Решение У.бр.41/2021

У.бр.41/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 17.11.2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Камер Имери од с. Горно Строгомиште, Кичево, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на дискриминација по основ на политичка припадност.

2. Камер Имери од с. Горно Строгомиште, Кичево, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија коишто се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на политичка припадност, за кои смета дека се повредени со Одлуката на Собранието на Република Северна Македонија бр.08-7050/1 од 25.12.2019 година за избор на Илбер Руфати за заменик народен правобранител.

Барањето за заштита на слободите и правата, од истиот подносител се поднесува по втор пат до Уставниот суд, при што во овој поднесок подносителот на барањето бара да се земе во предвид Одлуката на Државната комисија за спречување на корупција бр.12-88/10 од 22.10.2020 година, како основ за поинакво одлучување согласно член 28 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Подносителот смета дека во конкретниот случај со погоре наведената одлука на Државната комисија за спречување на корупцијата, постоел основ за поинакво одлучување и немало основ за отфрлање на барањето.

Во наводите на барањето се наведува Решението на Уставниот суд У.бр.32/2020 од 07.10.2020 година, донесено по однос на првото барање за заштита на слободите и правата, со кое Судот го отфрлил неговото барање. Ова решение на Уставниот суд наводно било донесено само врз основа на еднострана оценка на наводите и тоа само врз основа на информациите добиени од Народниот правобранител, биле цитирани законските одредби за надлежноста на народниот правобранител и дека Собранието било надлежно за избор на заменик народен правобранител, а биле заборавени законските услови наведени во Законот за Народен правобранител (член 6 ставови 2 и 3), како и условите наведени во објавениот оглас.

Според подносителот на барањето, во текот на постапката по претходниот предмет, била извршена и повреда на член 55 став 2 од Деловникот на Уставниот суд, според кој на јавна расправа се поканувале учесниците во постапката и народниот правобранител како „заштитник“ на правата на граѓаните, а не како прекршител на правата, како и дека на расправата по потреба се поканувале и други лица, органи или организации, при што подносителот на барањето смета дека во конкретниот случај потребно било да бил вклучен и Државниот просветен инспекторат како орган надлежен за проверка на наводите во поглед на исправноста или неисправноста на доказот за завршено образование односно дали избраниот кандидат ги имал бараните 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен од областа на правото.

Во наводите на барањето се напоменува дека Државната комисија за спречување на корупција на седница одржана на 15.10.2020 година (8 дена после донесеното Решение на Уставниот суд) донела Одлука бр.12-88/10 врз основа на наодот на Државниот просветен инспекторат и утврдила дека избраниот кандидат не ги исполнувал условите за завршено високо образование (стекнати најмалку 240 кредити) и за работно искуство.

На крајот, во барањето подносителот бара од Уставниот суд согласно членот 56 од Деловникот, да ја поништи Одлуката на Собранието на Република Северна Македонија за избор на заменик народен правобранител за подрачјето на Кичево бр.7050/1 од 25.12.2019 година и при одлучувањето Уставниот суд да ги има предвид наводите во првото негово барање за заштита на слободите и правата и приложените докази во истото, дополнувањето на истото барање и Барањето за преиспитување на одлуката, коешто било потврдено со Одлуката на Државната комисија за спречување на корупција со претходно наведениот број и датум.

3. Уставниот суд, врз основа на наводите во барањето за заштита на слободите и правата и доставената документација во претходна постапка ја утврди следнава фактичка состојба:

До Уставниот суд на Република Северна Македонија, Камер Имери на 17.01.2020 година поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, повредени со Одлуката на Собранието за избор на Илбер Руфати за заменик народен правобранител и со противправното дејствие на народниот правобранител кој го предложил Илбер Руфати за кандидат за заменик народен правобранител. Барањето е допрецизирано на 10.03.2020 година.

Според подносителот на барањето, со Одлуката на Собранието за избор на Илбер Руфати за заменик народен правобранител му биле повредени слободите и правата и била сторена дискриминација по основ на политичка припадност, затоа што не бил избран подносителот на барањето, туку друг кандидат кој не ги исполнувал законските услови.

Уставниот суд со Решение У.бр.32/2020 од 07.10.2020 година го отфрли барањето за заштита на слободите и правата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

Додека траела постапката пред Уставниот суд, подносителот на барањето водел постапка и пред Државната комисија за спречување на корупцијата, којашто на седница одржана на 15.10.2020 година донела одлука со која ја запрела постапката поведена по предмет оформен по пријава поднесена од Камер Имери од Кичево (бр.на предмет 12-5498/1 од 03.12.2019 година) во која се укажувало на сомневање за погрешно утврдена фактичка состојба, погрешна примена на материјалното право и повреда на постапката за избор на заменици на Народниот правобранител на Република Северна Македонија за подрачната канцеларија во Кичево.

Во образложението на Одлуката на ДКСК, е наведено, покрај другото, дека Државниот просветен инспекторат по барање на Државната комисија извршила вонреден инспекциски надзор на 21.09. 2020 година и по извршениот увид во евиденцијата и документацијата и службениот разговор со присутните лица на увидот на Меѓународниот универзитет во Струга, Државниот просветен инспекторат констатирал дека Илбер Руфати кој е избран за заменик народен правобранител поседувал: Диплома од 07.07.2009 година со стручен назив – дипломиран правник со стекнати 180 ЕКТС и Уверение од 27.05.2020 година за положени испити од втор циклус студии и стекнат академски назив – магистер по правни науки.

Државната комисија за спречување на корупцијата, покрај другото констатирала дека Илбер Руфати кој бил избран за заменик народен правобранител за подрачјето на Кичево во моментот на поднесување на пријавата по распишаниот оглас за заменици на Народниот правобранител за подрачјето на Скопје, Кичево и Битола, не го исполнувал условот за „завршено високо образование со стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС, односно завршен VII/1 степен образование од областа на правото“, а следствено на тоа и условот да поседува „работно искуство од најмалку 7 години во областа на правото….“ имајќи предвид дека работното искуство се стекнува после завршувањето на соодветниот степен на образование.

Исто така, во Одлуката е наведено дека согласно член 9 став 2 од Законот за Народниот правобранител во кој се уредени условите за разрешување на Народниот правобранител пред истекот на мандатот (ако трајно ја загуби способноста за вршење на функцијата и доколку биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци), Државната комисија за спречување на корупцијата немала законски основ да покрене иницијатива за утврдување одговорност на Народниот правобранител и оценила дека нема елементи за нејзино натамошно постапување по предметот согласно членот 17 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, поради што Државната комисија ја запрела постапката по предметот и доставила известување за констатираната состојба до Собранието на Република Северна Македонија.

4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во барањето, според членот 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучување на Уставниот суд.

Согласно член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

До Уставниот суд по втор пат, од истиот подносител е доставено барање за заштита на слободите и правата во кое повторно се оспорува истата Одлука на Собранието на Република Северна Македонија бр.08-7050/1 од 25.12.2019 година за избор на Илбер Руфати за заменик народен правобранител за подрачната канцеларија во Кичево.

Уставниот суд отфрлајќи го првото барање за заштита на слободите и правата поднесено од истиот подносител Камер Имери оценил дека Одлуката на Собранието и предлогот на Народниот правобранител за избор на заменик народен правобранител, не се конечни или правосилни поединечени акти каков што статус имаат поединечните акти донесени во судска или управна постапка и дека не претставуваат акти согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд за кои може да се бара заштита на слободите и правата предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот

Со оглед на тоа што повторно се оспорува истата одлука на Собранието, а имајќи го предвид ставот на Судот изразен во Решението У.бр.32/2020 година, дека истата нема статус на конечен или правосилен акт, Судот оцени дека не постојат деловнички претпоставки за одлучување по барањето, односно Судот не може мериторно да се впушти во одлучување по предметното барање, независно од тоа што подносителот посочува на нови факти во поглед на условите на избраниот кандидат за заменик на народниот правобранител.

Од причини што оспорената одлука на Собранието не претставува акт согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд за кој може да се бара заштита на слободите и правата предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот, за која Судот веќе одлучувал и нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека барањето треба да се отфрли согласно член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот, го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.41/2021
17.11.2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска

Издвоено мислење по предметот У.бр.41/2021