БЗСП.бр.7/2025


Уставен суд на
Република Северна Македонија
БЗСП.бр.7/2025
Скопје,09.07.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 9 јули 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Народниот правобранител за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, коишто се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на национална припадност.

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

Народниот правобранител до Уставниот суд поднесе барање за заштита на слободите и правата на граѓаните од турската етничка заедница, насловено како предлог за оценување на уставноста и законитоста, наведувајќи дека на граѓаните од турската етничка заедница им било повредено начелото на соодветна и правична застапеност и еднаквоста во слободите и правата, утврдени со член 8 став 1 алинеја 2 и член 9 став 1 од Уставот и Амандман VI на Уставот.

Во наводите од барањето се наведува дека турската заедница во Република Северна Македонија била соочена со длабока и системска дискриминација во пристапот до највисоките позиции во извршната власт. Ваквата дискриминација претставува континуирана повреда на уставните права и слободи, која создава сериозни последици за демократскиот развој во општеството.

Имено, пратеникот Сали Мурати поднел барање до Народниот правобранител во име на турската заедница со цел заштита на слободите и правата на граѓаните од турската етничка заедница со наводи дека истата брои 3,86% од вкупното население и има статус на трета по големина етничка заедница во државата, но и покрај својата бројност се соочува со целосно исклучување од процесите на одлучување во извршната власт.

Подносителот навел дека особено загрижувачки е фактот дека во актуелниот состав на извршната власт, на 64 високи позиции, турската заедница со вкупна застапеност од 3,83% од населението, нема ниту еден претставник за разлика од помалите заедници кои имале пет високи функции меѓу кои потпретседател на влада, министер, двајца заменици министри и еден државен секретар. Ваквата диспропорција јасно укажува на постоење на системска дискриминација која не може да се оправда со никакви објективни критериуми.

Народниот правобранител наведува дека меѓународното право и судска пракса дополнително ја потврдуваат сериозноста на ваквата повреда со исклучување на третата по големина етничка заедница од процесите на одлучување.

Во барањето се наведува дека отсуството на претставници на туската заедница во извршната власт директно влијае врз можноста на заедницата да учествува во креирањето на политики што ја засегаат за да ги истакне своите потреби и да обезбеди соодветна заштита на своите права и интереси.

Ваквото исклучување на заедницата води кон понатамошно продлабочување на нееднаквоста што е особено загрижувачки и има директни последици врз демократскиот развој во општеството, што претставува сериозна пречка во евроинтегративниот пат на земјата.

Од наведените причини, Народниот правобранител, како подносител на ова барање, на Судот му предлага да утврди постоење на системска дискриминација на турската заедница во пристапот до високите позиции во извршната власт, да ѝ наложи на Владата во определен рок да воспостави систем на квоти што ќе обезбеди пропорционална застапеност, да развие механизам за следење на имплементацијата, да воведе задолжителни консултации со турската заедница при именувањата и да изработи акциски план со конкретни мерки и рокови. Покрај ова се предлага, Судот да определи и механизам за следење на имплементацијата на одлуката, со обврска за редовно известување за преземените мерки и постигнатите резултати.

Според подносителот, фактот дека помалите заедници успеале да обезбедат значителна застапеност во извршната власт, а турската заедница останала целосно исклучена, јасно укажува на селективна примена на принципот на правична застапеност која преминала во практика, а дополнително загрижувачка била тенденцијата на продлабочување на ваквата дискриминација, со оглед дека секое ново именување без учество на претставници на турската заедница ваквата практика ја претвора во системски проблем.

II

Правото на заштита на основните слободи и права и уживањето во овие права без никаква дискриминација е меѓународно признато право и едно од постулатите на Европската конвенција за заштита на човековите права.

Уставот на Република Северна Макеоднија, заштитата на ваквото право го предвидел во членовите 8, 9 и 50 од Уставот, а надлежноста за утврдување и заштитата ја доверил на Уставниот суд на Република Северна Македонија со член 110 алинеја 3 од Уставот, согласно која Судот меѓу другото, ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат и на забрана на дискриминација по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Конкретното барање, се однесува на барање за заштита на слободите и правата на граѓаните од турската етничка заедница што според подносителот, се заснова на дискриминаторска основа, поврзана со дејствие на несторување, односно исклучување од процесите на одлучување на оваа етничка заедница во извршната власт, спротивно на Амандманот VI на Уставот.

Во испитувањето на барањето за заштита на слободите и правата, Судот утврди дека уставно-судската заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот е исклучиво од индивидуален карактер, и не се однесува на групна заштита на слободите и правата.

Неспорно, во Уставот е содржан посебен оддел II. Основни слободи и права на човекот и граѓанинот, во кој се утврдени уставните слободи и права на  кои носител е поединец.

Консеквентно и формулацијата во член 110 алинеја 3 од Уставот гласи „ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот“ што значи дека уставно-судската заштита е исклучиво во однос на поединците.

Соодветно на ова, овој уставен концепт е транспониран и во Актот на Судот.

Согласно со член 53 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, секое физичко или правно лице што смета дека со поединечен акт или дејствие на државен орган, орган на единица на локалната самоуправа или друг субјект што врши јавни овластувања му е повредена слобода или право утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, може да поднесе барање до Уставниот суд за нивна заштита.

Уставниот суд внимава на исполнетоста на процесните претпоставки во спроведувањето на своите надлежности, во делот на заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, за да може мериторно да се впушти во постапување дали ќе ја даде заштитата која се бара или не.

Клучен предуслов за мериторно одлучување на Судот е барањето да биде поднесено од страна на физичко или правно лице за индивидуална уставно-судска заштита на слободите и правата од поединечни акти и дејствија на субјектот на кој му е доверено вршење јавно овластување. Во барањето на човекот и граѓанинот како поединец за заштита на одредено право за кое се смета дека е спречено или ограничено, потребно е тоа ограничување или спречување да произлегува од актот на јавната власт, за што ќе приложи релевантни докази и факти за Судот да пристапи кон мериторно впуштање по прашањето за бараната индивидуална заштита, што во случајот недостасува, со оглед на тоа дека подносител на конкретното барање е Народниот правобранител во име на граѓаните од една цела етничка заедница како колективитет, а не во име на физичко или правно лице како лично право.

Врз основа на констатираните процесни пречки во одлучувањето по бараната заштита на правото, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 3 од Актот на Судот за отфрлање на барањето.

III

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски

Издвоено мислење по предметот БЗСП.бр.7/2025