Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992) на седницата одржана на 18 февруари 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлука за распуштање на Собранието на Република Македонија („Службен весник на РМ“ бр.9/2016).
2. Павле Трајанов претседател на Демократскиот сојуз и Тодор Петров претседател на Светскиот македонски конгрес до Уставниот суд на Република Македонија доставија иницијативи со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според иницијативата на подносителот Павле Трајанов, Собранието на Република Македонија на 87 седница, одржана на 18 јануари 2016 година, донело Одлука за негово распуштање со одложно правно дејство односно Одлуката да се применува од 24 февруари 2016 година. Во иницијативата се наведува дека со Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија се повредувала одредбата на членот 63 став 3 од Уставот во кој е наведено дека: „избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од распуштање на Собранието“.
Со оглед на тоа што распуштањето на Собранието на Република Македонија не можело да се заснова на одлука која од денот на влегувањето во сила ќе се применувала одложено на друг датум и на тој начин одлуката имала одложно дејство на примена, со иницијативата се предлага за оспорената одлука Судот да поведе постапка за оценка на уставноста како спротивна на член 63 став 3 од Уставот на Република Македонија.
Со иницијативата на Тодор Петров се оспорува уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.9/2016) односно таа не била во согласност со членот 8 став 1 алинеја 1 и 3, член 63 ставовите 3 и 6 и член 51 од Уставот на Република Македонија. Во иницијативата се наведува дека Уставот не предвидувал одложено дејство на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија и нејзината важност стапувала на денот на нејзиното донесување, поради што постоела дистинкција во рокот на организирањето на изборите за пратеници. Имено, изборите се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав кој трае 4 години или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието. Политичкиот ефект бил ирелевантен за правниот легитимитет на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија.
Имајќи го предвид наведеното, со иницијативата се бара Судот да ја поништи оспорената Одлука, а до донесување на конечна одлука да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на таа Одлука.
3. Судот на седницата утврди дека Собранието на Република Македонија врз основа на член 68 став 2 и членот 63 став 6 од Уставот на Република Македонија на седницата одржана на 18 јануари 2016 година, донесе
О Д Л У К А
за распуштање на Собранието на Република Македонија
Член 1
Собранието на Република Македонија се распушта.
Член 2
Оваа одлука влегува во сила со денот на објавување во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува од 24 февруари 2016 година.
4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот, за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Имајќи ја предвид досегашната уставно-судска практика, пред Уставниот суд се постави прашањето дали оспорената одлука воопшто претставува пропис, односно акт подобен за уставно-судска оцена.
Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото.
Оспорената одлука според Судот е конкретен акт и не содржи општи норми на однесување, односно не уредува воопшто односи на општ начин. Таа според нејзината форма и доносител спаѓа во групата правни акти што имаат поединечен карактер, односно со кои се одлучува за поединечни правни ситуации во кои примената на некој општ пропис се исцрпува еднократно. Според Судот, оспорената одлука според нејзината содржина не уредува правни односи на општ начин и нејзината функција се исцрпува единствено на еден конкретен случај на распуштање на Собранието.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањата.
Имајќи ги предвид наведените причини, Судот оцени дека оспорената одлука не претставува општ правен акт, односно пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија по кој би постапувал Уставниот суд и дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.
5. Во врска со предлогот во иницијативата за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одлука, имајќи ја предвид одлуката на Судот да ја отфрли иницијативата, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот за донесување на вакво решение.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.9/2016
18.02.2016 год.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева