У.бр.59/2025

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.59/2025
Скопје, 04.03.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 4 март 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 9 став 2 во делот „на самостоен орган на државна управа“ од Законот за индустриската сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр. 21/2009, 24/2011, 12/2014, 41/2014, 152/2015, 53/2016 и 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 31/2020 и 86/2025).

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на делот од одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова Решение.

Според наводите, оспорениот дел е спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Со член 9 став 2 од Законот за индустриската сопственост, во кој е содржан оспорениот дел, се регулира статусот на Државниот завод за индустриска сопственост како самостоен орган на државна управа, додека во член 65 алинеја 14 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, статусот на истиот орган е регулиран како орган во состав на Министерството за економија.

Се наведува дека регулирањето на истото правно прашање на различен начин во Законот за индустриска сопственост, како специјален закон и Законот за организација и работа на органите на државната управа, како генерален закон, во околности кога не дозволува одредено прашање да се регулира со посебен закон, може да доведе до забуна во примената на истите.

Врз основа на горенаведеното, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел и истиот да го укине.

II

На седницата Судот утврди дека во член 9 став 2 од Законот за индустриската сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр. 21/2009, 24/2011, 12/2014, 41/2014, 152/2015, 53/2016 и 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.31/2020 и 86/2025), е предвидено дека Заводот е управна организација со статус на самостоен орган на државна управа со надлежности утврдени со овој и друг закон.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Републиката Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Во член 110 алинеја 1 од Уставот е предвидено дека Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 65 алинеја 14 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019, 110/2019, 154/2019 – автентично толкување и 121/2024), Заводот за заштита на индустриската сопственост продолжува да работи како Биро за заштита на индустриската сопственост, орган во состав на Министерството за економија.

Во член 30 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.121/2014) е предвидено дека државните органи се должни во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон да ги усогласат посебните закони со кои се уредуваат основањето, работите, надлежностите на органите на државната управа и другите општи акти од своја надлежност.

IV

Врз основа на анализата на оспорениот дел во корелација со наведените уставни одредби и одредбите од Законот за организација и работа на органите на државната управа, Судот оцени дека е основан наводот дека регулирањето на истото правно прашање на различен начин во Законот за индустриска сопственост, како lex specialis и Законот за организација и работа на органите на државната управа, како lex generalis, во околности кога во истиот не дозволува одредено прашање да се регулира со посебен закон, може да доведе до забуна во примената на истите.

Имено, Судот утврди дека во конкретниот случај постои некомпатибилност (неусогласеност) помеѓу оспорената одредба и одредбите од Законот за организација и работа на органите на државната управа, во однос на статусот на Заводот за заштита на индустриската сопственост, а со тоа и несогласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Во член 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, како генерален закон, е предвидено дека со овој закон се уредуваат организацијата, надлежностите и работата на органите на државната управа.

Според член 5 став 3 од истиот закон, самостојните органи на државната управа можат да се основаат само доколку управните ресори за кои се основаат не се во надлежност на ниту едно министерство и е потребна нивна целосна независност од министерствата и директна одговорност пред Владата.

Имајќи го предвид уредувањето во член 30 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.121/2024), произлегува дека надлежните институции имале обврска да извршат усогласување на посебните закони со наведениот закон, меѓу кои и на Законот за индустриската сопственост.

Во околности кога надлежните државни органи не ја исполниле обврската произлезена од наведената законска одредба, и покрај тоа што законодавецот предвидел рок од шест месеци за усогласување на посебните закони, во конкретниот случај на Законот за индустриската сопственост со Законот за организација и работа на органите на државната управа, како генерален закон, Судот оцени дека постоењето на две различни норми во правниот поредок од различни закони, коишто истото правно прашање го регулираат на различен начин, постои основан сомнеж дека се создава правна несигурност и се повредува темелната вредност на уставниот поредок – владеењето на правото.

V

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски