
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.17/2025
Скопје, 03.06.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 3 јуни 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 177-г ставови 6 и 10, член 177-ѓ став 4 и член 177-ј став 8 од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/2013, 12/2014, 44/2014, 144/2014, 10/2015, 25/2015, 150/2015, 192/2015, 27/2016, 163/2017, 21/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/2019, 146/2019, 275/2019, 311/2020, 294/2021, 150/2022, 236/2022, 17/2025 и 132/2025).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 177-г став 2 во делот „именувани од министерот“ и став 8 од Законот означен во точката 1 на овој диспозитив.
3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на дел од одредба и одредби од Законот означен во точката 1 од диспозитивот на ова решение.
Во иницијативата се цитира членот 177-г од Законот за заштита на децата и се наведува дека оспорената одредба од член 177-г став 2 во делот „именувани од министерот“ од Законот е нејасен и непрецизен од причина што во член 177-г од Законот како и законот во целина не се предвидени критериуми за избор на лицата од факултет или институт за општествено хуманистички науки со што се остава на арбитререн начин да се направи изборот, поради што се повредува начелото на владеењето на правото.
Исто така, се наведува дека лицата опфатени со член 177-г став 10 од Законот се лица вработени во министерството според став 9 од член 177-г од Законот и нивното ангажирањето во таа Комисија не може да се смета како нивен дополнителен ангажман туку нивна редовна обврска за која добиваат надоместок (плата) за извршената работа, а не и дополнителен надоместок во вид на награда, со што се повредува темелната вредност на правниот поредок владеењењто на правото.
Поради наведените причини, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на член 177-г став 2 во делот „именувани од министерот“ и став 10 од истиот член од Законот и истите да ги укине. Исто така, се предлага за оспорениот став 10 согласно одредбите од Актот, Судот да донесе решение за запирање од извршување на актите и дејствијата превземени врз основа на оспорената одредба, се до окончување на постапката.
II
Судот на седницата утврди дека според член 177-г став 2 од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.23/2013, 12/2014, 44/2014, 144/2014, 10/2015, 25/2015, 150/2015, 192/2015, 27/2016, 163/2017, 21/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2019, 146/2019, 275/2019, 311/2020, 294/2021, 150/2022, 236/2022, 17/2025 и 132/2025), прашањата од првиот дел од испитот и прашањата и практичните примери во вториот дел од испитот ги верификува Комисија за верификација на прашања составена од пет члена и тоа двајца претставници од Министерството, еден професор од факулет или институт за општествено хуманистички науки именувани од министерот, еден претставник од репрезентативниот синдикат и еден претставник од Бирото за развој на образованието.
Исто така, Судот утврди дека членот 177-г став 10 од Законот предвидува дека на одговорното лице од ставот (8) и административните лица од ставот (9) на овој член им следува месечен паричен надоместок во износ од една третина од просечната нето-плата во Република Северна Македонија за претходната година, за што министерот донесува решение.
При анализа на предметот, Судот, согласно со член 23 став 4 од Актот, одлучи по сопствена иницијатива да ја оцени уставноста на член 177-г став 6, член 177-ѓ став 4 и на член 177-ј став 8 од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/2013, 12/2014, 44/2014, 144/2014, 10/2015, 25/2015, 150/2015, 192/2015, 27/2016, 163/2017, 21/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 104/2019, 146/2019, 275/2019, 311/2020, 294/2021, 150/2022, 236/2022, 17/2025 и 132/2025).
Судот, исто така, утврди дека во членот 177-г став 6 од Законот за заштита на децата е предвидено дека членовите на Комисијата од ставот (2) на овој член имаат право на паричен надоместок што го определува министерот.
Член 177-ѓ став 4 од истиот закон предвидува на информатичарот од ставот (3) на овој член, во случај кога испитот се спроведува по електронски пат, му следува месечен паричен надоместок во износ од една третина од просечната нето-плата во Република Северна Македонија за претходната година, за што министерот донесува решение.
Исто така, се утврди дека со член 177-ј став 8 од Законот е предвидено на членовите на комисијата од ставот (6) на овој член им следува паричен надоместок кој на годишно ниво изнесува една просечна нето плата исплатена во Република Северна Македонија за што министерството донесува решение.
Се утврди дека членот 177-г став 8 од Законот предвидува стручните работи за потребите на спроведување на стручниот испит ги врши Комисијата од ставот (1) на овој член, за што министерот определува одговорно лице од министерството, кое утврдува дали кандидатот ги исполнува условите за полагање на испитот, а испитот технички го спроведува правно лице регистрирано во Централниот регистар избрано од министерот.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Во член 32 став 5 од Уставот е предвидено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Според член 51 став 1 од Уставот законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Во член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, е предвидено дека Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно со член 26 од Актот на Судот, при испитувањето на иницијативата од член 23 на овој акт, Уставниот суд не е ограничен со наводите или одредбите што се оспорени со истата.
Во главата XIII од Законот за заштита на децата „Комисија за лиценцирање на стручни лица во системот на згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст и директори на установи за деца“ се содржани членовите 175 до 182-а, со кои се регулира формирањето, составот, надоместокот, правата и обврските на Комисијата за издавање, обновување, продолжување и одземање на лиценци за работа односно предмет на уредување е лиценцирањето на грижата и воспитанието на децата.
Во член 175 од Законот е предвиден основот за формирање на Комисијата, додека во член 176 став 1 од истиот закон е утврден составот на ова тело.
Имено, Комисијата се состои од единаесет члена и тоа од Министерството за социјална политика, демографија и млади – четири члена, Министерството за образование и наука – еден член, Министерството за финансии – еден член, Бирото за развој на образованието – два члена и од факултети и институти за општествено хуманистички науки – три члена.
Во член 177 се определени лицата кои подлежат на лиценцирање: лица кои се заинтересирани да се вклучат во системот за згрижување и воспитание за деца од предучилишна возраст, на заинтересирани лица за директори на установи на деца, на заинтересирани лица за раководители на детска градинка/центар за ран детски развој како организациона единица основана од страна и во состав на правни лица, високообразовна установа и на приватно училиште и на лица вклучени во системот за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст (директори на установи за деца, лице кое раководи со детска градинка/центар за ран детски развој, како организациона единица основана од страна и во состав на правни лица, високообразовна установа и на приватно училиште; стручни работници, стручни соработници, воспитувачи и негователи во установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст; физички лица кои вршат одредени работи од дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст; лица вработени во агенциите за давање услуги за чување и нега на деца од предучилишна возраст). Согласно со ставот 2 на овој член, министерот на предлог на Комисијата за лиценцирање издава, обновува, продолжува и одзема лиценци за работа на лицата од ставот 1 на овој член.
Во другите одредби од ова глава уредена е постапката за стекнување на лиценца, чиј составен дел е полагањето на стручен испит на кандидатите согласно со член 177-а од Законот.
Во член 177-б од Законот уредена е содржината и начинот на полагање на стручниот испит, додека во член 177-в од истиот закон е предвидено дека стручниот испит за стекнување на лиценца за работа се полага според програма во која се содржани градивото, прописите и литературата којашто Програма ја донесува Комисијата од членот 175, односно Комисијата за лиценцирање.
Комисијата за лиценцирање согласно со оспорениот член 177-г од Законот, ги изготвува базите на прашањата за испитот и има 10 ставови.
Согласно член 177-г став 1 од Законот базите на прашања за првиот и базите на практични примери за вториот дел на испитот од членот 177-ѕ од овој закон ги изготвуваат членовите на Комисијата од членот 175 од овој закон. Според став 2 прашањата од првиот дел од испитот и прашањата и практичните примери во вториот дел од испитот ги верификува Комисија за верификација на прашања составена од пет члена и тоа двајца претставници од Министерството, еден професор од факулет или институт за општествено хуманистички науки именувани од министерот, еден претставник од репрезентативниот синдикат и еден претставник од Бирото за развој на образованието. Во став 3 се наведува дека Комисијата од ставот 2 на овој член врши и ревизија и ажурирање на базите на прашања и базите на практични примери од членот 177-ѕ од овој закон најмалку двапати годишно. Ставот 4 предвидува дека при ревизијата Комисијата од ставот 2 на овој член особено ги има предвид измените на прописите на кои е засновано прашањето, односно практичниот пример, бројот на кандидати кои го одговорале, успешноста во одговарањето на истите, како и други критериуми кои можат да влијаат на подобрувањето на квалитетот на базите од членот 177-ѕ од овој закон. Во став 5 предвидува дека врз основа на извршената ревизија и ажурирање на базите на прашања и базите на практични примери, Комисијата од ставот (2) на овој член одлучува најмалку 30% од кои прашања и практични примери да бидат изменети или целосно отстранети и заменети со нови од базите од членот 177-ѕ од овој закон.
Согласно став 6 на истиот член и закон членовите на Комисијата од ставот 2 на овој член имаат право на паричен надоместок што го определува министерот. Во ставот 7 на истиот член е предвидено дека Годишниот паричен надоместок од ставот 6 на овој член не го надминува нивото на две просечни плати во Република Северна Македонија за претходната година објавена од Државниот завод за статистика. Според став 8 стручните работи за потребите на спроведување на стручниот испит ги врши Комисијата од ставот 1 на овој член, за што министерот определува одговорно лице од министерството, кое утврдува дали кандидатот ги исполнува условите за полагање на испитот, а испитот технички го спроведува правно лице регистрирано во Централниот регистар избрано од министерот. Ставот 9 предвидува за административно-техничките работи на Kомисијата од ставот 1 на овој член и за спроведување на стручниот испит за стекнување на лиценца за работа, министерот определува најмногу три административни лица, од редот на вработените во министерството.
Според став 10 од истиот член и закон на одговорното лице од ставот 8 и административните лица од ставот (9) на овој член им следува месечен паричен надоместок во износ од една третина од просечната нето-плата во Република Северна Македонија за претходната година, за што министерот донесува решение.
Во член 177-д од Законот е предвидено дека стручниот испит се спроведува најмалку два пати годишно. За полагање на испитот заинтересираните кандидати поднесуваат барање до Комисијата од член 175, којашто утврдува дали кандидатите ги исполнуваат условите и донесува решение за одбивање на барањето за полагање на испитот за стекнување на лиценца за работа, доколку кандидатот не ги исполнува условите.ж
Член 177-ѓ од Законот се однесува на спроведувањето на стручниот испит, при што се предвидува испитот да се снима и во живо да се пренесува на веб-страницата на министерството, во присуство на најмалку тројца членови од Комисијата.
Според член 177-ѓ став 4 од Законот на информатичарот од ставот 3 на овој член, во случај кога испитот се спроведува по електронски пат, му следува месечен паричен надоместок во износ од една третина од просечната нето-плата во Република Северна Македонија за претходната година, за што министерот донесува решение.
Членовите на Комисијата одлучуваат за прекин на испитот во случај кога постојат технички проблеми со компјутерскиот систем на полагање (член 177-е) или од причини поврзани со кандидатите (член 177-ж) и одлучува за продолжување на прекинатиот испит.
Согласно со член 177-з, Комисијата од членот 175 од овој закон поблиску го утврдува начинот на бодување на првиот и вториот дел од испитот. На денот на полагањето на испитот, согласно со член 177-и, претставник на Комисијата од членот 175 од овој закон му дава на кандидатот пристапен код, односно лозинка со кој му се одобрува пристап во електронскиот систем, а во текот на испитот членовите на Комисијата му даваат појаснување на кандидатот во врска со начинот на решавање на испитот. По завршување на испитот, на барање на кандидатот Комисијата од членот 175 од овој закон го информира за направените грешки во тестот за полагање на стручниот испит, со овозможување непосреден увид во тестот (член 177-ј).
Согласно со член 177-ј, Комисијата по успешно положениот испит му издава на кандидатот уверение, врз основа на кое министерот ја издава лиценцата.
Во член 177-ј став 6 е предвидено дека министерот формира Комисија за ревизија на одржаните испити, чии членови не се од редот на членовите на Комисијата за лиценцирање која во својата работа ги користи материјалите од ставот (5) на овој член.
Според член 177-ј став 8 на членовите на комисијата од ставот (6) на овој член им следува паричен надоместок кој на годишно ниво изнесува една просечна нето плата исплатена во Република Северна Македонија за што министерството донесува решение.
Комисијата, исто така, одлучува за обновување, продолжување и одземање на лиценците, согласно со членовите 179, 179-а и 180 од Законот. Лиценците се со важност од 5 години (член 178 став 3).
Во член 182 од Законот е определено дека Комисијата за лиценцирање донесува програма и деловник за работа, како и Кодекс за стручните лица во системот за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст.
Во член 24 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019, 110/2019 и 154/2019, 121/2024), пропишани се надлежностите на Министерството за социјална политика, демографија и млади, каде меѓу другите надлежности, во алинејата 7 е определено дека ова министерство ги врши работите кои се однесуваат и на заштитата на децата и малолетните лица.
Според член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа Министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.
Во член 56 став 1 е предвидено дека со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување.
IV
Од наведените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија која, меѓу другите елементи, се изразува и преку начелото на уставност и законитост, односно преку општата обврска за почитување на Уставот и законите и обврската за доносителите на правни акти да обезбедат нивна усогласеност со Уставот и со законите со што се обезбедува хиерахијата и супремацијата на Уставот во правниот поредок. Одредбата од членот 96 од Уставот, исто така, произлегува од начелото на владеењето на правото кое ги обврзува органите на државната управа работите што спаѓаат во нивната надлежност да ги извршуваат врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Надлежностите на органите на државната управа се предмет на уредување на Законот за организација и работа на органите на државната управа во кој точно се наведени надлежностите на секое министерство, односно на другите органи на државната управа. Од содржината на член 24 став 1 од овој закон, јасно произлегува дека Министерството за социјална политика, демографија и млади меѓу другите надлежности, ги врши и работите што се однесуваат и на заштитата на децата и малолетните лица и дека заради операционализација на оваа надлежност на министерството, донесен е Законот за заштита на децата.
Анализата на одредбите од Законот за заштита на децата кои се релевантни за правните прашања што ги покренува предметната иницијатива, покажува дека во Законот посебно поглавје е посветено на издавањето на лиценци за вршење на дејностите поврзани со грижата и воспитувањето на децата од предучилишна возраст (воспитувачи, негователи, педагози, психолози, дефектолози, логопеди, директори на детски установи и сл.) и дека поседувањето на лиценца за вршење на стручните дејности во системот на згрижување и воспитување на децата се јавува како предуслов за вршење на работите на овие работни места.
Издавањето на лиценци претставува класична управна функција на органите на државната управа којашто значи конкретно остварување на нивните надлежности во областа за која тие се основани и преку која органите ги спроведуваат законските прописи – водат постапки и донесуваат поединечни управни акти со кои се дозволува или не се дозволува вршење на одредена дејност што спаѓа во делокругот на тој управен орган. Во конкретниот случај, станува збор за издавање лиценци за вршење на дејности и работни задачи поврзани со грижата и заштитата на малолетните лица кои ги издава министерот на предлог на Комисијата за лиценцирање на стручни лица во системот за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст и на директори на установи за деца (во натамошниот текст: Комисија за лиценцирање). Комисијата за лиценцирање се формира во рамки на Министерството за социјална политика, демографија и млади, од страна на министерот, од каде произлегува дека оваа комисија врши работи што спаѓаат во рамки на надлежностите на наведеното министерство и се негова управна функција.
Судот на истата седница по сопствена иницијатива одлучи да ја цени уставноста и на член 177-г став 8 од истиот Закон.
Од содржината на оспорената одредба од член 177-г став 2 од Законот произлегува дека во конкретниот случај Комисијата за верификација на прашања составена од пет члена и тоа двајца претставници од Министерството, еден професор од факулет или институт за општествено хуманистички науки именувани од министерот, еден претставник од репрезентативниот синдикат и еден претставник од Бирото за развој на образованието и ставот 6 предвидува дека членовите на Комисијата од ставот (2) на овој член имаат право на паричен надоместок што го определува министерот. Во ставот 7 на истиот член е предвидено дека Годишниот паричен надоместок од ставот 6 на овој член не го надминува нивото на две просечни плати во Република Северна Македонија за претходната година објавена од Државниот завод за статистика.
Од анализа на оспорените одредбите произлегува дека министерот има законско овластување да именува членови на Комисијата, да определува одговорно лице од министерството кое утврдува дали кандидатот ги исполнува условите за полагање на испитот и да определува најмногу три административни лица, од редот на вработените во министерството за административно-техничките работи на Kомисијата.
По однос на наводите на подносителот дека делот „именувани од министерот“ содржан во член 177-г став 2 од Законот создава правна несигурност бидејќи е нејасен и непрецизен од причина што во член 177-г од законот како и во самиот закон во целина не се предвидени критериуми за избор на професор од факултет или институт за општествено хуманистички науки со што се остава на арбитререн начин да се направи изборот од страна на министерот, Судот оцени дека се неосновани. Ова од причина што оспорениот дел од одредбата е јасен и прецизен бидејќи со истиот само се определува начинот односно овластувањето на министерот за именување на членови на Комисијата.
Имено, со оспорената одредба не се создава правна несигурност и повреда на темелната вредност владеење на правото, бидејќи министерот има законско овластувања да именува членови од точно определена категорија на лица.
Судот, исто така, оцени дека член 177-г став 8 од Законот, не е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставиот бидејќи истиот е јасен, прецизен и недвосмислен. Имено, со истиот се предвидува овластувањето на надлежниот министер да определува одговорно лице од министерството, кое утврдува дали кандидатот ги исполнува условите за полагање на испитот.
Според член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа Министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон, што значи дека министерот може со подзаконски акт (правилник) да ги пропише критериумите и постапката за избор на членовите на Комисијата, заради поголема правна сигурност и транспарентност. Во конкретниот случај критериумите и постапката за избор на членовите на Комисијата се предвидено во оспорената одредба според која министерот формира комисијата во состав од точно определени лица, со што не се остава можност за различно толкување и нејзина различна примена, како што е наведено во конкретната иницијатива.
По однос на наводите дека со сопорениот став 10 на член 177-г од истиот закон, се повредува темелната вредност владеењето на правото, од причина што ангажирањето на лицата во работата на Комисијата согласно со ставовите 8 и 9 на член 177-г од Законот, не може да се смета како нивен дополнителен ангажман туку како нивна редовна обврска за која добиваат надоместок (плата) за извршената работа, а не и дополнителен надоместок во вид на награда, Судот оцени дека се основани. Ова од причина што вршење на работите од надлежноста на органите не може да се смета за дополнителна работа, туку е редовна работа на вработените во тие органи за што добиваат надоместок во вид на плата.
Имено, издавањето на лиценци претставува класична управна функција на органите на државната управа којашто значи конкретно остварување на нивните надлежности во областа за која тие се основани и преку која органите ги спроведуваат законските прописи – водат постапки и донесуваат поединечни управни акти со кои се дозволува или не се дозволува вршење на одредена дејност што спаѓа во делокругот на тој управен орган. Во конкретниот случај, станува збор за издавање лиценци за вршење на дејности и работни задачи поврзани со грижата и заштитата на малолетните лица кои ги издава министерот на предлог на Комисијата за лиценцирање на стручни лица во системот за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст и на директори на установи за деца.
Комисијата за лиценцирање се формира во рамки на Министерството од страна на министерот, од каде произлегува дека оваа комисија врши работи што спаѓаат во рамки на надлежностите на наведеното министерство и се негова управна функција.
Од содржината на член 177-г став 8 од Законот произлегува дека стручните работи за потребите на спроведување на стручниот испит ги врши одговорно лице од министерството определено од страна на министерот, кое утврдува дали кандидатот ги исполнува условите за полагање на испитот, а испитот технички го спроведува правно лице регистрирано во Централниот регистар избрано од министерот. За административно-техничките работи на Kомисијата и за спроведување на стручниот испит за стекнување на лиценца за работа, министерот определува најмногу три административни лица, од редот на вработените во министерството и дека на одговорното лице од ставот 8 и на административните лица од ставот 9 од истиот член, согласно со оспорениот став 10 на овој член, им следи месечен паричен надоместок во износ од една третина од просечната нето-плата во Република Северна Македонија за претходната година, за што министерот донесува решение.
Судот исто така, изрази сомнеж и за уставноста на член 177-г став 6, член 177-ѓ став 4 и на член 177-ј став 8 од Законот од аспект на темелната вредност на правниот поредок владеење на правото.
Во врска со надоместоците за членување и анагажирање во работата на комисиите што се основаат во министерствата и другите органи на управата, Уставниот суд има утврдена уставно-судска практика според која, вршењето на работни обврски и задачи кои произлегуваат од делокругот на работа на органот на државната управа и од неговите надлежности, претставува редовна работа на вработените во тие органи за што државните службеници добиваат надоместок во вид на плата. Судот во повеќе предмети укажал дека дополнителното парично наградување на државните службеници вработени во органите на државната управа, за работно ангажирање како членови или дел на различни тела и комисии, не е во согласност со уставното начело на владеењето на правото, бидејќи вршење на работите од надлежноста на органите не може да се смета за дополнителна работа. (Одлука У.бр.20/2009 од 13 јануари 2010 година, Одлука У.бр.254/2009 од 15 септември 2010 година, Одлука У.бр.202/2010 од 6 април 2011 година, Одлука У.бр.112/2011 од 24 ноември 2011 година, Одлука У.бр. 71/2011 од 24 април 2013 година, Одлука У.бр.206/2023 од 2 мај 2024 година и други).
Поаѓајќи од наведената уставно-судска практика, Судот оцени дека може да се изрази сомнеж во уставноста на член 177-г став 6 и 10, член 177-ѓ став 4 и на член 177-ј став 8 од Законот. Ова од причина што вршењето на стручните работи за работно ангажирање како членови на различни тела и комисии од страна на државните службеници вработени во органите на државната управа, не може да се смета за дополнителен нивен ангажман, туку тоа претставува нивна работна обврска за чие извршување добиваат надомест во вид на плата.
Врз основа на наведеното, Уставниот суд утврди дека основано може да се постави прашањето за согласноста на член 177-г став 6 и 10, член 177-ѓ став 4 и на член 177-ј став 8 од Законот за заштита на децата со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски