Дневен ред за 24. седница закажана за 19 ноември во 9:30 часот

На 19 ноември во 9:30 часот Уставниот суд ќе ја одржи 24. седница со Дневен ред на кој е предвидено да се дискутира по осум предмети за оценување на уставност и законитост. 

1. Реферат У.бр.235/2024

Оспорен акт: Член 256 став 1 алинеја 4 од Законот за здравствената заштита    („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2012, 145/2012,  87/2013, 164/2013, 39/2014, 43/2014, 132/2014, 188/2014, 10/2015,      61/2015, 154/2015, 192/2015, 17/2016, 37/2016 и 20/2019 и „Службен       весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019, 153/2019, 180/2019, 275/2019, 77/2021, 122/2021, 178/2021, 150/2022, 236/2022, 199/2023, 236/2023, 263/2023, 30/2024, 74/2024 и 170/2024).

Подносител на иницијативата: Филип Стојковски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека со утврдување на минималните цени на приватните здравствени услуги се забранува пружање/овозможување на услуги по цена пониска од минимално определената иако Уставот му гарантира на секој граѓанин право на здравствена заштита без оглед на нивната финансиска моќ. Подносителот тврди дека граѓаните се ставени во нееднаква положба со оспорениот акт.

2. Реферат У.бр.247/2024

Оспорен акт: Член 69 став 4 од Законот за управните спорови;

-член 4 став 1 точка 2 во делот „поништувањето, укинувањето или изменувањето на” од Законот за управните спорови

-член 15 став 2 во делот „против кои е дозволена жалба” од Законот за управните спорови;

-член 23 став 1 во делот „поништувањето, укинувањето или изменувањето на” од Законот за управните спорови

-член 71 став 1 во делот „доколку не е поинаку определено со закон” од Законот за управните спорови.

Подносител на иницијативата: Александар Наумовски

Подносителот наведува дека оспорените одредби се во спротивност со темелната вредност владеење на правото, уредена со членот 8 од Уставот. Се наведува дека одредбите се спротивни и со начелото на двостепеност на судските постапки.

3. Реферат У.бр.6/2025

Oспорен акт : Член 67 став 4 од Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“  бр.64/2009, 24/2011, 53/2011, 25/2013, 79/2013, 147/2013, 43/2014, 160/2014, 33/2015, 44/2015, 147/2015, 7/2016 и 39/2016 и     „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.274/2022,     255/2024 и 59/2025).

Подносител на иницијативата: Владо Мицковски

Содржина на оспорената одредба:

Одобрение за сеча во приватна шума која е во сопственост на повеќе сопственици може да се издаде само на основа на заедничко барање на сите сопственици.

Од наводите во иницијативата:

Подносителот тврди дека со оспорената одредба е повредено владеењето на правото, бидејќи му дава поголемо право врз стварта на малцинскиот сопственик со негово ставаење на потпис на барањето за сеча во приватна шума, наспроти правото на мнозинскиот сопственик. 

4. Реферат У.бр.13/2025

Оспорен акт: Член 3 и член 18 од Законот за изменување и дополнување на  Законот за пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна  Македонија“ бр.193/24)

Подносител на иницијативата: Тито Беличанец, Јадранка Мршиќ, Сузана Московска

Со членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување од 18 септември 2024 година, се вршат измени во членот 37 кои гласат „Во ставот 2 по зборот “претходи ”се става запирка и се додаваат зборовите: „објавени од Државниот завод за статистика”. Во случај кога порастот на трошоците на живот се со негативен предзнак, не се врши усогласување на пензијата.”

Со членот 18 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување објавен на 18 септември 2024 година, се вршат измени во членот 37 кои гласат: Одредбите од членот 37 од овој закон не се применуваат во период од 1 септември 2024 година до 31 август 2025 година. На 1 септември 2024 година сите видови на пензии остварени согласно со овој закон заклучно со 31 август 2024 година се зголемуваат за 2500 денари. На 1 март 2025 година сите видови на пензии остварени согласно со овој закон заклучно со 28 февруари 2025 година се зголемуваат за 2500 денари. 

Подносителите тврдат дека измените се во спротивност со суштината на пензискиот систем и на членовите 8 став 1 алинеи 3 и 6, членот 9 и членот 30 во врска со членот 34, член 51 и член 54 од Уставот на Република Северна Македонија. Се наведува дека пензијата не е социјална категорија, туку секој пензионер има остварено различна висина на пензија во зависност од тоа колку години и во која висина во Фондот за ПИОМ уплатувал придонеси и според подносителите  се прави дискриминација, на една категорија пензионери кои се со пониски пензии да им се исплатува поголем процент при покачување на пензиите, а на други помал процент или попрецизно, со покачувањето од 2500 денари, на секој пензионер му се зголемува пензијата со различен процент. 

5. Реферат У.бр.37/2025

Оспорен акт: Член 54 став 1 и 2 и член 59 став 1 од Законот за минимален    глобален данок на добивка („Службен весник на Република Северна   Македонија“ бр. 3/2025).

Подносител на иницијативата: Боби Спирковски, адвокат

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека Собранието на 27 декември 2024 година донело Закон за минимален глобален данок на добивка со кој според него, се прави ретроактивна примена, бидејќи тој смета дека Законот стапува во сила на 3 јануари 2025 година, а како појдовна основа за пресметување на дополнителниот данок се зема фискалната 2024 година, со најголем процент од 10% и 8% како даночна основица за пресметување на дополнителниот данок.

6. Реферат У.бр.55/2025

Оспорен акт: Член 177 од Законот за вонпарнична постапка    („Службен весник на  Република Македонија“ бр.9/2008 и 77/2018); член 12 од Законот за    нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2007, 138/2007, 8/2008, 21/2008, 86/2008, 20/2009, 139/2009 и 135/2011) и Нотарско решение О.бр.584/11, УДР-87/11 од 17.06.2022 година со исправка од 20.02.2023 година. 

Подносител на иницијативата: Санде Пејоски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека оспорените одредби се противуставни бидејќи му дозволуваат на нотарот да постапи ако постои спор, но не му дава овластување да прекине правосилна постапка и да пренесе сопственост. Се наведува дека оспорените членови овозможуваат нотарот да запира оставинска постапка и да пренесува сопственост без судска одлука. 

7. Реферат У.бр.58/2025

Oспорен акт: Деловите „парична казна“ и „стопански престап“ од член 38 став 1 од Законот за здравствена исправност на животните намирници и на     предметите за општа употреба („Службен лист на СФРЈ“ бр.53/1991 и  „Службен весник на Република Македонија“ бр.15/1995).

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека во оспорените одредби се упатува на норми и термини кои не постојат во правниот промет, при што напоменува дека со нив е повредено начелото на владеење на правото.

8. Реферат У.бр.73/2025

Оспорен акт: Член 33 став 9 во делот „Годишниот извештај“, член 33 став 10 во      делот „годишниот извештај“ и член 33 став 11 во делот „извештајот“   од Законот за технолошки индустриски развојни зони („Службен весник на Република Македонија“ бр. 14/2007, 103/2008, 130/2008, 139/2009, 156/2010, 127/2012, 41/2014, 160/2014,72/2015, 129/2015,173/2015, 192/2015, 217/2015, 30/2016 и 83/2018 и „Службен весник  на Република Северна Македонија“ бр. 13/2023 и 59/2025).

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека оспорените делови се недоволно јасни и прецизни и може да предизвикаат забуна во примената. 

II.   БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА

1. БЗСП бр.9/2025

Предмет на барањето: Барање за слободи и права согласно член 110 алинеја 3 од Уставот (повреда на слободата на јавното изразување на мислата)

Подносители на барањето: Билјана Николовска Тодорова, Игор Јанковски, Томе Ангеловски преку адвокат Филип Медарски

Оспорени: Пресуда 21 П4-401/20 од 15.07.2022 и Пресудата ГЖ-1463/23 од 19.12.2024

Од наводите во барањето: 

Подносителите наведуваат дека за време на настанот во Собранието кој се случил на 27 април 2017 година, не само што биле спречени во извршувањето на работните задачи, биле и нападнати од група граѓани додека известувале за вестите на Телевизија Телма, а државата преку полициските службеници не ја заштитиле нивната безбедност за да може да известуваат. Подносителите тврдат дека со часови биле фатени во обрач од толпата и втурнати внатре во Собранието, иако првично како новинарска екипа известувале од пред влезот, надвор. Поради фактичката состојба, поднеле тужби против државата, прво до Основниот граѓански суд Скопје, а по одбивањето се жалеле и до Апелација, но нивните наводи не биле прифатени. Меѓу другото во пресудите, според подносителите, е наведено дека не претрпеле телесна повреда како последица од настаните кривичниот ден, дека стравот не е опфатен со одредбата, како и дека повредата на слободата на изразувањето не е опфатена преку принципот на одговорност на државата, па им било посочено дека треба да ја докажуваат по принципот на субјективна одговорност на државата. 

2. БЗСП бр.13/2025

Предмет: Барање за заштита од дискриминација согласно член 110 алинеја 3 од Уставот

Подносител на барањето: Иванчо Тасевски и трговско друштво за производство трговија и услуги ДОРИН ДОО Охрид, преку полномошник Стојан Велјановски

Од наводите во барањето:

Се тврди дека Основниот суд Охрид направил дискриминација врз барателите бидејќи во постапка по предметот ПРК-С-1834/22 им било ускратено правото на одбраната за предлагање на докази и еднаквост на оружјата во постапката. Во барањето се наведува дека поради наводната дискриминација, донесена е пресуда со која барателите се осудени на парични глоби и трпат штетни последици. 

III.  ПРЕДЛОГ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКА

У.бр.67/2023

На 02.07.2025 година Уставниот суд поведе иницијатива за оценување на уставноста на член 5 од Законот за изменување на Законот за ловството („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.91/2023).