Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 декември 2008 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВААТ:
а) член 29 од Правилникот за издавање на документ касова сметка за сторна трансакција и за функционалните и техничките карактеристики кои треба да ги имаат фискалните апарати и интегралниот автоматски систем за управување („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2001) донесен од министерот за финансии на Република Македонија, и
б) член 1 став 2, член 2, член 3 точка 11, член 4 точките 5, 6, 7, 9 и 14,член 5 и член 6 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за издавање на документ касова сметка за сторна трансакција и за функционалните и техничките карактеристики кои треба да ги имаат фискалните апарати и интегрираниот автоматски систем на управување („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2008) донесен од министерот за финансии на Република Македонија.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Драган Коровешовски, адвокат од Скопје со Решение У.бр.134/2008 од 29 октомври 2008 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите од актот означени во точката 1 под а) и под б) од оваа одлука, затоа што пред Судот основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и Законот за регистрирање на готовинските плаќања.
4. Судот на седницата утврди дека во членот 29 од основниот текст на Правилникот, се предвидува дека фискалното лого е идентификациона ознака отпечатена на секоја фискална сметка. Фискалното лого е формирано со ознаките сонце и пораките „ДА КУПУВАМЕ МАКЕДОНСКИ ПРОИЗВОДИ“, „ЗА НАШЕ ДОБРО“, „MADE IN MACEDONIA“. Фискалното лого ги има следните димензии 1,06 и 2,23 мм.
Според став 2 на овој член од Правилникот, образецот фискално лого (ФЛ-04) е составен дел на овој правилник, а во ставот 3 на истиот член, пак, е предвидено дека фискалното лого и регистарскиот број на фискалниот апарат се печатат во последната линија на сметката ако се наоѓаат на една линија.
Во став 4 на истиот член од Правилникот, е предвидено дека фискалното лого и регистарскиот број на фискалниот апарат може да се наоѓаат и две последователни различни линии, фискалното лого се печати на претпоследната, а регистарскиот број на последната линија.
Во членот 1 став 2 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за издавање на документ касова сметка за сторна трансакција и за функционалните и техничките карактеристики кои треба да ги имаат фискалните апарати и интегрираниот автоматски систем на управување, се предвидува дека во член 7 став (11) од интегралниот текст на Правилникот по точката 6 се додаваат три нови точки 7, 8 и 9 кои гласат:
„7. вкупен промет од македонски производи;
8. вкупен ДДВ од македонски производи по секоја поединечена даночна стапка за период на затварање,
9. вкупен ДДВ од македонски производи за период за затварање,
Според членот 2 од истиот Правилник, во член 28 став 1 од основниот текст на Правилникот по точката 7 се додаваат три нови точки 8, 9 и 10 кои гласат:
„8. вкупен промет остварен од македонски производи кој треба да биде искажан со текстот „ПРОМЕТ ОД МАКЕДОНСКИ ПРОИЗВОДИ“ и не може да се појави на било која друга линија во сметката;
9. пресметаниот данок од македонски производи прикажан по даночните сметки, заедно со даночниот код доколку се користи;
10. вкупен износ на данок од македонски производи:
Со членот 3 став 1 од Правилникот, се додаваат осум нови точки во членот 30 став 2 од основниот текст на Правилникот и тоа 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11 и 12. Со точката 11 се предвидува вкупен промет остварен од македонски производи кој треба да биде искажан со текстот „ПРОМЕТ ОД МАКЕДОНСКИ ПРОИЗВОДИ“ и не може да се појави на било која друга линија во сметката.
Според членот 4 од Правилникот, во член 31 од интегралниот текст на Правилникот став (1) се менува и гласи:
„(1) Дневниот финансиски извештај, ги содржи следниве задолжителни елементи:
1. назив и седиште на даночниот обврзник,
2. назив и адреса на објектот за промет на добра иуслуги,
3. даночен број,
4. даночен број под кој е регистриан за ДДВ,
5. вкупен промет од македонски производи од тековниот ден,
6. вкупен данок од македонски производи по секоја поединечна даночна стапка,
7. вкупен износ на данок од македонски производи,
8. вкупен промет од тековниот ден,
9. вкупен промет со вкалкулиран данок, искажан по даночна стапка,
10. вкупен данок по сеоја поединечна даночна стапка,
11. вкупен износ на данок,
12. бројот на последната фискална сметка издадена пред затворање,
13. вкупен број на фискални сметки кои се запишани во фискалната меморија,
14. број на сторни сметки од домашни производи и нивната вкупна вредност од македонски производи,
15. број на сторни сметки и нивната вкупна вредност.
16. број на затворањето,
17. бројот на извршените ресетирања на фискалниот апарат од последното затворање,
18. број на вкупно извршени ресетирања на фискалниот апарат од неговото фискализирање до последното дневни фискално затворање,
19. час и датум на печатење, часот треба да биде искажан во 24 часовен формат: чч-мм или чч:мм, датумот треба да биде искажан во еден од седните формати: дд/мм/гг или дд-мм-гг,
20. фискалниот заштитен знак (лого) и регистрациониот број на фискалниот апарат,
21. со оддалеченост од најмалку две празни линии, податоци од нефискален тип се појавуваат и завршуваат со отпечатување на („ДНЕВЕН ФИНАНСИСКИ ИЗВЕШТАЈ“).
Во член 5 од Правилникот, членот 31-а став 1 по точката 7 се додаваат две нови точки 8 и 9 кои гласат:
„8. износ на ДДВ од македонски производи во тековниот ден по даночни стапки;
9. вкупен износ на ДДВ од македонски производи во тековниот ден“.
Точките 8 и 9 стануваат точки 10 и 11.
Во член 6 од Правилникот, во член 45 став 3 по точката 9 се додават две нови точки 10 и 11 кои гласат:
„10. вкупен дневен данок од македонски производи по даночни стапки;
11. вкупен дневен данок од македонски производи“.
Точките 10 и 11 стануваат точки 12 и 13“.
5. Според член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, a сите други прописи со Уставот и законите.
Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Според член 51 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000), со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување.
Законот за регистрирање на готовинските плаќања („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/2001, 42/2003, 47/2003, 40/2004-исправка, 70/2006, 126/2006 и 88/2008) го уредува воведувањето и користењето на фискален систем на опрема за регисрирање на готовинските плаќања (член 1).
Согласно член 2 од овој закон, даночните обврзници кои вршат промет на добра и промет на услуги за кој плаќањето не се ивршува по банкарски пат (во натамошниот текст: готовински плаќања), должни се да воведат и користат одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања и задолжително да издаваат сметка за извршен промет, односно услугата (во натамошниот текст: фискална сметка).
Според член 4 од Законот, фискална сметка во смисла на овој закон, е документ со кој се потврдува плаќањето на цената на доброто, односно услугата издадена од фискална апаратура.
Фискалната сметка се издава на купувачот на доброто, односно на корисникот на услугиата во моментот на предавањето и плаќањето на доброто, односно на извршувањето и плаќањето на услугата (став 2).
Во член 8 од Законот е определено дека фискалната сметка се состои од бонов и контролен траг кои се идентични и се запишуваат истовремено. Исечок од боновиот траг се дава на купувачот на добро, односно на корисникот на услугата, a контролниот траг го задржува даночниот обврзник. Даночниот обврзник е должен контролниот траг од фискалната сметка да ја чува во објектот пет години од датумот на последната операција.
Според член 10 став 1 од овој закон, во случај на враќање на добро, при рекламација или грешно преклопување (спорна трансакција) се издава документ касова сметка за сторна трансакција. Согласно став 2 на овој член, документот од став 1 на овој член го пропишува министерот за финансии.
Во член 11 став 2 од Законот е определено дека, даночниот обврзник е должен да воведе и да користи фискална апаратура за секое работно место од каде што се извршува прометот на добра или услуги кои готовински се наплаќаат.
Согласно член 19 од Законот, министерот за финансии ги пропишува функционалните и техничките карактеристики кои треба да ги имаат фискалните апарати и интегрираниот автоматски систем за управување, постапката и документацијата за нивно одобрување за користење, елементите на фискалната сметка, начинот на проверка и контрола на фискалните апарати и правила за техничко одржување и сервисирање на истите.
Членот 1 од интегралниот текст на Правилникот, кој е донесен врз основа на членовите 10 став 2 и 19 од Законот за регистрирање на готовинските плаќања, ги пропишува издавањето на документ касова сметка за сторна трансакција и функционалните и техничките карактеристики кои треба да ги имаат фискалните апарати и интегрираниот автоматски систем за управување, постапката и документацијата за нивно одобрување, елеменетите на фискалната сметка, начинот на проверка и контрола на фискалните апарати и правилата за техничко одржување и сервисирање на истите. Оспорениот Правилник пропишува нови дополнителни елементи во образецот на фискалната сметка, односно се менува изгледот на фискалната сметка, со тоа што покрај постојните елементи на сметката, односно покрај вкупниот промет и вкупниот данок е предвидено и евидентирање на прометот од македонските производи и данокот кој отпаѓа на прометот од македонските производи.
Фискалното лого „да купуваме македонски производи“ и „за наше добро“е регулирано во членот 29 од интегралниот текст на правилникот. Имено во член 29 став 1 од правилникот е предвидено дека фискалното лого е идентификациона ознака отпечатена на секоја фискална сметка. Фискалното лого е формирано со ознаките „ДА КУПУВАМЕ МАКЕДОНСКИ ПРОИЗВОДИ“, „ЗА НАШЕ ДОБРО“, „MADE IN MACEDONIA“. Фискалното лого ги има следните димензии 1,06 х 2,23 мм.
Тргнувајќи од содржината на наведените законски одредби произлегува дека фискалната сметка е документ издаден од фискална апаратура со кој се потврдува плаќањето на цената на доброто, односно услугата во моментот на предавањето и плаќањето на доброто, односно на извршувањето и плаќањето на услугата.
Сметката се состои од боновиот траг што се дава на купувачот, односно на корисникот на услуга и контролен траг што го задржува даночниот обврзник, во овој случај продавачот на доброто или давателот на услугата.
Министерот за финансии, во случај на издавање на документ касова сметка за сторна трансакција, го пропишува овој документ, a истовремено во Законот за регистрирање на готовинските плаќања е дадено овластување на министерот за пропишување на функционалните и техничките карактеристики кои треба да ги имаат фискалните апарати, a меѓу другото и елементите на фискалната сметка.
Од содржината на членот 19 од Законот, кој всушност е основ за донесување на овој подзаконски акт, не произлегува и основот министерот за финансии да врши натамошна класификација на производите според нивното потекло, а со цел на исполнување на даночните обврски. Имено, ова од причина што обврската за плаќањето на данокот и работата евидентирана од субјектите во прометот е независна од потеклото на производите и се однесува еднакво на секој производ што се става во промет.
Според Судот, неспорно е дека државата има уставно овластување да ја утврдува својата политика во сферата на економијата и даночната политика и за нивното спроведување да утврдува соодветни мерки, кои треба да остварат баланс меѓу општите интереси на заедницата за прибирање на планираните приходи од даноци, но истовремено и мерки кои ги гарантира правата на субјектите на пазарот – рамноправноста на субјектите на пазарот во правно уредени пазарни односи.
Воведувањето, односно пропишувањето на прикажување на прометот на македонските производи на фискалните сметки, заедно со логото „да купуваме македонски производи“ (кое исто така е аплицирано на фискалните сметки) според Судот, претставува државна мерка која го стимулира купувањето на домашните производи, а го дестимулира прометот на странските производи. Ваквата стимулативна мерка, која ја определува државата, доведува до нарушување на принципот на слободата на пазарот и со истата со оглед на државното инволвирање во уредувањето на пазарот на овој начин кое е спротивно на членот 55 од Уставот, не се обезбедува рамноправна положба на субјектите на пазарот. Ова посебно ако се има во вид дека за секој производ кој се наоѓа во легален промет се применува, односно се почитува принципот на рамноправност, а со тоа, што е многу поважно принципот на рамноправност на пазарните субјекти независно од потеклото на стоки што ги ставаат во промет, што со ова оспорено решение во подзаконскиот акт, не е случај. Имено, со ова решение се врши фаворизирање на македонските производи, за сметка на останатите производи на пазарот, со што всушност се врши и дестимулирање на прометот на странските производи со што се нарушува принципот на рамноправност на субјектите на пазарот, што е спротивно на една од темелните вредности на уставниот поредок предвиден во член 8 став 1 алинеја 7 и слободата на пазарот и претприемништвото од член 55 од Уставот.
Врз основа на изнесеното Судот утврди дека членот 29 од Правилникот (интегралниот текст) и од оспорените одредби од Правилникот за изменување и дополнување на истиот, не се во согласност со членовите 8 став 1 алинеи 3 и 7 и 55 од Уставот на Република Македонија, како и со членот 1 во врска со член 10 и 19 од Законот за регистрирање на готовинските плаќања.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.134/2008
17 декември 2008 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски
Издвоени мислења по предметот У.бр.134/2008