
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.47/2026
Скопје, 08.07.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 8 јули 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 60 став 2 во делот „кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 60 години на живот за жена, односно 62 години на живот за маж“ од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2019, 146/2019, 275/2019, 302/2020, 311/2020, 163/2021, 294/2021, 99/2022, 236/2022, 65/2023 и 192/2025).
2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Игорчо Точев, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на делот од одредбата од Законот означен во точка 1 од диспозитивот на ова решение.
Според наводите, истиот е спротивен на член 1 став 1, член 8 став 1 алинеја 8 и член 35 од Уставот.
Оспорениот дел од одредбата го условува правото со имотната и статусната положба на родителот, а не со фактичката состојба – грижата за дете со попреченост. Со ваквата уреденост во оспорениот дел се доведува во прашање социјалниот карактер на државата и обврската од член 35 од Уставот за посебна заштита.
Исклучувањето на родители кои користат пензија или се вработени значи дека правото на траен надоместок на родител кој има дете со попреченост не е насочено кон потребите на детето, туку кон статусот на родителот, спротивно на начелото на хуманизам, социјална правда и солидарност.
Со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел и истиот да го укине.
II
На седницата Судот утврди дека согласно со член 60 став 2 од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2019, 146/2019, 275/2019, 302/2020, 311/2020, 163/2021, 294/2021, 99/2022, 236/2022, 65/2023 и 192/2025), правото на траен надоместок го остварува родител кој се грижел за детето до неговата 26 годишна возраст, без истото да користи услуга на вон-семејна социјална заштита, кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 60 години на живот за жена, односно 62 години на живот за маж.
III
Согласно со член 1 став 1 од Уставот, Република Северна Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.
Според член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок.
Согласно со член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност. Според став 2 од истиот член, Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани. Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот, согласно став 3 од овој член.
Според член 4 став 1 точка 5 од Законот за социјалната заштита, „лице со попреченост“ е лице кое има долготрајни телесни, интелектуални, ментални или сетилни нарушувања кои во интеракција со различни пречки може да го спречат неговото целосно и ефикасно учество во општеството на еднаква основа со другите.
IV
Уставот ја определува Републиката како социјална држава и утврдува дека се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност, при што во Законот за социјалната заштита е утврдено дека Републиката е еден од носителите на социјалната заштита на граѓаните и обезбедува услови за нејзино остварување.
Од анализата на Законот произлегува дека во разработка на формите на социјална заштита, законодавецот ги утврдил можните корисници на правото на парична помош од социјална заштита во секој конкретен случај, помеѓу кои и правото на траен надоместок
Од содржината на оспорената одредба во која е содржан оспорениот дел, произлегува дека законодавецот го утврдил правото на траен надоместок за родител кој се грижел за дете со попреченост, но истото се условува со исполнување на повеќе кумулативни услови, меѓу кои и тоа родителот да е невработен, да не користи право на пензија и да има навршено определена возраст (60 години за жена, односно 62 години за маж). Со ваквото законско решение, правото не се врзува исклучиво за фактичката состојба – постоењето на дете со попреченост и долготрајната грижа за него, туку во значителен дел се условува со статусни и материјални карактеристики на родителот.
Ваквото нормативно уредување отвора дилема дали законодавецот, при уредувањето на ова право, го задржал неговиот суштински карактер како мерка на социјална заштита поврзана со специфичната состојба на семејството со дете со попреченост или напротив, го трансформирал во право кое претежно зависи од материјалната положба на родителот.
Од член 35 од Уставот произлегува дека мерките на социјална заштита, особено оние кои се однесуваат на лица со попреченост и нивните семејства, треба да бидат насочени кон нивната фактичка состојба и потребите кои произлегуваат од неа. Во конкретниот случај, со оспорените услови законодавецот го исклучува правото на траен надоместок за родители кои, и покрај тоа што се грижеле за дете со попреченост под исти фактички околности, се вработени или користат право на пензија. Со тоа, лица кои се наоѓаат во идентична положба во однос на основот на правото – грижата за дете со попреченост – се доведуваат во нееднаква положба врз основа на нивниот работен или пензиски статус.
Исклучувањето лица кои користат право на пензија, без притоа да се прави разлика во однос на висината на пензијата или реалната материјална положба, може да доведе до ситуации во кои лица со минимални приходи се лишени од правото, иако нивната фактичка состојба и потреби се споредливи со оние на лицата кои го остваруваат правото со што се доведува во прашање и усогласеноста на оспорената одредба со начелото на социјална праведност.
Законот експлицитно предвидува начело на социјална праведност. Исклучувањето родители поради формален статус (пензија/работа) може да значи дека лицата со реална потреба остануваат без поддршка, што го доведува во прашање уставниот концепт на социјална држава.
Од друга страна, старосниот услов како ограничување не е во директна врска со грижата за детето и неговите потреби. Односно, фактот дека родител кој има 59 години не може да го оствари правото, иако ги исполнува сите суштински услови, укажува на арбитрарност на законското решение.
Според Судот, поставувањето старосен услов за остварување на правото на траен надоместок не произлегува непосредно од природата и целта на ова право. Грижата за дете со попреченост и последиците кои таа ги има врз животот и можностите на родителот постојат независно од тоа дали родителот ја достигнал предвидената возраст. Оттука, се поставува прашањето дали ваквиот услов претставува објективен и разумен критериум или, пак, воведува ограничување кое не е во функционална врска со целта на правото.
Иако законодавецот има овластување да го уредува начинот на социјалната заштита, тоа не може да се остварува на начин којшто ја менува уставната гаранција за правото на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани, затоа што е спротивно на член 35 од Уставот.
Оттука, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на член 60 став 2 во делот „кој е невработен и не користи право на прензија, по наполнување на 60 години на живот за жена, односно 62 години на живот за маж“ од Законот за социјалната заштита, со член 8 став 1 алинеја 8 и член 35 од Уставот.
V
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски