Издвоено мислење по предметот У.бр.105/2019

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), по моето гласање против Одлуката У.бр.105/2019 донесена од Уставниот суд на 4 март 2020 година, го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

1. НЕ СЕ СОГЛАСУВАМ со Одлуката У.бр.105/2019 донесена од Уставниот суд на 4 март 2020 година, со која „се одбива барањето на Ружица Николовска адвокат од Скопје за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија што се однесуваат на правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата“, повредени со Решението КОК.бр.40/18 донесено од Основниот суд Скопје I на 02.11.2018 и Решението КОК-КР.бр.11/19 донесено од Кривичниот совет на Основниот суд Скопје I на 6 март 2019 година.

2. Несогласувањето со наведената одлука на Уставниот суд е поради: (а) несоодветно утврдена и интерпретирана фактичка состојба, (б) несоодветно применети уставно-судски процесни правила и (в) оневозможување да се оствари уставно загарантираната слобода на мислата и јавното изразување на мислата.

(а) Во врска со фактичката состојба, таа е несоодветно утврдена со Одлуката У.бр.105/2019, од следните причини:

-не е утврдено времето, попрецизно моментот, во кој е дадена спорната изјава на Ружица Николовска иако:

*Барателката наведува дека изјавата е дадена „…кога веќе претседателот на Советот го заврши рочиштето за тој ден и внесе на записник термин со кој се закажува наредна расправа“, потоа иако
*во Решението КОК.бр.40/18 донесено од Основниот суд Скопје I на 02.11.2018 година се наведува дека „во моментот кога Претседателот на советот наведе дека расправата се одлага за наредниот закажан датум 05.11.2018 година, …Ружица Николовска адвокат од Скопје иронично се обрати на Претседателот на советот „Нема ли уште една снимка да гледаме?“ алудирајќи на времето кога заврши расправата“ и иако
*во Решението КОК-КР.бр.11/19 донесено од Кривичниот совет на Основниот суд Скопје I на 6 март 2019 година се наведува дека „…во моментот кога судот донел решение главната расправа да се одложи за наредниот закажан датум, бранителот на обвинетиот иронично се обратил на судот и прашал „Нема ли уште една снимка да гледаме?“, притоа алудирајќи на времето кога расправата завршила, со оглед дека истата завршила во 20,15 часот.“

Од наведените правни акти (Решението КОК.бр.40/18 и Решението КОК-КР.бр.11/19) и од наводите на адвокатот Ружица Николовска доставени до Уставниот суд заедничко е дека СПОРНАТА ИЗЈАВА Е ДАДЕНА ПО ЗАВРШУВАЊЕТО НА ГЛАВНАТА РАСПРАВА. Уставниот суд го занемари тој факт иако во предметот ги има доказите за тоа. Значењето на тој факт е од битно влијание за мериторно одлучување по ова барање.

-Имено, не е утврдено како, попрецизно на кој начин, е дадена спорната изјава на Ружица Николовска иако:

*Барателката наведува дека изјавата е дадена така што „…воопшто не се обраќам до ниту еден член од советот, туку напротив се работи за лично и слободно комуницирање со луѓето кои се наоѓаат во моја близина“, понатаму наведува „…станува збор за разменување на информации и комуникација по завршување на расправата и надвор од самата расправа, што значи дека во ниту еден момент не станува збор за обраќање кон судот“, потоа наведува дека „во овој случај, адвокатот не упати навреда кон судот, ниту се обрати кон судот“, додека пак
*во Решението КОК.бр.40/18 донесено од Основниот суд Скопје I на 02.11.2018 година се наведува дека „…Ружица Николовска адвокат од Скопје иронично се обрати на Претседателот на советот со зборовите …“ (страна 2 став 1 од Решението), а
*во Решението КОК-КР.бр.11/19 донесено од Кривичниот совет на Основниот суд Скопје I на 6 март 2019 година се наведува дека „…бранителот на обвинетиот иронично се обратил на судот и прашал …“ (страна 2 став 4 од Решението КОК-КР.бр.11/19).

Наведените два правни акти на Основниот суд Скопје I и писмените наводи на адвокатот Ружица Николовска доставени до Уставниот суд, СЕ МЕЃУ СЕБЕ ПРОТИВРЕЧНИ.

Барателката тврди дека не се обраќала кон Судот, а во Решението КОК.бр.40/18 и во Решението КОК-КР.бр.11/19 се тврди дека Ружица Николовска се обраќала кон Судот. Притоа, во Решението КОК.бр.40/18 и во Решението КОК-КР.бр.11/19 се наведува дека Ружица Николовска се обратила на Судот, а во одговорот на Судечкиот судија по предметот КОК.бр.40/18 упатен до Уставниот суд се наведува дека таа се обратила на Претседателот на советот.
За таквата двострано контрадикторна фактичка состојба, за која постојат докази во уставно-судскиот предмет, Уставниот суд требаше да изврши дополнителни истражувања имајќи го предвид значењето на тој факт за поставеното барање да се заштити слободата на јавното изразување на мислата, особено што Барателката ги посочила доказите кои постојат и кои се достојни да им се верува како што е видео-тонскиот запис од расправата одржана на 02.11.2018 година. Наместо изведување на факт од посочениот доказ, Уставниот суд го занемари и тој релевантен факт.

Исто така, не е утврдено како, попрецизно на кој начин, е донесено Решението КОК.бр.40/18 на Основниот суд Скопје I од 02.11.2018 година, иако:

*Барателката наведува дека „…претседателот на советот без да се советува со останатите членови на советот на записник од 02.11.2018 година донесе решение со кое бранителот Ружица Николовска се казнува во износ од 500 евра во денарска противвредност од 30.750,00 денари…“, како и „…претседателот на советот таквото решение го носи самостојно, а не како совет составен од 2 судии и 3 судии поротници …“, додека

*во воведот на Решението КОК.бр.40/18 донесено од Основниот суд Скопје I на 02.11.2018 година се наведува дека „Основниот суд Скопје I Скопје, Одделение за организиран криминал и корупција, како првостепен кривичен суд преку судијата Добрила Кацарска како Претседател на советот, судијата Дарко Тодоровски како член на советот и судиите поротници Зоран Јовановски, Сузана Филиќ и Драган Филиповски, како членови на советот …“, а

*во Решението КОК-КР.бр.11/19 донесено од Кривичниот совет на Основниот суд Скопје I на 6 март 2019 година најнапред се изнесуваат наводите во жалбата на Ружица Николовска до Кривичниот совет, меѓу кои и наводот дека „…согласно одредбата од чл.88 од ЗКП, советот е тој кој го носи решението, што не е сторено во конкретниот случај со оглед дека истото е донесено од страна на претседателот на советот без да се советува со советот, што може да се види од записникот за главна расправа од 02.11.2018 година“, при што во ова решение се констатира дека во прилог на жалбата е доставен записник од главна расправа КОК.бр.40/18 од 02.11.2018 година и ЦД од одржана главна расправа од 02.11.2018 година, но потоа Кривичниот совет ја цитира содржината на член 88 став 1 од ЗКП и не се произнесува по наводот во жалбата дека Решението КОК.бр.40/18 не е донесено од Судечкиот совет туку од претседателот на Советот.

Оттука, постои ПРОТИВРЕЧНОСТ меѓу наводите на Ружица Николовска, изнесени во Барањето до Уставниот суд и во жалбата упатена до Кривичниот совет, од една страна, и содржината на воведот на Решението КОК.бр.40/18 донесено од Основниот суд Скопје I на 02.11.2018 година, од друга страна. Притоа, имајќи предвид дека во Решението КОК-КР.бр.11/19 се констатира дека во прилог на жалбата се примени записник од главна расправа КОК.бр.40/18 од 02.11.2018 година и ЦД од одржана главна расправа од 02.11.2018 година, со што Ружица Николовска ги посочува доказите кои постојат и кои се веродостојни за утврдување на вистината по конкретното прашање, а Кривичниот совет не се изјасни за тоа, произлегува дека Уставниот суд требало да го расчисти и тоа фактичко прашање. Наместо тоа, и Уставниот суд премина преку тоа прашање без утврден факт и без одговор во врска со него.

-Понатаму, не е утврдено како, попрецизно на кој начин, е определена висината на паричната казна од 500 евра во денарска противвредност во Решението КОК.бр.40/18 донесено од Основниот суд Скопје I на 02.11.2018 година. Имено:

*во Барањето на Ружица Николовска доставено до Уставниот суд се наведува, меѓу другото, дека Европскиот суд за човекови права ги има следните ставови: слободата на изразувањето на адвокат треба да се цени од аспект на тоа дали неговата изјава е дадена во судница (во кој случај критиката кон судот е дел од правото на правично судење и на правото на одбрана на интересите на клиентот) или надвор од судница, дали изјавата се однесува на подобро функционирање на правосудниот систем и остварување на јавен интерес (во кој случај слободата на изразувањето на адвокатот не треба да се казнува) или не е во таа функција, дали изјавата на адвокатот се заснова на пренесување на факти и на вредносни ставови на адвокатот (во кој случај има слобода на изразување) или изјавата не се заснова на тие основи, дали изјавата на адвокатот е во најдобар интерес на неговиот клиент или не е во таа функција, дали изречената санкција на адвокат од страна на суд има легитимна цел и дали е неопходна, соодветна и пропорционална на изјавата или нема општествена оправданост и можело да не се изрече казната или начинот на казнувањето или висината на казната биле несразмерни на изјавата. Имајќи ги предвид овие ставови, Барателката наведува дека „…незамисливо е, заради искажани вредносни ставови и мислења на еден адвокат, а посебно заради пренесување на факти како што впрочем беа долгите судски рочишта во траење од по 12 часа, да сето тоа се подведува под капата на една законска одредба „казнување заради навредна на судот“, а наведува и тоа дека висината на конкретно изречената санкција од 500 евра, што претставува нешто повеќе од една просечна плата во нашата држава, претставува начин за замолчување и своевидно дисциплинирање на адвокатите, односно нивно одвраќање од барање права како за себе, така и за обвинетите кои ги застапуваат.

*во Решението КОК-КР.бр.11/19 донесено од Кривичниот совет на Основниот суд Скопје I на 6 март 2019 година се изнесува содржината на жалбата на Ружица Николовска против Решението КОК.бр.40/18 донесено од Основниот суд Скопје I на 02.11.2018 година, при што, меѓу другото, се наведува дека Ружица Николовска го оспорува Решението КОК.бр.40/18 и поради тоа што „…судот произволно ја определил паричната казна без образложение за оправданоста од изрекување на високата парична казна … Конкретниот износ треба да биде соодветен на содржината и тежината на навредата која е изнесена …“, но потоа во ова решение Кривичниот совет не се изјасни за тој навод од жалбата. Имајќи го предвид изнесеното, произлегува дека Уставниот суд требало да го расчисти и тоа фактичко прашање и, по повод на наводите на Барателката упатени до Уставниот суд, да оцени дали висината на паричната казна е општествено оправдана, неопходна, соодветна и пропорционална на дејствието на адвокатот Ружица Николовска. Наместо тоа, и Уставниот суд премина преку тоа прашање без утврден факт и без одговор во врска со него.

– не е утврдена ниту исправноста на интерпретацијата на спорната изјава на Ружица Николовска. Имено:

*во Брањето на Ружица Николовска упатено до Уставниот суд не е наведена содржината на изјавата/прашањето за кое и’ е изречена парична казна, а
*во Решението КОК.бр.40/18 донесено од Основниот суд Скопје I на 02.11.2018 година се наведува дека „…Ружица Николовска адвокат од Скопје иронично се обрати на Претседателот на советот со зборовите: „Нема ли уште една снимка да гледаме?“ Алудирајќи на времето кога завршува расправата“ (страна 2 став 1 од Решението).
*во Решението КОК-КР.бр.11/19 донесено од Кривичниот совет на Основниот суд Скопје I на 6 март 2019 година, потоа се наведува дека „…бранителот на обвинетиот иронично се обратил на судот и прашал: „Нема ли уште една снимка да гледаме? притоа алудирајќи на времето кога расправата завршила, со оглед дека истата завршила во 20,15 часот“.

Недоведувајќи ја во прашање точноста на поставеното прашање со оглед дека НЕМА ПРОТИВРЕЧНОСТ МЕЃУ НАВОДИТЕ НА БАРАТЕЛКАТА И ДВЕТЕ СУДСКИ РЕШЕНИЈА за содржината на спорното прашање, се отвора дилема за тоа какво е значењето на наведеното прашање? Во врска со тоа:

*во Барањето на Ружица Николовска упатено до Уставниот суд се наведува дека прашањето е „…разменување на информации и комуникација по завршување на расправата и надвор од самата расправа, што значи дека во ниеден момент не станува збор за обраќање кон судот, а уште помалку за навреда или било каква иронија спрема судот. Ваквото санкционирање на бранителите во еден од највисоко профилираните кривични случаи претставува арбитрерно и произволно „дисциплинирање“ на адвокатите од страна на јавната власт“.
*во Решението КОК.бр.40/18 донесено од Основниот суд Скопје I на 02.11.2018 година, пак, се наведува дека „со оглед на ваквиот ироничен однос спрема судот од страна на …Ружица Николовска адвокат од Скопје, судот согласно член 88 став 1 од ЗКП донесе решение со кое го казни бранителот Ружица Николовска адвокат од Скопје со парична казна во износ од 500 евра во денарска противвредност …“.
*во Решението КОК-КР.бр.11/19 донесено од Кривичниот совет на Основниот суд Скопје I на 6 март 2019 година, пак, се наведува дека „…по наоѓање на советот правилна е одлуката на судот за казнување на бранителот на обвинетиот …, адвокат Ружица Николовска од Скопје, со оглед дека истата со нејзиниот ироничен однос кон судот, го навредила судот, а во смисла на погоре цитираните законски одредби …“.

Од изнесените наводи во Барањето упатено до Уставниот суд, во Решението КОК.бр.40/18 и во Решението КОК-КР.бр.11/19, произлегува дека прашањето „Нема ли уште една снимка да гледаме?“ различно се интерпретира и објаснува од Барателката, од една страна, и од двата суда, од друга страна. При таа состојба, а со цел да се дојде до вистинската смисла на прашањето, Уставниот суд требало да го расчисти и тоа фактичко прашање. Наместо тоа, и Уставниот суд премина преку тоа прашање без утврден факт и без одговор во врска со него.

-При напред наведените недостатоци поврзани со фактичката состојба, особено се проблематични следните наводи од Одлуката У.бр.105/2019 на Уставниот суд:

*страна 14 став 2 од Одлуката: „…од утврдената фактичка состојба произлезе дека Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје I Скопје утврдил дека при изрекувањето на санкцијата го имал предвид целокупното однесување на подносителката и истото го оценил како однесување што имало за цел и повреда на правата и интересите на другите странки во постапката, посебно правото на лицето против кое се води постапката кое има право на правично судење“ (ова образложение на Уставниот суд воопшто не се заснова на докази и од нив изведени факти бидејќи Кривичниот совет во своето Решение КОК-КР.бр.11/19 воопшто не споменува, ниту наведува дека го имал предвид „целокупното однесување на подносителката и истото го оценил како однесување што имало за цел и повреда на правата и интересите на другите странки во постапката, посебно правото на лицето против кое се води постапката кое има право на правично судење“).
*Понатаму, на страна 14 став 2 од Одлуката се наведува дека: „Во конкретниот случај Судечкиот судија утврдил, а Кривичниот совет потврдил, дека подносителот со своето однесување ги злоупотребил правата на учесниците во постапката бидејќи подносителката на барањето има право да го коментира спроведувањето на правдата со цел да ги заштити своите и правата на обвинетиот, но нивната критика не смее да премине определени граници, при што особено треба да се направи јасно разграничување меѓу критиката и навредата“ (ни ова образложение на Уставниот суд нема основа во Решението КОК.бр.40/18 и Решение КОК-КР.бр.11/19 со оглед дека во овие решенија нема такви наводи).
*Потоа, на страна 14 став 3 од Одлуката на Уставниот суд се наведува дека: „Во решението со коешто на подносителката и е изречена паричната санкција, судечкиот судија дал доволно образложени аргументи за несоодветното однесување на подносителката како бранител на обвинетиот во тој предмет, коешто сосема оправдано го оценил како поведение со кое се злоупотребуваат правата во постапката, се наштетува на судскиот процес и на правата на одбраната и во целина се придонесува за нарушување на текот на постапката“ (ни Решението КОК.бр.40/18 не содржи такво образложение како што му дава Уставниот суд во својата Одлука, со што Уставниот суд покажува пристрасност во одлучувањето).

(б) Во врска со несоодветно применети уставно-судски процесни правила:

-имајќи ја предвид несоодветно утврдената фактичка состојба во напред наведената смисла, беше неопходно Уставниот суд да организира јавна расправа, а особено што:
*од една страна, Барателката наведе дека „…барам да биде одржана и јавна расправа, за која ќе бидам уредно известена“, а
*од друга страна, тоа е и обврска на Уставниот суд, според член 55 став 1 од Деловникот на Уставниот суд (членот 55 став 1 гласи: „За заштита на слободите и правата Уставниот суд одлучува, по правило, врз основа на јавна расправа“). Ова особено во ситуации кога е нужно потребно да се доутврдат факти при противречни тврдења на странките во постапката пред Уставниот суд, како и што
*на седницата беше даден предлог да се организира јавна расправа, но тој предлог не беше ставен на гласање а беше донесена Одлуката У.бр.105/2019.
-покрај тоа, Одлуката У.бр.105/2019 на Уставниот суд содржи и низа други процедурални недостатоци, меѓу кои особено е индикативен фактот дека Одлуката не содржи одредба за нејзино објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“ иако според член 78 став 2 од Деловникот на Уставниот суд „Одлуките на Уставниот суд се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија“, што е императивна одредба.

(в) На крајот сметам дека Уставниот суд при одлучувањето за ова барање требаше да ја има во предвид и Одлуката на Судот У.бр.57/2019-0-0 со која се утврдува повреда на правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата на двајца адвокати од Скопје и се поништуваат означените решенија во точка 2 од Одлуката.

Исто така сметам дека Уставниот суд при одлучувањето требаше да ги има во предвид и пресудите на Европскиот суд за човекови права со кои се утврдува повреда на член 10 од Конвенцијата во случаи на казнување на адвокати заради критики кон судот, како на пример: BONO V FRANCE (АПП бр.29024/22), MORICE V FRANCE (бр.29369/10), NICULA V FINLAND и други пресуди, а особено пресудата на Европскиот суд за човекови права во случајот Селмани и други против Република Македонија од 9 февруари 2017 година (Жалба бр.67259/14) со која смета дека има повреда на член 6 од Конвенцијата во поглед на неодржување на усна расправа пред Уставниот суд на Република Македонија, како и повреда на член 10 од Конвенцијата.

(г) Тргнувајќи од тоа дека во конкретниот случај е несоодветно утврдена и интерпретирана фактичката состојба и дека се несоодветно применети уставно-судските процесни правила, сметам дека Уставниот суд предизвикал неможност да се оствари уставно загарантираната слобода на јавно изразување на мислата доколку беше утврдено следното: спорното прашање е поставено во судница, после завршување на јавната расправа одржана на 02.11.2018 година, без обраќање на адвокатот кон Судот (или со обраќање, но со внимателна интонација), потоа дека решение е донесено од претседателот на Судечкиот совет а не од Советот, како и ако не мораше или ако е непропорционална висината на паричната казна, а сето тоа доколку беше организирана јавна расправа и ако Одлуката на Уставниот суд У.бр.105/2019 беше предвидено да се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

3. Тргнувајќи од наведените правни аргументи и фактичка состојба јасно произлегува дека ограничувањето на слободата на мисла и јавно изразување на мислата на подносителот на барањето не било пропорционално на легитимната цел и дека не било неопходно во едно демократско општество.

Врз основа на изнесените гледишта, убеден сум дека во конкретниот случај постои повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата на Ружица Николовска адвокат од Скопје, гарантирана со членовите 16 и 54, а во врска со член 53 од Уставот.

Судија
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Јован Јосифовски

Одлука У.бр.105/2019