Решение У.бр.125/2008

У.бр.125/2008

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 29 април 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на делот: „Башкими“ содржан во уводот, насловот, членот 1, членот 7 став 1, членот 10 и членот 140 од Статутот на Основното училиште „Башкими“-Гостивар број 0101-33/1 од 6 февруари 2008 година.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението за давање согласност на Статутот на Основното училиште „Башкими“-Гостивар бр.10-7/6-1 од 29 февруари 2008 година, донесено од министерот за образование и наука и Заклучок за давање согласност бр.07-47/1 од 8 мај 2008 година на Советот на општина Гостивар.

3. Тони Марковски и Драгослава Веселинова, адвокати од Гостивар, какои Мино Марковски, Предраг Јефтоски, Димче Гогоски, Наташа Илиевска, Форе Милошески, Душица Синадиноска, Тони Серафимовски, Зоран Нофитоски и Мухамед Точи, сите од Гостивар на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Во иницијативата најнапред се дава краток приказ на содржината на оспорените акти, а потоа се цитираат:
– Амандманот V на Уставот, членот 8 став 1 алинеи 1, 2 и 3, член 9, член 51, член 54 став 1 и член 96 од Уставот;
– Член 1, член 7 ставови 1, 3 и 4, член 20, член 21 ставови 1 и 3, член 22 став 1 точка 8, член 62 ставови 1, 2, 4, 5 и 6 од Законот за локалната самоуправа;
– Член 1 ставови 1 и 2, член 2 став 1 точки 6,7, 8 и 13, член 9 ставови 1, 3 и 9, член 13, член 32 ставови 1, 3 и 4 и член 33 став 3 од Законот за установите;
– Член 15, член 82 и член 103 од Законот за основното образование и
– Член 55 став 1 и член 57 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Со преименувањето на ОУ „Братство-Единство“-Гостивар во ОУ „Башкими“ исклучиво на албански јазик и неговото латинско писмо, а не најпрво на македонски јазик и кирилско писмо, што во превод би значело „Единство“, повеќе од евидентно било дека Советот на општина Гостивар, органот на управување на училиштето и мнинистерот за образование и наука противправно извршиле повреда пред се на Амандманот V на Уставот, како и на членовите 8, 9, 51, 54 и 96 од Уставот. Тоа го сториле на начин што го суспендирале македонскиот јазик и неговото кирилско писмо од нивната практична примена и употреба, без оглед на тоа што името „Башкими“ било напишано и на кирилско писмо, бидејќи името читано на маке-донски јазик и неговото кирилско писмо немало апсолутно никакво значење. Како резултат на тоа оспорените акти апсолутно не можеле како такви да се одржат во правна сила и да произведуваат правни дејства.

Според подносителите на иницијативата со оспорените акти воопшто не се давала можност сите граѓани без оглед на нивната национална припадност да си обезбедат достојно и активно место и улога во општествениот живот во Република Македонија. Нарушувањето на начелото на слободното изразување на националната припадност, кое што било направено со оспорените акти, преставувало нарушување на значењето што го има ова начело не само од аспект што ја признавала слободата на националната определеност како израз на слободната војла на човекот, ослободен од хипотеката на своето раѓање во поглед на националната припадност, туку и од аспект на неговата практична примена во секоја повеќе-национална зедница и средина, како што во конкретниот случај бил градот Гостивар. Преку ова начело Уставот на Република Македонија им ја гарантирал на сите граѓани на Македонија слободата на изразувањето на припадноста на еден народ, односно националноста, слободата на изразувањето на националната култура и слободата на употреба на својот јазик и писмо.

Според подносителите на иницијативата, исто така, било несомнено дека со оспорените акти флагрантно бил прекршен принципот на владеењето на правото, кој подразбирал правна состојба во која сите акти на државните органи да мораат да бидат засновани на прописите содржани во највисокиот правен акт на државата-Уставот и подведување на сите органи на власта и поединците под Уставот и законот, односно потчинетост на правниот поредок.

При ваква состојба се поставувало и прашањето дали граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од своето национално потекло. Според нив, сигурно не биле. Имено, со оспорените акти не само што доаѓало до фаворизирање на граѓаните од албанско национално потекло и нивно ставање во надредена положба во однос на македонскиот народ и граѓаните од друга националност што живеат во Република Маке-донија, туку се вршела и груба повреда на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите.

Понатаму, подносителите на иницијативата наведуваат дека, доносителите на оспорените акти биле должни при донесување на актите да се раководат од уставните гаранции на основните слободи и права кои што се огледувале во императивните одредби на Уставот во смисла дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и закон, но и обврската на секој да ги почитува Уставот и законите. Понатаму, одредбите на Уставот предвидувале ограничување на слободите и правата само во случаи утврдени со Уставот. Но Уставот, исто така забранувал дискриминаторски однос во ограничувањето на слободите и правата по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално и социјално потекло, имот или општествена положба, со што и на овој начин го обезбедувал и заштитувал, уште еднаш, принципот на рамноправност и еднаквост на човекот и граѓанинот.

Подносителите на иницијативата, во членот 96 од Уставот согледуваат три значајни принципи на работа на органите на државната управа: самостојност, уставност и законитост и одговорност. Тоа значело дека органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите, а за својата работа се одговорни на Владата, па поаѓајќи од наведеното, според подносителите на иницијативата, оспорененото решение за давање согласност на Статутот, донесено од надлежниот министер не било во согласност, ниту во духот на одредбите од Уставот наведени во иницијативата.

Врз основа на сето наведено, подносителите на иницијативаат предлагаат Судот да поведе постапка за оценување на уста-вноста и законитоста на оспорените акти а потоа истите да ги поништи или укине. Исто така, се предлага и донесување на решение за запирање на извршувањето на сите поединечни акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорените акти, поради можност од настанување на тешко отстранливи последици.

4. Судот на седницата утврди дека, врз основа на членот 97 став 1 алинеја 1 од Законот за основното образование што бил во сила во време на донесување на оспорениот акт, Училишниот одбор на основното училиште „Башкими“-Гостивар, општина Гостивар на седницата одржана на 7 јуни 2006 година, го донел Статут на наведеното основно училиште, чии делови се предмет на оспорување.

На 18 јануари 2008 година Општината Гостивар испратила известување бр.14-114/1 од истиот датум до О.У.„Братство-Единство“ од Гостивар дека на одржаната седница од 27 декември 2007 година советот на општина Гостивар донел одлука за промена на сегашното име на училиштето во ново име „Башкими“.

Зборот „Башкими“ е содржан во Уводот, насловот, членот 1, членот 7 став 1 (го уредува називот на училиштето), членот 10 (ги уредува печатот и штембилот) и членот 140 од Статутот на Основното училиште, кој носи број 0101-33/1 од 6 февруари 2008 година.

Според членот 140 од Статутот, со денот на влегување во сила на овој статут престанува да важи Статутот на Основното Училиште „БАШКИМИ“ Гостивар бр.0101-97/1 од 29 февруари 1996 година.

Директорот на основното училиште со допис бр.0101-34/1 од 6 февруари 2008 година, вака изменетиот статут, заедно со изве-стувањето бр.14-114/1 од 18 јануари 2008 година ги доставил до Министертвото за образование и наука.

Врз основа на член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа и член 103 од Законот за основното образование министерот за образование и наука го донел оспореното решение за давање на согласност на Статутот на Основното училиште „Башкими“-Гостивар. Решението е заведено под бр.10-7/6-1 од 29 февруари 2008 година.

Врз основа на член 9 став 8 од Законот за установите, член 15 став 1 од Законот за основното образование и член 144 од Деловникот за работа на Советот на општина Гостивар, Советот на општината Гостивар на седницата одржана на 8 мај 2008 година го донел оспорениот заклучок за давање согласност, заведен под бр.07-47/1 од истиот датум. Во членот 1 од Заклучокот е определено дека се дава согласност на Одлуката на училишниот одбор на основното училиште „Братство Единство“ бр.0306-97/1 (без датум) за измена на името на основното училиште од Братство Единство во „Башкими“ Гостивар.

Според членот 2 на Заклучокот со влегување во сила на овој заклучок престанува да важноста на Заклучокот бр.07-137/1 од 27 декември 2007 година.

5. Според Амандманот V точка 1 на Уставот на Република Македонија, на целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член.

Личните документи на граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, се издаваат на македонски јазик и неговото писмо, како и на тој јазик и неговото писмо во согласност со закон.

Кој било граѓанин кој живее во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, во комуникацијата со подрачните единици на министерствата, може да употреби кој било од службените јазици и неговото писмо. Подрачните единици надлежни за тие единици на локална самоуправа одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмо што го употребува граѓанинот. Секој граѓанин во комуникација со министерствата може да употребува еден од службените јазици и неговото писмо, a министерствата одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмото што го употребува граѓанинот.

Во органите на државната власт во Република Македонија службен јазик различен од македонскиот јазик, може да се користи во согласност со закон.

Во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во единиците на локалната самоуправа, одлучуваат органите на единиците на локалната самоуправа.

Според точката 2 на Амандманот, со овој амандман се заменува членот 7 од Уставот на Република Македонија.

Според членот 8 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, поли-тичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Тргнувајќи од содржината на цитираните одредби од Уставот произлегува дека во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и тоа на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи. Уставот познава и друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, кој исто така е службен јазик заедно со неговото писмо, кој се употребува на начин разработен во Амандманот V на Уставот, другите уставни одредби и соодветните закони. Воедно, Уставот се темели на владеењето на правото, како една од темелните вредности на уставниот поредок и на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, како еден од основните негови принципи.

Членот 12 став 1 од Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр. 44/95, 24/96, 34/96, 35/97, 82/99, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 63/2004, 82/2004, 55/2005, 81/2005, 113/2005, 35/2006, 70/2006-укинат и 51/2007), кој беше во сила во време на донесување на оспорените акти, определува дека основното училиште има печат. Во средината на печатот е грбот на Република Македонија, а од страната името на Република Македонија и името и местото на училиштето (став 2).

Според член 15 од Законот, основното училиште како јавна установа основа општината. Советот на општината донесува одлука за основање на основно училиште, по претходно прибавено мислење од Владата на Република Македонија.

Во главата од Законот со наслов: VI. Педагошка евиденција и документација беа содржани, меѓу другите член 81, 82 и 83.

Според членот 81 од Законот, педагошката документација во смисла на овој закон опфаќа: главна книга на учениците, свидетелство, ученичка книшка и преведница. Главната книга за учениците е документ од трајна вредност.

Според членот 82 од Законот, педагошката документација се води и издава на македонски јазик со употреба на кирилското писмо. За учениците, припадници на заедниците кои наставата ја следат на јазик различен од македонскиот јазик, педагошката документација се води и издава на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото на кој се изведува наставата. Во основното училиште се води педагошка евиденција.

Според членот 83 од Законот, свидетелството, ученичката книшка и преведницата се јавни исправи. Јавните исправи се издаваат во еден примерок. Во случај издадениот документ да се изгуби или уништи, основното училиште издава втор документ.

Согласност на статутот на основното училиште дава Министерството, согласно членот 103 од Законот.

Овој закон престана да важи на 27 август 2008 година.

Тргнувајќи од анализата на цитираните законски одредби произлегува дека основното училиште како јавна установа го основа општината, тоа има име, има печат во кој, меѓу другото, е содржано и името на училиштето, а педагошката документација се води и издава на македонски јазик со употреба на кирилското писмо, како и на друг, различен јазик и писмо од македонскиот јазик, кога и на таков јазик се изведува наставата. Согласност на статутот на училиштето дава надлежното министерство.

Во членот 22 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), е определена листата на надлежности на општините, меѓу кои, според точката 8 припаѓа образование-основање, финансирање и администрирање на основни и средни училишта, во соработка со централната власт, во согласност со закон, организирање на превоз и исхрана на ученици и нивно сместување во ученички домови.

Во членот 41 од Законот е уредена работата на седниците на советот. Имено, советот може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинство од вкупниот број членови на советот (став 1). Советот одлучува со мнозинство гласови од присутните членови, ако со закон и со статутот поинаку не е определено (став 2). Прописите кои се однесуваат на културата, употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во општината, утврду-вањето и употребата на грбот и знамето на општината, се усвојуваат со мнозинство гласови од присутните членови на советот, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општината (став 4). На седницата на советот по правило, се гласа јавно (став 5). За секоја седница на советот се води записник (став 6).

Во конкретниот случај по однос на оспорениот Заклучок, врз основа на приложениот Записник за одржана 40-та седница на Советот на општина Гостивар на 8 мај 2008 година Судот утврди дека, прашањето за давање на согласност на име на основно училиште било поставено како 4-та точка на дневниот ред. Седницата започна-ла со 29 присутни советника од вкупно 31 колку што брои Советот на Општината. По конкретното прашање е одржана расправа, 24 сове-тника гласале за предлогот, двајца гласале против по што е конста-тирано дека предлогот е усвоен. Според етничката структура Советот има 22 Албанци, 5 Македонци и 4 Турци.

Во членот 9 од Законот за установите („Службен весник на Република Македонија„ бр.32/2005 и 120/2005), е определено дека, називот на установата ја содржи ознаката “установа” и други ознаки кои упатуваат на видот и карактерот на дејноста и нејзиното седиште. Називот на јавната установа (национална) го содржи грбот и името на Република Македонија (став 2). Називот на јавна установа на општи-ната или на градот Скопје го содржи името на Република Македонија и името на општината односно градот Скопје (став 3). Установата може да го измени називот на установата само во согласност со основачот (став 8).

Во членот 13 од Законот се уредени прашањата по однос на печатот и другите обележја на установите. Според ставот 1 од овој член од Законот установата има печат, а според ставот 2 печатот го содржи називот и седиштето на установата. Во средината на печатот на јавната установа е содржан и грбот на Република Македонија (став 3). Формата и содржината на печатот, изгледот на знаците, другите обележја како и начинот на нивното користење, се утврдуваат со статутот на установата (став 4).

Според член 32 став 1 од Законот, со наслов: „Акти на установата“, установата има статут. Со статутот особено се уредува: организацијата и начинот на вршење на дејноста, називот, седиштето, управувањето, работоводењето, контролата, правата и обврските на корисниците на јавната услуга и други прашања од значење за извршување на дејноста и работењето на установата во согласност со закон и актот за основање (став 2). Донесувањето на статутот на јавната установа како и неговото изменување го врши органот на управување на јавната установа во согласност со закон (став 4). На статутот на јавната установа согласност дава основачот или орган определен од основачот (став 5).

Од анализата на цитираните законски одредби произлегува дека општината основа основното училиште како јавна установа во која се врши јавна услуга од јавен интерес во областа на образо-ванието. Едни од основните белези на училиштето се и неговото име и назив. Општиот акт за изведувањето на дејноста и работењето на училиштето е статутот за кого согласност дава Министерството за образование и основачот, во конкретниот случај општината Гостивар. Добивањето на вака предвидената согласноста се однесува и на измените и дополнувањата на основниот акт на работење. Притоа, согласноста е актот со кој се потврдува дека статутот или неговите измени и дополнувања се донесени во постапка предвидена со закон и дури по дадената согласност конкретниот акт станува полноважен. Исто така, произлегува дека името и називот на установата, односно училиштето е елемент кој е присутен не само во статутот, туку и во печатот на установата и со самото тоа и во актите што основно-образовната установа што ги води или издава во текот на оствару-вање на основно образовниот процес. Исто така, името на основното училиште како негово основно обележје се јавува и на педагошката документација и педагошката евиденција.

Имајќи ја предвид содржината на членот 81, член 82 и член 83 од Законот за основното образование, што беше во сила во време на донесување на оспорените акти, произлегува дека педагошката документација, се води и издава на македонски јазик со употреба на кирилското писмо. За учениците, припадници на заедни-ците кои наставата ја следат на јазик различен од македонскиот јазик, педагошката документација се води и издава на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото на кој се изведува наставата.

Во текот на претходната постапка Судот утврди дека во време на донесување на оспорените акти и сега во сила е и Законот за употреба на македонскиот јазик („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/1998 и 89/2008).

Според член 2 став 2 од Законот, употребата на македонскиот јазик, како службен јазик е право и должност на граѓаните на Републиката.

Според членот 5 алинеи 1, 2, 5 и 6 од Законот, македонскиот јазик, покрај употребата во органите на државната власт, во органите на единиците на локалната самоуправа и градот Скопје, меѓу другото се употребува и во трговските друштва, претпријатијата, установите и другите правни лица регистрирани во Републиката; називите, рекламите и плакатите на правните лица; обележувањето на јавните места и натписите во средствата за јавен превоз и во јавните објекти.

Врз основа на анализата на Амандманот V на Уставот одредбите од Законот за употреба на македонскиот јазик, а во контекст на претходно направената анализа на уставните и законските одредби произлегува дека основното училиште е правно лице кое се идентификува, меѓу другото и со свое име, назив во кој е содржано и името, кои мора да бидат означени на македонски јазик и кирилско писмо како службен јазик на целата територија на Република Македонија и на друг јазик што го зборуваат најмалку 20% граѓани и тоа како службен јазик само во случаите кога наставата во учили-штата се одвива и на тој друг јазик.

Определувајќи ја содржината на статутот на основното училиште како општ акт за извршување на дејноста и работење на училиштето во кој е определено името на училиштето, понатаму како акт на кој се базираат педагошката документација и педагошката евиденција, како документи со трајно значење или со карактер на јавни исправи што трајно циркулираат во правниот поредок и за кои е предвидено според уставните и законските норми употреба на македонскиот јазик и кирилско писмо и јазик на припадниците на заедниците кога тоа е потребно, Судот оцени дека со оспорените делови од Статутот не се исклучува употребата на македонскиот јазик со тоа што изразот: „Башкими“ е определен како ново име за конкретното основно училиште. Ова од причини што општиот израз: „Башкими“ одбран и потврден како име на основното училиште го запазува критериумот за употреба на кирилското писмо. До промена на името на училиштето, како еден од симболите на конкретната образовна установа дошло врз основа на законски спроведена постапка, а самата промена на името не може да се издигне на ранг на прашање за уставност на употребата на јазиците.

Оттаму, анализа на оспорените делови од Статутот разгледувани од аспект на цитираната уставна и законска регулатива покажа дека не може основано да се постави прашањето за нивната согласност со Амандманот V на Уставот, членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9 и членот 96 од Уставот, со членот 2 став 2, членот 5 алинеи 1, 2, 5 и 6 и членот 6 алинеи 1 и 3 од Законот за употребата на македонскиот јазик.

Имајќи предвид дека оспорените акти се донесени врз основа на одредби од Законот за основното образование кој престана да важи по поднесување на иницијативата, Судот оцени дека постојат процесни пречки за впуштање во анализа на оценување на закони-тоста на оспорените акти по однос на наведениот закон.

Во меѓувреме влегоа во сила Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.103/2008) и Закон за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија бр.101/2008) чии одредби за одделна проблематика идентично, а за други и поконкретно ги уредува прашањата што се покренуваат во иницијативата.

Имено, во членот 3 од Законот за основното образование, кој сега е во сила се определени целите на основното образование и воспитание, меѓу кои: развивање на писменоста и способностите на учениците за разбирање, информирање и изразување на македонски јазик и неговото кирилско писмо (алинеја 3) и развивање на писменоста и способностите на учениците за разбирање, информирање и изразување, покрај на македонски јазик и неговото кирилско писмо, и на јазик и писмо на припадниците на заедниците кои зборуваат јазик различен од македонскиот јазик (алинеја 4).

Според членот 12 став 1 од Законот, дејноста на основното училиште е од јавен интерес, а според ставот 2 основното училиште има својство на правно лице и се запишува во Централниот регистар на Република Македонија.

Во членот 14 став 1 од Законот е определено дека името на основното училиште е напишано на македонски јазик и неговото кирилско писмо. Според ставот 2 од истиот член од Законот, во основните училишта во кои наставата се изведува и на друг јазик и писмо различен од македонскиот јазик, името на училиштето е напишано на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото на кое се изведува наставата.

Во член 16 став 2 од Законот е определено дека, општинското основно училиште се основа од општината, а според ставот 3 државното основно училиште се основа од Владата на Република Македонија (во натамошниот текст: Владата). Во ставот 4 од одредбата е определено дека советот на општината донесува одлука за основање на основно училиште, по претходно прибавено позитивно мислење од Владата.

Со актот за основање на училиштето, според членот 19 алинеја 1 од Законот, меѓу другото, се утврдува и името и седиштето на основното училиште.

Во членот 21 став 1 од Законот е определено дека основното училиште има статут. Според ставот 2 на истиот член од Законот, со статутот особено се уредуваат: организацијата и врше-њето на воспитно-образовната дејност, називот, седиштето, управу-вањето и раководењето, правата и обврските на учениците, правата и обврските на вработените и други прашања од значење за работа на основното училиште. Статутот на основното училиште го донесува училишниот одбор (став 3). На статутот на основното училиште согласност дава Министерството (став 4).

Во главата со наслов: VIII. Педагошка документација и евиденција, меѓу другите, се содржани член 98, 99, 100 и 101 од Законот што сега е во сила, кои по однос на прашањето на упоребата на македонскиот јазик и писмо и употребата на друг јазик различен од македонскиот јазик и писмо се идентични со членовите 81, 82 и 83 од Законот што престана да важи.

Имено, според членот 100 од Законот што сега е во сила, педагошката документација од членот 100 став 1 на овој закон се води и издава на македонски јазик и неговото кирилско писмо. За учениците од припадниците на заедниците кои наставата ја остваруваат на јазик и писмо различен од македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, педагошката документација од ставот 1 на овој член се води и издава на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото на којшто се изведува наставата.

Понатаму, според членот 2 став 1 од Закон за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија бр.101/2008), во органите на државната власт во Република Македонија може да се користи и службениот јазик различен од македонскиот јазик во согласност со овој закон. Според ставот 2 од истиот член од Законот, јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија се употребува, меѓу другото во образованието и науката.

Според членот 50 од Законот, педагошката документација во основните училишта се води и издава на македонски јазик со употреба на кирилското писмо (став 1). За учениците, припадници на заедниците кои наставата ја следат на јазик различен од македонскиот јазик, педагошката документација се води и издава на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото на кој се изведува наставата (став 2).

Тргнувајќи од анализата на наведените законски одредби произлегува дека оспорените акти не би можеле да бидат ставени под сомнение и по однос на нивната согласност со сега важечката регулатива што го уредува името на училиштето и јазикот на кој се води и издава педагошката документација.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека оспорените делови од Статутот се во согласност со Амандманот V на Уставот, членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9 и членот 96 од Уставот, со членот 2 став 2, членот 5 алинеи 1, 2, 5 и 6 и членот 6 алинеи 1 и 3 од Законот за употребата на македонскиот јазик, со членот 14 и членот 100 од Законот за основното образование, како и со членот 50 од Закон за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа.

6. Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

По однос на оспорената согласност и решението за давање на согласност Судот оцени дека истите не се акти подобни за уставносудска оцена бидејќи не уредуваат односи на неопределен број субјекти во правото, туку истите се законски услов за произведување правно дејство на оспорениот статут, од каде се исполнети условите за отрлање на иницијативата согласно цитираната деловничка одредба.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов. Решението под точката 1 Судот го донесе со мнозинство гласови.

У.бр.125/2008
29 април 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Издвоени мислења по предметот У.бр.125/2008

 

Leave a Reply