Врз основа на член 34 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024) по гласањето против Решението БЗСП.бр. 7/2025 од 9 јули 2025 година со кое Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучи да го отфрли барањето за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, кои се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на национална припадност, поднесено од Народниот правобранител на Република Северна Македонија, го изразувам моето несогласување и го образложувам со следното
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
Во наведеното барање во целост се изнесени наводите кои укажуваат на системска дискриминација сторена спрема турската етничка заедница, која воопшто не е вклучена во извршната власт на Република Северна Македонија. Турската етничка заедница е трета етничка заедница по ред, која според последниот попис на населението изнесува 3,86% од вкупното население во Република Северна Македонија.
Во предметното барање за заштита на слободи и права како компаратор кој укажува на системска дискриминација на турската етничка заедница е наведено дека сите останати помали етнички заедници се застапени преку свои претставници во највисоките тела на извршната власт во Република Северна Македонија, иако истите заедно сочинуваат 3,83% од вкупното население на земјата. Притоа, детално се наведени и функциите во извршната власт на кои се поставени претставниците на помалите етнички заедници. Во барањето се наведува дека повредата е направена со несторување, односно со непреземање дејствија од страна на извршната власт, иако била должна истото да го стори. Притоа, повредено е начелото на соодветна и правична застапеност и еднаквоста на слободите и правата, утврдени со член 8 став 1 алинеја 2 и член 9 став 1 од Уставот и Амандман VI од Уставот на Република Северна Македонија. Со сета почит кон рефератот и наведените ставови во него, изготвен од судијата-известител, како и со ставовите на мнозинството судии на овој суд, изнесени во Решението за отфрлање на барањето на подносителот, јас како судија не се согласувам со ставовите изнесени во наведеното Решение БЗСП.бр. 7/2025 од 9 јули 2025 година.
Прво, не се согласувам со наведената уставно-судска пракса, од причини што истата не соодветствува со конкретниот предмет. Ова од причина што во наведената пракса станува збор за повреда на верско право, што е различно од сторената повреда наведена во предметното барање за заштита на слободите и права.
Во Решението за отфрлање, овој суд, избегнал да ја има во вид богатата пракса на Европскиот суд за човекови права, како што е наведениот предмет во барањето „Сејдиќ и Финци против Босна и Херцеговина“ (Sejdić and Finci v. Bosnia and Herzegovina-27996/06), каде Судот недвосмислено утврдил дека ваквите практики се неспојливи со принципите на модерната европска демократија. Воедно и во предметот „D.H. и други против Чешка“ (D.H. and Others v. Czech Republic-57325/00), Судот потврдил дека кај системската дискриминација, статистичките податоци сами по себе можат да претставуваат доволен доказ за постоење дискриминација.
Напоменувам дека Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, која е дел од нашиот правен поредок, во член 15 експлицитно бара од државите да создадат услови за ефектвино учество на малцинствата во јавниот живот. Меѓутоа, сегашната состојба претставува очигледно кршење на оваа обврска и наместо создавање услови за учество, сведочиме за создавање систем којшто ефективно ја исклучува третата по големина етничка заедница од процесите на одлучување.
Второ, ставот на судијата-известител изнесен во рефератот, а прифатен од Судот и изнесен во Решението со кое се отфла барањето за заштита на слободи и права, е дека член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, се однесува на заштита на слободи и права од индивидуален карактер, а не на колективна (групна) заштита на слободи и права, односно дека Уставниот суд нема уставен механизам (надлежност) за заштита на слободите и правата на колективитети. Последователно на оваа уставна одредба, истиот концепт е содржан во член 53 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
Понатаму, во фуснотата на страна 5 од рефератот се укажува дека согласно со став 2 од Амандманот XI на Уставот и член 2 од Законот за народниот правобранител, како надлежен орган за заштита од дискриминација и за спроведување на начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на етничките заедници, бил токму Народниот правобранител, притоа наведено е и дека за да може овој суд да одлучува, основен предуслов е барањето да е поднесено од страна на физичко или правно лице за индивидуална уставно-судска заштита на слободите и правата.
По мое мислење, неосновани се ваквите ставови изнесени во рефератот и Решението. Имено, треба внимателно да се чита член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Според првиот дел од наведената уставна одредба, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување.
Истиот суд, повторно нагласувам, ако внимателно се чита вториот дел од истата одредба, ги штити граѓаните од дискриминација, односно забранува дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Ако се има во вид изнесената уставна одредба, Уставниот суд ги штити граѓаните и од дискриминација. Појаснувам дека ако се има во вид кумулативно целиот контекст на наведената уставна одредба, Уставот зборува дека Уставниот суд ги заштитува слободите и правата на човекот и граѓанинот како индивидуи, на начин што ги штити слободите и правата на граѓаните, односно забранува дискриминација по кој било основ. Очигледно е дека во наведената одредба Уставот зборува како за заштита во еднина така и за заштита во множина, односно во вториот дел е употребен зборот ГРАЃАНИТЕ, а турската етничка заедница не е ништо помалку, туку дел од граѓаните на Република Северна Македонија. Размислувам и прашувам што е група, што е колективност? Ништо повеќе и ништо помалку, туку тоа е множество од индивидуи, како што впрочем претставува турската заедница, којашто има свои белези, јазик, култура, традиција и слично. Во ниедна извршна власт во Македонија, како во времето на заедничката сојузна држава Југославија, така и после раздвојувањето од неа, турската заедница не била исклучена од извршната власт. Секогаш имало министри, заменици-министри, како во повисокиот ешалон, така и во пониските ешалони на извршната власт, секогаш била дел од извршната власт.
Често пати, во овој суд се истакнува потребата од екстензивно толкување на Уставот, притоа се укажува на фактот да се има предвид општествената реалност, односно така наречениот жив конституционализам. Ова го кажувам vis a vis ставовите во рефератот дека нашиот Устав не предвидел заштита на правата од одредена група или колективитет. И дури и да е така (а очигледно не е, бидејќи како што претходно нагласив, Уставот зборува во множина, за заштита на дискириминација на граѓаните), сепак укажувам дека повредата на едно право на една индивидуа е еден уставноправен проблем, додека пак повредата на правата на повеќе граѓани е уште поголема уставнa проблематичност.
По мое мислење, Уставниот суд е исклучително надлежен кога станува збор за заштита на човековите права по кој било основ и заштита од дискриминација. Не може да се скрие надлежноста на Уставниот суд, vis a vis надлежноста на Народниот правобранител.
Точно е дека Народниот правобранител има надлежност во заштитата на човековите права и заштитата од дискриминација, како и за заштита на правото на соодветна и правична застапеност на заедниците, но на кој начин?
Ако се има во вид Амандманот XI од Уставот и Законот за Народниот правобранител, ќе се увиди дека се работи за палијативни мерки за заштита, односно надлежноста на Народниот правобранител според Уставот и Законот се сведува на сет мерки кои се однесуваат на изразување сомнеж за загриженост за состојбите со човековите права, од оценка на состојбите, изготвување извештај или информации и поднесување на некои информации.
Пред сè, се работи за мерки кои можат само да ја известат јавноста, односно станува збор само за декларативна заложба. Народниот правобранител не е надлежен да носи кондемнаторни одлуки коишто ќе имаат задолжителни дејствија спрема одредени субјекти кои ќе ги кршат законите. По моја констатација жалосно е тоа што при изготвувањето на рефератот и Решението за отфрлање на барањето на Народниот правобранител, воопшто не е земена судската пракса на Европскиот суд за човекови права, која е детално наведена во Барањето за заштита на слободи и права, поднесено од Народниот правобранител.
Неосновано и жалосно е тоа што во рефератот се игнорира системската дискриминација на турската заедница, неосновано и неоправдано повикувајќи се дека во нашиот Устав немало одредби кои штителе од дискриминација на колективитетот или група, притоа занемарувајќи го фактот дека се работи за повреда на етничка заедница од дискриминација. Притоа, очигледно не правејќи разлика на сторените повреди, така што, разликата на повредите на поединецот од група е во квантитетот, а не во квалитетот.
Имајќи го во вид изнесеното, основани се наводите на Народниот правобранител за системска дискриминација на турската заедница на која не ѝ е даден пристап кон извршната власт барем за декор (нема ниту за „ИЛАЧ“, ниту еден претставник во извршната власт, ниту во пониските ешалони vis a vis другите етнички заедници, кои се застапени во извршната власт).
Притоа, треба да се има во вид, дека се работи за една етничка заедница која отсекогаш била конститутивен елемент на државноста на Република Македонија, што може да се воочи во член 1 од Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1974 година, каде е наведено дека Социјалистичка Република Македонија е национална држава на македонскиот народ и држава на албанската и турската народност во неа, заснована врз сувереноста на народот и врз власта и самоуправувањето на работничката класа, и на сите работни луѓе, и социјалистичка самоуправна демократска заедница на работните луѓе и граѓаните, на македонскиот народ и рамноправните со него албанска и турска народност.
Имајќи го во вид изнесеното, по мое мислење во целост е основано барањето на Народниот правобранител на Република Северна Македонија, за заштита на слободите и правата на граѓаните од турската етничка заедница, поднесено во согласност со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.
Притоа во целост се основани наводите за системска дискриминација на турската етничка заедница, со повреда на правата и дискриминација на таа заедница, како граѓани на Република Северна Македонија. Воедно, повредено е начелото на соодветна и правична застапеност, и еднаквоста на слободите и правата, утврдени со член 8 став 1 алинеја 2 и член 9 став 1 од Уставот и Амандман VI од Уставот на Република Северна Македонија.
Судија на Уставниот суд
на Република Северна Македонија,
м-р Фатмир Скендер
Конечно решение БЗСП.бр.7/2025