Издвоено мислење

Издвоено мислење по предметот У.бр.143/2008

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), по моето изјаснување и гласање против Одлуката У.бр.143/2008 од 15 октомври 2008 година, го издвојувам и писмено го обрзложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Трговското друштво за производство, трговија и услуги „СВИС ЛИОН“ ДОО Скопје, преку полномошниците Ристо Новаковски и Александар Гоџо, двајцата адвокати од Охрид, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за решавање на постоење на позитивен судир на надлежност поради постоење на правосилно решение за времена мерка на Основен суд Скопје 2 Скопје Р. бр. 40/2008 од 18 април 2008 годиона и конечно Решение бр. 08-1881/3 од 19 мај 2008 година на Комисијата за хартии од вредност донесено врз основа на членовите 52 став 4 и 184 точка г) од Законот за хартии од вредност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 95/2005, 25/2007 и 7/2008).

Подносителите на барањето сметаат дека: „постоел судир на надлежност помеѓу носителите на судската и извршната власт (односно судовите и Комисијата за хартии од вредност како орган на државната управа и извршната власт)“.

Мнозинството на судиите на Уставниот суд на Република Македонија исто така прифаќа дека Уставниот суд во конкретното барање има надлежност за решавање на судир на надлежност оценувајќи дека: „Комисијата за хартии од вредност е дел на структурата на извршно-управните органи во поширока смисла на зборот“.

Моето мислење е сосема спротивно и во согласност со постоечката уставно-судска практиктика на Судот. По однос на статусот на Комисијата за хартии од вредност, Уставниот суд на Република Македонија во Решението У.бр. 53/2006 од 11 април 2007 година и Одлуката У.бр. 66/2006 од 4 јули 2007 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 86/2007 од 10 јули 2007 година) утврдил став: „Комисијата за хартии од вредност не претставува државен орган, односно орган на извршната власт, туку самостојна и независна регулаторна институција која има голема одговорност, односно бројни регулаторни, надзорни, развојни и други функции и врши јавни овластувања. Заради нејзината независност и самостојност, Комисијата за хартии од вредност не се финансира од Буџетот на Република Македонија, туку таа самостојно, согласно член 227 од Законот за хартии од вредност обезбедува средства за нејзина работа“.

Овој став на Уставниот суд по однос на стаусот на Комисијата за хартии од вредност е издвоен во посебна сентенца по решението У.бр. 53/2006 на страна 115 од книгата – Одлуки и решенија на Уставниот суд на Република Македонија за 2007 година.

Како регулаторно тело на финансискиот пазар, Комисијата за хартии од вредност е надлежна за спроведување на Законот за хартии од вредност, Законот за инвестициски фондови и Законот за превземање на акционерските друштва.

Меѓународната организација на комисиите за хартии од вредност (IOSCO), чија полноправна членка е Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија, ги има дефинирано трите основни цели на регулаторните тела на финансиските пазари: заштита на инвеститорите, обезбедување на ефикасен, чесен и транспарентен пазар и намалување на системскиот ризик, заштита на инвеститорите во хартии од вредност и спречување на малверзации и измама на штета на купувачите.

Тврдењето на мнозинството судии кое ја донесе одлуката, дека Комисијата за хартии од вредност е дел на структурата на извршно-управни органи во поширока смисла на зборот, нема основ во член 8 алинеја 7 од Уставот на Република Македонија, ниту во Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2000, 44/2002 и 82/2008).

Статусот и пред се, функциите на Комисијата за хартии од вредност утврдени во член 184 од Законот за хартии од вредност, како и фактот што се финансира од сопствени приходи, а не од Буџетот на Република Македонија, самостојното регулаторно тело го чинат независно и тоа не е дел на ниту една државна власт, уште помалку не е дел на систем на управно-извршни органи.

Против решението што го донесува Комисијата за хартии од вредност допуштена е жалба во рок од 15 дена од приемот на решението до Комисијата за решавање на жалби од областа на пазарот на хартии од вредност.

Согласно член 231 став 2 од Законот за хартии од вредност членовите и претседателот на оваа Комисија за жалби на предлог на Комисијата за прашањата на изборите и именувањата ги именува и разрешува Собранието на Република Македонија.

Оттука, воспоставувањето и функциите на Комисијата за хартии од вредност, дури ни во жалбена постапка не е препуштено контролата на нејзините решенија да е во надлежност на комисија избрана од Владата на Република Македонија. Комисијата дејствува самостојно и независно подалеку од било која власт, а особено од извршната.
Друго е прашањето на судската заштита на поединечните акти.

Уставното начело од член 8 алинеја 7 за слободата на пазарот, по мое мислење ја подразбира и слободата на пазарот на капиталот, кој токму затоа во Законот за хартии од вредност е пропишано да го регулира самостојно и независно регулаторно тело, а не управно-извршен орган.

Сметам дека во случајов Уставниот суд немаше судир на надлежност меѓу носители на било која од трите власти во државата како е предвидено во член 110 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија, затоа што како што погоре изложив, Комисијата за хартии од вредност не е дел на било која од трите државни власти.

Моето мислење затоа е дека само од овие причини барањето на подносителите е неосновано.

Скопје, 22 октомври 2008

Судија на Уставниот 
суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Одлука У.бр.143/2008

Leave a Reply