Издвоено мислење

Издвоено мислење по предметот У.бр.73/2020

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992, по моето гласање против Решението У.бр.73/2020 од 27 мај 2020 година, го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со Решението У.бр.73/2020 Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за утврдување на задачи на Армијата на Република Северна Македонија за време на траењето на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.70/2020) образложувајќи дека Владата била овластена Уредбата да ја донесе директно врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот како и дека мерката утврдена во неа имала легитимна цел, општествена оправданост, била разумна и пропорционална на целта што се сакало да се постигне, поради што немало основи за сомневање во нејзината уставност.

Спротивно на ставот на мнозинството судии, сметам дека одделни одредби односно членовите 6, 7, 8, 11, 12 и 14 од оспорената уредба не се во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, членовите 26, 51 и 54 и член 79 став 2 од Уставот и членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи кои гласаат:

а) Член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 од Уставот на Република Македонија „основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени во Уставот, владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право“, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

б) Член 26 од Уставот „Се гарантира неповредливоста на домот.
Правото на неповредливост на домот може да биде ограничено единствено со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето“.

в) Членот 51 од Уставот, „Во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите“.

г) Членот 54 од Уставот, „Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба. Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба“.

д) Членот 79 став 1 од Уставот, „Претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили на Македонија“.

ѓ) Членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи:

1. „Секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката“.

2. „Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на поредокот и спречувањето на кривични дела, заштитата на здравјето и моралот, или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество“.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби и ЕКЧП произлегува дека членот 6 од оспорената уредба со кој се предвидува припадниците на Армијата во извршувањето на задачите согласно ова уредба со законска сила да применуваат полициски овластувања како што се лишување од слобода, приведување а особено влегување во туѓ дом без судска одлука, сметам директно се кршат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, владеењето на правото, правната сигурност како и повреда на гарантирањето на неповредливоста на домот.

Исто така, сметам дека Решенијата содржани во членовите 7, 8, 11 и 12 од Уредбата со кои се предвидува припадниците на Армијата при спроведување на задачите утврдени со уредбата да можат да употребат средства за присилба и огнено оружје не се во согласност со член 18 став 1 точка 5 и членот 23 од Законот за одбрана според кои претседателот на Република Северна Македонија донесува документи за употреба на Армијата и наредува нејзина употреба односно Армијата се организира, подготвува и оспособува за водење на вооружена борба и борбени и други дејства за остварување на својата уставна функција за одбрана на Републиката.

Дел од оспорените одредби од Уредбата би можеле основано да се проблематизираат и од аспект на нивната согласност и со членот 40 од Законот за одбрана според кој Армијата може да учествува во отстранување на последиците од кризна, вонредна состојба и воена состојба. Но и во овој случај наредба за учество во вакви околности донесува претседателот на Републиката кој според Уставот и Законот за одбрана е врховен командант на вооружените сили на Македонија, а Упатство за начинот на учество на Армијата во отстранување на последиците од кризна, вонредна и воена состојба го донесува министерот за одбрана (став 3). Исто така и одредбата на членот 8 став 7 а во врска со членот 14 според која министерот за внатрешни работи се овластува да донесува посебни упатства за начинот на постапување на припадниците на Армијата при употреба на огнено оружје од ставот 2 на овој член, сметам дека е нејасна, контрадикторна и спротивна на ставот 3 на членот 40 од Законот за одбрана.

Тргнувајќи од наведеното, во конкретниот случај за мене не е спорно дека припадниците на Армијата согласно членот 40 од Законот за одбрана и оспорената Уредба со законска сила можат да учествуваат во отстранувањето на последиците во вонредна состојба заради заштита и справување со последиците од ширењето на Коронавирусот COVID 19. Меѓутоа, сметам дека со одредбите на членовите 6, 7, 8, 11 и 12 со кои на припадниците на Армијата им се даваат овластувања како што се лишување од слобода, приведување, влегување во туѓ дом без судска одлука и слично како и употреба на присилба и огнено оружје, не се пропорционални на легитимната цел и не се неопходни во едно демократско општество.

Врз основа на изнесеното, сметам дека одредбите на членовите 6, 7, 8, 11, 12 и 14 од оспорената Уредба со законска сила не се во согласност со наведените уставни одредби, Законот за одбрана како и со член 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи.

СУДИЈА
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Јован Јосифовски

Решение У.бр.73/2020