Дневен ред за 26. седница на Уставниот суд закажана за 3 ноември(вторник) во 9:30 часот

На 3 ноември 2026 година (вторник), со почеток во 9:30 часот, Уставниот суд ќе ја одржи 26. седница со Дневен ред за кој е предвидено да се дискутира за седум предмети во кои се бара оценување на уставност и/или законитост. Предвидено е да се дискутира за едно барање за заштита на слободи и права и да се донесе одлука за четири предмети. 

I ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ 

1. Реферат У.бр.170/2025 и У.бр.171/2025

Оспорени одредби: Член 58 став 11 во делот „деловна тајна“ и член 95 став 1 точки 4 и 5 од Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи (*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/2019, 27/2020, 56/2021 и 154/2025).

Подносител на иницијативите: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативите: 

Подносителот тврди дека член 95 став 1 точка 4 од Законот упатува на примена на членот 54 став 3 од истиот закон и всушност упатува на одредба која во себе содржински и суштински не пропишува состојба за продажба на електронски уред за користење на несогорлив тутун во заштитено пакување. Дополнително, наведува дека точката 5 од ставот 1 на членот 95 од Законот, упатува на примена на одредба од членот 54 став 4 која регулира дека електронскиот уред за користење на несогорливи производи од тутун се продава во заштитено пакување. Се наведува дека примената на одредбите создава правно нефункционална целина и доведуваат во заблуда при примената.  Во иницијативата се наведува дека со оспорениот дел од одредбата, кој се однесува на поимот „деловна тајна“, се врши дерегулација на обврската за објавување податоци за составот на производите, емисиите, токсиколошките својства и нивното влијание врз здравјето на потрошувачите.

Според подносителот, на овој начин се овозможува исклучување на информации од јавен интерес, особено оние што се однесуваат на здравјето на граѓаните. Дополнително, се наведува дека оспорената одредба е спротивна на начелото на слобода на пазарот и претприемништвото, бидејќи создава можност за арбитрарност и не предвидува соодветни законски механизми за заштита.

2. Реферат У.бр.1/2026

Оспорена одредба:Член 31 став 4 од Законот за медијација („Службен весник на Република Северна Македонија, бр.294/2021).

Подносител на иницијативата: Оливер Давидовски 

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека член 31 став (4) од Законот за медијација е неуставен затоа што предвидува иницијаторот да плати трошоци „како да е склучена спогодба“, иако медијацијата фактички не успеала и спорот е решен надвор од неа.

Според иницијативата, со тоа се создава правна фикција и се воведува финансиска санкција без реална основа, со што се повредуваат начелото на владеење на правото и правната сигурност (член 8 од Устав на Република Северна Македонија), начелото на еднаквост (член 9), како и правото на судска заштита (член 50).

3. Реферат У.бр.65/2026

Оспорени одредби:

Член 83 став 1 во делот „грижа за континуираната обука на судиите“ од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006, 62/2006-исправка, 35/2008, 150/2010, 83/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019).

Подносител на иницијативата: Оливер Давидовски

Од наводите во иницијативата: 

Според подносителот, употребениот поим „грижа“ е правно неопределен, без јасно утврдена содржина и граници, поради што не може точно да се утврди кои надлежности ги има Министерството за правда во однос на континуираната обука на судиите.

Во иницијативата се наведува дека ваквата непрецизност создава правна несигурност и е спротивна на начелото на владеење на правото, бидејќи законот не ги определува содржината, стандардите и границите на оваа надлежност, оставајќи простор тие да се уредуваат преку интерни практики и подзаконски акти.

4. Реферат У.бр.66/2026

Оспорена одредба: Член 83 став 1 во делот „донесување на судски деловник,“ и член 84 став 1 во делот „Целиот Министерот за правда донесува Судски деловник,“ од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006, 62/2006-исправка, 35/2008, 150/2010, 83/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019). 

Подносител на иницијативата: Оливер Давидовски 

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека со оспорените одредби се овозможува извршната власт, преку Министерството за правда, да има нормативна и контролна надлежност врз функционирањето на судовите.

Во иницијативата се наведува дека министерот за правда не само што го донесува Судскиот деловник, туку врши и надзор над неговата примена, со што се нарушува институционалната и функционалната дистанца меѓу извршната и судската власт, спротивно на начелото на владеење на правото.

5. Реферат УЗ.бр.82/2025

Оспорена одредба: Член 5 од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 147/2023), во делот со кој се менува став 2 и во делот со кој се додава нов став 3 на член 41 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци.

Подносители на иницијативата: Ѓорѓи Крстевски и Рамиз Јусуфи 

Од наводите во иницијативата: 

Според наводите во иницијативата, со оспорениот член 41 став 2 од Правилникот било предвидено дека распределбата на авторските надоместоци се врши за заштитени дела што се појавиле во програмите доставени до ЗАМП во определен рок за една репартициска година, при што доставените програми задолжително мора да содржат назив на музичкото дело со име на изведувачот, датум, време на емитување, траење на секое емитувано дело и на емисијата доколку постои програмска шема. Исто така, бил додаден нов став 3, според кој за неверодостојни програми ќе се сметаат особено оние програми каде за повеќе од 20% од музичките дела, со записник од извршен мониторинг на користените дела од ЗАМП, ќе биде утврдено дека не одговараат на вистинското користење на репертоарот, како и оние кај кои пријавеното траење на авторско музичко дело за некој временски период го надминува физички возможното траење во тој период.

Во однос на оспорениот член 41 став 2 од Правилникот, подносителите тврдат дека со него се повредува член 3 од Законот за авторското право и сродните права, односно правото на правичен надомест. Според нив, со формулацијата дека доставените програми „задолжително мора“ да ги содржат предвидените податоци, се воспоставува императивна норма, односно обврска чие непочитување има фатални последици. Во иницијативата се наведува дека, доколку програмата не содржи и само еден од тие податоци, таа станува нецелосна, по што ЗАМП може да ја прогласи за неверодостојна и да ја исклучи од распределба.

6. Реферат У.бр.110/2024

Оспорен акт: Одлука за измена и дополнување на текстуалниот дел за Конечен Предлог план за ГУП Тетово, Општина Тетово бр.08-10981/39 од 28 септември 2022 година, донесена од Советот на Општина Тетово, објавена во „Службен гласник на Општина Тетово“бр.13 од 30.09.2022 година.

Подносител на иницијативата: Дарјан Сотировски 

Од наводите во иницијативата: 

Според наводите во иницијативата, со оспорениот акт се повредени членовите 2, 3 и 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, одредбите на Просторниот план на Република Македонија и одредбите од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање. 

Се наведува дека со подглавата 2.3 „Станбен стандард” од изменувањето и дополнувањето на текстуалниот дел од Генералниот урбанистички план на град Тетово (2002-2012), донесен со Одлука на Советот на Општина Тетово од 16.04.2003 година, се менува површината за живеење по жител од претходно утврдените 20 м2, на „не помала од 50 м2“ и се утврдува дека една стамбена единица треба да биде со површина од „околу 213 м2”, што според наводите во иницијативата е спротивно на Просторниот план на Република Македонија кој во планските определби утврдува станбен стандард од 20 до 25 м2 површина на живеење по жител односно површина на една станбена единица од 40 до 80 м2.

7. Реферат УЗ.бр.12/2026

Оспорен акт: Одлука за донесување на урбанистички план за село Дрен (локалитет Долница) изменување и дополнување, донесена од Советот на Општина Демир Капија, бр. 07-655/2 од 20.09.2011 година, објавена во „Службен гласник на Општина Демир
Капија” бр.8/2011.

Подносител на иницијативата: – Ристе Димов од Демир Хисар, преку полномошникот адвокат Блаже Крчински 

Од наводите во иницијативата: 

Според наводите во иницијативата, повредено e  начелото на владеење на правото и одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, бидејќи измената е извршена врз Општ акт за село Дрен којшто не бил во сила во моментот на измената. 

Се тврди дека со оспорената одлука со која била извршена измена и дополнување на урбанистичкиот пропис – урбанистички план – Општ акт за село Дрен, односно измена на Одлуката за начинот на изградба во населено место Дрен во Општина Демир Капија, кое нема урбанистичка документација, од 30.04.2001 година. 

II. БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА

1. БЗСП.бр.2/2025

Предмет на барањето:

Заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на национална припадност.

Подносител на барањето: Зоран Нешевски

Подносителот наведува дека на последниот попис на населението во Република Северна Македонија се изјаснил како Бугарин. Според наводите, тој бил отпуштен од работа поради кршење на работната дисциплина, но со правосилна судска пресуда бил вратен на работа. И покрај враќањето на работа, за периодот од отпуштањето до враќањето на работа, средното училиште не му го евидентирало работниот стаж и не извршило уплата на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување. 

III. ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКИ

1. У.бр.92/2025 и У.бр.122/2025

Судот на 15.07.2026 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 41-а став 7 во делот „и превозот“ од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006, 30/2007, 49/2007, 81/2008, 92/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 42/2011, 51/2011, 6/2012, 100/2012, 24/2013, 41/2014, 116/2014, 135/2014, 10/2015, 98/2015, 145/2015, 30/2016, 127/2016, 67/2017 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019, 76/2020, 229/2020, 269/2023, 78/2025, 132/2025 и 250/2025). 

2. УЗ.бр.43/2025

Судот на 03.06.2026 година поведе постапка за оценување на  уставноста и законитоста на член 23 став 2, став 3 во воведната реченица во деловите „овите“ од зборот „ставовите“ и „и 2“ и став 4 во деловите „овите“ од зборот „ставовите“ и „и 2“ од Правилникот за минимално-техничките услови во продажни објекти во кои се врши трговија на големо и трговија на мало („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.290/2022, 79/2023 и 136/2025). 

3. УЗ.бр.72/2025

Судот на 10.06.2026 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за контрола на квалитетот на работењето на субјектите на контрола на квалитет бр.0202-362/1 од 10.10.2024 година, донесен од Управниот одбор на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија. 

4. УЗ.бр.5/2026

Судот на 30.09.2026 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 41 став 1 и член 46 ставови 1 и 2 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.141/2014 и 36/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2023, 263/2023, 286/2023, 135/2024, 218/2024, 275/2024 и 215/2025) и уставноста и законитоста на Одлуката бр.0201-1642/2 од 29.12.2025 година, донесена од Собранието на Здружението за заштита на авторски музички права  Скопје.