Издвоено мислење по предметот И.бр.1/2026

Пронајдени се 0 зборови

Врз основа на член 34 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, по моето гласање против Решението И.бр.1/2026 од 22 јули 2026 година, со кое се утврдува неизвршување на Одлуката БЗСП бр.8/2025 од 24 септември 2025 година, го образложувам моето несoгласување со следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со сета почит кон ставовите на мнозинството судии, изнесени во Решението И.бр.1/2026 од 22 јули 2026 година, моето мислење по конкретниот предмет е поинакво.

Согласно со член 112 од Уставот, а во врска со член 81 од Актот на Уставниот суд, одлуките на Уставниот суд, според нивното правно дејство, се конечни и извршни.

Меѓутоа, во конкретниот предмет, моето правно гледиште суштински се разликува од ставовите на мнозинството судии изнесени во предметното решение.

Според мое длабоко убедување, неопходно е јасно да се разграничат надлежностите на Уставниот суд, кои децидно се утврдени во член 110 став 1 алинеи 1, 2 и 3 од Уставот, коишто гласат:

Член 110

Уставниот суд на Република Македонија:

-одлучува за согласноста на законите со Уставот;

-одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите;

-ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно со алинеите 1 и 2 од наведениот член од Уставот, Уставниот суд врши апстрактна контрола на уставноста на законите и на законитоста и уставноста на подзаконските прописи.

Во тој поглед, не постои никаква дилема кога Уставниот суд со одлука ќе укине или поништи закон или подзаконски пропис. Во таков случај, самата одлука, по сила на Уставот, е конечна и извршна, бидејќи неуставниот закон или незаконитиот подзаконски пропис престанува да биде дел од правниот поредок и повеќе не произведува правно дејство ниту правни последици.

Меѓутоа, кога станува збор за одлуките што Уставниот суд ги донесува по барање за заштита на слободите и правата врз основа на член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, нивната правна природа е суштински различна од одлуките коишто Судот ги донесува во постапките за оцена на уставноста и законитоста на законите и подзаконските прописи.

Во конкретниот случај, Уставниот суд со Одлуката БЗСП бр.8/2025 од 24 септември 2025 година го уважи барањето за заштита на слободата на јавното изразување на мислата на барателката Наташа Стојанова од Скопје. Притоа, Судот утврди повреда на правото од член 110 алинеја 3 од Уставот, коешто се однесува на слободата на јавното изразување на мислата, сторена со Пресудата П4-240/22 од 15.06.2022 година на Основниот граѓански суд Скопје и Пресудата ГЖ-3340/22 од 19.02.2024 година на Апелациониот суд Скопје.

Потоа, засегнатата странка Наташа Стојанова, преку својот полномошник, на 22 мај 2026 година се обрати до овој суд со известување дека Основниот граѓански суд Скопје, со Решението П4-240/22 од 04.05.2026 година, го отфрлил предлогот за повторување на правосилно завршената постапка, при што својата одлука ја образложил со причини детално наведени во решението.

Ако се има предвид содржината на наведеното решение, неспорно е дека првостепениот суд дал правна поука за правото на жалба. Оттука, предметот сè уште не е правосилно завршен во постапката по повторување, бидејќи не е познат исходот од евентуално изјавената жалба пред второстепениот суд.

Според мое мислење, неоснован е ставот на мнозинството судии дека првостепениот граѓански суд не ја извршил Одлуката на Уставниот суд со тоа што го одбил предлогот за повторување на постапката. Напротив, при одлучувањето по предлогот, првостепениот суд во целост ја имал предвид Одлуката на Уставниот суд, но врз основа на својата уставна и законска надлежност донел одлука со која предлогот го отфрлил.

Имено, по поднесениот предлог за повторување на правосилно завршената постапка, првостепениот суд одлучил со Решението П4-240/22 од 04.05.2026 година, коешто е образложено и содржи правна поука за правото на жалба.

Во овој контекст, особено е значајно да се нагласи дека со Одлуката на Уставниот суд БЗСП бр.8/2025 од 24 септември 2025 година не се укинуваат ниту се поништуваат пресудите на првостепениот и второстепениот суд. Со таа одлука Уставниот суд утврдува повреда на уставно загарантирано право, но не одлучува мериторно наместо редовните судови, ниту ја заменува нивната уставна и законска загарантирана надлежност во постапката што следува. Прашањето на правните последици од утврдената повреда, во рамки на постапката за повторување, е предмет на одлучување од страна на надлежните граѓански судови, согласно со нивните уставни и законски овластувања.

За правилно разбирање на ова прашање, неопходно е да се имаат предвид, пред сè, одредбите од Уставот на Република Северна Македонија и Законот за судовите.

Имено, во Амандманот XXV став 1 од Уставот е наведено дека судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Додека, според Амандманот XXVII став 1, судија не може да биде повикан на кривична одговорност за искажано мислење и одлучување при донесувањето на судските одлуки.

Согласно со член 11 став 1 од Законот за судовите, судијата одлучува непристрасно со примена на законот врз основа на слободна оцена на доказите.

Според став 2 од истиот член, се забранува секој облик на влијание врз независноста, непристрасноста и самостојноста на судијата во вршењето на судиската функција по кој било основ и од кој било субјект.

Согласно со член 13 ставови 2, 3, 4 и 5 од истиот закон, правосилната судска одлука има неприкосновено правно дејство. Судската одлука може да ја менува или укинува само надлежен суд во постапка пропишана со закон. Судските одлуки се задолжителни за сите правни и физички лица и имаат поголема правна сила во однос на одлуките на кој и да е друг орган. Секој е должен да ја почитува правосилната и извршната судска одлука под закана на законски санкции.

Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби, не можам да го прифатам ставот на мнозинството судии дека првостепениот граѓански суд не ја почитувал или не ја извршил Одлуката на Уставниот суд.

Редовните судови ги донесуваат своите одлуки врз основа на Уставот, законите и доказите изведени во соодветната судска постапка. Притоа, тие се должни самостојно и независно да ја применуваат материјалната и процесната законска рамка, без можност нивната судска оцена да биде однапред предодредена.

Поради сите наведени причини, сметам дека Решението на Судот е неосновано и истото претставува институционален притисок врз работењето на редовното судство.

 

Судија на Уставен суд на
Република Северна Македонија,
м-р Фатмир Скендер

Решение И.бр.1/2026