У.бр.103/2015

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 23 март 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 18 став 2 алинеја 7 од Законот за политичките партии („Службен весник на Република Македонија“ бр.76/2004, 5/2007, 8/2007, 5/2008 и 23/2013).

2. Асоцијацијата „Магна Карта“ застапувана од Димитар Апасиев од Велес и Движењето за социјална правда „Ленка“ застапувана од Реџеп Исмаил од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 18 став 2 алинеја 7 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителите на иницијативата бараат делумна касација, односно укинување на оспорената одредба од Законот за политичките партии, од причини што сметаат дека истата била во спротивност со цитираните: член 1 став 1, член 2, член 8 став 1 алинеи 1, 3, 5 и 11, член 9, член 18, член 20 ставови 1 и 2, член 50 став 3, член 51 и член 54 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Македонија. Воедно се бара донесување на решение за запирање на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената законска одредба поради опасноста од настанување на ненадоместлива штета.

Имено, во самостојна Република Македонија општата слобода на здружување се остварувала исклучиво врз основа на територијалниот принцип, којшто овозможувал организациите да се формираат на различни нивоа, при што ограничувањето на слободата на здружување (политичка и граѓанска) се однесувала на само три таксативно наведени случаи со негативна енумерација: 1.да не се користи за насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија; 2.да не стимулира поттикнување или повикување на воена агресија и 3.да не се употребува во функција на разгорување на национална, верска или расна омраза или нетрпеливост.

Поради сродноста на проблематиката, граѓанското и политичкото здружување во Уставот на Република Македонија се регулирани во иста одредба (член 20), но дискрепанцата настанувала во нивното натамошно регулирање во материјалните закони. Имено, во членот 15 од Законот за здруженија на граѓани и на фондации воопшто не се барало вадење и носење на државјанство на основачите на здружението, како што тоа, со оспорената одредба, непотребно и противуставно се барало.

Во натамошниот текст на иницијативата се потенцира слободата на здружувањето од аспект на нејзината уреденост со Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи и нејзината заштита во одлуките на Европскиот суд за човекови права.

Оттаму, подносителите на иницијативата сметаат дека со оспорената одредба противуставно се наметнувала непотребна административна и парична обврска за граѓаните кои сакале да формираат партија. Од управно-правен аспект, биометриската лична карта била сосема доволен доказ дека одредено лице е државјанин на Република Македонија, а која како јавен документ се приложувала кај нотар при давањето на изјавата. Според тоа се поставувало прашањето која била оправданоста, откако нотарот ќе го утврдел идентитетот и државјанството на лицето-основач, тоа истото подоцна да го прави и судот. Фактот дека основачот на партијата е македонски државјанин, надлежниот орган можел да го утврди и по службена должност преку увид во официјалниот избирачки список, како и врз основа на членот 26 ставови 1 и 2 од Законот за државјанството или членот 47 став 1 од Законот за нотаријатот. Според тоа уверението за државјанство бил само еден од начините преку кои можело да се докаже дека едно лице е државјанин, но никаде немало експлицитна условеност, тоа да морало да се докажува на обата законски начини истовремено, како што било случај со оспорената одредба од Законот за политичките партии.

Со оспорената одредба се создавала дополнителна финансиска бариера за граѓаните која воопшто не била за потценување, бидејќи можела да ги одврати граѓаните од остварување на правото на основање на партија. Имено, врз основа на пресметката на подносителите на иницијативата заверката на двата докази (изјавата и државјанството) за политичка партија која брои најмалку 1000 членови би изнесувала 2.500 евра во денарска противвредност.

Сосема непотребно, противуставно и бирократско ограничување претставувало и тоа што регистрациониот суд, односно судијата што ги водел предметите за регистрација на политичките партии наметнувал услов кој не бил споменат во Законот за политичките партии, односно барал уверенија кои не требало да бидат „постари“ од три месеци (90) дена од денот на поднесување на документите за регистрација на политичката партија. Со ова своеволно интерпретирање дополнително се отежнувал и така тешкиот процес на остварување на круцијалното политичко право на граѓаните на Република Македонија, за чие остварување со измените од 2007 година се барал непотребно висок цензус од дури илјада граѓани.

Поради сето наведено подносителите на иницијативата сметаат дека станува збор за антиконституционална и конфузна законска одредба, која е инкомпатибилна со нашиот демократски уставен поредок, па земајќи ја предвид јавната полза и правичноста од тоа дејствие, истата требала што побргу да биде касирана и повеќе да не постои во нашиот правен систем како противуставна, крајно штетна и изразито непропорционална и недемократска.

3. Судот на седницата утврди дека, според член 18 став 1 од Законот, политичката партија е должна во рок од 30 дена од денот на одржувањето на основачкото собрание да поднесе барање за запишување во судскиот регистар. Со барањето за запишување на политичката партија во судскиот регистар, покрај другото, во оспорениот став 2 алинеја 7 е предвидено да се поднесат „оригинални или фотокопии од уверенијата за државјанство на основачите заверени кај нотар“.

4. Согласно член 110 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата, ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Оспорениот член 18 став 2 алинеја 7 од Законот за политичките партии веќе бил предмет на оценување пред Уставниот суд, кој со Решение У.бр.55/2013 од 04.12.2013 година не повел постапка за оценување на неговата уставност. Во наведеното решение, Судот тргнувајќи од содржината на членот 20 став 1 и членот 54 став 1 од Уставот, наспрема аспектите на иницијативата, оценил дека: „предвидувањето на обврската на основачите да достават уверение за државјанство или фотокопие на уверението, заверено кај нотар, нема за цел да ја ограничи слободата на здружувањето и одвраќање и обесхрабрување на граѓаните да се јават како основачи на партија, туку проверување на веродостојноста на изјавите дека политичка партија основаат граѓани на Република Македонија, што подразбира државјани на Република Македонија, кои имаат државјанство стекнато согласно Законот за државјанство.“

Оттаму, Судот веќе утврдил дека оспорениот член 18 став 2 алинеја 7 од Законот за политичките партии е во согласност со членот 20 став 1 и членот 54 став 1 од Уставот.

Тоа што во предметната иницијатива се бара оценување на согласноста на оспорената одредба и по однос на член 1 став 1, член 2, член 8 став 1 алинеи 1, 3, 5 и 11, член 9, член 18, член 50 став 3 и член 51 од Уставот, според Судот не може да доведе до промена на изнесениот став и поинакво одлучување. Ова од причини што Судот се произнел за суштината на уставно-судската проблематика покрената со иницијативата.

Судот, во отсуство на основи за поинакво одлучување од изнесените во предметот У.бр.55/2013, оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

Исто така, Судот оцени дека не се исполнети условите за донесување на решение, согласно членот 27 став 1 од Деловникот за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената законска одредба.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, Вангелина Маркудова, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.103/2015
23 март 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Издвоено мислење по предметот У.бр.103/2015