Издвоено мислење

Издвоено мислење по предметот У.бр.63/2008

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето изјаснување и гласање против Одлуката У.бр.63/2008 од 8 април 2009 година, го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Одредбата од член 12 од Уставот на Република Македонија ја прокламира непрекосновеноста на слободата на човекот како негово основно право, утврдувајќи дека никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на суд и во случаи и постапка утврдена со закон. Значи, граѓанинот може да биде лишен од слобода кога тоа е предвидено со закон и кога за тоа постои одлука на суд.

Законот за кривичната постапка ефундаментален закон кој согласно Уставот се носи со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број на пратениците во Собранието на Република Македонија. Тој ги регулира сите постапувања на надлежните органи во кривичната постапка, а пред се на судовите.

Притворот е најстрогиот правен инструмент во кривичната постапка со кој се обезбедува со присуството на обвинетиот во кривичната постапка . Зависно од фазата на кривичната постапка тој е: притвор во истрагата кој го определува на начин и постапка утврдени во глава XVII од Законот за кривичната постапка – истражен судија кога постојат условите утврдени во член 184 од овој закон. Притвор после подигнато обвинение под условите од член 184 став 1 точките 1 и 3 од Законот, го определува или укинува Судскиот совет кој постапува по обвинението додека е во заседание или надвор од главен претрес кривичниот совет од 3 судии од член 22 став 6 од Законот за кривичната постапка. По подигнатото обвинение притворот никогаш не може да се одреди по член 184 став 1 точка 2 од овој закон, затоа што истрагата е завршена и не постои основен страв дека обвинетиот ќе ги уништи трагите на кривичното дело или дека со влијание на сведоците, соучесниците или прикривачите ќе ја попречува истрагата.

Оттука, притворот во истрагата и по подигнато обвинение е секогаш факултативен и него судот го опредлува против определно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело и само доколку утврди дека постојат околностите од основите утврдени во член 184 од Законот.

Со Амандманот III е заменет ставот 5 од членот 12 на Уставот. Согласно Амандманот III притворот до подигнување на обвинението (во истрагата) по одлука на суд може да трае најдолго 180 дена од денот на притворувањето.

По подигнување на обвинението, притворот го продолжува или го определува надлежниот суд во случај и во постапка утврдени со закон.

Врз основа на Амандманот III – втора реченица и дадените овластувања по однос на притворот по подигнатото обвинение, Собранието на Република Македонија во членот 345 став 1 од Законот за кривичната постапка пропишало случпај и постапка по однос на притворот после изрекувањето на пресудата. Според оваа законска одредба која со одлуката ја укина Уставниот суд, кога ќе изрече пресуда со која обвинетиот се осудува на 5 или повеќе години затвор, советот ќе определи притвор ако обвинетиот веќе не се наоѓа во притвор.

Моето мислење по однос на укинатиот став 1 од член 345 од Законот е спротивно од мислењето на мнозинството од судиите кои ја укинаа оваа одредба. Сметам дека Собранието на Република Македонија токму врз основа на втората реченица од Амандманот III на Уставот може да определи случај за изрекување на мерката притвор по објавување на пресуда кој е различен од основите (случаите) за определување мерка притвор во истрагата и по подигнато обвинение.

Сметам, исто така дека одредбата од член 345 став 1 од Законот за кривичната постапка не е во несогласност со темелната вредност на уставниот поредок – поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска од член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија, како што по мое мислење неосновано оцени мнозинството од судиите кое одлучи да ја укине оваа одредба.

Собранието на Република Македонија согласно уставните овластувања пропишувајќи ја висината на изречената казна со пресудата пет или повеќе години затвор како основ за определување на мерката притвор од страна на советот што ја донел пресудата, го врзува за пресудата што ја донел, а со која одредено лице е огласено за виновно за конкретно кривично дело на кое му е изречена конкретна висина на казна затвор. Мерката притвор својот основ го наоѓа во висината на казната затвор што ја изрекол судот, а не во висина на казна затвор што ја утврдило Собранието за конкретното кривично дело со законот со кој го предвидел. Оттука, сметам дека Собранието на Република Македонија со укинатата законска одредба воопшто не ги превзело овластувањата на судот за определување на мерката притвор, затоа што при утврдувањето на висината на казната на обвинетиот, судот е сосема самостоен и независен, ценејќи ги причините за утврдување на видот и висината на казната предвидени во Кривичниот законик.

Судија
на Уставен суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Одлука У.бр.63/2008

Leave a Reply