Дневен ред за 18. седница на Судот закажана за 8 јули 2026 година во 9:30 часот

На 8 јули 2026 година, со почеток во 9:30 часот, Уставниот суд ќе ја одржи 18 седница со Дневен ред кој содржи пет предмети за оценување на уставност и законитост, еден предлог за решавање на судир на надлежност, едно барање за заштита на слободите и правата и едно барање за преиспитување на одлука на Уставниот суд.

1. ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ 

1. Реферат У.бр.24/2026

Оспорени одредби: Член 83 став 4 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија” бр.58/2006, 62/2006-исправка, 35/2008, 150/2010, 83/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.96/2019).

Подносител на иницијативата: Оливер Давидовски

Подносителот, меѓу другото, наведува дека оспорената одредба го повредува принципот на поделба на власта, бидејќи ѝ овозможува на извршната власт, преку подзаконски акт на Владата донесен по предлог на министерот за правда, да го уредува начинот на испитување на одолжувањето на судската постапка.

Според наводите во иницијативата, на тој начин извршната власт недозволено навлегува во сферата на судската власт и воспоставува механизам на институционално влијание врз судското постапување

2.Реферат У.бр.44/2026

Oспорени одредби: Член 9 во делот „без претходна согласност на Владата на Република Македонија” од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија” бр. 72/2016, 142/2016 и 233/2018 и Службен весник на Република  Северна Македонија” бр.14/2020 и 154/2023).

Подносител на иницијативата: Оливер Давидовски

Од содржината на оспорениот акт: Со актуелниот Закон за извршување се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не определено, присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која

гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено, присилно извршување на нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон. Согласно член 2 став (1) и (2) од Законот, основа за извршување

претставува извршната исправа; извршувањето започнува по барање од доверителот.

Согласно член 3 став (1) од Законот, извршителот го спроведува извршувањето.

Согласно член 9 од Законот, врз имот на странка држава во Република Македонија не може да се спроведе извршување без претходна согласност на Владата на Република Македонија по предлог на Министерството за правда, освен ако странската држава изрично се согласила со извршувањето.

Од наводите во иницијативата: 

Во иницијативата се наведува дека оспорената законска одредба е спротивна на принципот на владеење на правото, бидејќи не содржи јасни, прецизни и предвидливи критериуми врз основа на кои Владата одлучува за давање согласност за спроведување на извршувањето. Подносителот тврди дека, со непостоењето на законски утврдени услови, постапка, рокови и обврска за образложување, одлучувањето се сведува на дискрециона политичка проценка, што создава правна несигурност и овозможува извршната власт фактички да го релативизира правното дејство на правосилните судски одлуки, спротивно на принципот на владеење на правото и задолжителноста на судските одлуки.

3. Реферат У.бр.47/2026

Oспорени одредби: Член 60 став 2 во делот „кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 60 години на живот за жена, односно 62 години на живот за маж” од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.104/2019, 146/2019, 275/2019, 302/2020, 311/2020, 163/2021, 294/2021, 99/2022, 236/2022, 65/2023 и 192/2025).

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека според ставот 2 од истиот член и закон, правото на траен надоместок го остварува родител кој се грижел за детето до неговата 26 годишна возраст, без истото да користи услуга на вон-семејна социјална заштита, кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 60 години на живот за жена, односно 62 години на живот за маж. Според наведеното во иницијативата, условот за остварување на правото на траен надоместок од страна на родител кој има дете со попреченост е да родителот : а) е невработен, б) не користи право на пензија. Подносителот тврди дека со оспорените делови од одредбата, се доведува во прашање социјалниот карактер на државата од член 1 став 1 од Уставот но и е во противречност со членот 35 од Уставот.

4. Реферат У.бр.227/2024

Одлуката за донесување на План за парцелација од Урбанистички проект со план за парцелацијја за корекција на границите на градежната парцела 1.28 од ДУП Крајбрежен појас – локалитет Спортски Општина Ѓорче Петров, Скопје („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров” бр.2/2024).

Подносител на иницијативата: Томислав Крстевски преку адвокат Ивица Коневски

Од наводите во иницијативата: 

Во иницијативата се наведува дека со донесување на Одлуката се повредени членовите 9 и 30 од Уставот, член 5 и член 8 од Законот за сопственост и други стварни права, член 6 и член 11 од Законот за градежното земјиште, член 63 од Законот за урбанистичко планирање. Подносителот пишува дека со оспорената одлука се врши корекција на границата на градежната парцела 1.28 од ДУП Крајбрежен појас, локалитет Спортски терени, Општина Ѓорче Петров, Скопје на начин со кој градежната парцела 1.28 ја зафаќа единствено КП 9249 КО Ѓорче Петров 6, се иззема од истата и се планира како земјиште за општа употреба-дел од тротоарот на станбената улица „Новопроектирана 5”. Градежната парцела 1.28 ја задржува намената зададена со важечкиот ДУП „ A2-Згради за домување”. Во иницијативата се наведува дека Општина Ѓорче Петров постапила спротивно на Законот за урбанистичко планирање бидејќи не постоела неусогласеност на градежните парцели со катастарските парцели, ниту станува збор за исправка на техничка грешка како што е наведено во Урбанистичкиот проект со план за парцелација со кој е опфатена корекција на границите на градежната парцела.

5.УЗ.бр.15/2026

Oспорени одредби : Точка IV. Финансирање на програмата, став 2 во делот „јавните“ и став 3 во деловите „јавните“ и „за околу 6.000 крводарители“ и точка V. Распределба на средствата од Програмата за организирање и унапредување на крводарителството во Република Северна Македонија за 2026 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 43/2026). 

Подносител на иницијативата: Злате Шулески

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека со Програмата (точка IV – Финансирање на програмата и точка V – Распределба на средствата) се определени средства за надоместок на партиципација при користење на здравствени услуги за дарители со над 10 крводарувања само за јавните здравствени установи, а не и за приватните здравствени установи во мрежа на здравствени установи, со кои Фондот за здравствено осигурување имаат склучено договор. Се тврди дека во практиката, дарителите на крв, и покрај тоа што со закон се ослободени од партиципација, задолжително плаќаат партиципација при користење на здравствени услуги во приватни здравствени установи кои имаат склучен договор со Фондот. Според подносителот, на овој начин се повредува нивното законско право, а со тоа индиректно се повредуваат и уставните права на еднаквост, социјална сигурност и пристап до здравствена заштита.

6. У.бр.144/2025 и У.бр.145/2025

Оспорени акти: членовите  75-ѓ став 1 и 12 алинеја 1 и 2, 76-д став 5 алинеја1 и 2, и 78-а став 4 алинеја 1 и 2 од Изборниот законик

Подносители на иницијативите: Политичка партија “Левица” и политичка партија „Демократи”

Од наводите во иницијативата:

(144/2025)Политичка партија “Левица”

Подносителот наведува дека оспорените одредби од Изборниот законик промовираат дискриминаторски пристап од аспект на достапноста на медиумскиот простор и распределување на јавните финансиски средства за платено политичко рекламирање. Во иницијативата се тврди дека Изборниот законик треба да обезбеди уставна рамнотежа преку еднаков третман на сите политички субјекти, преку еднаков пристап, бидејќи медиумскиот простор директно влијае на видливоста на учесниците во изборната кампања. Подносителот смета дека толкувањето на Изборниот законик предвидува сите регистрирани партии кои се јавуваат како учесници во изборниот процес, без оглед дали се парламентарни или вонпарламентарни да добијат соодветна и пропорционална државна поддршка и медиумски простор за претставување на граѓаните. Притоа, нагласува дека термините „може” и „најмногу” не смеат да се толкуваат буквално рестриктивно туку во согласност со целта на законот. Подносителот тврди дека во практиката произволно се толкува и двете најголеми партии од позиција и опозиција добиваат најмногу време, на штета на останатите помали партии. На овој начин, четирите најголеми партии-по две од власта и две од опозицијата добиваат привилигиран пристап до медиумите и државните средства, а останатите парламентарни партии се потполно исклучени, се наведува во иницијативата. 

(145/2025)Политичка партија „Демократи”

Подносителот тврди дека оспорените членови се во спротивност со член 8 став 1 алинеја 5, член 9, член 16 ставови 1-5 и член 51 од Уставот. Се наведува дека помалите политички партии се ставени во нерамноправна положба, бидејќи се обезбедува 80% од бесплатниот рекламен простор само на четири политички партии, а на останатите само 20% од вкупниот број рекламни паноа и билборди. Во иницијативата се наведува дека оспорените одредби го нарушуваат политичкиот плурализам и слободните демократски избори како темелни вредности на Уставот.

II – ПРЕДЛОГ ЗА РЕШАВАЊЕ НА СУДИР НА НАДЛЕЖНОСТ 

1. CH-I-бр.1/2025

Подносител на предлогот:

Министерство за економија и труд –Државен пазарен инспекторат, Одделение за инспекциски надзор – Струмица

Барање со поднесокот:

Решавање судир на надлежност помеѓу Министерството за економија и труд – Државен пазарен инспекторат и Основниот суд Радовиш, во врска со постапување по барање за враќање на привремено одземени предмети. Со предлогот се бара Уставниот суд да утврди кој орган е надлежен да одлучи по барањето за враќање на привремено одземените предмети од лицата Цанер Арифов и Цанел Усеинов.

Предметот на спорот е враќање на предмети, опрема и средства кои биле привремено одземени при инспекциски надзор поради констатирано вршење нерегистрирана дејност, а потоа биле предадени на Агенцијата за управување со одземен имот.

III- БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА

Предмет на барањето: Барање за заштита од дискриминација по основ на националност, согласно член 110 алинеја 3 од Уставот

Подносител на барањето: Шерафедин Куртов

Од наводите во барањето:

Подносителот наведува дека и покрај тоа што е редовно работно ангажиран и извршува задачи не му биле уплаќани придонеси со што му биле повредени уставно загарантираните права. Дополнително наведува дека Комисијата за заштита од дискриминација одлучила во негова корист и донела препорака да се отстранат повредите на работното место, во рок од 30 дена.

IV- БАРАЊЕ ЗА ПРЕИСПИТУВАЊЕ ОДЛУКА НА УСТАВНИОТ СУД

Реферат УЗ.бр.75/2025

Оспорена одлука: Oдлуката У.бр.94/2019 од 12 ај 2020 година на Уставниот суд на Република Северна Македонија

Линк до одлуката: https://ustavensud.mk/archives/18906 

Подносител на иницијативата: Славчо Десподов

Подносителот во иницијативата наведува дека по донесување на Одлуката У.бр.94/2019 со која Уставниот суд го укинал член 18 став 2 од Законот за извршување, извршителите, врз основа на укинатата одредба, ретроактивно наплаќале средства од должниците и по неколку години од неговото укинување.

Подносителот смета дека при одлучувањето, Уставниот суд требало да го поништи, а не да го укине член 18 став 2 од Законот за извршување, поради што му предлага на Судот да ја промени Одлуката У.бр.94/2019 од 12.05.2020 година, објавена во („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.136/2020), на начин што ќе донесе мериторна одлука со која ќе го поништи член 18 став 2 од Законот за извршување.