И.бр.1/2026

Пронајдени се 0 зборови

Уставен суд
на Република Северна Македонија
И.бр.1/2026
Скопје, 22.07.2026 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р  Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 91 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 22 јули 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ УТВРДУВА дека Одлуката БЗСП.бр.8/2025, донесена од страна на Уставниот суд на Република Северна Македонија на седницата одржана на 24 септември 2025 година, не е извршена со донесувањето на Решението П4-240/22 од 4 мај 2026 година од страна на судија на Основниот граѓански суд Скопје.

2. Ова решение ќе се достави до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, Судскиот совет на Република Северна Македонија и Основниот граѓански суд Скопје за понатамошно постапување.

3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Уставниот суд, со Одлуката БЗСП.бр.8/2025 од 24 септември 2025 година, го уважи барањето за заштита на слободата на јавното изразување на мислата на Наташа Стојановска од Скопје и утврди повреда на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, коишто се однесуваат на слободата на јавно изразување на мислата на Наташа Стојановска од Скопје, сторена со Пресудата 3 П4-240/22 од 15.06.2022 година од Основниот граѓански суд Скопје и Пресудата ГЖ-3340/22 од 19.12.2024 година на Апелациониот суд Скопје.

На 22 мај 2026 година, полномошникот на подносителката, адвокатот Филип Медарски од Скопје, достави известување до Судот за неизвршување на Одлуката БЗСП.бр.8/2025. Кон известувањето е приложено Решението П4-240/22 од 04.05.2026 година на Основниот граѓански суд Скопје, со кое предлогот на подносителката за повторување на постапката е отфрлен.

Уставниот суд на Република Северна Македонија е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста. Согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот, Судот ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност. За остварување на надлежностите утврдени со Уставот, Судот, согласно со член 71 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, донесува одлуки и решенија.

Согласно со член 112 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни. Според член 81 од Актот на Уставниот суд, одлуките на Судот се конечни, извршни и правно обврзувачки за сите правни субјекти, додека според член 85 од истиот акт, обврската за нивно извршување започнува да тече од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“ и тие се извршуваат без никакво одлагање.

Од наведените уставни одредби произлегува дека одлуките на Уставниот суд не се само декларативно утврдување на уставноправната состојба, туку создаваат обврска надлежните органи и другите правни субјекти да ги преземат сите потребни дејствија за нивно практично и ефективно извршување.

II

Уставниот суд на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 24 септември 2025 година, ја донесе Одлуката БЗСП.бр.8/2025 со која се уважи барањето за заштита на слободата на јавното изразување на мислата на Наташа Стојановска од Скопје и се утврди повреда на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот, коишто се однесуваат на слободата на јавното изразување на мислата, сторени со Пресудата 3 П4-240/22 од 15.06.2022 година на Основниот граѓански суд Скопје и Пресудата ГЖ-3340/22 од 19.12.2024 година на Апелациониот суд Скопје.

Предметот се однесува на настаните во Собранието на Република Северна Македонија од 27 април 2017 година. Подносителката, како акредитиран новинар на Телевизија „24 Вести“, била присутна во зградата на Собранието со задача да известува за изборот на нов претседател на Собранието, како прашање од изразен јавен интерес. По насилниот упад во собраниската зграда, таа била изложена на закани и заплашување и била спречена да ја врши новинарската задача и не  била обезбедена соодветна заштита од надлежните државни органи.

Подносителката претходно повела парнична постапка против Република Северна Македонија за надомест на нематеријална штета, меѓу другото и поради повреда на слободата на изразување. Со Пресудата 3 П4-240/22 од 15.06.2022 година, Основниот граѓански суд Скопје го одбил тужбеното барање, а Апелациониот суд Скопје со Пресудата ГЖ-3340/22 од 19.12.2024 година ја одбил жалбата и ја потврдил првостепената пресуда.

При одлучувањето, за Уставниот суд појдовно беше значењето на слободата на изразување и слободата на медиумите во едно демократско општество, како и позитивната обврска на државата да обезбеди ефективна заштита на новинарите кога тие се изложени на ризик поради вршењето на својата професионална задача.

Уставниот суд утврди дека подносителката, како новинар, била оневозможена да ги изрази своите мислења и идеи без страв, на начин што државата пропуштила да ја исполни позитивната обврска да ја заштити и да ѝ овозможи да ја информира јавноста за настаните во Собранието. Оваа околност, според Судот, била пропуштена да се утврди и соодветно да се оцени со пресудите наведени во диспозитивот на Одлуката.

Врз основа на тоа, Уставниот суд оцени дека во наведените вонредни и насилни околности државата пропуштила да го заштити, а со тоа го повредила правото на слободно изразување на мислата, гарантирано со член 110 алинеја 3 и член 16 од Уставот, како и член 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права.

Од особено значење за прашањето на извршувањето е ставот на Уставниот суд, изразен во образложението на Одлуката, според кој, врз основа на член 57 став 2 од Актот на Уставниот суд, „оваа одлука претставува основа за да може подносителот на барањето своите права да ги реализира пред надлежните судови“.

Наведениот став треба да се разгледува во врска со член 57 став 2 од Актот, според кој со одлуката со која е утврдена повреда на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, Судот го определува и начинот на отстранување на последиците од примената на поединечниот акт или дејствието со кои тие права и слободи биле повредени. Оттука, суштината на извршувањето на конкретната одлука е да се обезбеди реална правна можност подносителката пред надлежните судови да ги отстрани последиците од пресудите со кои е утврдена повредата на нејзините уставно загарантирани права.

Одлуката е објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.54/2026 од 13.03.2026 година, односно произведува правно дејство од денот на нејзиното објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“, од кога започнува и обврската за нејзино извршување.

III

Согласно со член 112 став 3 од Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни. Според член 81 од Актот на Уставниот суд, тие се и правно обврзувачки за сите правни субјекти.

Согласно со член 377 став 3 од Кривичниот законик, службено или одговорно лице кое ќе одбие да изврши одлука на Уставниот суд на Република Македонија што е должно да ја изврши ќе се казни со затвор од една до пет години.

Член 85 од Актот предвидува дека обврската за извршување започнува да тече од денот на објавувањето на одлуката во „Службен весник на Република Северна Македонија“ и дека одлуките на Уставниот суд се извршуваат без никакво одлагање.

Според член 86 од Актот, Уставниот суд по службена должност го следи извршувањето на своите одлуки и може од секого да побара податоци и информации во врска со преземените мерки со цел нивно извршување. Член 87 предвидува дека секој што има правен интерес може да бара извршување на одлуките на Уставниот суд.

Во член 89 став 2 од Актот е утврдено дека одлуките со кои Уставниот суд утврдил повреда на слободите и правата утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, ги извршува органот или субјектот што врши јавни овластувања што го донел поединечниот акт, односно го презел дејствието со кое правата и слободите биле повредени. Во конкретниот случај, повредата е утврдена како сторена со пресуда на Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје.

Според член 90 од Актот, Уставниот суд, по потреба, ќе побара од јавните органи да го обезбедат извршувањето на одлуката. Врз основа на претходно добиени податоци и известувања, Судот, согласно со член 91 од Актот, може да донесе посебно решение со кое ќе утврди дека неговата одлука не е извршена и ќе го извести надлежното јавно обвинителство, како и органот што го именувал или избрал раководителот на органот или телото коешто не ја извршило одлуката.

Уставниот суд на работен состанок, одржан на 15 јули 2026 година, расправаше по однос на известувањето на полномошникот за неизвршување на Одлуката на Уставниот суд. Судот утврди дека подносителката, со цел да ги реализира правата врз основа на Одлуката БЗСП.бр.8/2025, на 03.04.2026 година до Основниот граѓански суд Скопје поднела предлог за повторување на постапката П4-240/22. Предлогот бил заснован на член 392 став 1 точка 9 од Законот за парничната постапка, односно на постоење нови факти или можност за употреба на нови докази врз основа на кои за странката би можела да биде донесена поповолна одлука.

Уставниот суд, со мнозинство гласови, утврди дека Основниот граѓански суд Скопје, со Решението П4-240/22 од 04.05.2026 година, со кое го отфрлил предлогот за повторување на постапката, во образложението навел дека основите за повторување на постапката се таксативно утврдени со член 392 од Законот за парничната постапка и дека Одлуката на Уставниот суд не може да се подведе под член 392 став 1 точка 9 како нов факт или нов доказ, со што, во суштина не ја извршил Одлуката на Уставниот суд.

Уставниот суд утврди дека согласно со образложението на  Решението на првостепениот суд дека Одлуката на Уставниот суд не ја менува фактичката состојба, туку се однесува на правната оцена на повредата на слободата на јавно изразување на мислата сторена со претходно донесените пресуди и дека законодавецот во член 400 од Законот за парничната постапка предвидел посебен основ за повторување по повод конечна пресуда на Европскиот суд за човекови права, но не предвидел ист таков посебен основ за одлуките на Уставниот суд, првостепениот суд пропуштил, односно не ги зел предвид уставно определените правни карактеристики и правно дејство на одлуките на Уставниот суд, односно нивната конечност, извршност и општа задолжителност.

Уставниот суд утврди дека ваквото образложение, во никој случај не може да влијае на уставно определените правни карактеристики и дејства на неговите одлуки. Уставниот суд смета дека во ваквите случаи треба да се согледува низ призмата на целовитоста на Уставот, особено на непосредната уставносудска заштита кои ги уживаат правата предвидени во член 110 алинеја 3  од Уставот. Ваквиот пристап, Уставниот суд утврди дека правилно бил прифатен во судската практика, така што по донесувањето на Одлуката У.бр.146/2021 од 12 јули 2023 година на Уставниот суд, Основниот граѓански суд Скопје, при одлучувањето по предлогот за повторување на постапката во правосилно завршениот предмет МАЛВП-705/20 од 14.04.2021 година, ја прифатил наведената одлука како нов факт и нов доказ и како основ за повторување на постапката согласно со член 392 став 1 точка 9 од Законот за парничната постапка, а ваквиот пристап подоцна бил прифатен и од Апелациониот суд Скопје со Решението ГЖ-118/24 од 07.11.2024 година.

Оттука, Уставниот суд оцени дека со ваквото постапување не е овозможено остварување на уставните слободи и права на подносителката утврдени со Одлуката БЗСП.бр.8/2025 на Уставниот суд. Основниот граѓански суд Скопје го применил член 392 став 1 точка 9 од Законот за парничната постапка спротивно на содржината и целта на Одлуката на Уставниот суд и на правно обврзувачкото дејство на уставно-судските одлуки.

Уставниот суд дополнително потенцира дека во конкретниот случај мора да се има предвид дека во образложението на Одлуката БЗСП.бр.8/2025, Судот зазел став дека оваа одлука претставува основ подносителката своите права да ги реализира пред надлежните судови. Уставниот суд укажува дека правните карактеристики и правното дејство на неговите одлуки, конечноста, извршноста и општата задолжителност не се однесуваат само на диспозитивот на неговите одлуки, туку подеднакво и на правните стојалишта изразени во образложенијата на неговите одлуки.

IV

Имајќи предвид дека со Одлуката БЗСП.бр.8/2025 од 24 септември 2025 година Уставниот суд утврди повреда на слободата на јавното изразување на мислата, сторена со Пресудата 3 П4-240/22 од 15.06.2022 година на Основниот граѓански суд Скопје и Пресудата ГЖ-3340/22 од 19.12.2024 година на Апелациониот суд Скопје, надлежните судови имаат обврска при своето натамошно постапување да го почитуваат нејзиното конечно, извршно и правно обврзувачко дејство.

Кривичноправната заштита на конечноста и извршноста на одлуките на Уставниот суд е обезбедена со инкриминирањето на одбивањето да се изврши одлука на Судот. Оцената дали во конкретниот случај се исполнети законските обележја на ова кривично дело, вклучувајќи и дали постои одбивање за извршување и кривична одговорност на определено лице, спаѓа под ингеренции на надлежното јавно обвинителство и надлежниот суд.

Оттука, Уставниот суд во согласност со член 91 од Актот на Судот, на работниот состанок одржан на 15 јули 2026 година, со мнозинство гласови, одлучи да се донесе посебно решение со кое ќе се утврди дека Одлуката на Судот не е извршена, за што ќе биде известено надлежното јавно обвинителство, како и органот што го именувал или избрал раководителот на органот или телото коешто не ја извршило Одлуката на Судот.

V

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски

 

Издвоено мислење по предметот И.бр.1/2026