Издвоено мислење по предметот У.бр.247/2024

Врз основа на член 34 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), во врска со Решението У.бр.247/2024 од 19 ноември 2025 година, со кое Судот во точката 2 од диспозитивот, одлучи да ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 69 став 4 од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019, 150/2024 и 220/2024), поради моето несогласување за отфрлање на иницијативата за оценување на уставноста на член 69 став 4 на Законот, го изразувам моето несогласување со следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со почит кон различните ставови на мнозинството судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија, а во врска со наведеното решение, со ова издвоено мислење го изразувам моето несогласување од следните причини:

Според член 69 став 4 од Законот за управните спорови „Жалбата не е дозволена против пресуда со која поединечниот управен акт е поништен или прогласен за ништовен и предметот е вратен на повторно постапување на јавниот орган, како ни против пресудата со која судот му наложил на јавниот орган да го донесе поединечниот акт кој не бил донесен во утврдениот рок“.

Сметам дека се основани наводите на подносителот со кои укажува дека оспорениот член 69 став 4 од Законот е спротивен на Амандманот ХХІ на Уставот, како и на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, член 9, член 50 став 2 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.

Имено, Амандманот ХХІ со кој е изменет член 15 од Уставот, на прецизен и недвосмислен начин го гарантира правото на жалба против одлуките донесени во прв степен пред независен и повисок суд.

Ова уставно право претставува суштински елемент на правото на правна заштита, правична судска постапка и принципот на владеење на правото. Секое ограничување на ова право може да се оправда единствено доколку е уставно дозволено, неопходно и пропорционално, но во конкретниот случај овие услови не се исполнети.

Во таа насока, член 15 став 1 од Законот за управни спорови утврдува дека Управниот суд одлучува во прв степен, освен ако поинаку не е уредено со закон. Меѓутоа, со оспорениот член 69 став 4 фактички се исклучува правото на жалба за определена категорија управни спорови, со што се задира во уставното право на жалба, загарантирано со Амандманот ХХІ.

Таквото исклучување претставува ограничување коешто е спротивно на одредбите содржани во членовите 15 и 51 од Уставот, при што се задира и во принципот на правичноста на постапка, правото на судење во разумен рок и во правната сигурност.

Понатаму, основан е и наводот на подносителот дека член 69 став 4 од Законот е спротивен на член 9 став 2 од Уставот, според кој сите граѓани на Републиката се еднакви пред Уставот и законите. Подносителот оправдано се повикува и на судската пракса на Управниот суд, во која компаративно укажува дека на другите странки во управни спорови им се признава правото на жалба против одлуките донесени во прв степен. Ова покажува дека за една група субјекти постои можност за двостепено судење, додека пак за лицата опфатени со член 69 став 4 таа можност е исклучена. Со тоа се создава правна и фактичка нееднаквост меѓу субјектите кои се наоѓаат во споредливи правни ситуации, без постоење уставно оправдана причина за различниот третман.

Таквата законска конструкција воспоставува нееднаков и несигурен правен режим на сите учесници во управната постапка, како на странките, така и на правно заинтересирани и засегнати страни. Притоа се повредува принципот на еднаква правна заштита и се ограничува уставно загарантираното право на жалба, а со тоа прави повреда на начелото на правна сигурност. Заради наведеното, сметам дека член 69 став 4 е уставно проблематичен и не е во согласност со член 9 став 2 од Уставот и со темелните вредности на правниот поредок утврдени во член 8 од Уставот.

Во контекст на горенаведеното, сметам дека Судот требаше да поведе постапка за оценување на уставноста на член 69 став 4 од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019, 150/2024 и 220/2024).

 

Судија на Уставниот суд на
Скопје Република Северна Македонија,
м-р Фатмир Скендер

Конечно решение У.бр.247/2024