Дневен ред за 1. седница на Уставниот суд закажана за 21 јануари 2026 година

На 21 јануари 2026 година, со почеток во 9,30 часот, Уставниот суд ќе ја одржи 1. седница, прва во оваа година, со дневен ред на кој се закажани девет иницијативи за оценување на уставност и законитост, едно барање за заштита на слободи и права и еден предлог за одлучување со нацрт-одлука.

I. ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ

1. Реферат У.бр.124/2023

Оспорен: Член 2 ставови 1 и 4 и член 73 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 158/2010, 123/2012, 43/2014, 153/2015, 6/2016 и 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 110/2021, 72/2024, 74/2024, 121/2024 и 16/2025).

Подносител на иницијативата: Славко Лазовски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот смета дека Народна банка е привилигирана во однос на даночни ослободувања и олеснувања кои според него немаат смисла и оправданост и истото е спротивно на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок, член 33 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.

2. Реферат У.бр.249/2024

Оспорен: Член 60 став 3 алинеја 2 од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.96/2019).

Подносител на иницијативата: Александар Наумовски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот смета дека оспорената одредба предизвикува дилеми, непрецизна е и нејасно е имплементирањето во праксата. Се наведува дека не е во согласност со владеењето на правото, со одредби од членот 50 и Амандманот XXI на Уставот.

3. Реферат У.бр.86/2025

Оспорен: Член 218 став 1 од Закон за извршување („Службен весник на Република Македонија” бр.72/2016, 142/2016, 178/2017, 26/2018 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.14/2020 и 154/2023)

Подносител на инцицијативата: Николче Митевски, адвокат

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека оспорената одредба на членот 218 од Законот е во спротивност со членовите 9, 11, 32 и 34 од Уставот. Се тврди дека голем број работници кои тужеле за неисплатени придонеси не ги оствариле своите права, иако имаат правосилна и извршна пресуда, извршителите не може да наплатат побарување, токму поради содржината на членот 218 од Законот за извршување.

4. Реферат У.бр.104/2022

Оспорен: Член 1 од Анексот за изменување на Колективниот договор за здравствената дејност на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.32/2019) и член 4 од Анексот за изменување и дополнување на Колективниот договор за здравствената дејност на Република Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.32/2020).

Подносител на иницијативата: Насер Муареми и други

Од наводите во иницијативата:

Во иницијативата се наведува дека оспорените одредби ги ставаат во нерамноправна положба организациските директори споредено со медицинските директори, иако, според наводите, Законот за здравствена заштита не прави разлика во поглед на нивните обврски и одговорности.

5. Реферат У.бр.116/2023

Оспорени: Член 1, 2, 3, 4 и 8 од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023).

Подносител:  Славко Димитров

Од наводите во инцијативата:

Подносителот наведува дека содржината на оспорените членови 1,3 и 4 од Правилникот е во спротивност со членот 30 од Уставот со кој се гарантира правото на сопственост и наследувањето и со негова примена се овозможува манипулирање со имотите на граѓаните и капиталот кој се прелева на располагање на поединци кои ги немаат тие права. 

6. Реферат У.бр.168/2023

Оспорен: Член 1 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за геодетски работи за посебни намени, донесен од Управниот одбор на Агенцијата за катастар на недвижости („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.52/2023).

Подносител на иницијативата:  Комора на трговски поединци овластени геодети и трговски друштво за геодетски работи на РМ застапувани од адвокат Бобан Богдановски

Од наводите во иницијативата:

Со оспорената одредба се предвидува дека во постапката за извршување на геодетски работи за посебни намени за обновување на граници на катастарски парцели нема да се користат податоците од дигиталниот катастарски план, туку ќе се користат оригинални стари податоци од премерот, според наводите. Се наведува и дека со оваа одредба се дерогира примената на Законот за катастар на недвожности во однос на примената на податоците од катастарот на недвижности.

7. Реферат У.бр.68/2022

Оспорен акт: Одлука за усвојување на конечен Детален урбанистички план за дел од блок 1, опфат 2 Урбана единица “Центар”, четврт „А”, КО Гостивар 2, Општина Гостивар, број 08-1369/1 од 29 јули 2021 година (“Службен гласник на Општина Гостивар” бр.5/2021 од 29 јули 2021 година)

Подносител на иницијативата : Taсин Мухаџири

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека ДУП-от донесен со конкретната одлука за две градежни парцели е донесен спротивно на членовите 4, 5 9 и 27 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Во иницијативата се наведува дека спротивно на ГУП со оспорениот ДУП се предвидуваат објекти за колективно домување А2 со катност П+4+пк во блок предвиден за индивидуално домување на штета на јавни површини предвидени за паркинг простор. Подносителот смета дека не се води сметка за јавниот интерес и јавните површини предвидени за сообраќај и паркинг простор и тоа се прави во строго централно градско подрачје на штета на хуманизацијата на просторот и државниот имот сопственост на Република Северна Македонија. 

8. Реферат УЗ.бр.10/2025

Оспорен акт: Одлука за промена на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти во Општина Тетово донесена од Советот на Општина Тетово под бр.07-766/4 од 24.04.2007 година објавена во „Службен гласник на Општина Тетово” бр.25/2007 од 26.04.2007 година.

Подносител на иницијативата: Општинска организација на сојузот на борци од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи Тетово, преку овластено лице Љиљана Симовска, претседател на организацијата.

Од наводите во иницијативите:

Во иницијативата се наведува дека Советот на Општина Тетово излегол надвор од своите надлежности со промена на имињата на улици и други инфраструктурни објекти, бидејќи тоа е прашање коешто се уредува со специјалниот закон за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти, донесен од Собранието на Република Македонија во 2004 година. Се наведува дека Одлуката е донесена спротивно на член 5 став 2 од Законот, односно без претходна согласност од Владата.

9. Реферат УЗ.бр.32/2025

Оспорен акт: Буџет на Општина Карпош за 2025 година („Службен гласник на Општина Карпош” бр. 21/2024 од 18.12.2024 година).

Подносител на иницијативата: Викторија Андоновска

Од наводите на иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека оспорениот буџет е неуставен и незаконски бидејќи, не ја содржи Програмата за урбанистичко планирање за 2025 година. Се наведува дека Буџетот е донесен со непочитување на законската постапка, односно, Програмата е донесена после донесување на Буџетот, односно на 25 декември 2024 година.

II. БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА

1. Реферат У.бр.275/2024

Подносител на барањето: Александар Митовски преку полномошник, адвокат Филип Медарски

Оспорени акти: Пресуда од 19.07.2023 година донесена од Апелациониот суд Скопје и Пресуда од 24.09.2024 донесена од страна на Врховниот суд

Од наводите во барањето:

Подносителот наведува дека неуставно е осуден(условна осуда) за кривично дело-оддавање на службена тајна од член 360 став 1 од Кривичниот законик, затоа што во август 2021 година преку интернет порталот www.infomax.mk на јавноста им ги сторил достапни податоците што претставуваат службена тајна, односно ја објавил првата страна од Записникот за примање на кривична пријава од пријавител Орце Камчев во текст: „Ај да видиме што вика ферманот: Исказот на Орце Камчев во обвинителството ја открива целата вистина за Рекет”. Во барањето се наведува дека е повредено уставно-гарантираната слобода на изразување на подносителот, а оспорените пресуди според него имаат сериозна импликација со т.н. ефект на ладење(chilling effect) врз слободата на изразување, со што може да се создаде страв од објавување на одредени информации за прашања од јавен интерес и новинарите да се соочат со автоцензура. Се тврди дека во случајот објавениот документ поттикнал јавна дебата и интерес во општеството со оглед дека според него, станува збор за случај на корупција.

III. ПРЕДЛОГ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКА

1. У.бр.209/2024

На 11.06.2025 година, Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на член 42 став 4 од Законот за дивечот и ловството („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.263/2023 и 170/2024).

У.бр.209/2024