У.бр.92/2025 и У.бр.122/2025

Не се пронајдени зборови

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.92/2025
У.бр.122/2025
Скопје, 15.07.2026 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 23 став 4 и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024) на седницата одржана на 15 јули 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 41-а став 7 во делот „и превозот“ од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006, 30/2007, 49/2007, 81/2008, 92/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 42/2011, 51/2011, 6/2012, 100/2012, 24/2013, 41/2014, 116/2014, 135/2014, 10/2015, 98/2015, 145/2015, 30/2016, 127/2016, 67/2017 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019, 76/2020, 229/2020, 269/2023, 78/2025, 132/2025 и 250/2025).

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 23 став 4 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, на работниот состанок одржан на 17 јули 2025 година, по сопствена иницијатива оформи предмет У.бр.92/2025 за оценување на уставноста на делот од одредбата од Законот означен во точката 1 од диспозитивот на ова решение.
Добре Наумовски и Ана Марија Јордановска, двајцата од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на истиот дел од законската одредба, по кој беше оформен предметот У.бр.122/2026.

Со оспореното законско решение законодавецот создал нееднаквост помеѓу учениците во средните училишта, спротивно на член 9 од Уставот, бидејќи на учениците во јавните средни училишта им се гарантира правото на бесплатен превоз доколку се исполнети законските услови, додека учениците во приватните средни училишта се исклучени од ова право.

Се наведува дека, и покрај постојната судска пракса на Уставниот суд во однос на ова прашање, законодавецот го предвидел оспореното законско решение, со што создал нееднаквост помеѓу учениците во средните училишта, спротивно на член 9 од Уставот.

Исто така, оспорениот дел е спротивен на член 44 став 2 од Уставот, според кој образованието е достапно на секого под еднакви услови.

На крајот, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел и истиот да го укине.

II

На седницата Судот утврди дека во член 41-а став 7 од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006, 30/2007, 49/2007, 81/2008, 92/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 42/2011, 51/2011, 6/2012, 100/2012, 24/2013, 41/2014, 116/2014, 135/2014, 10/2015, 98/2015, 145/2015, 30/2016, 127/2016, 67/2017 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019, 76/2020, 229/2020, 269/2023, 78/2025, 132/2025 и 250/2025) е предвидено дека сместувањето и превозот за учениците од приватните средни училишта, ги обезбедува основачот.

III

Според член 8 став 1 алинеja 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во член 9 од Уставот е утврдено дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 44 став 1 од Уставот, секој има право на образование. Согласно со став 2 на истиот член образованието е достапно на секого под еднакви услови.

Согласно со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член 1 од Законот за средното образование е предвидено дека со овој закон се уредува организацијата, функционирањето и управувањето во средното образование, како дел од системот на воспитанието и образованието.

Согласно со член 2 став 2 од истиот закон, во средното образование се остварува во средни училишта кои се организираат како јавни средни училишта (средно општинско училиште, односно средно училиште на Градот Скопје и државно средно училиште) и приватно средно училиште. Во став 4 од истиот член е предвидено дека дејноста што се остварува во средното училиште е од јавен интерес и се врши како јавна служба.

Според член 3 став 1 од Законот, средното образование е задолжително за секој граѓанин, под еднакви услови утврдени со овој закон.

Во член 10 став 1 од Законот е предвидено дека средно општинско училиште може да основа општината. Според став 2 на овој член, одлука за основање на средно општинско училиште донесува советот на општината по претходно прибавено мислење од Владата на Република Македонија (во натамошниот текст: Владата). Согласно со став 3 на овој член средно училиште на Градот Скопје може да основа Советот на Градот Скопје. Во став 4 на овој член е предвидено дека одлука за основање на средно училиште на Градот Скопје донесува Советот на Градот Скопје по предлог на советот на општината, а по претходно прибавено мислење од Владата. Според став 5 на овој член државно средно училиште основа Владата. Согласно со став 6 на овој член приватно средно училиште може да основа домашно и странско правно и физичко лице врз основа на одобрение, согласно со овој закон. Во став 7 на овој член е предвидено дека општината, Градот Скопје, односно Владата може да основа и меѓународно јавно училиште во кое се остваруваат наставни планови и програми на некој од светските странски јазици (англиски, француски, германски), кои на предлог на Бирото, односно Центарот за стручно образование и обука, ги донесува министерот.

Според член 13 од истиот закон со одлуката на Владата на Република Македонија за давање одобрение за основање на приватно средно училиште се утврдува: воспитно-образовното подрачје, односно видот на средното образование за кое се основа приватното училиште; потребен наставен кадар, опрема, простор според педагошки стандарди и нормативи; бројот на учениците; јазикот на кој ќе се изведува наставата; програмата за воспитно-образовната дејност и почетокот со работа на приватното училиште.

Во член 41 став 1 на овој закон е предвидено дека статус на ученик во средното образование се стекнува со запишување во средно училиште.

Според член 41-а став 1 од Законот, за ученикот кој е со статус на редовен ученик во средно училиште се организира бесплатен превоз до училиштето, ако ученикот не се смести во ученички дом.

Во став 7 од истиот член е утврдено дека сместувањето и превозот за учениците од приватните средни училишта, ги обезбедува основачот.

IV

Од анализата на оспорениот дел во корелација со наведените уставни и законски одредби произлегува дека со истиот се создава правна несигурност, како суштински елемент на темелната вредност владеењето на правото загарантирано со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бидејќи законодавецот го уредил истото правно прашање на различен начин во рамките на истиот член од Законот за средното образование.

Имено, во член 41-а став 1 од Законот е предвидено дека за ученик кој има статус на редовен ученик во средно училиште се организира бесплатен превоз до училиштето, ако ученикот не се смести во ученички дом. Со ова одредба јасно и недвосмислено се гарантира субјективното право на бесплатен превоз за сите ученици, без разлика дали станува збор за ученик во јавно или приватно средно училиште. Меѓутоа, во став 7 од истиот член, кој го содржи оспорениот дел, е уредено дека сместувањето и превозот за учениците од приватните средни училишта ги обезбедува основачот.

Со ваквото законско решение не е јасно дали учениците од приватните средни училишта го уживаат правото на бесплатен превоз предвидено во став 1 од истиот член или станува збор само за обврска на основачот да организира превоз под услови што самиот ќе ги определи. Ваквата неусогласеност создава можност за различно толкување и примена на Законот, со што се доведува во прашање правната сигурност како суштински елемент на темелната вредност владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Судот, исто така, изрази сомнеж дека оспорениот дел создава нееднаквост на учениците од средните училишта, спротивно на член 9 од Уставот. Имено, правото на бесплатен превоз им овозможува на учениците непречен пристап до средното образование. И покрај тоа што учениците посетуваат различни средни училишта, тие во однос на остварувањето на правото на образование се наоѓаат во споредлива правна и фактичка положба, бидејќи сите имаат статус на редовни ученици и го остваруваат наведеното право. Следствено на ова, законодавецот е должен евентуалното различно уредување на начинот на обезбедување на ова право да го заснова врз јасни, објективни и разумни критериуми што во конкретниот случај недостасуваат.

Според член 9 од Уставот, законодавецот е должен да определи ист механизам и еднаков начин на остварување на одредено исто право, во овој случај на правото на бесплатен превоз, за иста група на граѓани кои се во споредлива правна и фактичка положба. Во конкретниот случај правото на бесплатен превоз како елемент на пристапот до средното образование не е уредено на еднаков и недвосмислен начин за сите редовни ученици.

Дополнителен доказ од практичната примена дека оспорениот дел создава правна несигурност и нееднаквост помеѓу учениците во средните јавни и приватни училишта, е меѓудругото Програмата за активностите на Град Скопје од областа на средното образование за 2026 година, донесена од Советот на Град Скопје, на седницата одржана на 25 декември 2025 година и објавена во „Службен гласник на Град Скопје“ бр.14/2025.

Во Глава IV, насловена „Проекти на програмата“, во подглава насловена „Бесплатен ученички превоз за сите ученици од средните училишта на Град Скопје во текот на целата учебна година“, е предвидено дека со оваа програма се обезбедува бесплатен превоз за сите ученици од средните училишта на Град Скопје во текот на 2026 година, вклучително и за време на зимскиот и летниот распуст. На овој начин, учениците ќе можат непречено да ги извршуваат своите училишни и вонучилишни активности.

Следствено на ова и во корелација на оспорениот дел, произлегува дека во рамките на Град Скопје, учениците од средните приватни училишта нема да можат да го реализираат правото на бесплатен превоз, особено за време на распустите, за разлика од учениците од средните јавни училишта коишто можат да го остварат ова право, финансирано од буџетските средства на Град Скопје. Со ова се создава различен третман на ученици кои се наоѓаат во иста правна и фактичка положба, што дополнително придонесува кон правна несигурност и нееднаквост.

Покрај ова, Судот изрази сомнеж дека оспорениот дел не е во согласност ниту со член 44 став 2 од Уставот, според кој образованието е достапно на секого под еднакви услови. Имено, правото на образование не се реализира само со можноста за запишување во училиште, туку неговото целосно и ефективно остварување подразбира и обезбедување услови коишто овозможуваат непречен пристап до образовниот процес. Во таа насока, обезбедувањето бесплатен превоз претставува механизам за еднаков пристап до средното образование.

Необезбедувањето на право на бесплатен превоз за учениците од приватните средни училишта како за останатите редовни ученици, создава различни услови за остварување на правото на образование. Ваквото законско решение може да влијае врз фактичката достапност на образованието и врз слободата на избор на средно училиште, поради што Судот изрази сомнеж дека оспорениот дел не е во согласност со наведената уставна одредба според која образованието треба биде достапно на секого под еднакви услови.

Врз основа на наведеното, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на член 41-а став 7 во делот „и превозот“ од Законот за средното образование со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 44 став 2 од Уставот.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски