Издвоено мислење по предметот У.бр.231/2024

Врз основа на член 34 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), по гласањето против Решение У.бр.231/2024 со кое Уставниот суд на седницата одржана на 25 јуни 2025 година ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на член 93 од Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика (*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.236/2022), писмено го образложувам моето

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
на м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, судија

Уставниот суд на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 25 јуни 2025 година, одлучи да ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на член 93 од Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика (*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.236/2022).

По повод донесеното Решение У.бр.231/2024 од 25 јуни 2025 година со кое мнозинството судии ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на член 93 од Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика (*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.236/2022), го изнесувам следното издвоено мислење.

– Причини за несогласување со мнозинството

Мнозинството судии се повикаа на член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд, со образложение дека Законот во кој е содржана оспорената одредба престанал да важи. Сметам дека таквиот пристап е правно погрешен.

Во конкретниот случај, требаше да се примени член 72 алинеја 6 од Актот на Уставниот суд, кој овозможува оценување на уставноста и законитоста и на норми што престанале да важат, доколку постојат уставно-правни причини за тоа.

Уставниот суд донесува одлука кога одлучува за суштината на работата и тоа во неколку конкретни случаи утврдени со членот 72 од Актот на Уставниот суд. Посебно важно е да се истакне дека, според членот 72 алинејата 6 од Актот на Уставниот суд, Судот одлучува и за утврдување на неуставност на закон или неуставност и незаконитост на пропис и друг општ акт во време кога тие важат, дури и ако по поведувањето на постапката тие престанале да важат.

Имено, членот 72 алинеја 6 од Актот на Уставниот суд гласи: „Уставниот суд донесува одлука кога одлучува за суштината на работата и тоа: ….- за утврдување неуставност на закон, односно неуставност и незаконитост на пропис и друг општ акт во време на важењето, што престанал да важи по поведувањето постапка.“

Оттука, особено важно е дека Уставниот суд има надлежност да ја утврди неуставноста и незаконитоста на правните акти дури и кога тие се веќе надвор од правниот поредок, во ситуација кога постапката пред Уставниот суд е поведена додека тие биле во сила, доколку Судот најде основи за оценување на нивната уставност односно уставност и законитост во времето на важењето.

Со ова издвоено мислење го изразувам и несогласувањето со член 36 став 1 од Актот на Уставниот суд, кој нејасно и неточно го дефинира почетокот на постапката за оценување на уставноста и законитоста како „поведена со решение на Уставниот суд“. Според мене постапката реално започнува со прием на иницијативата и оформување на предмет, а не со решение. Дополнително, недефинираноста на терминологијата „решение на Уставниот суд“ создава правна неизвесност и отворен простор за различни толкувања, што не е во согласност со принципите на правна сигурност и транспарентност.

Лично сметам дека не треба да се смета дека постапката за оценување на уставноста и законитоста се поведува со решение на Уставниот суд, туку со прием на иницијативата и оформување на предмет како прв формален чин во постапката. Овој пристап овозможува поголема јасност и правна сигурност, го елиминира ризикот од правна неизвесност и овозможува опфатување на поширок круг на правни ситуации кои Уставниот суд треба да ги разгледува. Особено е значајно ова поради должината на постапката пред Уставниот суд, при што од моментот на прием на иницијативата и оформување на предмет до донесување на решението за поведување на постапката поминува значителен временски период.

Исто така, доколку не се прифати дека постапката започнува со оформување на предмет и започнување на претходна постапка, се ризикува да бидат пропуштени многу важни можности за навремена и темелна оценка на различни правни прописи. Таквиот формален пристап е неопходен за да се обезбеди широка и ефективна надлежност на Уставниот суд и со тоа заштита на уставноста во сите релевантни случаи.

Дополнително, во оваа прилика и во овој контекст го реафирмирам свој став, кој претходно го искажав во издвоеното мислење по Решението и Одлуката У.бр.251/2024, дека сметам дека треба јасно да се регулира и надлежноста на Уставниот суд да оценува и правни прописи кои се надвор од правниот поредок, но само под прецизно дефинирани услови. Оваа практика, застапена во други земји како Хрватска и Словенија, претставува важен механизам за заштита на уставноста и законитоста во сложени правни ситуации.

– Уставно-правна основа за постапување

Постојат сериозни аргументи за неуставност на оспорената одредба во времето на нејзиното важење. Нејзиното престанување на важење не ја елиминира потребата од уставно-правна анализа и оцена, особено кога таа одредба предизвикала последици по правата и правните интереси на граѓаните и правните лица.

Противречност и правна несигурност:

Оспорената одредба – член 93 став 1 – претставува пример за законодавна неконзистентност и правна несигурност.

Во ист момент, во правниот поредок постоеле две важечки одредби кои уредуваат исто прашање – траењето на мандатот на членовите на Комисијата за жалби и нивните заменици – но со спротивни решенија:

• Член 234 став 8 од основниот Закон за енергетика предвидувал продолжување на функцијата до завршување на започнатите постапки;

• Член 93 став 1 од измените наложувал престанок на функцијата во рок од 30 дена од влегувањето во сила на измените.

Таквата „двојност“ создава правен хаос, отвора простор за арбитрарна примена и нееднакво постапување, што е спротивно на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот (начело на правна сигурност) и член 51 став 1 од Уставот (обврска за почитување на Уставот и законите).

Нарушување на правото на ефективна постапка

Став 2 од член 93 дополнително го продлабочува проблемот, бидејќи со него се укинува второстепениот орган (Комисијата за жалби) и надлежноста се префрла на Регулаторната комисија за енергетика, која станува и првостепен и второстепен орган.

На овој начин се укинува непристрасноста и се нарушува правото на ефективна правна заштита, гарантирано со Амандман XXI од Уставот.

Значење на принципот на двостепеност

Принципот на двостепеност, односно правото на жалба, не е само основно начело на нашиот Устав, туку и на националните правни системи во светот.

Иако во однос на поединечните правни акти донесени во прв степен во управна постапка, ова начело е релативизирано со Уставот кој дозволува покрај жалбата и друг вид заштита, сепак со претходниот Закон за енергетика од 2011 година, правото на жалба било предвидено како законски механизам против одлуките на Регулаторната комисија за енергетика.

Правото на жалба со новиот Закон за енергетика од 2018 година е заменето со право да се поднесе тужба пред надлежен суд. Меѓутоа, постапките по жалба кои започнале по стариот закон и продолжуваат да се водат по истиот од страна на орган кој претходно одлучувал во прв степен, а сега како второстепен орган, претставуваат повреда на Амандманот XXI на Уставот.

Порака до законодавецот

Од уставно-правен аспект, потребно е да се истакне дека:
• Законите мора да бидат кохерентни, јасни и предвидливи;
• Не смее да се оставаат паралелни, противречни норми кои уредуваат исто прашање;
• Уставниот суд има должност да ги оценува и одредбите што престанале да важат, ако постојат аргументи за нивна неуставност.

Законот мора да ја штити правната сигурност – не да ја поткопува. Со овие измени, законодавецот постапил спротивно на темелните вредности на уставниот поредок. Примената на член 72 алинеја 6 од Актот во овој случај беше не само оправдана, туку и неопходна за заштита на владеењето на правото.

Судија на Уставниот суд
на Република Северна Македонија
м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева

Конечно решение У.бр.231/2024