На 30 септември(среда) 2026 година, со почеток во 9:30 часот, Уставниот суд ќе ја одржи 23. седница на која ќе се разгледуваат и гласаат следните предмети:
1. Реферат У.бр.96/2025, У.бр.97/2025, У.бр.98/2025, У.бр.105/2025, У.бр.106/2025, У.бр.108/2025, У.бр.115/2025, У.бр.116/2025, У.бр.119/2025, У.бр.123/2025, У.бр.124/2025, У.бр.125/2025, У.бр.127/2025, У.бр.128/2025, У.бр.130/2025, У.бр.141/2025 и У.бр.143/2025.
Оспорена одредба: Член 2 од Законот за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 154/2025.
Подносители на иницијативата по предметот У бр.96/2025:
Сузана Московска од Скопје
Љупчо Московски од Скопје
Милан Гелевски од Скопје
Лепосава Гелевска од Скопје
Михаил Апостолски од Скопје
Роза Апостолска од Скопје
Лина Петровска од Скопје
Даница Митева од Скопје
Снежанка Тодоровска од Скопје
Подносители на иницијативата по предметот У бр.97/2025:
Јадранка Мршиќ од Тито Беличанец
Подносител на иницијативата по предметот У бр.98/2025:
Игорчо Точев
Подносител на иницијативата по предметот У бр.105/2025:
Народен правобранител на Република Северна Македонија
Подносител на иницијативата по предметот У бр.106/2025:
Техелко Ристески
Подносители на иницијативата по предметот У бр.108/2025:
Емил Јанчевски и Стефан Ѓорчев
Подносител на иницијативата по предметот У бр.115/2025:
Драги Ѓошевски
Подносители на иницијативата по предметот У бр.116/2025:
Мирослав Петровски и Зоран Пејковски
Содржина на оспорената одредба:
Член 2
(1) Одредбите од членот 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 98/12, 166/12, 15/13, 170/13, 43/14, 44/14, 97/14, 113/14, 160/14, 188/14, 20/15, 61/15, 97/15, 129/15, 147/15, 154/15, 173/15, 217/15, 27/16, 120/16, 132/16, 35/18, 220/18 и 245/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 180/19, 275/19, 31/20, 267/20, 67/22, 79/23, 193/24 и 75/25), не се применуваат во периодот од 1 септември 2025 година до 31 март 2026 година.
(2) Сите видови на пензии, кои се исплаќаат во Република Северна Македонија, на 1 септември 2025 година и на 1 март 2026 година се усогласуваат на начин што вкупниот месечен износ добиен од процентот за зголемување на пензиите пресметан како збир од 50% на порастот на индексот на трошоците на живот и 50% на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Северна Македонија во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи, објавени од Државниот завод за статистика, се дели со вкупниот број на корисници на пензија кои правото на пензија го оствариле заклучно со 31 август 2025 година, односно 28 февруари 2026 година.
¹ Законот е донесен на седница на Собранието одржана на 24.07.2025 година и објавен во Службен весник на Република Северна Македонија бр.154 од 29.07.2025 година.
Од наводите во иницијативата:
Според наводите во иницијативите, со оспорената одредба за периодот од 1 септември 2025 до 31 март 2026 година, се суспендира примената на член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување како системска одредба која овозможува усогласување на старосната пензија базирано на пораст на плата и инфлацијата, во висина која ги следи економските параметри. Со оспорената одредба, се тврди дека пензиите се усогласуваат линеарно, односно со подеднаков износ на зголемување за сите пензионери, без оглед на висината на пензијата, односно висината на индивидуалното вложување со пензиските придонеси и годините на работен стаж. Во наводите од иницијативите се тврди дека без објективно и разумно оправдување се фаворизира една категорија пензионери со ниски пензии на сметка на друга. Пензионерите со повисоки пензии, засновани на повисоки плати и долг стаж, добиваат релативно помало зголемување во проценти, со што нивната пензија губи реална вредност во однос на другите. Тоа значи дека државата ги изедначува пензиите на штета на оние што придонеле повеќе, со што се врши дискриминација, односно еднаков третман на нееднакви ситуации што е фактичка нееднаквост, спротивно на уставното начело на еднаквост кое подразбира еднаквост во права, рамноправност пред законите и забрана на директна или индиректна дискриминација.
2. Реферат У.бр.163/2025
Оспорена одредба:
Член 39 став 1 во делот „пред да го поднесат барањето за прекршочна постапка“ од Законот за хидрометеоролошка дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 103/08, 115/08, 53/11, 51/15 и 149/15).
Содржина на оспорената одредба:
Член 39
(1) За сторен прекршок под услови пропишани со овој закон, овластените лица за вршење на стручен надзор при констатирање на прекршокот должни се на сторителот на прекршокот да му предложат постапка за издавање на прекршочен платен налог, пред да го поднесат барањето за прекршочна постапка.
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека оспорениот дел е во спротивност со владеењето на правото. Според неговото толкување се прави вмешување на едни надлежности што ги има функционерот или друго лице кое раководи со органот со лицата вработени во органот а меѓу кои е и контролата за тоа да ли прописот се спроведува од контролираниот субјект. На тој начин, се воспоставува правна несигурност, се наведува во иницијативата.
3. Реферат У.бр.12/2026
Оспорена одредба: член 27 став 1 алинеја 2 од Законот за бесплатна правна помош („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/2019 и 194/2024).
Подносител на иницијативата: Oливер Давидовски
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата меѓу другото, се наведува дека со член 27 од Законот се уредува надоместокот на исплатени средства за неоправдано добиена секундарна правна помош. Подносителот тврди дека согласно став 1 алинеја 2 од истиот член, лицето на кое претходно му била обезбедена и ја користело секундарната правна помош има обврска во целост да ги надомести исплатените средства за неосновано добиената секундарна правна помош на сметка на Буџетот на Република Северна Македонија, ако не ги почитува обврските од членот 28 наведениот закон.
4. Реферат У.бр.49/2026
Оспорени одредби: Член 5 став 6 и член 44 став 1 точка 3 од Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 67/1992, 20/2003, 46/2004, 19/2007, 84/2008, 51/2011, 135/2011, 154/2015 и 55/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 302/2020, 122/2021, 67/2022, 65/2023 и 45/2025).
Подносител на иницијативата: Ирена Васовска
Од наводите во иницијативата:
Подносителката тврди дека во оспорениот став 6 е употребена паушална, премногу општа формулација дека имателот е должен „грижливо да ја чува патната исправа“, без да се определи што точно значи тоа и кои конкретни дејствија или пропусти се сметаат за повреда на таа обврска. Се наведува дека ваквата формулација остава широк простор за толкување од страна на надлежните органи, а пред сè на Министерството за внатрешни работи, кое во практиката ја применува оспорената одредба во ситуации кога е констатирано „негрижливо чување – губење на патна исправа“. Подносителката смета дека таквата квалификација е нејасна, бидејќи самиот Закон веќе содржи посебна одредба за случаите на исчезнување или губење на пасошот, како и посебна прекршочна санкција за непријавување на губењето или исчезнувањето во рок од три дена. Според наводите во иницијативата ако станува збор за губење на патната исправа, тогаш правно релевантна е одредбата која се однесува на непријавување на губењето, а не оспорената одредба за „негрижливо чување“.
5. Реферат УЗ.бр.87/2025
Оспорен акт: Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 257/2025).
Подносител на иницијативата: Политичка партија „Социјалдемократски сојуз на Македонија”- Скопје
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата наведува дека оспорената Резолуција е во спротивност со членот 16 од Уставот, бидејќи ја загушува слободата на мислата и јавно да се искаже мислата и сопственото мислење на темата со мигрантите во земјата. Притоа, се тврди дека за прашање од јавен интерес се загушува мислењето и се осудува наративот на критика, претставувајќи го како лажен и манипулативен. Се наведува дека целта на оспорениот акт е да врши цензура врз неистомислениците за тема од особен јавен интерес и во никој случај критиката не може да биде нападната како средство за создавање и паника и нарушување на јавната стабилност.
6. Реферат УЗ.бр.5/2026
Оспорени одредби: Член 1 и 2 од Правилникот за измена и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 215/2025) и Одлуката бр. 02-01-1642/2 од 29.12.2025 година, донесена од Собранието на ЗАМП.
Подносители на иницијативата: Ѓорѓи Крстевски и Рамиз Јусуфи
Од наводите во иницијативата:
Според подносителите на иницијативите со донесувањето на оспорената одлука не се почитува уставно-судската практика на Уставниот суд, бидејќи оспорената одлука содржи одредби чија содржина е идентична со одредбите коишто со Одлуките У.бр.268/2024 и У.бр.197/2024 кои Судот ги укина.
Се тврди дека со оспорената одлука се повредува принципот на еднаквост и правото на сопственост, бидејќи авторите чии дела се емитуваат во терминот од 00 до 07 часот, или чии дела се користат како авизо/кулисна музика, се ставаат во нееднаква положба во однос на останатите автори. На ваков начин, според подносителите се ограничува надоместокот на 600 и 1200 ефективни секунди, со што авторот се лишува од неговото право на сопственост загарантирано со член 30 од Уставот.
7. Реферат УЗ.бр.3/2026
Оспорен акт: Одлука за давање согласност на Годишниот план за вработување во општина Дојран за 2026 година бр.08-1841/4 од 12.12.2025 година.
Подносител на иницијативата: Ратко Ајцев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот во иницијативата наведува дека функционерот на општина Дојран, во рамките на своите надлежности, доставил Годишен план за вработување за 2026 година до Советот на општина Дојран, кој по негово разгледување донел Заклучок за недавање за вработувањето и со укажување истиот да се измени и дополни. Понатаму, се наведува дека коригираниот Годишен план за вработување за 2026 годинаповторно бил доставен, но Советот на општина Дојран повторно не дал согласност, без да утврди конкретни насоки за усогласување, туку донел Одлука за недавање согласност на Годишен план за вработување за 2026 година. Подносителот укажува дека по промената на функционерот во општината Дојран, новоизбраниот функционер доставил нов Годишен план за вработување за 2026 година на кој Советот на општината Дојран дал согласност и покрај тоа што законските рокови за негово донесување биле истечени.
Подносителот смета дека Советот на општината Дојран го прекршил член 20-б став 1 од Законот за вработени во јавниот сектор, бидејќи наместо да донесе заклучок за корекција или усогласување на планот, донел одлука за недавање согласност.
8. Реферат УЗ.бр.28/2026
Оспорен акт: Одлука за утврдување правен статус на бесправни објекти изградени на земјиште на кое согласно важечката урбанистичко-планска документација е предвидена намена јавна површина бр.08-1534/6 од 29.05.2023 година („Службен гласник на Општина Илинден“ бр.5/2023).
Подносител на иницијативата: Марјан Здравковски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека со оспорената одлука Советот на Општина Илинден овозможил легализација на бесправно изградени објекти кои навлегуваат во јавна површина, иако, според него, такво нешто не е дозволено со закон. Според наводите во иницијативата, јавната површина претставува простор од јавен интерес и не може со општински пропис да се третира како простор кој може да биде предмет на легализација во корист на приватни лица. Подносителот смета дека со ваквото уредување се создава можност за фактичка приватизација на јавен простор, спротивно на начелото на владеење на правото, правната сигурност, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата на јавниот интерес.
II БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА
1. Реферат БЗСП.бр.5/2026
Подносител на барањето: ПАН МОНТИНГ ДООЕЛ Скопје преку управителот Петар Баришиќ
Предмет на барањето: Барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот кои се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност.
Акти со кои наводно е сторена повредата:
Решение од 26.02.2026 на Апелациониот суд Гостивар и Решение од 02.12.2025 година на Основниот суд Тетово
Решение од 08.04.2026 на Апелациониот суд Гостивар и Решение од 03.02.2026 година на Основниот суд Тетово
Решение од 17.04.2026 на Апелациониот суд Гостивар и Решение од 30.12.2025 година на Основниот суд Тетово
Од наводите во барањето:
Според подносителот, предмет на барањето за заштита на слободите и правата е дискриминација по однос на социјална припадност, потврдена со Решението на Апелациониот суд Гостивар, а врз основа на присилното извршување во извршната постапка.
III- ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКИ
1. У.бр.17/2025
На 03.06.2026 година Судот поведе постапка за оценување на уставноста на член 177-г ставови 6 и 10, член 177-ѓ став 4 и член 177-ј став 8 од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/2013, 12/2014, 44/2014, 144/2014, 10/2015, 25/2015, 150/2015, 192/2015, 27/2016, 163/2017, 21/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/2019, 146/2019, 275/2019, 311/2020, 294/2021, 150/2022, 236/2022, 17/2025 и 132/2025).
2. У.бр.32/2025
На 04.02.2026 година Судот поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 2 став 3 во делот „гарантирана минимална помош“, член 3 став 2 во делот „гарантирана минимална помош“, член 12 став 5 во делот „гарантирана минимална помош“, насловот на член 20 во делот „гарантирана минимална помош“, член 20 став 1 во делот „гарантирана минимална помош“, насловот на член 22 во делот „гарантирана минимална помош“, член 23 точка 20 во делот „65 години“, насловот на член 28 во делот „гарантирана минимална помош“, член 28 став 1 во деловите „гарантирана минимална помош“ и „65 години“, член 34 став 3 во делот „гарантирана минимална помош“ и член 39 во делот „гарантирана минимална помош“ од Правилникот за организацијата, составот и начинот на работата на Комисијата за оцена на работната способност. („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 142/2021, 278/2023 и 183/2025).
3. У.бр.57/2025
На 04.03.2026 година Судот поведе постапка за оценување на уставноста на член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за семејството . („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.199/2023).
4. УЗ.бр.80/2025
На 20.05.2006 година Судот поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 6 став 4 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за овластувања и начин на работа на контролата на Фондот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 226/2020).
