Одлука У.бр.105/2019

У.бр.105/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, членот 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) и Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2020) на седницатa одржана на 4 март 2020 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Ружица Николовска адвокат од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија што се однесуваат на правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата.

2. Одлуката ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

3. Подносителот на барањето, адвокатот Ружица Николовска од Скопје смета дека со Решението на Основниот суд Скопје 1 Скопје под број 09 КОК бр.40/18 од 02.11.2018 година и Решение КОК-КР.бр.11/18 од 06.03.2019 година на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 Скопје и била повредена слободата на мислата и јавното изразување на мислата. Во барањето подносителката ја изнесува фактичката состојба на следниот начин:

Пред Основниот суд Скопје 1 Скопје како првостепен суд се водела постапка заведена под број 09 КОК бр.40/18 од 02.11.2018 година против 33 лица, односно сега 17 обвинети за кривично дело од член 313 „ Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во Република Македонија“ од Кривичниот законик на Република Македонија. Во меѓувреме по повод истата кривична постапка била донесена пресуда бр.40/18 од 15.03.2019 година со која 16 лица од обвинетите биле огласени за виновни. Со оглед на големиот број на обвинети и нивни бранители кои биле ангажирани во овој кривичен предмет, рочиштата се одвивале во новата зграда на Кривичниот суд Скопје односно во судницата со реден број еден.

На ден 2 ноември 2018 година било закажано и одржано рочиште за главна расправа на кое согласно текот на истата, продолжила доказната постапка односно се презентирале ЦД снимки или репродукција на истите. Рочиштето започнало во 10.00 часот претпладне, а завршило во 20.15 часот попладне. Во текот на ова рочиште претседателот на Судечкиот совет истакнал наводи кои што биле внесени во записникот за главната расправа, односно за тоа дека имало реакции од страна на обвинетите, нивните бранители како и од други лица присутни од јавноста во однос на долгото траење на рочиштата, па како не би била доведена во заблуда јавноста, претседателот на судечкиот совет давал појаснување дека станувало збор за притворски предмет со 33 обвинети и истиот не можело да не се поистоветува со некој друг предмет воден пред Европскиот суд. (кое било видно од страна 53 од Записникот за главната расправа којашто била одржана на 2 ноември 2018 година).

На крајот од рочиштето од главната расправа која била одржана на 02 ноември 2018 година, кога веќе претседателот на советот го завршил рочиштето за тој ден и на записник бил внесен терминот со кој била закажана наредна расправа, во тој момент подносителката на ова барање, во својство на бранител водела разговор со својот штитеник и неколкумина други колеги кои седеле во нејзина близина. Подносителката на барањето појаснува дека разговорот се одвивал помеѓу неа и останатите лица околу неа, но во истиот момент претседателот на судечкиот совет судијата Добрила Кацарска по своја сопствена волја (односно по волја на судечки судија) и по лична оцена во дадениот момент претпоставила дека како бранител наводно се обраќала кон претседателот на советот (не се споменати зборовите). За таа цел по заклучувањето на главната расправа претседателот на советот без да се советува со останатите членови на советот на записник од 02.11.2018 година донел решение со кое бранителот Ружица Николовска, адвокат од Скопје и подносителка на барањето за заштита на слободите и правата, била казнета со парична казна во износ од 500 евра, во денарска противвредност износ од 30.750,00 денари.

По вака изречената парична казна и тоа на записник, како бранител побарала збор со цел за да може да даде свои наводи по однос на таквата ситуација, но истото не и било дозволено и во тој момент претседателот на советот ја завршил расправата и ја напуштил судницата.

Видно од видео-тонскиот запис од расправата од 02.11.2018 година во последниот дел од снимката означен со број 00164 сметано од секвенцата 09:58 до 11:32 можело да се види и да се слушне дека како бранител воопшто не се обраќала до ниту еден член од советот, туку напротив се работело за лично и слободно комуницирање со луѓето кои се наоѓале во нејзината близина, а од друга страна се гледало и се слушало како претседателот на советот се обраќал кон подносителката на барањето со зборовите, цитат: „сакаш уште снимки колешке“?. Токму од снимката може да се види дека ниту побарала збор, ниту се обратила кон судот, но во моментот кога претседателот на советот директно и се обратил со горецитираната реченица се обидела да одговори и во тој момент и останатите присутни почнале да зборуваат при што настанала ситуација во која повеќе луѓе одеднаш зборувале. Потоа претседателот на советот навел, цитирано: „Знате што … сега ќе ви одговорам на записник…“, по што на записник била казнета со парична казна од 500 евра. Решението со кое била изречена паричната казна било донесено согласно член 88 став 1 од Законот за кривичната постапка, заради навреда на судот, бидејќи така сметал претседателот на советот и согласно нејзината лична перцепција се работело за иронично обраќање, наводно со што подносителката на барањето алудирала на времето кога завршила расправата односно на траењето на истата.

Благовремено наведеното решение било обжалено до Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 Скопје (сега Основен кривичен суд Скопје).

Кривичниот совет постапувајќи по изјавената жалба донело решение КОК-КР- бр.11/19 од 6 март 2019 година со кое била одбиена жалбата, а Решението КОК бр.40/18 било потврдено. Решението КОК-КР-бр.11/19 и било доставено на ден 25 април 2019 година. И покрај сторениот напор до Уставниот суд не се доставени копието од доставниците.

Од наводите во барањето за заштита на слободите и правата, оспорените решенија во конкретниов случај, од страна на адвокатот како бранител, односно подносител на барањето, била остварена лична комуникација помеѓу бранителот и неколку други бранители и присутни лица во нејзина близина што подразбирало дека бранителот имал право слободно да комуницира, да го изразува своето мислење и да разменува информации со останатите колеги присутни во судската сала. Ова дотолку повеќе што станувало збор за разменување на информации и комуникација по завршување на расправата и надвор од самата расправа, што значело дека во ниту еден момент не станувало збор за обраќање кон судот, а уште помалку за навреда или каква било иронија спрема судот. Ваквото санкционирање на бранителите во еден од највисоко профилираните кривични случаи претставува арбитрерно и произволно „дисциплинирање“ на адвокатите од страна на јавната власт.

Имено, јасна била улогата којашто ја имале адвокатите во едно демократско општество. Нивната улога била да бараат од Судот, како гарант на правата и слободите, да ги спроведува законските одредби, да се грижи за владеењето на правото и да ја стекне довербата кај јавноста. Критицизам од страна на адвокатите е дозволен, но во соодветни рамки.

Во конкретниов случај подносителката на барањето смета дека станувало збор за тенденциозно постапување, а токму со цел да се спречат адвокатите да даваат свое мислење и истото да го изразуваат во јавноста со оглед на природата и специфичноста на наведениот кривично правен предмет. Имено, во барањето е наведено дека „непосредно пред рочиштето, два три дена имала дадено изјава за медиум со укажување дека рочиштата за овој кривично правен предмет траеле предолго, дека долгите рочишта биле нехуман третман кон сите кои биле дел од судскиот процес од причина што по толку многу часови поминати во еден ден во судница одбраната немала концентрација за да ги презентира забелешките за случајот“.

4. Судот на седница врз основа на наводите во барањето за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија што се однесуваат на правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата, оспорените Решение на Основниот суд Скопје 1 Скопје под број 09 КОК бр.40/18 од 2 ноември 2018 година и Решение КОК-КР.бр.11/18 од 6 март 2019 година на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 Скопје, доставените одговори од Основниот суд Скопје 1 Скопје, во претходна постапка со цел утврдување на фактичката состојба побара изјаснување и со писмен допис од 26 септември 2018 година е доставен одговор од Добрила Кацарска, судија во Основниот кривичен суд Скопје, по однос на наводите содржани во барањето за заштита на слободите и правата, поднесено од страна на Ружица Николовска, адвокат од Скопје.

Во одговорот на судијата Добрила Кацарска Судот констатира дека според судијата наводите во барањето се целосно неосновани. Понатаму, во писмениот допис се наведува следното: „ Имено, неспорно е дека на ден 2.11.2018 година беше одржана расправа по предметот заведен под IX КОК.бр.40/18 и на истата се изведуваше доказ со репродукција на ЦД снимки. Иако Застапникот на обвинението ги извести судот и обвинетите, а секако и нивните бранители дека на снимката која што беше репродуцирана од 20:02:00 часот до 22:00:00 часот нема детектирани дејствија од обвинетите, обвинетите и нивните бранители бараа да биде прикажана целата снимка заради што расправата мораше да трае подолго за 2 часа. Освен тоа, се работеше за снимка заради која што се однесува за истиот ходник во Собранието на Република Северна Македонија којшто ходник беше прикажан и со снимката од камера број 14, а којашто беше претходно репродуцирана. Кога се заврши со репродукција на снимката и откако судот кажа дека на таа расправа нема да бидат повеќе изведувани докази со репродукција на останати ЦД снимки, односно дека расправата ќе се одложи, бранителот на обвинетиот Горан Ѓошевски, адвокат Ружица Николовска иронично се обрати кон судот и праша: „Нема ли уште една снимка да гледаме“? Алудирајќи на времето кога заврши расправата. За таквиот ироничен однос спрема судот, наведениот бранител беше казнет со парична казна од 500 евра во денарска противвредност. Не е точно дека бранителот Ружица Николовска не се обратила иронично кон судот и дека таа само зборувала со својот штитеник и неколкумина други колеги.

На писмено изготвеното решение за казнување, подносителот на барањето адвокатот Ружица Николовска поднела жалба до Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при овој суд, кој што со свое Решение КОК-КР.бр.11/19 од 6.03.2019 година го потврдил Решението IX КОК.бр.40/18.“

5. Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на наводите во барањето за заштита на слободите и правата, оспорените решенија IX КОК.бр.40/2018 од 02.11.2018 и КОК-КР.бр.11/2019 од 06.03.2019 година и доставените одговори од Основниот суд Скопје I Скопје и од Добрила Кацарска, судија во Основниот кривичен суд Скопје, во претходна постапка ја утврди следнава фактичка состојба:

Подносителката на барањето, Ружица Николовска од Скопје е адвокат. Подносителката на барањето во текот на 2018 година била ангажирана како бранител на Горан Ѓошевски – Леви обвинет во односно сега 17 обвинети за кривично дело од член 313 „ Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во Република Македонија“ од Кривичниот законик на Република Македонија. Во меѓувреме по повод истата кривична постапка била донесена пресуда бр.40/18 од 15.03.2019 година со која 16 лица од обвинетите биле огласени за виновни во кривични процеси што се воделе пред Основниот суд Скопје I Скопје: кривичниот предмет IX КОК.бр.40/2018 од 02.11.2018 како и во предметот КОК бр.40/18

Во изреката на писменото решение 09 КОК.бр.-40/18 од 02 11 2018 година се казнува со парична казна бранителот на обвинетиот Горан Ѓошевски – Леви обвинет, Ружица Николовска, адвокат од Скопје, во износ од 500 евра во денарска противврдност по 615,00 денари вредност на 10 евра или вкупен износ од 30.750,00 денари а ова да го стори во рок од 15 дена по правосилноста на решението, под страв на присилно исполнение.

Со Решение КОК-КР.бр.11/18 од 06.03.2019 година на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 Скопје била одбиена жалбата поднесена од Ружица Николовска, адвокат од Скопје и претходното решение било потврдено.

6. Според член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со член 16 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Согласно член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и тоа само во време на воена или вонредна состојба, според одредбите на Уставот, при што ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата, според ставот 4 на овој член, не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповедта.

Според членот 19 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права, 1) Никој не може да биде вознемируван поради своето мислење; 2) Секој има право на слобода на изразување; тоа право подразбира слобода да се бараат, примаат и шират информации и идеи од секој вид, без оглед на границите, било усно, писмено, по пат на печат или во уметничка форма или со кое било друго средство во свој избор; 3) Вршењето на слободата предвидена во ставот 2 на овој член повлекува посебни обврски и одговорности. Тоа може да биде подложено на одредени ограничувања кои сепак мора да бидат изречно утврдени со закон и кои се нужни: а) за почитување на правата и угледот на другите лица; б) за заштита на националната безбедност или јавниот поредок или јавното здравје или моралот.

Во членот 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи е утврдено дека секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислењето и слободата на примањето и пренесувањето информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите…2) Остварувањето на овие слободи коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под определени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, и кои се неопходни во едно демократско општество заради заштита на државната безбедност, територијалниот интегритет и јавна безбедност, заштитата на редот и спречување нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширење на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.

Законските основи за казнување на адвокатите во кривичната постапка се утврдени во Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 150/2010, 51/2011, 100/2012, 142/2016 и 198/2018) во следните членови:

Во членот 6 (Право на судење во разумен рок) е определено дека судот е должен постапката да ја спроведе без одолжување и да ја оневозможи секоја злоупотреба на правата кои им припаѓаат на лицата кои учествуваат во постапката (став 2). Согласно ставот 3 на истиот член, со парична казна од 700 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе се казни физичко лице, а со казна во висина од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе се казни правно лице кое ќе ги злоупотреби правата што му припаѓаат во постапката.

Според членот 88 (Казнување поради навреда на судот) од Законот за кривичната постапка е утврдено дека судот ќе го казни со парична казна од 200 до 1.200 евра во денарска противвредност учесникот во постапката кој во поднесокот или усно, односно на друг начин го навреди судот или лицето кое учествува во постапката (став 1). Решението за казнување го донесува судот пред кој е дадена изјавата, а ако тоа е сторено во поднесокот, судот што треба да одлучи за поднесокот. Против ова решение е дозволена жалба по која одлучува советот од член 25 став 5 на овој закон.

Согласно членот 361 (Казнување поради нарушување на редот и дисциплината) е предвидено дека ако јавниот обвинител, обвинетиот, бранителот, оштетениот, законскиот застапник, полномош¬никот, сведокот, вештакот, преведувачот, односно толкувачот или друго лице кое присуствува на главната расправа го нарушува редот или не се придржува на наредбите од претседателот на советот за одржување на редот, претседателот на советот ќе го опомене (став 1). Ако опомената биде безуспешна, советот може да нареди обвинетиот да се отстрани од судницата, а другите лица може не само да ги отстрани, туку и да ги казни со паричната казна предвидена во член 88 став 1 од овој закон (став 2). Во ставот 3 на истиот член е определено дека на бранителот или полномошникот, кој по казната ќе продолжи да го нарушува редот, советот може да му ја ускрати натамошната одбрана, односно застапување на главната расправа и во тој случај странката ќе се повика да земе друг бранител, односно полномошник. Ако е невозможно обвинетиот или оштетениот тоа да го сторат веднаш без штета за своите интереси или ако во случај на задолжителна одбрана не може веднаш да се постави нов бранител или полномошник, главната расправа ќе се прекине или одложи, а на бранителот односно полномошникот ќе му се нареди да ги плати трошоците што настанале од прекинот или одложувањето.

Правата и должностите на адвокатите се утврдени во Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија“ број 59/2002, 60/2006, 29/2007, 106/2008, 135/2011, 148/2015) и Кодексот за професионалната етика на адвокатите, адвокатските стручни соработ¬ници и адвокатските приправници што го има донесено Адвокатската комора.

Во членот 17 од Законот за адвокатурата, во кој се уредени правата и должностите на адвокатите, е утврдено дека правната помош на странката адвокатот ја дава совесно и стручно, согласно со закон, Кодексот на адвокатската етика и другите акти на Комората и како тајна го чува она што му го доверила странката. Давањето правна помош, може да се одбие или откаже од причини утврдени со закон, Кодексот на адвокатската етика и другите акти на Комората.

Согласно членот 30 од Законот за адвокатурата, адвокатите се одговорни за стручно и совесно вршење на адвокатската должност и за чување на угледот на адвокатурата. Како потешка повреда на адвокатската должност и угледот на адвокатурата, особено се смета неизвршување или очигледно несовесно вршење на работите на правна помош и вршење на јавни овластувања, непостапување по овласту¬ва¬њето и непреземањето дејствија што адвокатот е должен да ги преземе во заштита на правата и интересите на странката и повредување на должноста на чување тајна.

Во Кодексот за професионалната етика на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници на Адвокатската комора, во точката 1 е утврдено дека адвокатот како давател на правна помош и вршител на јавни овластувања треба да дава правна помош, да застапува или да брани странки кога тие му се обраќаат за таа цел. Адвокатот може да го одбие давањето правна помош или вршењето на јавни овластувања од оправдани причини, како што се: преоптовареност во работењето, незначителни изгледи за успех по предметот, неплаќање на доспеаните обврски од клиентот (трошоци и награда), кога е во прашање неодговорен парничар и слично.

Одбивањето да се даде правна помош во кривичните предмети (одбрана) треба да се цени по строги критериуми. Тоа е дозволено само во особено исклучителни случаи и тоа од објективна и од субјективна природа, како што се: болест на адвокатот, неплатени обврски од страна на обвинетиот за претходно дадена одбрана и слично.

Ако адвокатот прифати вршење на јавни овластувања, давање правна помош, застапување или одбрана тој е должен да и остане верен на својата странка и да се труди со истата да воспостави однос на доверба. Тој може да го откаже застапувањето, одбраната или давањето друга правна помош само од исти причини поради кои можел да одбие давање правна помош, ако за тие причини дознал по преземањето на предметот Но, и во овој случај адвокатот е должен својата странка да ја застапува се додека не си обезбеди друг правен застапник.
5. Адвокатот е должен совесно да ја застапува и да ја брани својата странка, користејќи ги притоа сите потребни средства, дозволени со Законот или со друг пропис.
9. Адвокатот не треба да прифати вршење на јавни овластувања, застапувања, одбрана или давање друга правна помош во толкава мера, кога со тоа би бил преоптоварен до таа мерка, што секој случај не би можел совесно и темелно да го обработи. Во случај на презафатеност, адвокатот треба странката да ја упати на други свои колеги во кои има доверба, а кои имаат временска можност за прифаќање на странката.
13. Во извршувањето на својата професија, адвокатот е должен да го чува угледот на судот, и институциите пред кои се јавува. Неговиот настап треба да биде таков, судовите и другите органи во него да гледаат заштитник во спроведувањето на законитоста и заштитата на правата и правните интереси на странките.

Адвокатот е должен да укажува почитување кон судот и институциите пред кои се јавува, но исто така, во интерес на угледот на адвокатурата, е должен да не дозволи некоректен однос на претставниците на тие органи кон него и кон неговата странка.

7. Слободата на изразувањето е предуслов за функционирањето на секое демократско општество и за остварување на многу други слободи и права. Слободата на мислата и јавното изразување на мислата претставува субјективно право коешто е нераскинливо поврзано со човековата личност. Гарантирањето на оваа слобода во Уставот на Република Северна Македонија е на такво рамниште што овозможува нејзино директно остварување, без поддршка на посебно законско уредување и истовремено овозможува нејзина директна заштита врз основа на Уставот, од страна на Уставниот суд, согласно член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот. Исто така, Уставот на Република Северна Македонија не содржи ниту специјална, ниту генерална законска резерва која би ги определила границите на остварувањето на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, поради што нејзината граница треба да се бара во севкупноста на Уставот и неговите определби имајќи ги притоа во предвид меѓународните документи што се ратификувани во согласност со Уставот.

Границите на манифестирањето на оваа слобода за поединецот се наоѓаат во со закон санкционираните дејствија, без оглед дали се работи за кривична или граѓанско-правна санкција. Оттука, уставно-правен спор дали постои повреда на со Уставот загарантираната слобода на јавното изразување на мислата преку санкционирање на нејзината манифестација, се сведува на уставно – правна оцена дали со ваквата санкција е повредена самата содржина на уставно гарантираната слобода на поединецот без никакво ограничување јавно да го искаже своето мислење, или, пак, е санкционирано дејствие кое, иако како свој појавен облик го има јавното искажување на мислење, всушност ја изгубило смислата на слобода на мислење и јавно искажување на мислата којашто Уставот ја гарантира и заштитува, преминувајќи во дејствие со кое се повредуваат други со Уставот и со закон заштитени слободи, права и интереси.

Слободата на изразување на мислата на адвокатите, претставува посебен контекст и таа е поврзана со значајната улога што ја имаат адвокатите во судските постапки. Адвокатите, заедно со судиите и обвинителите се тие што треба да обезбедат почитување на човековите права и владеење на правото во судските постапки. Особено значајна е улогата на адвокатите бидејќи тие обезбедуваат правна помош и застапување, а во кривичната постапка се јавуваат во својство на бранители на обвинети лица. Значењето на адвокатите се гледа и од таму што правото на застапување од страна на адвокат, претставува составен елемент на правото на фер судење признато со меѓународното и домашното право. За да може правната помош да биде ефикасна, неспорно е дека таа мора да се остварува независно, поради што и Уставот на адвокатурата и ја признава и гарантира нејзината самостојност и независност. Самостојноста и независноста на адвокатурата не се исцрпува само во правата на адвокатите, туку и во нивните должности, од кои секако најзначајна е должноста на почитувањето на законите.

Од богатата судска практика на Европскиот суд за човекови права во врска со слободата на изразувањето на адвокатите, може да се резимираат следниве општи принципи:

– Посебниот статус на адвокатите им дава централна позиција во администрацијата на правдата како посредници помеѓу јавноста и судовите. Според тоа тие имаат клучна улога во обезбедувањето на довербата на јавноста во судовите, чијашто мисија е од фундаментално значење во секоја држава што е заснована на принципот на владеењето на правото (Morice v. France, став 132, Kuyprianou v. Cyprus, став 173);

– Слободата на изразувањето се однесува и на адвокатите и ја опфаќа не само суштината и содржината на идеите и информациите што се изразени, туку и формата преку која се пренесени (пресуда во случајот Kuyprianou v. Cyprus, став 174, Morice v. France, став 134). Адвокатите имаат право да коментираат во јавноста прашања поврзани со администрацијата на правдата, под услов нивната критика да не надминува определени граници (Morice v. France, став 134, Nikula v. Finland, став 46). Потребно е да се направи баланс помеѓу различните интереси што се во игра, коишто опфаќаат право на јавноста да добива информации за прашања што произлегуваат од судските одлуки, прашања поврзани со соодветното спроведување на правдата и дигнитетот на правната професија (Nikula v. Finland, став 46);

– Слободата на изразувањето не е целосно неограничена, бидејќи нејзиното остварување повлекува „обврски и одговорности“ (Europapress Holding, d.o.o. v. Croatia, став 58). Слободата на изразувањето во судницата не е неограничена и определени интереси, како што се авторитетот на судството, се доволно важни за да се оправдаат ограничувањата на оваа слобода;

– Изразот „авторитет на судството“ го вклучува поимањето дека судовите се, и се прифатени од јавноста како соодветниот форум за утврдување на правата и обврските и за решавање на споровите на граѓаните; дека јавноста во целина има почитување и доверба во способноста на судот да ја исполни оваа функција (Sunday Times v. United Kingdom, став 55). Работата на судовите, кои се гаранти на правдата и кои имаат фундаментална улога во државата заснована на владеењето на правото, мора да уживаат јавна доверба и тие треба да бидат заштитени од неосновани напади. Меѓутоа, судовите како сите јавни институции не се имуни на критика и контрола. Оттука, иако странките имаат право да го коментираат спроведувањето на правдата со цел да ги заштитат своите права, нивната критика не смее да премине определени граници. Особено треба да се направи јасно разграничување меѓу критиката и навредата. Доколку единствената намера на која и да било форма на изразување е да се навреди судот, или членови на тој суд, соодветната санкција во принцип, не би значело дека претставува повреда на членот 10 од Конвенцијата (Skalka v. Poland);

– Адвокатите се подложени на ограничувања во поглед на нивното професионално однесување кое мора да биде дискретно, чесно и со дигнитет, но тие исто така имаат ексклузивни права и привилегии, меѓу кои и определена слобода во поглед на аргументите што можат да ги изнесат пред судот (Morice v. France, став 133).

Од наведените одредби од Законот за адвокатурата произлегува дека адвокатот е должен да ги штити интересите на странката на најдобар начин и со законски средства, правната помош да ја дава совесно, стручно и во согласност со закон и етичките правила на адвокатурата, да се придржува на Уставот и законите, да внимава на угледот на адвокатурата како јавна служба како и е одговорен за повреда на адвокатската должност и угледот на адвокатурата. Слободата на изразувањето на адвокатите кои се јавуваат како бранители на обвинети во кривична постапка мора да служи заради одбрана на правата на обвинетиот, и токму од тие причини на адвокатите им се признава висок степен на заштита при остварувањето на оваа слобода. Но при остварувањето на оваа слобода адвокатот е врзан со процесните правила на една строго формализирана постапка како што е кривичната постапка, како и со неговите професионални должности и етика. Оттука произлегува дека слободата на изразување на адвокатите не може да се користи како оправдување за дејствијата на адвокатите со кои се злоупотребуваат правата и процесните овластувања и кои се преземаат со единствена цел за одолговлекување на постапката.

Токму заради оневозможување на злоупотребите на правата во постапката, во горенаведените членови 6, 88 и 361 од Законот за кривичната постапка, законодавецот му дал овластување на судот како орган задолжен за водење на постапката и за обезбедување на редот во судницата и достоинството на судот, да може да изрекува парични казни во случај на злоупотреба на правата од страна на странките, навреда на судот и поради нарушување на редот и дисциплината од страна на странките и учесниците во постапката. Обврска на судот е да ја води постапката на начин што ќе обезбеди соодветно однесување на странките и фер судење. Законските одредби за навреда на судот имаат за цел да го санкционираат она однесување со кое се оневозможува судењето да се одвива на правичен, ефикасен и експедитивен начин, да овозможи непречено одвивање на судењата, без непотребни одлагања и одолжувања на постапките, да се спроведуваат одлуките на судечкиот судија и во целина судството да се заштити од неосновани напади и манипулација со кои се загрозува довербата на јавноста во независноста, непристрасноста и интегритетот на судството.

8. Во конкретниов случај, имајќи ја предвид утврдената фактичка состојба, содржината на оспорените одлуки, наводите во барањето, релевантните уставни и законски одредби, практиката на Европскиот суд за човекови права, Судот утврди дека барањето за заштита на слободите и права кои се однесуваат на слободата на изразувањето е неосновано од следниве причини.

Имено, неспорно е дека статусот што го има подносителката на барањето како адвокат – бранител на обвинет во кривична постапка, и се дава право на заштита на неговата слобода на изразувањето гарантирана со членот 16 од Уставот и членот 10 од Европската конвенција за човекови права, но само во обем и доколку изречената санкција може да се оцени дека претставува вмешување, односно попречување на остварувањето на слободата на изразувањето. За да тоа се утврди потребно е да се направи анализа на самата санкција, односно да се утврди поради кое однесување и поради кои причини подносителот бил казнет, во контекст на фактите на случајот и релевантните одредби од законите.

Во самото барање подносителката наведува дека напротив се работело за лично и слободно комуницирање со луѓето кои се наоѓале во нејзината близина, а од друга страна се гледало и се слушало како претседателот на советот се обраќал кон подносителката на барањето со зборовите, цитирано: „сакаш уште снимки колешке“, дека ниту се обратила кон судот, но во моментот кога претседателот на советот директно и се обратил со горецитираната реченица се обидела да одговори и во тој момент и останатите присутни почнале да зборуваат при што настанала ситуација во која повеќе луѓе одеднаш зборувале. Потоа претседателот на советот навел, цитирано: „Знате што … сега ќе ви одговорам на записник…“, по што на записник била казнета со парична казна од 500 евра. Решението со кое била изречена паричната казна било донесено согласно член 88 став 1 од Законот за кривичната постапка, заради навреда на судот, бидејќи така сметал претседателот на советот и согласно нејзината лична перцепција се работело за иронично обраќање, наводно со што подносителката на барањето алудирала на времето кога завршила расправата односно на траењето на истата, а коешто изразување би било предмет на анализа пред Уставниот суд од аспект на слободата на изразувањето.

При градењето на правното мислење Судот ја имаше во предвид практиката на Европскиот суд за човекови права и особено општите принципи за слободата на изразувањето на адвокатите утврдени од страна на Европскиот суд. Меѓутоа, судовите како сите јавни институции не се имуни на критика и контрола. Оттука, иако странките имаат право да го коментираат спроведувањето на правдата со цел да ги заштитат своите права, нивната критика не смее да премине определени граници. Особено треба да се направи јасно разграничување меѓу критиката и навредата. Доколку единствената намера на која и да било форма на изразување е да се навреди судот, или членови на тој суд, соодветната санкција во принцип, не би значело дека претставува повреда на членот 10 од Конвенцијата (Skalka v. Poland).

Судот во овие случаи прифаќал дека е применлив членот 10 од Конвенцијата и дека изречените санкции претставуваат вмешување односно ограничување на слободата на изразувањето, по што го применувале трипартитниот тест за оценување на законитоста, оправданоста и неопходноста односно пропорционалноста на мерката.

Она што конкретниот случај пред Уставниот суд го разликува од наведените случаи на Европскиот суд, а што произлезе од утврдената фактичка состојба, оди во правец на фактот дека подносителката била казнета за нејзиното конкретно изразување кое било иронично упатено кон судот односно истата прашала: „Нема ли уште една снимка да гледаме“? алудирајќи на времето кога завршила расправата. За таквиот ироничен однос спрема судот била казнета со парична казна од 500 евра во денарска противвредност. На писмено изготвеното решение за казнување, адвокатот Ружица Николовска поднела жалба до Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при овој суд, којшто со свое Решение КОК-КР.бр.11/19 од 6.03.2019 година го потврдил Решението IX КОК.бр.40/18.“

Односно, од утврдената фактичка состојба произлезе дека Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје I Скопје утврдил дека при изрекувањето на санкцијата го имал предвид целокупното однесување на подносителката и истото го оценил како однесување што имало за цел и повреда на правата и интересите на другите странки во постапката, посебно правото на лицето против кое се води постапката кое има право на правично судење. Во конкретниот случај Судечкиот судија утврдил, а Кривичниот совет потврдил, дека подносителот со своето однесување ги злоупотребил правата на учесниците во постапката бидејќи поради Судот посебно ги ценел околностите дека подносителката на барањето има право да го коментира спроведувањето на правдата со цел да ги заштити своите и правата на обвинетиот, но нивната критика не смее да премине определени граници, при што особено треба да се направи јасно разграничување меѓу критиката и навредата.

Во решението со коешто на подносителката и е изречена паричната санкција, судечкиот судија дал доволно образложени аргументи за несоодветното однесување на подносителката како бранител на обвинетиот во тој предмет, коешто сосема оправдано го оценил како поведение со кое се злоупотребуваат правата во постапката, се наштетува на судскиот процес и на правата на одбраната и во целина се придонесува за нарушување на текот на постапката. Фактичката состојба што беше изнесена погоре покажува дека суштински аспект на овој конкретен случај е санкционирањето на непрофесионалното однесување на адвокатот, а не неговата слобода на изразувањето поради што Судот оцени дека барањето за заштита на слободите и правата треба да се одбие како неосновано.

9. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

10. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство на гласови, во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.105/2019
04.03.2019 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати

Издвоено мислење по предметот У.бр.105/2019