Дневен ред за 24. седница закажана за 7 октомври 2026 година во 9:30 часот

На 7 октомври (среда) 2026 година, во 9:30 часот, Уставниот суд ќе ја одржи 24. седница со Дневен ред за кој се закажани осум иницијативи за оценување уставност и законитост и еден предлог за одлучување по одлука. 

I- ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ 

1. Реферат У.бр.166/2025

Оспорена одредба: член 157 став 8 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Северна Македонија“, бр.37/1996, 80/1999, 48/2001, 4/2002, 16/2002, 43/2003, 19/2004, 40/2004, 81/2005, 50/2006, 60/2006, 73/2006, 87/2007, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 143/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 41/2014, 41/2014, 115/2014, 132/2014, 160/2014, 199/2014, 196/2015, 226/2015, 97/2017, 170/2017, 248/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“, бр.36/2023, 188/2023, 58/2025, 16/2026, 17/2026). 

Подносител на иницијативата: Славко Димитров

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека со оспорената одредба се нарушува личниот карактер на моралните авторски права гарантирани со член 47 од Уставот  и се ограничува правото на автономија и достоинство на авторот. Подносителот  наведува дека со уредувањето дека гонењето е „по предлог”, а не по приватна тужба. Се тврди дека државата презема улога во постапка која е без јавен интерес, туку лична. Во иницијативата е наведено дека со одредбата е во спротивност со член 25 од Уставот кој гарантира неприкосновеност на достоинството и на личниот интегритет.  

2. Реферат У.бр.181/2025 и 182/2025

Оспорена одредба: член 36 во став 1 во делот „прво и второ дете“, став 2 и став 3 во деловите „прво и второ“ и „доколку мајката нема новородено дете во смисла на ставот (2) на овој член од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/2013, 12/2014, 44/2014, 144/2014, 10/2015, 25/2015, 150/2015, 192/2015, 27/2016, 163/2017, 21/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ 104/2019, 146/2019, 275/2019, 88/2020, 311/2020, 294/2021, 150/2022, 236/2022, 236/2022, 265/2024, 17/2025 и 132/2025) и  член 38 во став 3 од истиот закон.

Подносител на иницијативите: Kлиментина Ангелеска

Од наводите во иницијативите: 

Подносителката тврди дека оспорените одредби се дискриминторски, бидејќи според неа, прават разлика меѓу прво и второ новородено дете, а уште дотолку што се потенцира фактот „доколку мајката нема новородено дете”, па го поставува прашањето дали третото дете не се смета за новороденче или воопшто за дете, за да може да добие еднократна парична помош. Подносителката тврди дека додатокот за трето дете не може да го добие секоја мајка, односно тој според оспорената одредба следува само на невработени или вработени со минимална нето плата. Се наведува дека оспорената одредба е свесно креирана со таа содржина, бидејќи такви услови не исполнува речиси никој, не соодвествува со реалноста за да може едно петчлено семејство да ги задоволи сите потреби со вкупни примања кои се врзани со минималната плата или не повисоки од 24 000 денари месечно вкупно, за да се добие додаток за трето дете од 9000 денари.

3. Реферат У.бр. 189/2025

Оспорена одредба: член 12 став 1 алинеја 9 од Законот за адвокатура (“Службен весник на Република Северна Македонија бр.199/2023). 

Подносител на инцијативата: Оливер Давидовски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот го оспорува условот според кој, за да може некој да се запише во Именикот на адвокати, условот е „да не му престанала функцијата судија, јавен обвинител, државен правобранител или заменик, народен правобранител или заменик, избран или именуван функционер, односно да не му престанал работниот однос како државен службеник, нотар, заменик или помошник нотар, извршител или заменик извршител, со конечна одлука во судска, дисциплинска или друга постапка со која е утврдена одговорност во вршење на функцијата, односно службата додека не поминат пет години од конечноста на одлуката”. Се тврди дека нормата е нејасна и непрецизна, бидејќи не го дефинира поимот „одговорност”, ниту пак ја определува неговата правна природа, тежина, врската помеѓу утврдената одговорност и способноста за вршење на адвокатската професија. Сето тоа, ја повредува правната сигурност, наведува подносителот. 

4. Реферат У.бр.194/2025

Оспоренa одредба: член 34-в став 9 од Законот за бесплатна правна помош(„Службен весник на Република Македонија бр.79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010, 124/2015”).

Подносител на инцијативата: Оливер Давидовски 

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека со член 34-в е уредена постапката за исплата на награда и надоместок на субјектите кои вршат вештачење во постапките на одобрена секундарна правна помош, а оспорената одредба Министерството може со решение да му одбие да му исплати надоместокот на субјектот кој го вршел вештачењето, ако при проверките оцени дека вештакот не ги извршил своите одговорности и обврски предвидени со закон. Спорно за подносителот е тоа што, вештакот не може однапред да знае што точно ќе се смета за „неисполнување на обврските” и да предвиди кога и за што ќе му биде скратен надоместокот. Дополнително, тврди дека со оспорените одредби министерството добива власт со огромни надлежности, без да се утврди јасно законската рамка која ја регулира неговата улога.  

5. Реферат У.бр.106/2026

Оспорена одредба: член 461 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015). 

Подносител на иницијативата: aдвокат Горан Николовски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот оспорува делови од Законот за парнична постапка со кои тврди дека е предвидена задолжителна постапка на медијација како процесен услов за поведување и водење на постапка во спорови кога странките се правни лица, а вредноста на спорот е до 1.000.000 денари.

Според наводите, ваквото законско решение е спротивно на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, со кој владеењето на правото е утврдено како темелна вредност на уставниот поредок. Дополнително, подносителот наведува дека воведувањето на задолжителна медијација како процесен предуслов за пристап до суд претставува неоправдано ограничување на правната сигурност и предвидливост, бидејќи создава дополнителна, со закон непропорционално поставена пречка за остварување на судска заштита.

6. Реферат УЗ.бр.71/2025

Oспорен акт: Укажување за доследна примена на Законот за супервизија на осигурување во делот на вршење осигурително брокерски работи од страна на осигурителните брокерски друштва бр. 08-841/1 од 10.12.2024 година и Дополнителни појаснувања во врска со содржината на Циркуларен допис доставен до осигурителни брокерски друштва бр. 08-165/1 од 23.01.2025 година, Појаснувања во врска со содржината на Циркуларен допис доставен до осигурителни брокерски друштва и друштва за осигурување бр. 08-165/2 од 11.04.2025 година, Дополнување на содржината на Циркуларен допис доставен до осигурителните брокерски друштва и друштвата за осигурување бр.08-165/7 од 29.04.2025 година. 

Подносител на инцијативата: Жарко Хаџи-Зафиров, адвокат

Од наводите во иницијативата:

Подносителот тврди дека оспореното Укажување е во спротивност со Законот за супервизија на осигурувањето и со Уставот. Имено, се наведува дека Агенцијата за супервизија на осигурување им наметнува обврски на сите осигурителни брокерски друштва, кои со Закон не се предвидени.  Наведено е дека Укажувањето не постои како правен акт во правниот поредок, туку може да биде третирано како т.н. вонправна мерка со која се укажува на негативности при примена на закон. Според наводите, Укажувањето како правна мерка не може да има општ карактер бидејќи произлегува од извршен надзор на конкретен субјект, односно конкретно правно или физичко лице кое врши определена дејност. 

7. Реферат УЗ.бр.19/2026

Оспорен акт: Правилникот за начинот на водењето, формата и содржината на педагошката евиденција и документација во средните училишта, бр.18-2778/1 од 13 февруари 2026 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2026). 

Подносител на иницијативата: Скендер Реџепи

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека oспорениот Правилник не е во согласност со Амандман V ставовите 2 и 5, член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, како и со член 1 став 3 и член 17 од Законот за употреба на јазиците и наведува дека како подзаконски акт донесен од орган на државната власт бил објавен само на македонски јазик и неговото писмо, а не и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Републиката и неговото писмо, односно на албански јазик.

Во иницијативата се наведува дека член 1 став 3 од Законот за употреба на јазиците го утврдува опфатот на органите и институциите во кои, покрај македонскиот јазик и неговото писмо, службен јазик е и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, додека член 17 од истиот закон изречно предвидува дека сите закони, подзаконски акти, одлуки и огласи од тие институции, кога се објавуваат во „Службен весник“, се објавуваат на двата јазика.

8. Реферат УЗ.бр.66/2025

Оспорена одредба: Точка 103 од Заклучокот на Владата на Република Северна Македонија, донесен на шестата седница одржана на 4 февруари 2020 година.

Подносител на иницијативата: Славко Димитров

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека со оспорената одредба се суспендира примената на Законот за авторско право и сродни права, на начин што Владата ја ограничила законската надлежност на Министерството за култура, што претставувало мешање на надлежностите на органите на управа и нарушување на принципот на поделба на власта. Владата, со заклучок, без законска основа го суспендирала важечкиот закон со што е повредено начелото на супремација на Уставот и законите.

Се наведува дека спротивно на член 9 од Уставот, Заклучокот создава дискриминација бидејќи носителите на авторски права, според него имаат право на колективно управување преку постоечки организации, додека носителите на сродни права биле лишени од ова право. Подносителот тврди дека последиците од примената на оваа одредба се  различно третирање на граѓаните врз основа на видот на интелектуална сопственост и нееднаквост во културниот сектор.

II- ПРЕДЛОГ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ ПО НАЦРТ ОДЛУКА 

У.бр.47/2026

Судот на  08.07.2026 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 60 став 2 во делот „кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 60 години на живот за жена, односно 62 години на живот за маж“ од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2019, 146/2019, 275/2019, 302/2020, 311/2020, 163/2021, 294/2021, 99/2022, 236/2022, 65/2023 и 192/2025).