У.бр.2/2025


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.2/2025
Скопје, 02.07.2025 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска,   д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 2 јули 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на:

– автентичното толкување на член 39 став 3 од Законот за надворешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 46/2006, 140/2007, 107/2008, 131/2008, 26/2013, 39/2014, 61/2015 и 226/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.267/2024) и

– автентичното  толкување на член 45 став 4 од Законот за надворешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 46/2006, 140/2007, 107/2008, 131/2008, 26/2013, 39/2014, 61/2015 и 226/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 267/2024).

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

Сали Мурати, пратеник од коалицијата „Европскиот фронт” во Собранието на Република Северна Македонија, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на автентичното толкување на член 39 став 3 од Законот за надворешни работи и автентично толкување на член 45 став 4 од Законот за надворешни работи („Службен весник на Република Македонија” бр. 46/2006, 140/2007, 107/2008, 131/2008, 26/13, 39/14, 61/15 и 226/15 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 267/24).

Според наводите на подносителот, оспорените автентични толкувања се во спротивност со темелните вредности на уставниот поредок односно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 (владеење на правото и поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска) и во спротивност со член 68 став 1 алинеја 2 ( Собранието на Републиката донесува закони и дава автентично толкување на законите) од Уставот на Република Северна Македонија. Оспорените автентични толкувања создаваат нови правни норми наместо да ја појаснат постоечката законска одредба, ретроактивно менуваат значење на законските одредби и навлегуваат во надлежностите на извршната власт во делот на именување и отповикување амбасадори, а со тоа се нарушува и балансот помеѓу законодавната и извршната власт.

Во продолжението на иницијативата, подносителот потенцира дека Венецијанската комисија во своите мислења постојано нагласува дека автентичното толкување не смее да се користи како замена за законодавниот процес и измените во суштината на законите мора да се вршат по редовна законодавна постапка.

Понатаму, подносителот на иницијативата наведува дека суштината на  автентичното толкување како правен институт е да обезбеди појаснување на нејасни или повеќезначни законски одредби, при што мора да остане во рамки на изворната намера на законодавецот при донесување на законот. Тој не смее да создава нови правни последици кои произлегуваат од самиот текст на законот.

Меѓутоа, во конкретниот случај, автентичното толкување на член 39 став 3 од Законот за надворешни работи, воведува нов услов за именување амбасадори, го менува факултативниот карактер на презентација пред собраниската комисија во императивен и создава нова правна последица која не произлегува од текстот на Законот.

Автентичното толкување на член 45 став 4 од Законот за надворешни работи, создава паралелен механизам за отповикување амбасадори, воведува нови основи за отповикување надвор од таксативно наведените во став 1 од истиот член и ја менува суштината на одредбата без измена на Законот.

Во прилог на наводите во иницијативата, подносителот наведува дека Европскиот суд за човекови права во својата јуриспруденција, особено во случајот „Sunday Times v. United Kingdom” нагласува дека законите мора да бидат достапни и предвидливи. Менувањето на нивната суштина преку автентични толкувања создава правна несигурност и го нарушува принципот на владеење на правото.

Ако законодавецот сака да воведе дополнителни услови за именување амбасадори или нови основи за нивно отповикување, тоа треба да го направи преку соодветна законска процедура – со измени и дополнувања на Законот. Тоа е единствениот правилен пат во една правна држава. Користењето на автентичното толкување за таква цел е опасен преседан кој може да ја загрози правната сигурност во Републиката.

Врз основа на изнесеното, подносителот предлага Судот да донесе решение за времена мерка со која ќе го запре извршувањето на оспорените автентични толкувања до донесување конечна одлука, да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените автентични толкувања и по спроведената постапка да донесе одлука со која ќе ги поништи оспорените автентични толкувања како неуставни.

II

На седницата Судот утврди дека врз основа на член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Собранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 24 декември 2024 година даде автентично толкување на член 39 став 3 од Законот за надворешни работи („Службен весник на Република Македонија” бр. 46/2006, 140/2007, 107/2008, 131/2008, 26/13, 39/14, 61/15 и 226/15).

Според ова автентично толкување, член 39 од Законот за надворешни работи („Службен весник на Република Македонија“ број 46/2006, 140/2007, 107/2008, 131/2008, 26/13, 39/14, 61/15 и 226/15), гласи:

„По добивањето на агреманот, кандидатот за амбасадор започнува со подготовки за преземање на должноста, кои траат најмногу 60 дена и се сметаат за завршени по завршниот разговор на кандидатот за амбасадор со министерот и директорите во Министерството.

Начинот на вршењето на подготовките за преземање на должноста на кандидатот за амбасадор, обуката и начинот за организација на завршниот разговор, го пропишува министерот.

По завршниот разговор кандидатот за амбасадор ги презентира своите согледувања за односите со државата на приемот или меѓународната организација пред работното тело на Собранието, надлежно за надворешна политика.“

Одредбата од ставот 3 на членот 39 според автентичното толкување треба да се толкува така што презентирањето на своите согледувања на кандидатот за амбасадор, за односите со државата на приемот или меѓународната организација, пред надлежното работно тело на Собранието, за надворешна политика е законска обврска, без којашто не може да биде потпишан указ за поставување амбасадор од страна на претседателот.

Автентичното толкување е заведено под бр. 08-6342/1 од 24 декември 2024 година и потпишано од претседателот на Собранието  на Република Северна Македонија, Африм Гаши.

Понатаму, на седницата Судот утврди дека врз основа на член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Собранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 24 декември 2024 година даде автентично толкување на член 45 став 4 од Законот за надворешни работи („Службен весник на Република Македонија” бр. 46/2006, 140/2007, 107/2008, 131/2008, 26/13, 39/14, 61/15 и 226/15)

Според ова автентично толкување, член 45 од Законот за надворешни работи („Службен весник на Република Македонија“ број 46/2006, 140/2007, 107/2008, 131/2008, 26/13, 39/14, 61/15 и 226/15), гласи:

„Мандатот на амбасадорот може да трае и пократко од четири години доколку:
– самиот тоа го побара,
– e прогласен за persona non grata од страна на државата на приемот,
– има незадоволителни резултати во работата или со своето работење им причинува штета на интересите на државата или
– поради заминување на друга должност.

Владата со Уредба подетално утврдува кои работи се сметаат како незадоволителни резултати и работи со кои им се причинува штета на интересите на државата во работата на амбасадорот.

Во случаите од ставот 1 на овој член, претседателот го отповикува амбасадорот најдоцна за 30 дена.

Иницијатива за отповикување на амбасадорот може да покренe и Владата по барање на министерот.“

Одредбата на ставот 4 на член 45 од Законот, според автентичното толкување, треба да се толкува така што можноста за покренување  иницијатива за отповикување на амбасадорот и од страна на Владата, по барање на министерот, претставува одвоена постапка, односно е посебен, дополнителен услов, којшто е издвоен од условите наведени во ставот 1 на овој член.

Автентичното толкување е заведено под бр. 08-6344/1 од 24 декември 2024 година и потпишано од претседателот на Собранието  на Република Северна Македонија, Африм Гаши.

III

Владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија и дека таа вредност се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите, при што секој субјект е должен да ги почитува Уставот и законите.

Собранието на Република Северна Македонија според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот има овластување да донесува закони и да дава автентично толкување на законските одредби, при што Уставот остава законодавецот да го определи обемот и постапката на давањето автентично толкување, со оглед на тоа што тој ја донесува законската одредба. Граѓаните се еднакви пред Уставот и законите, а како една од гаранциите на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, Уставот утврдува забрана на повратното дејство на законите и другите прописи, освен во случај кога тоа е поповолно за граѓаните. Автентичното толкување што го дава Собранието на Република Северна Македонија претставува интегрален дел од објавениот Закон и според неговото правно дејство автентичното толкување треба да се применува од моментот на влегување во сила на објавениот закон.

Според правната теорија, автентичното толкување на законите значи утврдување на содржината на вистинската смисла на веќе донесен закон, кој во примена покажува нејасност, двосмисленост или содржи празнини. Автентичното толкување е составен дел на објавениот закон, а не негово дополнување или нов закон. Тоа се применува од моментот на влегување во сила на законот што се толкува, на случаи кои не се решени. Ова толкување стапува на местото на одредбата на која се однесува и на тој начин станува дел од законот од самиот почеток од неговото влегување во сила.

Оттука цениме дека оспореното автентичното толкување на член 39 став 3 и на член 45 став 4 од Законот за надворешни работи („Службен весник на Република Македонија” бр. 46/2006, 140/2007, 107/2008, 131/2008, 26/13, 39/14, 61/15 и 226/15 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 267/24) може да биде предмет на уставно-судска анализа.

Со Законот за надворешни работи („Службен весник на Република Македонија” бр. 46/2006, 140/2007, 107/2008, 131/2008, 26/13, 39/14, 61/15 и 226/15 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 267/24 и 104/25) во член 4 е определено дека органите надлежни за вршење на надворешните работи ги вршат надворешните работи во рамки на утврдената надлежност со Уставот и закон. Органите за вршење на надворешните работи ја креираат, утврдуваат и спроведуваат надворешната политика на Република Северна Македонија, согласно со Уставот и закон. Претседателот на Републиката, претседателот на Владата и министерот за надворешни работи ја претставуваат државата во меѓународните односи согласно со меѓународното право и обичаи.

Една од основните уставни надлежности на претседателот на Републиката определени во член 84 алинеи 2 и 3 од Уставот се да ги поставува и да ги отповикува амбасадорите и пратениците на Република Северна Македонија во странство како и да ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници. Согласно член 79 став 3 од Уставот, претседателот на Републиката своите права и должности ги врши врз основа и во рамки на Уставот и законите.

Оттука во член 5 од Законот за надворешни работи е операционализирано дека во вршењето на надворешните работи претседателот на Републиката:
– ја претставува државата во меѓународните односи, согласно со меѓународното право и неговите надлежности;
– учествува во креирањето на надворешната политика во соработка со Владата, преку утврдување на општите насоки на надворешната политика, вклучувајќи ги и прашањата од меѓународните односи со импликации врз безбедноста и одбраната на земјата;
– го следи спроведувањето на надворешната политика и за резултатите и евентуалните несогласувања со другите органи за вршење на надворешните работи, може да го извести Собранието;
– дава предлози и учествува во заземањето на ставови за одредени надворешно-политички прашања од неговата надлежност, вклучувајќи ги и безбедносните и одбранбените аспекти кои произлегуваат од меѓународните односи;
– поставува и отповикува со указ амбасадори и пратеници на Република Македонија во странство, во постапка утврдена со овој закон;
– дава согласност за издавање на агреман на шеф на странско дипломатско претставништво и
– ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници, во постапка утврдена со овој закон.

Понатаму, постапката за поставување  амбасадори е регулирана од член 37 до член 40 од Законот за надворешни работи. Според член 37  врз основа на претходна усогласеност меѓу претседателот и министерот за кандидатот за амбасадор, постапката за именување на амбасадор на Републиката ја поведува министерот, кој до Владата доставува предлог за именување амбасадор.

Според став 2, по прифаќање на предлогот од страна на Владата, претседателот на Владата писмено го информира претседателот на Републиката за предлогот за именување амбасадор. Претседателот на Републиката писмено се изјаснува по однос на предлогот до претседателот на Владата, најдоцна во рок од 30 дена од приемот на предлогот.

По добивањето на позитивниот став од претседателот на Републиката во однос на предлогот за кандидат за амбасадор, според член 38, Министерството, од државата на приемот, бара агреман за кандидатот за амбасадор.

Во член 39 став 1 е регулирано дека по добивањето на агреманот, кандидатот за амбасадор започнува со подготовки за преземање на должноста, кои траат најмногу 60 дена и се сметаат за завршени по завршниот разговор на кандидатот за амбасадор со министерот и директорите во Министерството.

Според став 2 од истиот член, начинот на вршењето на подготовките за преземање на должноста на кандидатот за амбасадор, обуката и начинот за организација на завршниот разговор, го пропишува министерот.

Во став 3 е определено дека по завршниот разговор кандидатот за амбасадор ги презентира своите согледувања за односите со државата на приемот или меѓународната организација пред работното тело на Собранието, надлежно за надворешна политика.

Оспореното автентично толкување е во насока дека одредбата од ставот 3 на член 39 треба да се толкува така што презентирањето на своите согледувања на кандидатот за амбасадор, за односите со државата на приемот или меѓународната организација, пред надлежното работно тело на Собранието, за надворешна политика е законска обврска, без којашто не може да биде потпишан указ за поставување на амбасадор од страна на претседателот.

Член 40 пропишува дека по добиениот агреман и завршените подготовки претседателот потпишува указ за поставување на амбасадорот. Со објавување на указот во „Службен весник на Република Македонија”, министерот го парафира, а претседателот го потпишува акредитивното писмо, по што амбасадорот ја презема должноста во државата на приемот или меѓународната организација во најкус можен рок.

Од вака поставените уставни и законски норми произлегува дека претставувањето на Републиката во земјата и во странство и водењето на надворешната политика е една од основните надлежности на претседателот на Република Северна Македонија. Во таа област, меѓу другото, тој има значајни овластувања да ги поставува и отповикува со указ амбасадорите и претставниците на Република Северна Македонија во странство и да ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници. Претседателот на Републиката и Владата на Република Северна Македонија се органи на извршната власт и како такви неминовно се наметнува обврската за меѓусебна соработка меѓу другото, во областа на надворешната политика.

Така, по претходна усогласеност помеѓу претседателот на Републиката и министерот за надворешни работи за кандидат за амбасадор, Министерството за надворешни работи поведува постапка со доставување  предлог за именување на кандидат за амбасадор до Владата на Република Северна Македонија. По прифаќање на предлогот од страна на Владата, Владата писмено го информира претседателот на Републиката за предлогот за именување амбасадор. Доколку претседателот на Републиката писмено се произнесе со позитивен став за предлогот на Владата, Министерството за надворешни работи ги започнува протоколарните активности со барање агреман за кандидатот за амбасадор од државата на приемот. По добивањето на агреманот кандидатот за амбасадор ги започнува подготовките за преземање на должноста кои се сметаат за завршени по завршниот разговор на кандидатот за амбасадор со министерот и директорите на директоратите во рамки на Министерството за надворешни работи.

Толкувањето на став 3 од член 39 во насока дека презентацијата пред собраниската комисија за надворешна политика е од императивен карактер и услов кој претходи на потпишувањето на указот, според Судот е во согласност со темелните вредности на уставниот поредок како владеење на правото, поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, правната сигурност и придонес кон поголема транспарентност и отчетност пред јавноста, а во интерес на овие темелни вредности.

Со автентичното толкување цениме дека не се воспоставува нова норма како што подносителот наведува во своите аргументи во иницијативата, туку се појаснува и прецизира постоечкиот член од Законот во насока на соодветно водење на постапката за именување на амбасадори.

Според Судот, презентирањето на кандидатот за амбасадор на своите согледувања за односите со државата на приемот или меѓународните организации пред работното тело на Собранието на Република Северна Македонија надлежно за надворешна политика претставува еден од конститутивните елементи од постапката за именување амбасадори која треба да се исполни пред потпишување и објавување на указот од страна на претседателот на Републиката од причина што на тој начин се утврдува постапувањето на Собранието како претставнички орган на граѓаните и неговите надлежности определени во член 6 од Законот за надворешни работи и воспоставување на контролните механизми кои се однесуваат на проверка и следење на работата на извршната власт како и штитење на интересите на граѓаните.

Понатаму, со вака формулираното автентично толкување кое има важност од моментот на донесување на самиот закон, истото не може да се доведе под сомнение дека не е во согласност со член 52 став 4 од Уставот, според кој законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните (ретроактивно дејство) од причини што автентичното толкување ја утврдува содржината и вистинската смисла на веќе донесена законска норма, која норма во примената покажала нејасност или двосмисленост, а сè со цел да се воспостави единствен правен режим кој ќе важи подеднакво за сите или во конкретната ситуација постапката за именување амбасадори да биде применета за сите кандидати за амбасадори.

Од анализата на член 38 и член 39 од Законот за надворешни работи јасно произлегува дека кандидатот за амбасадор, статусот на кандидат го има од моментот кога претседателот на Републиката ќе даде позитивен став во однос на предлогот за кандидатот за амбасадор и истиот статус на кандидат за амбасадор го има заклучно со презентацијата на своите согледувања за односите со државата на приемот или меѓународната организација пред работното тело на Собранието, надлежно за надворешна политика. Ваквата законска формулација јасно определува дека кандидатот за амбасадор само со исполнување на сите услови од постапката за именување, вклучувајќи ја и неговата презентација пред собраниското тело може со указ да биде поставен за амбасадор на Република Северна Македонија во земјата на прием.

Според направената уставно-судска анализа на уставните норми кои ја регулираат оваа материја и одредбите од Законот за надворешни работи, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на автентичното толкување на член 39 став 3 од Законот со владеењето на правото, правната сигурност и поделба на државната власт на законодавна и извршна како темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во однос на второто автентично толкување, подносителот на иницијативата според наведените причини за оспорување, смета дека со автентичното толкување се воведува паралелен механизам за отповикување на амбасадори, ја менува суштината на одредбата без измена на Законот и воведува нови основи за отповикување надвор од таксативно наведените во став 1.

Ваквите наводи Судот оцени дека се неосновани имајќи ги  предвид  следните аргументи:

Постапката за отповикување амбасадори е регулирана во членовите 44 и 45 од Законот. Така, во член 44 став 1 е определено дека најдоцна шест месеци пред истекот на четири години од денот на преземањето на должноста на амбасадорот (истек на мандат), претседателот на Владата на предлог на министерот, го информира претседателот на Републиката за истекот на мандатот на амбасадорот, а според ставови 2 и 3, врз основа на претходна усогласеност со претседателот на Републиката, министерот го известува амбасадорот за истекот на мандатот и донесува решение за негово враќање во земјата, кое се доставува до претседателот на Републиката и амбасадорот. Указот на претседателот за отповикување на амбасадорот се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Во член 45 став 1 од Законот е пропишано дека мандатот на амбасадорот може да трае и пократко од четири години, доколку:
– самиот тоа го побара;
– е прогласен за persona non grata од страна на државата на приемот;
– има незадоволителни резултати во работата или со своето работење им причинува штета на интересите на државата или
– поради заминување на друга должност.

Според став 2 и став 3,  Владата со Уредба подетално утврдува кои работи се сметаат како незадоволителни резултати и работи со кои им се причинува штета на интересите на државата во работата на амбасадорот. Во случаите од ставот 1 на овој член, претседателот го отповикува амбасадорот најдоцна за 30 дена.

Според став 4, иницијатива за отповикување на амбасадорот може да покрене и Владата, по барање на министерот.

Автентично толкување на ставот 4 од член 45 од Законот, е во насока дека можноста за покренување иницијатива за отповикување на амбасадорот и од страна на Владата, по барање на министерот, претставува одвоена постапка, односно е посебен, дополнителен услов, којшто е издвоен од условите наведени во ставот 1 на овој член.

Владата со Уредба за утврдување на работи кои се сметаат како незадоволителни резултати и работи со кои им се причинува штета на интересите на државата во работата на амбасадорот („Службен весник на Република Македонија” бр. 90/09), утврдила кои се незадоволителните резултати и работи со кои се причинува штета на интересите на Републиката произлезени од работата на амбасадорот. Тие се таксативно набројани во член 2 од оваа уредба, меѓу кои се: повреда на уставно-правниот поредок и повреда на угледот и интересите на Републиката; непридржување кон или повреда на утврдената надворешна политика на државата, неспроведување на усогласени насоки и инструкции од Претседателот на Републиката, Владата и министерот; непостапување согласно ратификуваните меѓународни договори и непостапување во согласност со правилата на меѓународното право и пракса; ненавремено и несоодветно информирање за значајни внатрешни состојби и настани во земјата на прием а кои се значајни за интересите на нашата држава; предизвикување на позначителна материјална штета, незаконско располагање со материјалните средства согласно законските прописи и подзаконските акти на МНР кои се однесуваат на материјално-финансиско работење на ДКП-ата и други работи.

Според оваа владина уредба, постапката за утврдување на незадоволителни резултати и работа на амбасадорот започнува со иницијатива за формирање  комисија од страна на државниот секретар во Министерството за надворешни работи до министерот. Министерот  е должен да ја состави Комисијата во мешовит состав од редот на вработени лица во МНР и Канцеларијата на претседателот на Владата на Републиката.

Врз основа на утврдената фактичка состојба оваа комисија е должна да достави предлог до министерот за надворешни работи за понатамошно постапување согласно со Законот за надворешни работи.

Понатаму, во членовите 48-а и 48-б од Законот за надворешни работи, со наслов „Оценување на амбасадорот” е регулирана постапката за годишното оценување на амбасадорот. Оваа постапка ја води петчлена комисија формирана од министерот во која учествуваат претставници од Министерството за надворешни работи, Кабинетот на претседателот на Републиката и Канцеларијата на премиерот на Владата на Републиката. Оценувањето го вршат врз основа на покажаните резултати од економската и политичката активност, како и за раководењето со претставништвото и можат да бидат оценети со оценките „се истакнува, „задоволува”, „делумно задоволува” и „не задоволува”.

Притоа, во член 48-б став 3 во делот на оценување на амбасадорот, каде  е определено дека за амбасадорот  врз основа на добиената оценка „не задоволува” министерот покренува постапка за отповикување, согласно член 45 став 4 од овој закон.

Според ова, Судот оцени дека став 4 од член 45 со кој е утврдено дека иницијатива за отповикување на амбасадорот може да покрене и Владата, по барање на министерот и е во корелација со упатувачката норма од член 48-б став 3, а автентичното толкување на овој став, појаснува дека можноста за покренување  иницијатива за отповикување на амбасадорот и од страна на Владата, по барање на министерот, претставува одвоена постапка, односно е посебен, дополнителен услов имајќи  предвид  дека Уредбата не го опфаќа оценувањето на амбасадорите и правните последици од оценките на амбасадорите кои ги пропишува Законот, односно нивното отповикување по основ на оценка „не задоволува”.

Имајќи предвид дека став 4 од член 45 се однесува на покренување  иницијатива за отповикување на амбасадорот од страна на  Владата по барање на министерот по основ на добиена оценка „не задоволува” Судот оцени дека наводите во иницијативата се неиздржани и не може да се доведе во прашање согласноста на оспореното автентично толкување со уставните одредби наведени во иницијативата на подносителот.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во алинеја 1, и едногласно како во алинеја 2 од диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски

Издвоено мислење по предметот У.бр.2/2025