У.бр.216/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 14 став 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 8 јули 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на.

– Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со Законска сила за примена на Законот за даночната постапка за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.128/2020) и
– Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со Законска сила за примена на Законот за даночната постапка за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.140/2020).

2. Уставниот суд на Република Северна Македонија по сопствена иницијатива оформи предмет за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од Решението.

3. Судот на седницата утврди дека уредбата со законска сила ја има следната содржина:

а) Според членот 1 од Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за даночната постапка за време на вонредната состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.128/2020) се определува дека во Уредбата со законска сила за примена на Законот за даночната постапка за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.79/2020), по членот 3 се додава нов член 3-а кој гласи „Одредбата во член 2 од оваа уредба со законска сила ќе се применува за време на вонредната состојба, како и 60 дена по престанувањето на траењето на вонредната состојба. Во членот 2 од дополнувањето на Уредбата се определува дека „Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

б) Согласно членот 1 од Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со Законска сила за примена на Законот за даночната постапка за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 140/2020) во член 1 став 2 од Уредбата со законска сила за примена на Законот за даночна постапка за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.79/20 и 128/2020) по зборот „задоцнување“ се става запирка и се додаваат зборовите „за постапката на присилна наплата како“. Согласно членот 2 од Уредбата, „во член 2 по зборот „камата“ се додаваат зборовите „по каматна стапка“. Според членот 3 од Уредбата, по членот 2 се додава нов член 2-а, кој гласи: „Член 2-а Управата за јавни приходи нема да издава опомена за плаќање на данок и нема да отпочнува постапка на присилна наплата за време на траењето на вонредната состојба како и по престанокот на траењето на вонредната состојба до 30 јуни 2020 година и тоа за: – даночен долг кој е доспеан, а неплатен, и за кој не се отпочнати постапки на присилна наплата; – даночен долг по сите основи кој ќе доспее во месеците мај и јуни 2020 година и – судски такси и парични казни, односно глоби и трошоци изречени во парнични, прекршочни, кривични и управни постапки во корист на Република Северна Македонија, а кои ги наплатува Управата за јавни приходи, кои се доспеани, а неплатени, и за кои не е отпочната постапка на присилна наплата.“ и во членот 4 од дополнувањето на Уредбата се определува дека „Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, со Одлуката У.бр.84/2020 од 24 јуни 2020 година, Судот ја поништил Уредбата со законска сила за примена на Законот за даночната постапка за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 79/2020) како неуставна односно истата не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4, и 11, член 51, член 68 став 1 алинеи 1 и 2, Амандман XXIX, член 125 став 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија.

Имајќи предвид дека основната уредба со законска сила за примена на Законот за даночната постапка за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.79/2020), не е повеќе во правниот поредок, а во конкретниот случај оспорените дополнувања не може самостојно да продолжат да важат и да произведуваат правно дејство бидејќи истите ја следат правната судбина на основниот текст на Уредбата, Судот констатира процесни пречки за постапување по предметната иницијатива со што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот за отфрлање на истата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.216/2020
8 јули 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати

Издвоено мислење по предметот У.бр.216/2020