Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.67/2023
Скопје, 02.07.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 2 јули 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 5 од Законот за изменување на Законот за ловството („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.91/2023).
2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
О б р а з л о ж е н и е
I
Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 5 ставови 1 и 2, како и член 5 во целина од Законот за изменување на Законот за ловството („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 91/2023).
Според наводите, оспорените ставови 1 и 2 од член 5, како и член 5 во целина од Законот, се во спротивност со темелната вредност на уставниот поредок – владењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Во иницијативата се наведува дека не постои доволна оправданост содржана во оспорениот член 5 од Законот за изменување на Законот за ловството („Службен весник на Република Северна Македонија” број 91/2023), a ниту во Законот за ловството како целина, зошто би се поништиле започнатите постапки за доделување на концесија на дивечот во ловиштата пред влегувањето во сила на овој закон. Ова особено ако се има предвид ставот 1 од член 34 од Законот за ловството кој при доделување на концесија упатува на примена на одредбите од тој закон и Законот за концесии и јавно приватно партнерство. Тоа не е содржано ниту во Предлог-законот за изменување на Законот за ловството кој како предлог е прифатен и усвоен, а подоцна и објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија” број 91/2023.
Во иницијативата се наведува дека од целината на оспорениот член 5 од Законот не се пропишува надлежност за тоа кој би ја носел одлуката за поништување на постапката.
Според наводите во иницијативата, Законот за ловството („Службен весник на Република Македонија” број 26/2009, 136/11, 1/12, 69/13, 164/13, 187/13, 33/15, 147/15, 193/15 и 83/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 150/21, 283/21 и 91/23), содржи одредби за доделување концесија на дивечот во ловиштата, кој ја носи одлуката за доделување на концесија на дивечот во ловиштата, по чиј предлог се носи одлуката, со претходно одобрение за објавување на јавен повик за доделување концесија, но не содржи одредби за начинот на поништување на постапката за доделување на концесија.
Понатаму во иницијативата се укажува дека во оспорените одредби од член 5 ставови 1 и 2 од Законот за изменување на Законот за ловството не е содржан ниту еден од основите за поништување на постапката кои на јасен и недвосмислен начин се пропишани со Законот за концесии и јавно приватно партнерство туку само со општо пропишување на оспорените одредби од член 5 ставови 1 и 2 од Законот, дека започнатите постапки за доделување концесија на дивечот во ловиштата пред влегувањето во сила на овој закон, се поништуваат со влегувањето во сила на овој закон.
Исто така, во иницијативата, во однос на став 3 од член 5 од Законот за изменувањe на Законот за ловството се наведува дека не е јасна оправданоста зошто доколку договорот за концесија истекол во текот на 2022 и 2023 година или истекува во 2023, би се продолжил во постапка и на начин пропишани со ставот 4 од членот 5 од Законот. Тоа би означувало дека, кога еден договор кој термински е завршен, неговата суштина е исцрпена и престанува да важи би бил продолжуван со барање на начин пропишан со ставот 4 од членот 5, а кој исто така е оспорен со оваа иницијатива како спротивен на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок во Република Северна Македонија.
Понатаму во иницијативата се наведува дека во став 5 од член 5 од Законот кој се оспорува како целина на одредбата се наведува дека анекс на договор ќе се склучи, по поднесено барање како по ставот 4, со кое би се продолжил периодот на концесија на дивечот во ловиштето за кој бил склучен договорот и тоа за период од една година, односно склучува договор за концесија на дивечот во ловиштето за времетраење од една година доколку претходниот договор за користење (концесија) на дивечот во ловиштето им престанал да важи во текот на 2022 или 2023 година, поради истек на рокот за кој бил склучен, се повредува правната сигурност која претставува нераскинлив дел од начелото на владеење на правото пропишано како темелна вредност на уставниот поредок во Република Северна Македонија.
По изнесените наводи во иницијативата, подносителот бара Уставниот суд на Република Северна Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на ставови 1 и 2 на член 5 и на членот 5 од Законот за изменување на Законот за ловството („Службен весник на Република Северна Македонија” број 91/2023) како целина по што, истите да ги укине како спротивни на уставниот поредок во Република Северна Македонија, како и во смисла на член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, тој бара Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одредба.
II
На седницата Судот утврди дека во член 5 став 1 од Законот за изменување на Законот за ловството („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 91/2023) е определено дека започнатите постапки за доделување концесија на дивечот во ловиштата пред влегувањето во сила на овој закон се поништуваат со влегувањето во сила на овој закон.
Според став 2, постапките за доделување концесија на дивечот во ловиштата поништени во согласност со ставот 1 на овој член, ќе започнат најдоцна во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Во став 3 е определено дека корисниците (концесионерите) на дивечот на ловиштата на кои им истекува договорот за користење (концесија) на дивечот во ловиштето во текот на 2023 година, како и правните лица на кои договорот за користење (концесија) на дивечот во ловиштето им престанал да важи во текот на 2022 или 2023 година поради истек на рокот за кој бил склучен и дивечот во ловиштето е предмет на постапките од ставот 1 на овој член, можат во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да поднесат барање за склучување на анекс на договорот за користење (концесија) на дивечот во ловиштето за продолжување на периодот на користење (концесија) за времетраење од една година, односно склучување договор за концесија на дивечот во ловиштето за времетраење од една година доколку претходниот договор за користење (концесија) на дивечот во ловиштето им престанал да важи во текот на 2022 или 2023 година поради истек на рокот за кој бил склучен.
Во став 4 е пропишано дека кон барањето од ставот 1 на овој член се доставува копија од договорот за користење (концесија) на дивечот во ловиштето за кој се бара продолжување или склучување нов договор за концесија за дивечот во ловиштето и доказ за платен концесиски надоместок до денот на поднесување на барањето, кој е достасан за наплата во согласност со договорот за користење (концесија) на дивечот во ловиштето.
Согласно со став 5, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство во рок од 60 дена од денот на приемот на барањето за склучување анекс на договор за користење (концесија) на дивечот во ловиштето или нов договор за концесија на дивечот во ловиштето со доказите од ставот (4) на овој член, по претходна согласност на Владата на Република Северна Македонија, склучува анекс на договор на договорот за користење (концесија) на дивечот во ловиштето, со кој се продолжува периодот на концесија на дивечот во ловиштето за кој е склучен договорот за период од една година, односно склучува договор за концесија на дивечот во ловиштето за времетраење од една година доколку претходниот договор за користење (концесија) на дивечот во ловиштето им престанал да важи во текот на 2022 или 2023 година поради истек на рокот за кој бил склучен.
Понатаму, Судот утврди дека во став 6 е регулирано дека за договорот или на анекс на договорот од ставот (5) на овој член, корисникот (концесионерот) на дивечот во ловиштето плаќа годишен надоместок за користење (концесија) на дивечот во ловиштето во висина на годишниот надоместок утврден во посебната ловностопанска основа за последната година од стопанскиот период.
III
Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Граѓаните на Република Северна Македонија, согласно со член 9 став 1 од Уставот, се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според ставот 2 од истиот член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Во член 56 став 1 од Уставот, е уредено дека сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.
Согласно со ставот 3 од овој член од Уставот, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.
Операционализација на уставната норма дека животинскиот свет е добро од општ интерес за Републиката и ужива посебна заштита наоѓаме во Законот за заштита на природата и во Законот за дивечот и ловството.
Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Републиката, во која смисла законодавецот има должност да конципира прецизни и јасни норми коишто ќе ја гарантираат правната сигурност на субјектите во нивната правна положба и правната предвидливост во нивните легитимни очекувања.
Видно од член 1 од Законот за дивечот и ловството („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. бр.263/2023, 170/2024 и 132/2025) произлегува дека со овој закон се уредуваат одгледувањето, заштитата, ловењето и користењето на дивечот и неговите делови, заштитата, зачувувањето и унапредувањето на живеалиштата на дивечот, востановувањето, уредувањето и одржувањето на ловиштата, начинот на давањето на дивечот на користење, како и други прашања од значење на дивечот и ловството.
Согласно со член 2 од овој закон, целта на овој закон е одржливо управување и користење на дивечот, како и унапредување на виталноста на неговите популации и живеалишта.
Во член 3 став 1 од Законот е определено дека дивечот е во државна сопственост и како добро од општ интерес за Република Северна Македонија ужива посебна заштита на начин и под услови утврдени со овој закон и Законот за заштита на природата, а во став 2 од истиот член е наведено дека по исклучок од ставот 1 на овој член, дивечот кој се наоѓа во ограден простор за одгледување, размножување и заштита на дивечот (размножувалиште), ограден простор за интензивно одгледување и застрел на дивечот (оградено ловиште), полигоните за лов на дивеч и фармите за дивеч е во сопственост на правни и физички лица кои поседуваат соодветна документација за потеклото и внесувањето на дивечот во наведените простории и ужива посебна заштита согласно со ставот 1 на овој член.
Со иницијативата се оспорува член 5 ставови 1 и 2, како и членот 5 во целина од Законот за изменување на Законот за ловството („Службен весник на Република Северна Македонија” број 91/2023), кој според подносителот е во спротивност со темелната вредност на уставниот поредок – владењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Во конкретниот случај, Судот утврди дека на седницата на Собранието на Република Северна Македонија одржана на ден 11 декември 2023 година, е донесен Законот за дивечот и ловството кој е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.263/2023 на 12.12.2023 година.
Во глава XI со наслов „Преодни и завршни одредби“, во член 92 е наведено дека започнатите постапки за давање на користење на дивечот во ловиштата на користење (концесија) за цела територија на Република Северна Македонија, до денот на влегувањето во сила на овој закон ќе завршат согласно со Законот за ловството („Службен весник на Република Македонија” број 26/2009, 136/11, 1/12, 69/13, 164/13, 187/13, 33/15, 147/15, 193/15 и 83/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 150/21, 283/21 и 91/23).
Во член 96 од Законот за дивечот и ловството е предвидено дека со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за ловството („Службен весник на Република Македонија” број 26/2009, 136/11, 1/12, 69/13, 164/13, 187/13, 33/15, 147/15, 193/15 и 83/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 150/21, 283/21 и 91/23). Во член 97 од истиот закон е предвидено дека овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
Со оглед на фактот дека член 92 од Законот за дивечот и ловството предвидува дека започнатите постапки за давање на користење на дивечот во ловиштата на користење (концесија) за цела територија на Република Северна Македонија, до денот на влегувањето во сила на овој закон ќе завршат согласно со Законот за ловството, Судот оцени дека Законот за ловство особено одредбите од истиот, како што е и член 5, се применуваат односно се дел од позитивното право сè до окончувањето на сите започнатите постапки до денот на влегувањето во сила на Законот за дивечот и ловството.
Судот оцени дека се основани наводите на подносителот на иницијативата дека во оспорените ставови 1 и 2 од член 5 од Законот за изменување на Законот за ловството, не се наведени основите за поништување на постапката, туку само е наведено дека започнатите постапки за доделување концесија на дивечот во ловиштата пред влегување во сила на овој закон се поништуваат со влегување во сила на овој закон, што е спротивно на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Ова од причина што вака предвиденото законско решение во себе има контрадикција и не е јаснo, бидејќи во оспорениoт член не се предвидени условите и начинот на поништување на истите, со што се создава правна несигурност за субјектите на правото, што е спротивно на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок. Покрај ова, нејасно е како може да се поништува една започната постапка во услови кога истата не е окончана со правосилен правен акт. Имено, постои можност за запирање на започната постапка, но не и поништување на истата. Според Судот, со оспорената одредба, е сторена повреда и на начелото на легитимните очекувања на субјектите на правото, како составен дел на владеењето на правото, бидејќи истите имаат сосема легитимно право да очекуваат започнатата постапка да се оконча со правен акт, а не да се поништува.
Исто така, Судот цени дека се основани наводите на подносителот во однос на став 3 од истиот член, од причина што не може со анекс договор да се продолжи договор којшто престанал да важи. Имено, со предвиденото законско решение се повредува принципот на правна еднаквост на субјектите пред Уставот и законите, бидејќи на субјектите на кои им истекол договорот им се дава привилегирана положба во однос на оние кои би сакале да започнат постапка за склучување договор. Исто така, според Судот, оспорената одредба е нејасна и создава правна несигурност, бидејќи без да се наведе ниту еден основ или услов, предвидува можност за враќање во правен поредок правно дело кое веќе престанало да важи.
Имено, Судот утврди дека е основан наводот на подносителот на иницијативата дека оспорениот став 5 од член 5 од Законот, во кој се предвидува дека анекс на договор ќе се склучи, по поднесено барање како по ставот 4 од истиот член, со кој би се продолжил периодот на концесија на дивечот во ловиштето за кој бил склучен договорот и тоа за период од една година, односно склучува договор за концесија на дивечот во ловиштето за времетраење од една година доколку претходниот договор за користење (концесија) на дивечот во ловиштето им престанал да важи во текот на 2022 или 2023 година, е спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Имено, според Судот, со оваа одредба се повредува правната сигурност на субјектите на правото и се создава нееднаквост на истите бидејќи овозможува склучување договор за продолжување концесија на дивечот во ловиштето на субјекти на кои им престанал договорот во 2022 или 2023 година, додека останатите заинтересирани страни се исклучени односно се оневозможени да поднесат барање/предлог за склучување договор за концесија на дивечот во ловиштето.
Врз основа на горенаведената анализа, Судот оцени дека оспорениот член 5 од Законот, е нејасен, непрецизен и неразбирлив и како таков создава правна несигурност и нееднаквост на граѓаните, спротивно на член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот.
Темелната вредност, владеењето на правото во еден правен систем или поредок треба да се остварува преку доминација на правната норма која треба да биде јасна, прецизна и разбирлива, која нема да остава можност за различно толкување и нејзина различна примена што може да доведе до повреда на принципот на правна сигурност на граѓаните. Во тој конктекст, правната сигурност и владеењето на правото се во функција да го обезбедат и принципот на еднаквост на граѓаните утврден во член 9 од Уставот. Оттука, во околности на нејасни и непрецизни законски одредби, Судот утврди дека односите кои се во тек и кои не се окончани треба по правило да бидат окончани согласно правилата со кои почнале, за да се заштити правната сигурност на субјектите во правото.
Во однос на наводите од иницијативата коишто претставуваат барање за испитување на меѓусебната усогласеност на оспорената законска одредба со други одредби од Законот за концесии и јавно приватно партнерство, тоа е барање коешто излегува надвор од уставно утврдените рамки на надлежности на Уставниот суд, имајќи го предвид уредувањето во член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, според кои Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Имајќи ја предвид претходно изнесената анализа, Судот оцени дека оспорениот член 5 од Законот за изменување на Законот за ловството е спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот на Република Северна Македонија.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
V
Ова решение произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски