред надлежна судска власт, кога постои оправдано сомнение дека тоа лице извршило кривично дело, или кога постојат оправдани причини тоа лице да се спречи да изврши кривично дело, или по извршувањето на кривичното дело да побегне.

Според член 5 став 3 од Конвенцијата секое лице уапсено или притворено според одредбите на став 1 в од овој член мора веднаш да биде изведено пред судија или друго судско лице, со закон овластено да врши судска власт и да има право на судење во разумен рок или на пуштање на слобода во текот на судската постапка. Пуштањето може да се услови со давање гаранција дека тоа лице ќе се појави на судењето.

Согласно член 6 став 2 од Конвенцијата секој кој е обвинет за кривично дело се смета за невин се додека неговата вина не се докаже по законски пат.

Уставот гарантирајќи ја слободата на човекот и граѓанинот оди до таму што го утврдува и времетраењето на притворот кој може до подигање на обвинението да трае најдолго 180 дена, а по подигање на обвинението притворот може да се определи или да се продолжи само со одлука на надлежен суд, во случај и во постапка утврдени со закон, што значи неговото траење не е уставно ограничено.

Тргнувајќи од содржината на одредбата од член 12 и Аманманот III од Уставот произлегува дека Уставот прокламирајќи ја неприкосновеноста на слободата на човекот како негово основно право, истовремено ги утврдува и основните услови и начинот на нејзиното ограничување, така што утврдува дека никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон. Според тоа, нејзиното ограничување мора да се врши со строго почитување на законските, односно со закон пропишаните услови и постапка, со што се исклучува секакво самоволие на било кој орган. Посебна гаранција е наделжноста на судот како независен и самостоен орган кој одлучува за нејзиното ограничување.

Според тоа, граѓанинот може да биде лишен од слобода кога таквиот случај е предвиден со закон и кога за тоа постои одлука на судот за негово лишување од слобода.

Од содржината на членот 13 од Уставот и од членот 6 од наведената Конвенција произлегува дека значењето на презумпцијата на невиност, меѓу другото, се состои и во тоа обвинетото лице да не може да трпи ниедна правна последица пред правосилноста на судската пресуда, ниту да се смета како виновно, односно осудено.

Имајки предвид дека со притворот се ограничува личната слобода на човекот, Законот за кривичната постапка врз основа на Уставот прецизно го уредува институтот притвор како најстрога мерка за обезбедување на присуство на обвинетиот во постапката. Имено, во членот 184 на Законот за кривичната постапка точно се утврдени основите кои треба да бидат исполнети за да може да се определи притвор спрема обвинетиот. Во членот 185 од Законот е утврдено дека притворот го определува истражниот судија со решение во кое покрај личните податоци на обвинетиот, кривичното дело за кое се обвинува, законската основа за притворот утврдена е и поука за правото на жалба по однос на утврдувањето на притворот. Во ставот 5 на член 185 е предвидено дека против решението за притвор притвореното лице може да се жали до советот (член 22 став 6) во рок од 24 часа од часот на предавањето на решението за притвор. Советот што одлучува по жалбата за притворот е должен да донесе одлука во рок од 48 часа.
За траењето на притворот по предавањето на обвинителниот акт Законот предвидува повремена контрола која се остварува по службена должност од страна на советот секои 30 дена и без предлог на странките. За траењето на притворот советот одлучува и при секое одлучување по предметот.

Притворот е поместен во Глава XVII-та од Законот за кривичната постапка, каде се утврдени мерките за обезбедување присуство на обвинетиот и за успешно водење на кривичната постапка.

Притворот е најстрогата од предвидените мерки за обезбедување присуство на обвинетиот во постапката и се состои во одземање на слободата на движењето врз основа на решение на надлежниот суд, кога се исполнети условите предвидени со овој закон.

Со оглед дека ја ограничува личната слобода на човекот, како едно од неговите неприкосновени права, во согласност со уставниот постулат дека никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаите и во постапка утврдена со закон, максимизирано е неговото траење (180 дена) додека постојат законски услови за тоа (член 12 и Амандманот III од Уставот на Република Македонија).

Одредбата што ги пропишува правилата за сведување на неговото траење на најкусо нужно време ги обврзува органите и учесниците во постапката да постапуваат со “особена итност”, ако обвинетиот се наоѓа во притвор.

Според оспорениот член 345 став 1 од Законот, кога ќе изрече пресуда со која обвинетиот се осудува на пет или повеќе години затвор, советот ќе определи притвор ако обвинетиот веќе не се наоѓа во притвор,а според ставот 6 на овој член од Законот, ако обвинетиот веќе се наоѓа во притвор, а советот најде дека се уште постојат причините поради кои бил определен притвор или дека постојат причините од ставовите 1 и 2 на овој член ќе донесе посебно решение за продолжување на притворот. Посебно решение советот донесува и кога треба да се определи или укине притворот. Жалбата против решението не го задржува извршувањето на решението.

Тргнувајќи од содржината на оспорените ставови на членот 345 од Законот за кривичната постапка, Судот оцени дека со нив се изместува уставната позиција на судот да одлучува за потребата и основаноста на притворот како најстрога мерка за обезбедување присуство на обвинетиот во кривичната постапка, а законодавецот преку оваа императивна норма го обврзува судот само формално да донесе решение за притвор. Утврдувајќи обврска за судот задолжително да определи мерка притвор, само затоа што Законот императивно тоа го наложува, значи дека Законот за конкретни кривични дела одлучил за мерката притвор, а не судот.

Според мислењето на Судот, оспорената одредба од член 345 став 1 и наведениот дел на ставот 6 од Законот не е во согласност со темелната вредност на уставниот поредок – поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска од член 8 став 1 алинеја 4 и принципот дека за лишување од слобода одлучува судот од член 12 и Амандман III од Уставот.

Кога кривичниот совет (од член 22 став 6 од Законот за кривичната постапка) треба да одлучи за поднесена жалба против решението на истражниот судија за задолжителен притвор, не постои законска можност, врз основа на сопствена оцена на сите релевантни докази и околности, суштински да ја оценува оправданоста на притворот, затоа што оспорената императивна законска норма за задолжителноста на притворот тоа го оневозможува. При ваква правна состојба правото на жалба ја губи основната суштина и има само процедурално значење, поради што Судот утврди дека оспорената оредба од Законот не е во согласност со правото на жалба гарантирано со Уставот.

Имајќи го предвид наведеното, како и фактот дека при определување на мерката задолжителен притвор судот апсолутно не е независен во одлучувањето за оправданоста од определувањето на оваа мерка, затоа што тој мора да донесе таква мерка бидејќи законот така му наложува, Судот утврди дека оспорениот член 345 став 1 и ставот 6 во делот: “…овите 1 и” од Законот за кривичната постапка не е во согласност со наведените одредби од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.63/2008
8 април 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Издвоено мислење по предметот У.бр.63/2008