Одлука У.бр.143/2008

У.бр.143/2008

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 65 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 октомври 2008 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УТВРДУВА дека Основниот суд Скопје II – Скопје е надлежен орган за постапување по времената мерка со која се бара забрана за располагање, пренесување и отуѓување на 5.339 акции кои подносителот на Предлогот СВИСЛИОН ДОО Скопје ги поседува во Агроплод АД Ресен.

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Трговското друштво за производство, трговија и услуги СВИСЛИОН ДОО Скопје, преку полномошниците Ристо Новаковски и Александар Гоџо, двајцата адвокати од Охрид на Уставниот суд на Република Македонија, на Судот му поднесоа Предлог за решавање судир на надлежност, односно да определи кој орган е надлежен за постапување по времената мерка со која се бара забрана за располагање, пренесување и отуѓување на 5339 акции кои подносителот на предлогот СВИСЛИОН ДОО Скопје ги поседува во Агроплод АД Ресен. Ова затоа што Основниот суд Скопје II – Скопје постапувајќи по предлогот за определување на привремена мерка на доверителот – Министерството за економија застапувано од Државното правобранителство на Република Македонија, против должникот СВИСЛИОН ДОО Скопје со Решение бр. 40/2008 од 18 април 2008 година го одбил предлогот со кое се бараше Судот да донесе решение на привремена мерка со кое ќе му се збранело на должникот да врши било какво располагање, пренесување и отуѓување на 5.339 акции. Решението е потврдено од Апелациониот суд во Скопје ТСЖ.бр.1053/08 од 12 јуни 2008 година, а за надлежна за донесување на наведената времена мерка се огласи и Комисијата за хартии од вредност која донесе Решение бр.08-1881/3 од 19 мај 2008 година со која се забранува располагање, оптоварување, отуѓување и право на глас на 5.339 обични акции од издавачот Агроплод АД Ресен, во сопственост на СВИСЛИОН ДОО Скопје, стекнати врз основа на склучен договор за продажба на акции помеѓу Министерството за економија и СВИСЛИОН ДОО Скопје од 23 јуни 2006 година, и кое Решение бр.07-19/2 од 8 јули 2008 година било потврдено од Комисијата за решавање на жалби од областа на пазарот на хартии од вредност Скопје.

4. Постапувајќи по поднесениот предлог Судот утврди дека Основниот суд Скопје II – Скопје постапувајќи по предлогот за определување на времена мерка на доверителот Министерството за економија на Република Македонија застапувано од Државното правобранителство на Република Македонија, против должникот СВИСЛИОН ДОО Скопје, а во врска со членовите 33 и 34 од Законот за обезбедување на побарувањата („Службен веснник на Република Македонија“ бр.87/2007) на 18 април 2008 година донел Решение Р.врм.бр.40/08 со кое Предлогот на доверителот го одбил.

Во образложението на наведеното решение Судот меѓу другото, наведува дека согласно член 33 став 1 од Законот за обезбедување на побарувањата, времена мерка за обезбедување на парично побарување може да се дозволи ако доверителот го стори веројатно постоењето на побарувањето и опасноста дека без таква мерка должникот ќе ја осуети или значително отежне наплатата на побарувањето со тоа што својот имот односно своите средства ќе ги отуѓи, прикрие или на друг начин ќе располага со нив.

Имајќи ја во вид цитираната законска одредба овој суд нашол дека во конкретниот случај не се исполнети законските услови за дозволување на предложената привремена мерка од причини што доверителот во случајов не го сторил веројатно постоењето на побарувањето. Имено, побарувањето на доверителот во случајот правото од акции произлегувало од Договорот склучен на 14 јуни 2006 година за продажба на акциите на Фондот за ПИОМ за Агроплод АД -Ресен заведен под бр.07-5142/1 од 23 јуни 2006 година, при Министерството за економија. Видно од договорот е дека во самиот петитум на истиот се наведени повеќе одлуки и акти донесени од органите на управата, по однос на кои доверителот не достави докази дека се поведени био какви постапки за нивно напаѓање, оспорување и слично a кои биле основа и на кои се темели донесениот договор од 14 јуни 2006 година.

Co оглед на тоа што доверителот не го сторил веројатно постоењето на побарувањето како еден од кумулативните услови кои ги предвидува законот, овој суд нашол дека не се исполнети ниту условите во поглед на опасноста дека без предложената привремена мерка должникот може да ја осуети или значително отежни наплатата на побарувањето. Ова од причини што друштвото должник видно од приложената документација преставувало едно од капитално поврзано друштво каде Агроплод АД – Ресен се јавува како оснивач и мнозински сопственик на новите друштва, факт што му бил познат на Министерството за економија видно од предметниот договор каде се јавува како еден од потписниците.

Против ова решение Државното правобранителство на Република Македонија поднело жалба до Апелациониот суд Скопје.

По приемот на жалбата, СВИСЛИОН ДОО Скопје има поднесено одговор на жалба.

Co Решение на Апелациониот суд во Скопје ТСЖ.бр. 1053/08 од 12 јуни 2008 година, примено од подносителот на ден 1 јули 2008 година, одбиена е жалбата на Државното правобранителство како неоснована, a Решението на Основен суд Скопје 2 – Скопје Р.врм.40/2008 од 18 април 2008 година е потврдено. Co тоа Решението на Основен суд Скопје 2 – Скопје, Р.врм. 40/2008 од 18 април 2008 година станало правосилно.

Но, и покрај поведената судска постапка за обезбедување (согласно Законот за обезбедување на побарувањата), Државното правобранителство на Република Македонија, исто така, поднело барање бр.08-1881/1 од 7 мај 2008 година за времена мерка до Комисијата за хартии од вредност, со истото барање да се забрани располагање, отуѓување или оптоварување на истите акции, што значи дека решението на комисијата е донесено после донесувањето на решението од Основниот суд Скопје II Скопје (18 април 2008 година).

По барањето на Државното правобранителство, Комисијата за хартии од вредност, донесува Решение бр.08-1881/3 од 19 мај 2008 година, во управна постапка, со кое се забранува располагање, оптоварување, отуѓување и правото на глас на 5.339 обични акции од издавачот Агроплод АД Ресен во сопственост на СВИСЛИОН ДОО Скопје, кои се стекнати врз основа на договор за продажба на акции помеѓу Министерството за економија и СВИСЛИОН ДОО Скопје.

Во точката 2 на наведеното решение е наведено дека забраната од точка 1 на ова решение ќе трае до моментот на правосилно завршување на постапката поведена од страна на Државното правобранителство на Република Македонија пред Основниот суд Скопје 2 – Скопје.

Според точката 3 на ова решение, СЕ ЗАДОЛЖУВА Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје да ги евидентира ограничувањата од точка 1 на ова решение на сметката на хартии од вредност на правното лице СВИСЛИОН ДОО Скопје, a во точката 4 од Решението е наведено дека жалбата изјавена против ова решение, не го одлага неговото извршување.

Во образложението на ова решение меѓу другото, се наведува дека согласно член 184 точка г) од Законот за хартии од вредност, Комисијата за хартии од вредност врши контрола над целокупната документација на издавачите на хартии од вредност, презема мерки и донесува одлуки за заштита на интересите на лицата кои се сопственици или инвестираат во хартии од вредност и спречува нечесни и незаконити дејствија поврзани со работењето со хартии од вредност. Имајќи го предвид напред наведеното, a со цел да се спречат евентуални незаконитости и неправилности во тргувањето со акциите на Агроплод АД Ресен, како и заради заштита на интересите на инвеститорите и обезбедување на интегритет и транспарентност на пазарот на хартии од вредност во Република Македонија, Комисијата за хартии од вредност на својата седница одржана на 19 мај 2008 година донело решение со кое се забранува располагање, оптоварување, отуѓување и правото на глас на 5.339 обични акции од издавачот Агроплод АД Ресен, во сопственост на СВИСЛИОН ДОО Скопје, стекнати врз основа на склучен договор за продажба на акции помеѓу Министерството за економија и СВИСЛИОН ДОО Скопје од 23 јуни 2006 година.

Против ова решение СВИСЛИОН ДОО Скопје поднело жалба бр.08-1881/3 на 25 јуни 2008 година до Комисијата за решавање на жалби од областа на пазарот на хартии од вредност.

Комисијата за решавање на жалби од областа на пазарот на хартии од вредност, со Решение бр.07-19/2 од 8 јули 2008 година, жалбата изјавена против решението на Комисијата за хартии од вредност бр.08-1881/3 од 19 мај 2008 година, поднесена од Страна на СВИСЛИОН ДОО Скопје ЈА ОДБИЛА, a Решението на Комисијата за хартии од вредност бр.08-1881/3 ГО ПОТВРДИЛА.

Подносителот на Предлогот СВИСЛИОН ДОО Скопје, против Решението бр.07-19/2 од 8 јули 2008 година на Комисијата за решавање на жалби од областа на пазарот на хартии од вредност -Скопје, поднело тужба до Управниот суд, кој со Решение У. бр.2726/2008 од 28 јули 2008 година тужбата за поведување управен спор, ја одбил како неоснована.

Во образложението на решението Судот наведува дека тужителот со ништо не сторил веројатно дека со извршувањето на решението означено во диспозитивот на ова решение му се нанесува штета која тешко би можела да се поправи, не докажал дека одлагањето на извршувањето не е спротивно на јавниот интерес, ниту докажал дека со одлагањето на извршувањето нема да се нанесе поголема ненадоместлива штета на спротивната странка. Напротив судот сметал дека во конкретниот случај одлагањето на извршувањето на решението чие одлагање се бара е спротивно на јавниот интерес од причини што јавен интерес е сигурноста во јавниот промет во тргувањето на хартии од вредност и доследна примена на Законот при трансакциите со хартии од вредност.

Подносителот на Предлогот СВИСЛИОН ДОО Скопје против наведеното решение на Управниот суд поднел жалба до Врховниот суд на Република Македонија, кој со Решение Уж.бр.54/2008 од 22 август 2008 година жалбата ја одбива како неоснована, a Решението на Управниот суд Скопје У.бр.2726/2008 од 28 јули 2008 година ГО ПОТВРДУВА, со образложение дека наводите во жалбата дека со извршувањето на решението ќе биде доведено во прашање управувањето во АД „Агроплод” – Ресен, односно дека тужителот нема да може сразмерно на својот сопственички удел да учествува во донесувањето на одлуките, Врховниот суд на Република Македонија не ги прифати како основани. Ова, од причина што според Врховниот суд на Република Македонија, при одлучувањето по барањето за донесување на времена мерка Управниот суд ја имал предвид како веројатноста за настапување на штета за тужителот, така и веројатноста за настапување на штета на спротивната страна и заштитата на јавниот интерес. По оцена на сите околности суштествени за одлучување по барањето, по наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, правилно е одлучено дека донесувањето на времена мерка би било спротивно на јавниот интерес, со оглед на тоа што оспореното решение е донесено заради обезбедување сигурност на правниот промет во тргувањето на хартии од вредност и доследна примена на принципот на владеење на правото и почитување на законитоста при трансакциите со хартии од вредност.

5. Според член 110 алинеја 4 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија решава за судир на надлежност меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт.

Согласно член 62 од Деловникот на Уставниот суд, предлог за решавање на судир на надлежност меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт и меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа може да поднесе секој од органите меѓу кои настанал судирот. Предлог може да поднесе и секој што поради прифаќањето или одбивањето на надлежноста на одделни органи не може да оствари свое право.

Според член 63 став 2 од Деловникот, субјектите од член 62 на овој Деловник, кои поради прифаќање или одбивање на надлежност не можат да остварат свое право, предлогот за решавање на судирот на надлежност може да го поднесат откако и двата органа ја прифатат или ја одбијат надлежноста со конечен или правосилен акт.

Во член 64 од Деловникот е предвидено дека предлогот за решавање на судир на надлежност содржи: предмет на спорот поради кој и настанал судирот, органите меѓу кои настанал судир и означување на конечните односно правосилни акти со кои органите ја прифаќаат или одбиваат надлежноста да одлучува по ист предмет.

Според член 65, пак, од Деловникот со одлука со која решава за судирот на надлежност, Уставниот суд го определува надлежниот орган за одлучување по предметот.

Имајќи го предвид наведеното Судот оцени дека основ за постапување на Судот во конкретниот случај претставува постоењето на конечен акт на Комисијата за хартии од вредност и правосилен акт на Основниот суд Скопје 2 – Скопје со кои двата органи се огласиле за надлежни за Предлогот на СВИСЛИОН ДОО Скопје за обезбедување на побарување, со кое се барало забрана за располагање, пренесување и отуѓување на 5.339 акции кои подносителот на Предлогот ги поседува во Агроплод АД Ресен, односно постои позитивен судир на надлежност.

Согласно ставот 1 на Амандманот XXV со кој се заменува членот 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите, a во ставот 2 на овој Амандман е утврдено дека судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Надлежноста на судовите е уредена со Законот за судовите, кој во делот II „Организација и надлежност” во точката 2 е содржан членот 30 од Законот. Во точката 2 на членот 30 од Законот е утврдено дека основните судови со основна надлежност се надлежни да одлучуваат во прв степен по граѓански спорови, меѓу другото, и во постапка за обезбедување и извршување.

Според членот 32 став 4 од Законот, Основниот суд Скопје 2 – Скопје е граѓански суд со основна и проширена надлежност за подрачјето на општините Центар, Карпош, Ѓорче Петров, Сарај, Кисела Вода, Аеродром, Бутел, Гази Баба, Чаир, Шуто Оризари, Чучер-Сандево, Сопиште, Студеничани, Зелениково, Петровец, Илинден и Арачиново.

Во членот 33 од Законот се определени условите за дозволување на привремена мерка. Така, во ставот 1 на овој член од Законот е утврдено дека привремена мерка за обезбедување на парично побарување може да се дозволи ако доверителот го стори веројатно постоењето на побарувањето и опасноста дека без таква мерка должникот ќе ја осуети или значително отежне наплатата на побарувањето, со тоа што својот имот, односно своите средства ќе ги отуѓи, прикрие или на друг начин ќе располага со нив.

Според ставот 2 на овој член доверителот не мора да ја докажува опасноста ако стори, веројатно дека со предложената мерка должникот би претрпел само значителна штета, а во ставот 3 на овој член од Законот е утврдено дека се смета дека опасност постои ако побарувањето би требало да се оствари во странство.

Видовите на привремени мерки за обезбедување на парични побарувања се утврдени во членот 34 од Законот според кој за обезбедување на парично побарување може да се дозволи секоја мерка со која се постигнува целта на таквото обезбедување, а особено:

1. забрана на должникот да располага со подвижни предмети, како и чување на тие предмети;
2. забрана на должникот да ги отуѓи или оптовари своите недвижности или стварни права кои врз недвижноста се запишани во негова корист, со прибелешка на таа забрана во јавна книга или да ги даде под закуп,
3. забрана на должникот да продава хартии од вредност и удели,
4. забрана на должниковиот должник да му исплати на должникот побарување или да му предаде предмети, како и забрана на должникот да прими предмети, да наплати побарување и да располага со нив и
5. налогот на носителот на платен промет на должникот или на трето лице, по налог на должникот да не дозволи од должниковите сметки исплата на паричниот износ за кој е дозволена привремена мерка.
Според ставот 2 на овој член од Законот со привремена мерка не се стекнува заложно право.

Co Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000, 44/2002 и 82/2008) се уредуваат организацијата, надлежностите и работата на органите на државната управа.

Во членот 5 став 1 од овој закон е утврдено дека органите на државната управа, можат да се основаат како министерства, други органи на државната управа и управни организации. Според ставот 3 од овој член од Законот, другите органи на државната управа според видот на организацијата и степенот на самостојноста можат да се основаат како самостојни органи на државната управа (дирекции, архив, агенции и комисии) или како органи во состав на министерствата (управа, биро, служба, инспекторат и капетанија).

Според членот 7 од Законот, органите на државната управа, кои се основаат само со основниот Закон за организација и работа на органите на државната управа можат да се основаат, укинуваат и нивната надлежност да се утврдува со закон.

Од оваа законска одредба произлегува дека органите на државната управа, можат да се основаат или укинуваат исклучиво со закон.

Co Законот за хартии од вредност се уредуваат начинот и условите на издавање и тргување со хартии од вредност, начинот и условите за регистрирање на хартиите од вредност, утврдување и порамнување на трговските трансакции и нетрговските преноси со хартии од вредност, како и ограничувањата на правата од сопственоста на хартиите од вредност, начинот и условите за функционирање на пазарот на хартии од вредност и на овластените учесници на пазарот, обврските за обелоденување од страна на акционерските друштва со посебни обврски за известување, членовите на органите на управување, директорите и одделни акционери, забранетите дејствија во врска со работењето со хартии од вредност, статусот и надлежностите на Комисијата, начинот и условите на работење на овластените учесници на пазарот при стечај и ликвидација и други прашања што се од значење за хартиите од вредност.

Bo ставот 2 од овој член од Законот е утврдено дека за се она што не е уредено со овој закон ќе се применуваат одредбите од Законот за трговските друштва, Законот за стечај и Законот за општата управна постапка.

Согласно членот 181 од Законот за хартии од вредност, во областа на пазарот на капитал се основа Комисија за хартии од вредност која претставува самостојно и независно регулаторно тело, со јавни овластувања утврдени со овој закон.

Според ставот 2 на овој член од Законот, комисијата го регулира и контролира работењето со хартии од вредност на територијата на Република Македонија, според ставот 3 на овој член од Законот, комисијата во рамките на своите законски надлежности и овластувња, се грижи за законито и ефикасно функционирање на пазарот на хартии од вредност и за заштитата на правата на инвеститорите, со цел за постојано јакнење на довербата на јавноста во институциите на пазарот на хартии од вредност во Република Македонија.

Според ставот 4 на овој лен од Законот, комисијата има својство на правно лице, a во ставот 5 е утврдено дека седиштето на комисијата е во Скопје.

Во рамките на своите овластувња и во делокругот на својата работа, Комисијата за хартии од вредност работи согласно Законот за општата управна постапка, како што е определено во членот 232 од Законот за хартии од вредност според кој, ако со овој закон поинаку не е определено, во постапката при донесувањето на решение се применува Законот за општата управна постапка.

По однос на статусот, положбата на комисијата за хартии од вредност за Судот не е спорно дека таа е независно и самостојно регулаторно тело, чија задача е да го регулира и да врши надзор над финансискиот пазар во Република Македонија и да го поттикнува неговиот развој. Меѓутоа таа не може да се изземе од структурата на извршно-управните органи во поширока смисла на зборот со што се исполнува и вториот услов за постапување по предлогот за решавање на судир на надлежност утврден во членот 64 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

Прашањето за обезбедување на побарувањата е уредено со Законот за обезбедување на побарувањата („Службен весник на Република Македонија” бр.87/2007) кој во членот 1 предвидува дека со овој закон се определуваат средствата за обезбедување на побарувањата, начинот на кој тие се определуваат, правилата според кои судот постапува за обезбедување на побарувањата, како и постапувањето на нотарот и постапувањето на извршителот во врска со тоа.

Тргнувајќи од содржината на оваа законска одредба произлегува дека по однос на прашањето на постапување за обезбедување на побарувањата и со овој закон се определува судот, иако неспорен е фактот дека надлежностите на судот се утврдени во самиот Закон за судовите.

Во прилог на оваа констатација оди и фактот дека самата Комисија за хартии од вредност во своето решение за времената мерка (бр.08-1881/3 од 19 мај 2008 година) во точката 2 наведува дека забраната од точка 1 на ова решение ќе трае до моментот на правосилно завршување на постапката поведена од страна на Државното правобранителство на Република Македонија пред Основниот суд Скопје II – Скопје, што упатува на заклучок дека ако Судот има право да одлучува за главната работа, која е причината да не може да одлучува и за времената мерка, дотолку повеќе што Предлогот за времената мерка од страна на Државното правобранителство до Комисијата за хартии од вредност е поднесено на 7 мај 2008 година, откако веќе Основниот суд Скопје II – Скопје донел решение на 18 април 2008 година со кое наведенииот предлог го одбил како неоснован.

Оттука, имајќи ги предвид наведените законски одредби, наспрема утврдената фактичка состојба произлегува дека во конкретнииот случај постои судир на надлежности помеѓу Основниот суд Скопје 2 – Скопје и Комисијата за хартии од вредност и дека надлежен за постапување по однос на времената мерка со кое се бара забрана за располагање, пренесување и отуѓување на 5.339 акции кои подносителот СВИСЛИОН ДОО Скопје ги поседува во АД Агроплод Ресен е Основниот суд Скопје 2 – Скопје.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.143/2008
15 октомври 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Издвоено мислење по предметот У.бр.143/2008

 

Leave a Reply