Издвоено мислење

Издвоено мислење по предметот У.бр.41/2021

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) и („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), а во врска со Решението на Уставниот суд на Република Северна Македонија, У.бр.41/2021 година од 17.11.2021 година, со кое Решение се отфрла барањето на лицето Камер Имери од с. Горно Строгомиште, Кичево, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на дискриминација по однос на политичка припадност, гласајќи против цитираното решение, јас, судијата Осман Кадриу писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Уставниот суд на Република Северна Македонија, решавајќи по барањето на лицето Камер Имери од с. Горно Строгомиште, Кичево, за заштита на слободите и правата од член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, со мнозинство гласови усвои Решение У.бр.41/2021 година од 17.11.2021 година, со кое Решение се отфрла барањето на апликантот Камер Имери. За цитираното Решение гласав против и најавив издвоено мислење.

Од образложението на Решението на Уставниот суд, усвоено со мнозинство гласови, покрај другото се утврдува дека Одлуката на Собранието на Републиката за избор на еден заменик на Народен правобранител за подрачјето на Кичево е поединечен акт и нема статус на конечен или правосилен акт и не претставува акт подобен за уставна контрола за заштита на слободите и правата, ова нешто согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд. Во образложението на Решението, исто така, се наведува дека по барањето на апликантот Камер Имери за заштита на човековите права по овој основ е веќе одлучено и „нема основи за поинакво одлучување“. Од тие причини, според мислењето на мнозинството судии требало барањето да се отфрли. Уставниот суд, со мнозинство гласови, така и одлучил.

Гласајќи против цитираното Решение на Уставниот суд, во врска со истото го издвојувам мислењето и го изнесувам следното образложение. Од страна на подносителот на барањето – апликантот Камер Имери од Кичево, се оспорува Одлуката на Собранието на Републиката за избор на еден заменик-народен правобранител за подрачјето на Кичево, бр.08-7050/1 од 25.12.2019 година. Со оспорената Одлука за избор на заменик-народен правобранител за подрачјето на Кичево е избрано лицето Илбер Руфати кој, според наводите во иницијативата, не ги исполнува условите предвидени со Законот за Народниот правобранител и со тоа е повредено уставното начело – забрана на дискриминација, санкционирано со одредбите на член 9 од Уставот на Република Северна Македонија.

Стои фактот дека Уставниот суд при првото одлучување, со Решение У.бр.32/2020 од 07.10.2020 година, донесено со мнозинство гласови, утврдил фактичка состојба дека според мислењето на Судот постапката за избор на еден заменик-народен правобранител за подрачјето на Кичево била регуларна и нема елементи за евентуална дискриминација.

Меѓутоа, при повторната постапка и со предлагање и приложување на нови материјални докази, фактичката состојба дијаметрално и суштествено се менува, се разбира, во полза и основаноста на барањето на апликантот за заштита на, со Устав, гарантираните права. Имено, по пријавата на апликантот до Државната комисија за спречување на корупција, истата донесува конкретна Одлука бр.12-5498/1 односно бр.12-88 од 15.10.2020 година. Од страна на Државната комисија за спречување на корупција, а врз основа на претходно изготвената Информација од Државен просветен инспекторат, се утврдува дека избраниот кандидат за заменик народен правобранител за подрачјето на Кичево, лицето Илбер Руфати, во моментот на пријавувањето на објавениот оглас не ги исполнувал условите утврдени со Законот за народниот правобранител.

Од посебните услови за избор на оваа јавна функција, степенот на образованието е задолжителен услов. Се бара пријавените кандидати да имаат диплома за завршено високо образование со најмалку 240 ЕКТС односно завршен VII/1 степен образование од областа на правото. Избраниот кандидат немал диплома за завршен факултет со најмалку 240 ЕКТС. Посебниот услов во однос на степенот на образование е задолжителен и Законот не предвидува можност за друг алтернативен услов.

Од вака утврдената фактичка состојба, која е неспорна и ноторна, за мене е неприфатливо становиштето изразено во Решението на Уставниот суд дека се работи за пресудена работа, а нема нови основи за поинакво одлучување. Причините и решавачките основи за поинакво одлучување произлегуваат од предложените и приложените факти и докази утврдени од друг орган, а тоа е во конкретниот случај Државната комисија за спречување на корупција, на начин и постапка предвидени со закон.

Со оспорената Одлука на Собранието на Републиката, за избор на еден заменик-народен правобранител, под горе цитираниот број и дата, на непосреден начин се повредени правата на апликантот, утврдени и гарантирани со Уставот на Републиката во спротивност со важното уставно начело – забрана на дискриминација. Од правата гарантирани со Уставот на земјата, за апликантот се повредени: правото на слободен избор на работа и работно место (член 32) и правото на вршење на јавна функција, гарантирано со одредбите на член 23 од Уставот. Со други зборови речено, на апликантот, а ценето од аспект на позитивното право, според моето мислење, неосновано му се ускратува правото да биде избран на цитираната јавна функција, за чие остварување ги исполнувал условите предвидени со закон.

Нешто поконкретно за наведените со Устав гарантирани права. Според одредбите на член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Во конкретниот случај и со оспорената Одлука на Собранието е постапено спротивно. Работното место – заменик-народен правобранител има својство и статус на јавна функција. Ова нешто од причини што носителот на оваа функција се бира од Собранието на Републиката, а функцијата се врши во определен мандат. Уставот на Републиката со одредбите на член 23 содржи јасна и мошне прецизна регулатива. Уставот утврдува и гарантира дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции. Уставно-правната теорија и за учеството во вршењето на јавни функции се определува за почитување на конкретни услови. Во зависност од природата и значењето на јавната функција, за определени функции условите ги утврдува самиот Устав, додека за другите јавни функции (во знатно поголем број) условите се утврдуваат со конкретни закони. И по однос на ова право, со оспорената Одлука на Собранието е постапено во спротивност со одредбите на член 23 од Уставот.

По однос на становиштето на Уставниот суд, содржано во образложението на Решението, а имено дека Одлуката на Собранието за избор е поединечен акт, а не е конечен или правосилен, и како таков акт не е подобен за уставна контрола, исто така, застапувам друго мислење. И поконкретно, одлуките на Собранието на Републиката за избор на носители на јавни функции, а изборот се врши врз основа на конкурс или оглас, претставуваат поединечни правни акти и секогаш се конечни. Ако се случува со поединечен акт да се повреди конкретно право гарантирано со Уставот на Земјата и за таквата повреда се пружа уставно-судска заштита, таквите акти подлежат на контрола на уставноста односно на контрола на законитоста пред Уставниот суд на Република Северна Македонија.

При фактот што Уставниот суд со цитираното решение, донесено со мнозинство гласови, се определи за отфрлање на барањето на апликантот за заштита на правата, а од друга страна, според моето мислење елаборираните факти и конкретните околности, за кои сметам дека се правно релевантни и решавачки за поинакво одлучување, следуваше да го издвојам мислењето и истото да го образлагам на погоре наведениот начин.

Судија
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
д-р Осман Кадриу

Решение У.бр.41/2021