Врз основа на член 34 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), a во врска со Решението У.бр.30/2026 од 17 јуни 2026 година, со кое Судот не поведе постапка за оценување на уставноста на член 83 став 1 во делот „надзор над ажурното вршење на работите во судот” од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија” бр.58/2006, 62/2006-исправка, 35/2008, 150/2010, 83/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.96/2019), го изразувам моето несогласување со следното
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
Не се согласувам со донесеното решение, бидејќи сметам дека наводите содржани во иницијативата основано отвораат сомнеж за согласноста на оспорениот дел од законската одредба со Уставот и дека Судот имаше доволно основи да поведе постапка за оценување на неговата уставност.
Оспорената одредба гласи:
Член 83
„(1) Во делокругот на правосудната управа спаѓа обезбедувањето општи услови за вршење на судската власт, а посебно подготвување на закони и други прописи од областа на организацијата и работењето на судовите и постапката пред судовите, донесување на судски деловник, грижа за континуираната обука на судиите и судската служба, обезбедување материјални, финансиски, безбедносни, просторни и други услови за работа на судовите, вршење на работите од меѓународната правна помош, извршување на казните изречени за казниви дела, прибирање статистички и други податоци за работата на судовите, надзор над ажурното вршење на работите во судот и спроведување на судскиот деловник, надзор над спроведувањето на прописите за судски депозити и гаранции, испитување на претставките и поплаките на граѓаните за работата на судовите кои се однесуваат на одолжување на судската постапка или на работата на судските служби, како и други управни задачи и работи определени со закон.“
При оценувањето на уставноста на оспорениот дел од одредбата, според мое мислење, од особено значење се уставните одредби од член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11 од Уставот, според кои темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се владеењето на правото; поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право.
Од особено значење е и Амандманот XXVIII со кој е заменет член 104 од Уставот, којшто, меѓу другото, уредува и дека Судскиот совет на Република Македонија е самостоен и независен орган на судството, чија основна улога е да ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт. Советот е составен од петнаесет члена. Во неговиот состав, по функција, членуваат претседателот на Врховниот суд на Република Македонија и министерот за правда, од кои осум членови се избираат од редот на судиите, при што тројца од нив се припадници на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија, со почитување на начелото на соодветна и правична застапеност. Тројца членови ги избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и со мнозинство гласови од пратениците кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство. Дополнително, двајца членови ги предлага претседателот на Република Македонија, а ги избира Собранието, при што еден од нив е припадник на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.
Од аспект на овие уставни гаранции, клучно е прашањето дали законодавецот можел на Министерството за правда, како орган на извршната власт, да му довери овластување за „надзор над ажурното вршење на работите во судот“, без притоа со закон јасно да ги определи содржината, опфатот, критериумите и границите на таквиот надзор, како и дали таквото законско решение создава можност за навлегување во уставно гарантираната самостојност и независност на судската власт, чиј гарант, согласно со Амандманот XXVIII на Уставот, е Судскиот совет.
При оценувањето на наводите содржани во иницијативата, содржината на оспорениот дел од член 83 став 1 од Законот за судовите и неговата поврзаност со уставната поставеност на судската власт, во Решението со кое Судот не поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од наведената одредба, (иако за мене уставно проблематичен е и делот „испитување на претставките и поплаките на граѓаните за работата на судовите кои се однесуваат на одолжување на судската постапка“ за кое прашање е надлежен Судскиот совет), е прифатено гледиштето дека е потребно разграничување меѓу судиската функција и правосудната управа. Според таквото разбирање, судиската функција, како уставно загарантирана самостојна и независна власт, е одвоена од правосудната управа, која опфаќа организациски, административни и технички активности насочени кон обезбедување услови за функционирање на судовите како институции.
Во таа смисла, од образложението на Решението, како „надзор над ажурното вршење на работите во судот“ се разбира како надзор ограничен на организациското функционирање на судот, а не на вршењето на судиската функција. Воедно, од образложението произлегува дека ваквиот надзор не подразбира овластување за влијание врз одлучувањето по конкретни предмети, ниту можност за издавање задолжителни насоки во однос на судиското постапување или преземање дејствија поврзани со дисциплинската одговорност на судиите.
Меѓутоа, според мое мислење, ваквото законско решение е нормативно несоодветно и остава простор за поинакво разбирање и постапување. За да биде појасно моето гледиште, потребно е оспорената одредба да се разгледа во корелација со одредбите содржани во Амандманот XXVIII на Уставот коишто се однесуваат на избор на членови на судскиот совет, според кои, меѓу другото, министерот за правда по функција е член на Судскиот совет. Со ваквото уставно решение во судскиот совет покрај судиите од редовното судство, да можат да членуваат и надворешни членови од редот на политиката и извршната власт, а во корелација со оспореното законско решение, доведува до создавање на дополнителна можност за институционално влијание на извршната и законодавната власт врз функционирањето на судовите. Притоа треба да се предвид дека во Амандманот XXVIII на Уставот, станува збор за тело наречено СУДСКИ СОВЕТ, а не административен. Во конкретниот случај, иако формално надзорот е ограничен на организациски аспекти, самото законско овластување, во комбинација со уставната положба на министерот за правда во Судскиот совет, може да создаде перцепција, но и реален ризик од засилено институционално влијание на извршната власт врз судската власт, што не е во согласност со начелото на поделба на власта и со уставната гаранција за независност на судството.
Во однос на прашањето за можната повреда на независноста на судството, во решението се укажува на уставната положба на Судскиот совет како орган којшто ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, при што се посочува дека оценувањето на работата на судиите и прашањата поврзани со нивната дисциплинска одговорност остануваат во рамки на неговите надлежности.
Врз основа на ваквото системско толкување на Законот за судовите и релевантната уставна рамка, во Решението е даден заклучок дека оспорената одредба воспоставува административно-организациски механизам којшто не претставува навлегување на извршната власт во судиската функција и не доведува до повреда на начелото на владеење на правото, принципот на поделба на власта и уставно гарантираната независност на судството.
Со ваквото правно толкување и изведениот заклучок не се согласувам, бидејќи сметам дека при оценувањето на уставноста на оспорениот дел од член 83 став 1 од Законот за судовите, произлезе дека истиот не е доволно јасен. Неопходно е да се оцени и дали самата законска формулација, поради својата недоволна определеност, создава можност за институционално влијание врз самостојното и независно функционирање на судската власт.
Имено, фактот дека оспорената одредба не предвидува директно овластување за влијанието врз содржината на судските одлуки, сам по себе не е доволен аргумент за да се исклучи постоењето на уставноправен проблем. Уставната оцена не може да се ограничи само на формалното отсуство на такво овластување, туку треба да го опфати и прашањето дали вака формулираното законско решение остава простор за институционално навлегување и дејствување на орган на извршната власт во сфера поврзана со самостојното и независно вршење на судиската функција.
Според мое мислење, со вака определеното законско овластување се создава реална можност за институционално влијание на извршната власт врз функционирањето на судската власт, што претставува доволна основа да се постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11 и Амандманот XXVIII од Уставот. Отсуството на јасно определена законска рамка не може да се надомести со толкување дека станува збор за исклучиво административно-организациски надзор.
Кога законодавецот определува надлежности на органите на државната власт, особено во чувствителна корелација каква што е меѓу извршната и судската власт, тој е должен јасно и прецизно да ги утврди содржината, обемот и границите на таквите овластувања.
Во конкретниот случај, поимот „надзор“ не е поблиску определен, ниту се утврдени критериуми врз основа на кои би можело да се оцени што претставува „ажурно“, а што „неажурно“ вршење на работите во судот. Не се определени ниту обемот на надзорот, постапката за негово спроведување, ниту евентуалните правни последици од утврдените состојби. Токму ваквата нормативна неопределеност создава можност за различно толкување на законското овластување и остава широк простор, орган на извршната власт да може самостојно да ја определува содржината на надзорната функција. Во услови кога предмет на надзор е „ажурното вршење на работите во судот“, не може да се занемари дека поимот ажурност е тесно поврзан со начинот на организирање на судската работа, динамиката на постапувањето по предметите, почитувањето на процесните рокови и управувањето со текот на судските постапки.
Оттука, ажурноста не претставува само техничко или административно прашање, туку е прашање непосредно поврзано со функционирањето на судската власт. Иако не секој аспект од организацијата на судовите претставува дел од судиското одлучување, законското овластување дадено на орган на извршната власт мора да биде особено прецизно ограничено кога се однесува на прашања коишто се непосредно поврзани со вршењето на судиската функција. Во овој контекст, одлучувачко не е само дали оспорената одредба содржи изречна забрана или овластување за влијание врз конкретен предмет, туку и дали со нејзината содржина се создава реална можност за институционално влијание врз работата на судовите од страна на извршната власт.
Уставниот принцип на поделба на власта и независноста на судството не се нарушуваат само со директно мешање во донесувањето на судските одлуки, туку и со создавање законски механизми преку кои орган од друга власт може да влијае врз условите, организацијата и начинот на вршење на судиската функција.
Имајќи предвид дека Министерството за правда е орган на извршната власт, неговото учество во областа на правосудната управа може да биде оправдано само доколку е јасно определено и ограничено на прашања кои не навлегуваат во суштината на судиската функција. Во спротивно, се создава можност за воспоставување институционален механизам преку кој, макар и посредно, би можело да се влијае врз темпото на постапување по предметите, определувањето на приоритетите во работењето на судовите и начинот на организирање на судската работа.
Поради тоа, сметам дека наводите на подносителот основано укажуваат на тоа дека оспорената законска одредба отвора сериозно прашање за нејзината согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, од аспект на владеењето на правото и принципот на поделба на државната власт, како и со Амандманот XXVIII на Уставот со кој се заменува член 104 од Уставот, со кој е утврдена уставната положба на Судскиот совет како орган којшто ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт.
Имајќи го предвид наведеното, сметам дека Судот имаше доволно основи да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од член 83 став 1 од Законот за судовите.
Судија на Уставниот суд на
Република Северна Македонија,
м-р Фатмир Скендер