У.бр.73/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 27.05.2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за утврдување на задачи на Армијата на Република Северна Македонија за време на траењето на вонредната состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.72/2020 од 21.03.2020 година).

2. Светскиот македонски конгрес, преку претседателот Тодор Петров од Скопје до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената уредба со законска сила не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11, членот 51, член 68 став 1 алинеи 1 и 2 и Амандманот XXIX, член 125 ставови 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот.

3. Судот на седницата, утврди дека врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 21 март 2020 година, донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА УТВРДУВАЊЕ НА ЗАДАЧИ НА АРМИЈАТА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЗА ВРЕМЕ НА ТРАЕЊЕТО НА ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА

I.ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со оваа уредба со законска сила се утврдуваат задачите на Армијата на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Армијата), за поддршка на полициските сили на Министерството за внатрешни работи и за поддршка на единиците на локалната самоуправа, органите на државната управа или на други државни институции на Република Северна Македонија за време на траењето на вонредната состојба, заради спречување на внесување, ширење и справување со коронавирус COVID 19.

Член 2

Армијата формира и ангажира сили за поддршка на полициските сили на Министерството за внатрешни работи за:
– обезбедување и надзор на граничната линија на државната граница со цел спречување на влез и излез на сите лица кои имаат намера да извршат нелегален премин на државната граница;
– контрола на влез и излез на патните правци кои водат кон населените места преку воспоставување на мобилни пунктови и контролни точки во реоните за ангажирање и
– физичко обезбедување на витални објекти кои се обезбедувани од Министерството за внатрешни работи.
Армијата формира и ангажира сили и за поддршка на единиците на локалната самоуправа, органите на државната управа или на други државни институции на Република Северна Македонија, со цел спречување на ширење на епидемијата и отстранување на последиците настанати од епидемијата за укажување на помош заради спасување на луѓето и материјалните добра.

II. ЗАДАЧИ НА АРМИЈАТА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Член 3

Армијата ќе ги поддржи полициските сили на Министерството за внатрешни работи во обезбедување на граничната линија од државната граница што ќе ги опфаќа работите што се однесуваат на граничен надзор со цел за:
– Спречување на влез и излез на сите лица кои имаат намера да извршат нелегален премин на државната граница;
– Спречување и откривање на илегална миграција и трговија со луѓе;
– Заштита на животот, здравјето на луѓето, личната сигурност, имотот, животната средина и природата;
– Спречување и откривање на други опасности по јавниот ред, правниот поредок, националната безбедност и меѓународните односи и
– Задржување на лица фатени на државната граница и предавање на полициските службеници.

Член 4

Припадниците на Армијата вршат поддршка на полициските сили во контрола на влез и излез на патните правци кои водат кон населените места преку воспоставување на мобилни пунктови и контролни точки во реоните за ангажирање, која се однесува на:
– Заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните;
– Одржување на јавниот ред и мир;
– Регулирање и контрола на сообраќајот на пунктовите или патиштата и
– Укажување помош и заштита на граѓаните во случај на неопходна потреба.

Член 5

Припадниците на Армијата вршат поддршка на полициските сили во обезбедување на личности и објекти, согласно закон и одлуки на Влада.

III. ОВЛАСТУВАЊА

Член 6

Припадниците на Армијата во извршување на задачите согласно оваа уредба со законска сила применуваат полициски овластувања, и тоа:
– Проверка на лица и предмети;
– Собирање на информации;
– Лишување од слобода;
– Приведување;
– Задржување;
– Пренасочување, насочување или ограничување на движењето на лица и превозни средства на определен простор за нужно потребно време;
– Предупредување и наредување;
– Привремено одземање на предмети, заради предавање на полицијата;
– Преглед, односно претрес на определени објекти и простории на државни органи, институции што вршат јавни овластувања и други правни лица;
– Влегување во туѓ дом и затворени простории;
– Сопирање, преглед, односно претрес на лица, багаж и превозни средства и
– Обезбедување на местото на настанот.

IV. УПОТРЕБА НА СРЕДСТВА ЗА ПРИСИЛБА И ОГНЕНО ОРУЖЈЕ

Член 7

При спроведувањето на задачите утврдени со оваа уредба со законска сила, припадниците на Армијата можат да употребат средства на присилба или огнено оружје.
Под присилба во смисла на оваа уредба со законска сила се смета употреба на легитимен, соодветен и пропорционален физички или механички притисок, со примена на средства согласно закон, насочен спрема определено лице од страна на припадник на Армијата, само во случај кога задачите од оваа уредба не можат да бидат извршени.
Средства за присилба во смисла на оваа уредба се: физичка сила, гумена палка, средства за врзување на лица, уред за присилно запирање на возила, службено куче, хемиски средства и огнено оружје.

Член 8

Припадникот на Армијата е овластен да употреби огнено оружје кога е тоа апсолутно неопходно и кога со употреба на другите средства за присилба задачите од оваа уредба не можат да бидат извршени.
Припадникот на Армијата е овластен да употреби огнено оружје кога на друг начин и со употреба на други средства за присилба не може:
1. Да го заштити својот живот или животот на други луѓе;
2. Да одбие од себе и од друг непосреден напад со кој се загрозува неговиот живот или животот на некој друг;
3. Да одбие напад на објект или личност што се обезбедува;
4. Да спречи бегство на лице затекнато при извршување на кривично дело за кое е пропишана казна затвор од пет години или потешка казна и
5. Да спречи бегство на притворено или осудено лице од казнено поправна установа.
Пред употреба на огненото оружје, припадникот на Армијата ќе упати усна наредба и предупредување „стој!“, а потоа и втора наредба и предупредување „стој, ќе пукам!“.
Наредбите и предупредувањата од ставот 3 на овој член нема да се упатат ако со тоа би се довело во прашање извршувањето на задачите од оваа уредба со законска сила.
Припадникот на Армијата нема да употреби огнено оружје спрема лицето кое е задржано согласно оваа уредба со законска сила, освен кога тоа е неопходно за да го заштити својот живот или животот на други лица, како и во случаи кога е потребно да спречи бегство на задржаното лице.
Пукање во воздух заради сигнализација, барање помош и застрашување, како и пукање во животни кога тие го загрозуваат животот на луѓето, не се смета како употреба на огнено оружје во смисла на оваа уредба со законска сила.
Министерот за внатрешни работи донесува посебни упатства за начинот на постапување при употреба на огнено оружје од ставот 2 на овој член.

Член 9

Употребата на огнено оружје не е дозволена ако се доведува во опасност животот на други лица, освен ако употребата на огненото оружје е единствено средство за одбрана од посреден напад, опасност од напад врз животот на други лица.

Член 10

Средствата за присилба не смеат да се употребат кон деца, очигледно болни, стари и изнемоштени лица, лица со тежок инвалидитет и жени со видлива бременост, освен ако истите се неопходни за лицето да се приведе или задржи и припадникот на Армијата не може поинаку да го совлада неговиот отпор или одбие напад или ако лицето го загрозува својот живот, животот на луѓето, имотот или ако заради други околности неговиот живот и здравје се непосредно загрозени.

Член 11

Во случај кога се воспоставува нарушен јавен ред или мир во поголем обем можат да се употребат средства за присилба, и тоа: физичка сила, гумена палка, средства за врзување на лица, уред за присилно запирање на возила и службено куче.

Член 12

Припадниците на Армијата кои вршат служба под непосредно командување на претпоставениот смеат да употребат средства на присилба или огнено оружје само по негова наредба, освен кога претпоставениот не може да даде наредба.

Член 13

Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа.
Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на право на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

V. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 14

Министерот за внатрешни работи во рок од 24 часа од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила ќе ги донесе упатствата од членот 8 став 7 од оваа уредба со законска сила.

Член 15

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-2409/1                                                                                                                                                                                                         Заменик на претседателот
21 март 2020 година                                                                                                                                                                             на Владата на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                           м-р Радмила Шекеринска-Јанковска, с.р

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно членот 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот (став 1). Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот (став 2). Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (став 3). Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната за мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста (став 4).

Според член 122 од Уставот вооружените сили на Република Северна Македонија го штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката. Одбраната на Републиката се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Со членовите 125 и 126 од Уставот се уредува прашањето поврзано со вонредна состојба.

Во член 125 став 1 од Уставот е определено дека, вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.

Постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници (став 2).

Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена (став 3).

Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане (став 4).

Според член 126 став 1 од Уставот, при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Според ставот 2 на истиот член, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Тоа значи дека Уставот определува дека Владата донесува уредби со законска сила во услови на вонредна состојба.
Уредбите со законска сила се специфични правни прописи коишто се донесуваат во вонредна состојба кога има потреба од преземање брзи и ефикасни мерки, од брзо нормирање на определени прашања коишто воопшто не се нормирани во закон или се нормирани на начин којшто не дозволува ефикасно преземање мерки коишто ги наложува вонредната состојба, со цел соочување и надминување на причините коишто довеле до вонредната состојба, но и последиците од истата, и враќање во редовниот уставно правен поредок.

Уредбите со законска сила се разликуваат од законите според постапката за донесување и според органот којшто ги донесува, но се соодветни со законите по предметот на нивното регулирање и по нивната правна сила. Од тие причини, овие уредби се разликуваат од другите уредби што ги донесува Владата согласно член 36 став 2 од Законот за Владата, коишто имаат карактер на подзаконски акти коишто се носат во функција на извршување на законите.

Оттука, со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може поинаку да регулира одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Согласно Европската конвенција за заштита на човековите права во случај на војна или некоја друга општа опасност која го загрозува животот на нацијата, секоја Висока страна договорничка може да презема мерки коишто отстапуваат од обврските предвидени со оваа конвенција, и тоа строго во согласност со барањата што ги наложува ситуацијата но под услов таквите мерки да не бидат во спротивност со другите обврски што произлегуваат од меѓународното право (член 15 став 1). Дозволените ограничувања за споменатите права и слободи според оваа конвенција, може да се применуваат само за оние цели за кои се и предвидени (член 18).

Претседателот на Републиката, врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија, врз основа на образложениот предлог на Владата на Република Северна Македонија на 18 март 2020 година донесе Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 68/2020).

На 14 април 2020 година, претседателот на Републиката донесе нова Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/2020) на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот COVID-19. Одлуката е донесена врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија, а врз основа на образложен предлог на Владата.

Во конкретниот случај, Владата, врз основа на член 126 став 1 од Уставот и член 36 став 1 од Законот за Владата, на 21.03.2020 година, во услови на прогласена вонредна состојба на територијата на целата Република, донесе Уредба со законска сила за утврдување на задачи на Армијата на Република Северна Македонија за време на траењето на вонредна состојба.

Тргнувајќи од направената анализа на уставните одредби, Судот оцени дека се неосновани наводите на подносителот на иницијативата дека предметната уредба со законска сила е донесена без постоење на закон за вонредна состојба, бидејќи овластувањата да донесува уредби со законска сила Владата ги добива директно од уставните одредби во членовите 125 и 126 од Уставот, односно од одлуката на претседателот со која е прогласена вонредна состојба со што се активираат овластувањата од членот 125 од Уставот. Владата, за времетраењето на прогласената вонредна состојба, добива уставно овластување да носи уредби со законска сила со кои може да регулира поинаку одредени прашања уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија, при што ваквите овластувања не се неограничени.

Од анализата на одредбите на наведената уредба со законска сила, произлегува дека Владата, во согласност со уставните овластувања во услови на прогласена вонредна состојба, пропишала дека за време на траењето на вонредната состојба за Армијата се определени посебни задачи за поддршка на полициските сили на Министерството за внатрешни работи и за поддршка на единиците на локалната самоуправа, органите на државната управа или на други државни институции на Република Северна Македонија за време на траењето на вонредната состојба, заради спречување на внесување, ширење и справување со коронавирус COVID 19. Ваквото уредување, според Судот има свое уставно оправдување ако се земе предвид настанатата ситуација којашто, меѓу другото, бара обезбедување и надзор на граничната линија на државната граница, контрола на влез и излез на патните правци кои водат кон населените места преку воспоставување на мобилни пунктови и контролни точки во реоните за ангажирање, физичко обезбедување на витални објекти коишто се обезбедувани од Министерството за внатрешни работи и слично што во крајна линија е насочено и кон заштита на територијалниот интегритет на Република Северна Македонија, согласно членот 122 од Уставот .

Учество на Армијата во отстранувањето на последиците во кризна, вонредна и воена состојба е уредено и во членот 40 од Законот за одбрана според кој Армијата може да учествува во отстранувањето на последиците од кризна, вонредна и воена состојба.

Неспорно е дека оваа мерка е тесно поврзана, односно предизвикана од причините за прогласување на вонредната состојба -епидемија од Ковид-19, дека е во согласност со причините и последиците од истата и го опфаќа периодот на вонредната состојба.

Поради тоа, ваквата мерка има легитимна цел, општествена оправданост, разумна е и пропорционална на целта што се сака да се постигне, поради што нема основи за сомневање во нејзината уставност.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.73/2020
27.05.2020 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати

Издвоено мислење по предметот У.бр.73/2020