Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.231/2024
Скопје, 25.06.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 25 јуни 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 93 од Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика (*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.236/2022).
2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
О б р а з л о ж е н и е
I
Миа Георгиевска, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точка 1 на ова решение.
Според наводите во иницијативата, со оспорениот член се повредуваат член 8 став 1 алинеи 3 и 7 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија и Амандманот XXI на Уставот на Република Северна Македонија.
Се наведува дека во членот 31 од Законот за енергетика, донесен во 2011 година којшто важеше до донесувањето на постојниот Закон за енергетика, е предвидено дека против поединечните акти на Регулаторната комисија за енергетика, може да се поднесе жалба до Комисијата за решавање на жалби во областа на енергетиката, во рок од 15 дена по објавувањето на актот на Регулаторната комисија.
Истиот член, во целост ги дефинира составот, мандатот, престанокот на функцијата, начинот на донесување одлуки и надоместокот за работа на членовите на Комисијата
Меѓутоа, со донесувањето на новиот Закон за енергетика во 2018 година, ова решение е изменето, така што против одлуките на Регулаторната комисија, сега може да се поднесе тужба до надлежниот суд.
Во однос на одлучувањето во започнатите постапки согласно претходниот закон, во член 234 став 8 од новиот закон е предвидено дека членовите на Комисијата за жалби и нивните заменици именувани пред влегувањето во сила на овој закон, продолжуваат да ја вршат својата функција до завршувањето на постапките започнати согласно Законот за енергетика од 2011 година.
Врз основа на цитираната одредба, Министерството за економија има доставено допис до Комисијата за жалби во областа на енергетиката, со кој нејзините членови се известуваат дека продолжуваат да ја вршат својата функција до завршување на постапките започнати согласно претходниот закон, како и дека ова министерство продолжува да ги врши административните работи на Комисијата, а неговата архива ќе биде во функција на постапувањето по предметите од страна на ова тело.
Како што се наведува, Комисијата има законска должност да продолжи да ја врши својата функција до завршувањето на постапките што се започнати согласно претходниот Закон за енергетика.
Само оваа комисија е надлежна да одлучува по жалби на одлуки на Регулаторната комисија и да ги води предметите пред Управниот и Вишиот управен суд како активен учесник во управните спорови со статус на тужен орган.
Никој друг, нема законска можност да одлучува во нејзино име, постапува, работи и презема дејствија пред управните судови и органите и ваквата законска должност треба да се извршува до окончување на постапките започнати согласно претходниот Закон за енергетика.
И покрај тоа, спротивно на Уставот, во 2022 година е донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика, каде во член 93 од истиот е предвидено дека членовите на Комисијата за жалби и нивните заменици именувани пред влегувањето во сила на Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ број 96/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 96/19), престануваат да ја вршат функцијата 30 дена од денот на влегување во сила на овој закон.
Истото законско решение предвидува дека постапките започнати пред Комисијата за жалби од ставот 1 на овој член, продолжува да ги води Регулаторната комисија за енергетика според Законот кој бил во сила на денот на поведување на постапката.
На ваков начин, со оспорената одредба се повредуваат уставните одредби, бидејќи со закон престанува вршењето на функцијата на второстепената комисија и нејзината надлежност за водење на започнатите постапки кои не се завршени и се дава законски основ за постапување на Регулаторната комисија за енергетика да одлучува по жалби на сопствени одлуки, а по кои дотогаш одлучувала Комисијата.
Ваквата одредба создава апсурдна ситуација – постапките во кои одлучувала Комисијата за жалби, продолжува да ги води Регулаторната комисија како орган кој ги донел актите коишто биле обжалени пред Комисијата, односно првостепен и второстепен орган е еден ист орган – Регулаторната комисија.
Истото важи и за ситуацијата кога Управниот суд ќе го врати предметот на повторно одлучување и тоа не пред Комисијата која сега престанува да постои, туку на органот кој ја донел првостепената одлука, а сега треба да одлучува како второстепен орган.
Со оспорената одредба, се повредува темелната вредност – владеење на правото кое подразбира систем на функционирање на државните и општествените институции во согласност со законските одредби, поделба на власта и постоење правни механизми за контрола на власта, со цел демократските вредности да бидат заштитени од арбитрарно и недемократско владеење.
Посебно треба да се има предвид дека член 234 став 8 од новиот Закон за енергетика кој предвидува продолжување на работата на членовите на Комисијата за жалби. Овој став не е избришан, ниту изменет подоцна, па во моментот постојат две важечки одредби, но во меѓусебна колизија (член 234 став 8 од Законот за енергетика и оспорениот член 93 од подоцнежни измени и дополнувања на истиот закон).
Ова е отстапување од основните процедури и правни правила на уставниот систем на државата и оневозможува воспоставување правна сигурност и системска поврзаност на целокупниот правен поредок, а со тоа се нарушува и довербата во правната држава, јасноста на правото, правната сигурност и владеењето на правото.
Дополнително, се нарушува уставното начело на слобода на пазарот и претприемништвото, бидејќи со ваквото законско уредување се поткопува развојот на јавните пазари во пазарната економија и придонесува до намалување на сферата на трудот, личната иницијатива и творештвото, како и на општествената политика во целина и директно влијае на довербата на правните лица кои дејствуваат во областа на енергетиката, но и на општеството во целина.
Принципот на двостепеност, односно правото на жалба е не е само основно начело на нашиот Устав, туку и на националните правни системи во светот.
Иако во однос на поединечните правни акти донесени во прв степен во управна постапка, ова начело e релативизирано со Уставот кој дозволува покрај жалбата и друг вид заштита, сепак со претходниот Закон за енергетика од 2011 година, правото на жалба било предвидено како законит механизам против одлуките на Регулаторната комисија за енергетика.
Правото на жалба со новиот Закон за енергетика од 2018 година е заменето со право да се поднесе тужба пред надлежен суд. Меѓутоа постапките по жалба кои започнале по стариот закон и продолжуваат да се водат по истиот од страна на орган кој претходно одлучувал во прв степен, а сега како второстепен орган е повреда на Амандманот XXI на Уставот.
II
На седницата Судот утврди дека според член 93 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика (*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.236/2022), членовите на Комисијата за жалби и нивните заменици именувани пред влегувањето во сила на Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ број 96/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 96/19), престануваат да ја вршат функцијата 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Согласно со ставот 2 на овој член, постапките започнати пред Комисијата за жалби од ставот 1 на овој член согласно со Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ број 16/11, 136/11, 79/13, 164/13, 41/14, 151/14, 33/15, 192/15, 215/15, 6/16, 53/16 и 189/16), продолжува да ги води Регулаторната комисија за енергетика според Законот кој бил во сила на денот на поведување на постапката.
Судот, исто така, утврди дека Собранието на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 14 мај донесе нов Закон за енергетика (*), којшто е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2025 од 21.05.2025 година.
Согласно со член 317 од овој закон, истиот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Според член 316 од истиот, со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за енергетика (*) („Службен весник на Република Македонија“ број 96/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 96/19, 236/22, 134/24 и 147/24), освен одредбите кои се однесуваат за Правилникот за обновливи извори на енергија, уписот во регистарот на електроцентрали, мерките за поддршка на обновливите извори на енергија и издавањето на гаранциите за потекло и одредбите од членовите 297 ставови (1) и (7), 299 став (16), 311 став (3), 312 став (3), 313, 314 и 315 став (2) од овој закон.
III
Согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата, ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Имајќи ги предвид двете погоре цитирани одредби од новиот закон, произлегува дека Законот во кој е содржана оспорената одредба е вон правниот поредок што е процесна пречка за одлучување по иницијативата и исполнети се условите за нејзино отфрлање.
IV
Врз основа на претходно наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски