Издвоено мислење по предметот У.бр.9/2016

Врз основа на член 25 став 6 во Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.9/2016 донесено на 18.02.2016 година за отфрлање на иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.9/2016), го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со Решение У.бр.9/2016 година Уставниот суд на Република Македонија, со мнозинство гласови одлучи да се отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.9/2016).

Оспорената одлука според Судот е конкретен акт и не содржи општи норми на однесување, односно не уредува воопшто односи на општ начин. Таа според нејзината форма и доносител спаѓа во групата правни акти што имаат поединечен карактер, односно со кои се одлучува за поединечни правни ситуации во кои примената на некој општ пропис се исцрпува еднократно. Според Судот, оспорената одлука според нејзината содржина не уредува правни односи на општ начин и нејзината функција се исцрпува единствено на еден конкретен случај на распуштање на Собранието.

По однос на искажаниот став на Уставниот суд дека одлуката не претставува пропис по својата содржина, сметам дека истиот став е погрешен и неоснован.

Сметам дека оспорената Одлука може да биде предмет на уставно судска оценка и тоа по повеќе основи, повикувајќи се на членовите во Уставот на Република Македонија наведени во иницијативите: член 8 став 1 алинеја 1 и 3, член 63 став 3 и 6 и член 51.

Ваквиот тип на одлуки како што е оспорената може да се третира како пропис бидејќи таа има универзално дејство и посредно се однесува на сите граѓани кои на непосредни избори го даваат својот глас за одреден пратеник на Собранието, односно ним им го пренесуваат мандатот, но и суверенитетот за Собранието да решава, односно одлучува во нивно име, поради што ценам дека оспорената одлука е подобна за уставно судска оцена.
Собранието на Република Македонија на 87-та седница одржана на 18.01.2016 година донесе одлука за негово распуштање завземајќи став дека ваквата одлука ќе произведе одложено правно дејство, односно ќе се применува од 24.02.2016 година.

Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.9/2016) сметам дека не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 63 став 3 и 6 и член 51 од Уставот.
Се повредуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, кои се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија како и принципот на владеење на правото.

Одлуката не е во согласност ни со член 63 став 3 од Уставот на Република Македонија во кој децидно се наведува дека „избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието“.

Во ставот 4 од истиот член се прецизира кога може да се продолжи мандатот, а тоа е само во случај на воена или вонредна состојба, а ставот 6 од истиот член предвидува Собранието да се распушти ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници.

Со одлуката се повредува и член 51 од Уставот на Република Македонија, кој гласи: Во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Уставот целосно ја уредува положбата и надлежноста на Собранието и не дозволува тие прашања да бидат уредени со закон.

Уставотворецот со нормите на Уставот, го задржал како уставно право да ги уредува статусните прашања и надлежности на Собранието во рамки на институционализацијата на власта во Република Македонија, а само за дел од тоа дал уставен основ да се уредува со закон или пропис. Тоа значи дека самото Собрание не може да ја проширува неуставно својата надлежност и да одлучува на поинаков начин надвор од она што е регулирано во самиот Устав по однос на неговото распуштање и работа.

Сметам дека оспорената одлука се однесува на сите граѓани кои на непосредни избори го даваат својот глас за одреден пратеник во Собранието.

Во поткрепа на ова оди и одговорот на Собранието каде се нагласува дека Уставниот суд не треба да поведе постапка за оценување на нејзината согласност.

Уставниот суд е единствениот орган кој може и мора да биде надлежен за оценување на уставноста на оспорената одлука.

Точно дека во согласност со член 63 став 6 од Уставот на Република Македонија „Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници“ но во членот 63 став 3 од Уставот е утврдено дека „изборите за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието“.

Уставот не предвидува одложено дејство на одлуката за распуштање на Собранието, туку со важност на денот на нејзиното донесување.

Уставот на Република Македонија има отсуство на конкретна регулатива за ваков случај.

Непокриеноста на прашањето со конкретна регулатива не може да се толкува дека ваквото решение е допуштено односно дозволено.

Член 63 став 3 од Уставот на Република Македонија е многу јасен и прецизен бидејќи утврдува точен датум при одржување на вонредни парламентарни избори, кои не трпат одлагање или поставување на дополнителни рокови.
Со член 63 став 4 од Уставот е предвиден исклучокот дека мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба.

Оттука ценам дека со распуштање на Собранието мандатот на пратениците не може да се продолжи, ниту можат да продолжат со должноста.

Сметам дека оспорената Одлука не е во согласност со Уставот на Република Македонија по однос на уставните одредби на кои се повикуваат подносителите на иницијативата од причини што Уставот на Република Македонија не познава одложено дејство на распуштање на Собранието во кој меѓу период тоа би работело со полн капацитет.

Ценам дека со ова се повредуваат темелните вредности на уставниот поредок, а со тоа и Уставот на Република Македонија, особено член 8 алинеи 3, 4 и 5, член 51 и 63 од Уставот на Република Македонија. Поради сето горенаведено сметам дека Уставниот суд треба да поведе постапка за оценување на уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија и да донесе одлука за укинување на истата.

Судија на Уставниот суд на Република Македонија
Исмаил Дарлишта

Решение У.бр.9/2016