Издвоено мислење

Издвоени мислења по предметот У.бр.125/2008

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), по моето гласање против Решението У.бр. 125/2008 од 29 април 2009 година, го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Уставниот суд на Република Македонија требаше да го разреши основното прашање: дали името на основното училиште во Гостивар ги задоволува уставните и законските норми за употребата на службените јазици.

Амандман V на Уставот на Република Македонија и членот 14 од Законот за основно образование предвидува дека во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, а имињата на училиштата во кои наставата се изведува на друг јазик различен од македонскиот јазик, се напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото на кој се изведува наставата.

Факт е дека името на основното училиште „Башкими“ од Гостивар е напишано на албански јазик и со албанско писмо. Со тоа еден дел од уставните и законските одредби се исполнети, затоа што во општината Гостивар над 20% од граѓаните по националност се Албанци, па албанскиот јазик е исто така службен јазик, покрај македонскиот јазик.

Меѓутоа, името на основното училиште „Башкими“ е напишано со кирилско писмо, но зборот не припаѓа на македонскиот јазик. Од друга страна, зборот „Башкими“ не е име на личност, топоним или бренд, па да не мора да се напише на македонски јазик, поради што сметам дека мнозинството од судиите погрешно сметаше дека името на основното училиште ги задоволува нормите на Уставот и законите.

Во конкретниот случај името на основното училиште не е напишано со употреба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо кое согласно Уставот е задолжителен во секој случај на територијата на Република Македонија, поради што во оваа смисла не е докрај испочитуван Амандманот V од Уставот на Република Македонија, како и законските норми што ја регулираат употребата на службените јазици и писма во Република Македонија.

Скопје, 18 мај 2009 година

Лилјана Ингилизова-Ристова,
Судија на Уставниот суд на Република Македонија

* * *

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.125/2008 од 29 април 2009 година, го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Во овој случај пред Уставниот суд се работеше само за едно основно прашање: дали со оспорените одредби од Статутот на основното училиште е обезбеден респект кон службените јазици и нивната употреба во Република Македонија во рамките на правилата воспоставени со Уставот и законите?

Во амандманот V на Уставот и во членот 14 од Законот за основното образование, овие правила се воспоставени на недвосмислен начин: во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, а имињата на училиштата во кои наставата се изведува и на друг јазик различен од македонскиот јазик, се напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото на кој се изведува наставата.

На теренот на фактите, исто така е неспорно дека албанскиот збор “Башкими“, иако е напишан со кирилско писмо, не е збор што припаѓа на македонскиот јазик.

Оттука, наведените правила утврдени во Уставот и во Законот коишто налагаат името на училиштето да биде напишано не само со определено писмо, туку и на определен јазик, што е, се разбира, клучно за суштински респект на различните јазици, не се почитувани во овој случај. Исто така, овие правила не би биле почитувани и кога името на некое училиште што е напишано на македонски јазик и неговото кирилско писмо, на пример “единство“, би се напишало и со латинични букви, без да е напишано и на албански јазик.

Поради тоа, не можам да се согласам со ставот на мнозинство судии изразен во Решението дека “ .. со оспорените делови од Статутот не се исклучува употребата на македонскиот јазик со тоа што изразот “Башкими“ е определен како ново име за конкретното основно училиште, (..) од причини што општиот израз “Башкими“ одбран и потврден како име на основното училиште го запазува критериумот за употреба на кирилското писмо“. Во овој став се дава одговор на прашање што не е спорно, затоа што проблемот не е дали се запазени критериумите за употреба на кирилското писмо, туку дали името на училиштето е напишано со употреба на македонскиот јазик како задолжителен во секој случај. На тоа прашање во Решението нема одговор, нуту таков може да ни открие обидот во Решението за трансформација на зборот “Башкими“ во “општ израз“, што и да се сакало да се каже со тоа.

Врз основа на изнесеното, сметам дека со оспорените одредби од Статутот не се почитувани уставните и законските правила што го регулираат прашањето за употребата на јазиците и писмата во Република Македонија и со тоа не се почитувани различните јазици во Република Македонија во согласност со тие правила.

Игор Спировски
Судија
на Уставниот суд на Република Македонија

Решение У.бр.125/2008

Leave a Reply