Решение У.бр.299/2020

У.бр.299/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 24 февруари 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2007, 90/2009, 67/2010, 26/2013, 15/2015, 153/2015, 190/2016, 7/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 101/2019).

2. Адвокатот Љупчо Кузмановски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, одредбите од членовите 157 до 167 од Законот за банки, се однесуваат на постапување при спрове­дување на стечајна постапка врз банка. Конкретно, членот 163 од овој закон содржи одредби со кои се регулира утврдување на побарувањата, исплатата на доверителите и издвојување на средства за трошоците на стечајната постапка. Оспорената одредба од ставот 3 на членот 163 од Законот за банки предвидува дека побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити се исплаќаат пред побарувањата на останатите доверители. Оваа одредба од Законот создава нееднаквост и дискриминација на доверителите во стечајната постапка на банката, затоа што го фаворизира побарувањето на Фондот наспроти сите други доверители.

Со ова законско решение се доведуваат во подредена, пониска позиција сите граѓани – физички лица кои имаат депозити во банка над износот на осигурување во Фондот (30.000 евра), потоа правните лица – депоненти како и другите доверители на банката, вклучително и тие со обезбедени побарувања (излачни и разлачни).

Издигањето на Фондот над другите доверители во наплатата на побарувањата во стечајната постапка, ја прави оспорената законска одредба спротивна на принципите на правичност, солидарност и праведно обесштетување.

Со Законот за Фондот за осигурување на депозити, по сила на закон, е основан Фондот и во него, банките, филијалите на странските банки и штедилниците основани во Републиката се должни да ги осигураат депозитите, при што Фондот од членките наплатува премија од најмногу 0,7% годишно од вкупните депозити на физичките лица во секоја банка и штедилница. Со оглед на тоа што Фондот за осигурување на депозити континуирано работи со наплата од членките, што е основа на системот на осигурувањето, се поставува прашањето зошто во услови на стечајна постапка на банка, со оспореното законско решение се става Фондот во привилегирана положба во однос на другите доверители, за приоритетна наплата на побарувањата, а со тоа ги деградира другите доверители, особено физичките лица, кои како доверители сразмерно со својот депозит во банка го финансираат работењето на Фондот. Фондот ја црпи својата сила од депозитите на депонентите.

Со решението на оспорениот став 3 од членот 163 од Законот за банки, се создава ситуација на нееднаквост во стечајната постапка меѓу физички лица – депоненти над осигурениот минимум од 30.000 евра, правни лица, други доверители и од друга страна Фондот за осигурување на депозити. Така, физичките лица кои имале депозити до 30.000 евра целосно се обесштетуваат од Фондот, додека тие над 30.000 евра и правните лица и останати доверители, треба да се обесштетуваат од стечајната маса. Притоа, се создава правна ситуација во која физичките лица депоненти до 30.000 евра целосно се обесштетени како и Фондот поради позицијата на приоритет пред сите во стечајната маса јасно е дека целосно ќе биде обесштетен (ќе си ги врати платените средства), додека единствено физичките лица – депоненти над 30.000 евра и правните лица – депоненти како и други доверители на банката, се оставени во неповолна позиција.

Во стечајната постапка, преку оспорениот член 163 став 3 од Законот за банки, се прави нееднаквост и дискриминација помеѓу Фондот за осигурување на депозити од една страна и сите други доверители од друга страна.

Банките, филијалите на странските банки и штедилниците во Република Северна Македонија како членки на Фондот за осигурување на депозити, плаќаат премија на Фондот, а тоа се всушност средствата кои доаѓаат и од депозитите на физичките лица (0,7% од вкупните депозити на физичките лица во секоја банка и штедилница) кои согласно начелото на солидарност се плаќаат во Фондот токму за санирање на состојбата кога ќе се случи стечај на некоја банка или штедилница заради обесштетување на физичките лица – депоненти до 30.000 евра.

Меѓутоа, тие што имаат поголеми депозити (над 30.000 евра), врз начелото на солидарност значи издвојуваат и поголем износ (сразмерно на висината на својот депозит). Фондот, и покрај тоа целосно ги обесштетува само депонентите со депозит до 30.000 евра, но не и тие што имаат повеќе депозит и за нив се става граница за обесштетување до 30.000 евра, без оглед што во солидарниот фонд за осигурување плаќале поголем износ.

Со тоа, физичките лица со депозити над 30.000 евра во стечајна постапка остануваат без обесштетување на своите депозити во износот над 30.000 евра. Оттука, принципот на солидарност, со кој депонентите – физички лица над 30.000 евра преку Фондот за осигурување на депозити учествуваат во обесштетувањето на депоненти – физички лица до 30.000 евра се исполнува, но солидарноста се исклучува за депозитот кој е во износ повеќе од 30.000 евра, и тука принципот на солидарност прокламиран преку Фондот, се девалвира.

Со членовите 3-а и 7 од Законот за Фондот за осигурување на депозити се промовира начелото на солидарност на членките на Фондот во случај кога ќе настане ризичен настан, меѓутоа член 163 став 3 од Законот за банки, спротивно на ова начело на солидарност, промовира нееднаквост и дискриминација на доверителите на банка во стечај при спроведување на стечајна постапка во однос на Фондот. Вака изразената нееднаквост и дискриминација е спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, што се однесува на владеењето на правото, како и на алинеја 8, што се однесува на хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија. Со тоа преку оспорената одредба од ставот 3 на членот 163 од Законот за банки доведени се во прашање темелните вредности на Уставот, како и членот 9 од Уставот, според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во иницијативата се наведува дека дискриминацијата постои и помеѓу самите физички лица – депоненти, на оние со депозити до 30.000 евра и нивно целосно обесштетување и на оние со депозити над 30.000 евра, каде не се обесштетуваат во целост. Ова ограничување е во спротивност со членот 54 од Уставот, каде точно е предвидено во кои случаи можат да се ограничат слободите на човекот и граѓанинот (воена или вонредна сосстојба), а во случајов дискриминацијата е според имотната состојба.

Оспорената одредба од Законот предизвикува уште една дискриминација, кога се во прашање правните лица – депоненти и други доверители на банки при водење на стечајна постапка. Ако според начелото на солидарност, Фондот врши исплата на физички лица – депоненти до 30.000 евра и со тоа побарување Фондот добил учество како доверител во стечајната постапка, се поставува прашањето зошто тогаш тој Фонд има приоритет при наплата на побарувањата пред правните лица и останати доверители (некои и со обезбедени побарувања преку излачно и разлачно право) на банка во стечај, кога Фондот нив воопшто не ги обесштетува. Зошто има редослед пред нив. Имено, побарувањето на правните лица и останати доверители ќе чека да се реализира со обесштетување единствено преку постапката за стечај, а Фондот приоритетно е обесштетен.

Во однос на правните лица и во однос на другите доверители по разни основи, Фондот има согласно член 163 став 3 од Законот за банки, приоритет на наплатата на своето побарување, што значи законски монопол на Фондот во побарувањата во стечајна постапка, па се поставува прашањето за контрадикторност со принципот на солидарност промовиран во посебниот Закон за Фондот за осигурување на депозити (член 3-а и член 7). Монополската положба на Фондот нема оправдување во однос на правните лица – депоненти и на други доверители кои не добиваат никакво обесштетување од Фондот, но затоа Фондот преку своето првенствено право на наплата како доверител, значително го загрозува, отежнува, некогаш и го оневозможува правото на овие доверители да ги наплатат своите побарувања од стечајната маса. Со тоа, тие покрај веќе претрпената, трпат штета и во стечајната постапка поради дискримина­торската одредба од член 163 став 3 од Законот за банки.

Значи, Фондот како доверител има приоритет на наплата на свои побарувања пред физичките лица – депоненти над 30.000 евра, пред правните лица – депоненти и пред други доверители, и овој посебен статус го има врз основа на членот 163 став 3 од Законот за банки, па поради тоа оваа оспорена одредба не е во согласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа: членот 8, членот 9, членот 54 и членот 55.

Со иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки, а до конечното одлучување со времена мерка, согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот да донесе решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија врз основа на оспорената законска одредба.

3. Судот на седницата утврди дека во делот од Законот за банки, насловен како „Стечајна постапка“ (членови 157 – 167), со членот 163 е предвидено:

„(1) Со денот на отварањето на стечајната постапка преста­нуваат побарувањата на физичките лица од банката во стечај по основ на депозит до висината на осигурениот износ на депозитот во согласност со Законот за Фондот за осигурување на депозити.
(2) Пред исплата на доверителите од стечајната маса се издвојува дел на средства за трошоци на постапката, вклучувајќи ги и трошоците на банката која ги презема работите со влоговите во банка од банката во стечај.
(3) Побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити се исплаќаат пред побарувањата на останатите доверители“.

4. Согласно член 8 ставови 3, 6 и 8 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се владеењето на правото, правната заштита на сопственоста, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со членот 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.

Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот.
Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забрана на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Согласно член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.

Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

5. Законот за Фондот за осигурување на депозити („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2000, 29/2002, 43/2002, 49/2003, 81/2008, 158/2010, 43/2014, 15/2015, 153/2015 и 27/2016), во членот 1 утврдил дека со овој закон се основа и се уредува работењето и организацијата на Фондот за осигурување на депозити.

Со членовите 2 и 3 од овој закон е уредено дека Фондот го основа и е во сопственост на Република Македонија, тој е правен следбеник на Фондот за осигурување на штедни влогови и Фондот има својство на правно лице со седиште во Скопје.

Според членот 4 од овој закон, банките, филијалите на странските банки и штедилниците основани во Република Македонија се должни во Фондот да ги осигураат депозитите (став 1).

Под депозити во смисла на овој закон се подразбираат денарските и девизните депозити, сертификати за депозит, трансакциските сметки, депозитите врзани за парични картички и девизни приливи на физичките лица (во натамошниот текст: депозит) (став 2).

Во случај на обесштетување од страна на Фондот, поединечните депозити на едно лице во банка, филијала на странска банка или штедилница се сметаат за единствен депозит.

Според членот 5 од овој закон, паричните средства на Фондот изнесуваат најмалку 4% од вкупните депозити во банките, филијалите на странските банки и штедилници во Република Македонија (став 1). Под парични средства на Фондот се подразбираат средствата кои се наоѓаат на сметките на Фондот во Народната банка на Република Македонија, сметките на Фондот во деловните банки и паричните средства инвестирани во хартии од вредност (став 2).

Според член 6 став 3 од овој закон, средствата на Фондот можат да се користат само за обесштетување на осигурените депозити на физичките лица и за покривање на трошоци на работење на Фондот.

Според членот 7, за осигурување на депозитите на физичките лица Фондот наплатува премија од членките на Фондот по стапка најмногу до 0,7% годишно од вкупните депозити на физичките лица во секоја банка и штедилница.

Според членот 9 од овој закон: „Фондот започнува со обесштетувањето на осигурените депозити во рок од 20 дена од денот на конечноста на решението на гувернерот на Народната банка на Република Македонија од членот 4-а став 2 на овој закон (став 1).

Во исклучителни околности, Фондот може да го продолжи рокот од ставот 1 на овој член за најмногу десет дена (став 2).

Фондот ги обесштетува осигурените депозити, но не повеќе од денарска противвредност на 30.000 евра по депозит во една банка, филијала на странска банка или штедилница пресметани по средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на конечноста на решението од членот 4-а став 2 на овој закон (став 3).

Во износот од ставот 3 на овој член се пресметува главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата до денот на конечноста на решението од членот 4-а став 2 на овој закон (став 4).

Hа денот на конечноста на решението од членот 4-а став 2 на овој закон депозитите вложени во девизи се конвертираат во денари по среден курс на Народната банка на Република Македонија (став 5).

Обесштетувањето на денарските и девизните депозити се исплатува во денари (став 6).“

Во членот 4-а од овој закон, е предвидено дека Гувернерот на Народната банка на Република Македонија ќе донесе решение за забрана за прибирање на депозити на банка, филијала на странска банка или штедилница која е исклучена од членство во Фондот поради неплаќање на премија (став 1). Членството во Фондот престанува и во случај кога гувернерот на Народната банка на Република Македонија ќе донесе решение за укинување на дозволата за основање и работење на банка, филијала на странска банка или штедилница (став 2). Фондот ги осигурува вкупните депозити во банките, филијалите на странските банки и штедилниците депонирани до денот на конечноста на решенијата од ставовите 1 и 2 на овој член (став 3).

Значи, од изнесеното произлегува дека со закон е основан Фондот, со закон е уредено работењето и организацијата на Фондот, со закон е утврдено дека Фондот е сопственост на Република Македонија, со закон е утврдено дека се должни во Фондот да ги осигураат депозитите на физичките лица сите банки, филијали на странски банки и штедилници, со закон се дефинира што се депозити и кои депозити од Фондот се обесштетуваат (само од физичките лица), со закон е утврдено што го претставува капацитетот на парични средства на Фондот и од каде доаѓаат паричните средства во Фондот,

Националната законодавна политика на Република Македонија го регулирала со закон основањето на Фондот како осигурување на депозити до одреден износ на физички лица, поради што прашањето зошто не се опфатени и правните лица како депоненти во банка, и зошто тие не се осигурени, тоа од уставно-правен аспект е прашање по кое Судот нема надлежност да оценува за тоа што не содржи одреден закон во правниот поредок, туку само за содржината на закон. Во случајов оспорена е одредба од Законот за банки, а не од Законот за Фондот за осигурување на депозити.

Со Законот за Фондот за осигурување на депозити е уредено обесштетувањето на осигурените депозити преку Фондот и се уредени и други прашања поврзани со работењето и организацијата на Фондот.
Овој закон уредува прашања од областа на осигурувањето, и е посебен закон.

6. Законот за банки („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2007, 90/2009, 67/2010, 26/2013, 15/2015, 190/2016, 7/2019 и “Службен весник на Република Северна Македонија” бр.101/2019), во членот 1 определил дека предмет на уредување на овој закон е основањето, работењето, супевизијата и престанокот на работењето на банките и на филијалите на странски банки во Република Македонија, како и отворањето на филијали на банки од земји членки на Европската Унија и директно вршење на финансиски активности од банки од земјите членки на Европската Унија.

Според членот 3 од овој закон, банкарски активности може да врши само: 1) банка која од гувернерот на Народна банка на Република Македонија добила дозвола за основање и работење, 2) странска банка која од гувернерот добила дозвола за отворање и работење на филијалата и 3) банка од земја членка на Европската Унија која, во согласност со овој закон, отворила филијала во Република Македонија.

Во членот 7 од овој закон се пропишани активностите коишто ги врши банката. Банката согласно членот 12, се основа како акционерско друштво со седиште во Република Македонија. Според членот 16 од овој закон, гувернерот издава дозвола за основање и работење на банка, за кое што е потребно да бидат исполнети условите пропишани со овој закон.

Со членот 79 од овој закон е уредено дека банката е должна да ја одржува ликвидноста, односно да управува со активата и пасивата на начин што ќе и овозможи намирување на пристигнатите обврски во секој момент.

Според член 82 став 1 од овој закон, органи на банка се собрание, надзорен одбор, одбор за управување со ризици, одбор за ревизија, управен одбор и други органи утврдени со статут (кредитен одбор и слично).

Со членот 154 од Законот, се пропишани основите по кои гувернерот со решение ја укинува дозволата за основање и работење на банката или дозволата за статусни промени, меѓу кои во точката 9 е утврдено дека тоа е и по основ кога се исполнети условите за воведување на стечајна или ликвидациона постапка во банка, во согласност со овој закон.

Во делот од Законот, насловен како „Стечајна постапка“, со одредбите од членовите 157-167 е уредена стечајната постапка на банка.

Со членот 157 е предвидено:

„(1) Решение за исполнување на условите за отворање на стечајна постапка во банка донесува гувернерот.
(2) Гувернерот го донесува решението од ставот (1) на овој член во случаите утврдени во ставот (4) од овој член по службена должност, на предлог на доверителите и на предлог на банката.
(3) По предлогот на доверителите и на банката од ставот (2) на овој член гувернерот одлучува во рок од 15 дена од поднесувањето на предлогот.
(4) Услови за воведување на стечајна постапка во банка постојат кога:
1) банката е несолвентна;
2) врз основа на извештајот на администраторот, или во текот на спроведувањето на планот за рехабилитација се утврди дека банката е несолвентна или
3) во постапката на ликвидација на банката се утврди дека нејзиниот имот не е доволен за исплата на сите побарувања на нејзините доверители.
(5) Банката е несолвентна кога:
1) стапката на адекватноста на капиталот е пониска од една четвртина од пропишаната во членот 65 од овој закон или
2) е неспособна да ги плаќа пристигнатите обврски непрекинато подолго од десет дена.
(6) Одредбите од ставот (4) точка 1 на овој член не се применуваат кога за време на администрација банката е исклучена од платен промет.
(7) Предлог за отворање на стечајна постапка на банка до надлежен суд може да поднесе само гувернерот, во согласност со овој закон. Предлог за отворање на стечајна постапка на банка до надлежниот суд се поднесува првиот работен ден од денот на донесувањето на решението за исполнување на условите за отворање на стечајна постапка во банка. Кон предлогот за отворање на стечајна постапка на банка до надлежниот суд задолжително се приложува и решението на гувернерот за исполнување на условите за отворање на стечајна постапка во банка.
(8) Судот донесува решение по предлогот за отворање стечајна постапка на банка најдоцна во рок од три работни дена од приемот на предлогот од ставот (7) на овој член без спроведување на претходна постапка.
(9) На стечајна постапка на банка соодветно се применуваат одредбите од Законот за стечај, доколку поинаку не е определено со овој закон.“

Според членот 163 од овој закон:

„(1) Со денот на отворањето на стечајната постапка престануваат побарувањата на физичките лица од банката во стечај по основ на депозит до висината на осигурениот износ на депозитот во согласност со Законот за Фондот за осигурување на депозити.
(2) Пред исплатата на доверителите од стечајната маса се издвојува дел на средства за трошоци на постапката, вклучувајќи ги и трошоците на банката која ги презема работите со влоговите во банка од банката во стечај.
(3) Побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити се исплаќаат пред побарувањата на останатите доверители.“

Оттука, врз основа на одредбите од Законот за банки, може да се заклучи дека:

– со закон е пропишана материјата на банките (основање, работење, супервизија и престанок на работење),
– утврдено е дека гувернерот на Народна банка дава дозвола за основање и работење на банка,
– се дефинирани активностите кои ги врши банката која е акционерско друштво со седиште во Република Македонија и која мора да ги исполнува законските услови за основање и работење,
– со закон се задолжени банките да ја одржуваат ликвидноста,
– дефинирани се органите на банката,
– гувернерот донесува решение за укинување на дозволата за работење на банка, меѓу другото и по основ на стечајна или ликвидациона постапка на банката,
– со Законот за банки се уредува стечајната постапка на банки, а Законот за стечај, кај банките има само супсидијарна примена,
– се исплаќаат побарувањата на физичките лица од банката во стечај само по основ на депозит до висината на осигурениот износ на депозит со Законот за Фондот за осигурување на депозити, а тоа е до 30.000 евра. Побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурените депозити во банката во стечај, добиваат приоритет според законодавецот, со ставот 3 на членот 163 од Законот за банки, за исплата пред побарувањата од банката на останатите доверители.

Со закон е утврдено дека во стечајната постапка на банка, депонентите – физички лица и Фондот за осигурување на депозити, имаат по сила на закон спрема своите побарувања обезбедена исплата, првите примаат исплата по основ на износ за осигурениот депозит до 30.000 евра, а Фондот прима по основ на дадениот износ за таквата исплата на осигурувањето. Побарувањата за исплата на останатите доверители се остварува од стечајната маса на банката во стечај.

Судот при анализата ценеше дали двостраната, меѓусебна релација на гарантирани односи во сферата на обесштетувањето, која произлегува од една страна, „физички лица со осигурени депозити во банка“ и од друга страна (државниот) „Фонд за осигурување на депозити“, е лимитирано димензиониран во сферата на осигурување во банкарскиот сектор во граници кои можат реално да се остварат како основа за стабилност на националниот банкарски систем во Република Северна Македонија, со што се дава уставен основ за законска заштита и на Фондот како специјален доверител во стечајната постапка.

Членот 8 од Законот за Народна банка на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.158/2010, 123/ 2012, 43/2014, 153/2015, 6/2016 и 83/2018) дефинирал дека: „Стабилноста на банкарскиот систем и мерките што се преземаат заради постигнување и одржување на неговата стабилност се од јавен интерес“.

Имено, ако стечајното право во банка во стечај, се определи за систем според национален законски концепт по кој обезбедениот доверител, како во случајов Фондот за осигурување на депозити, има право на соодветна заштита на средствата со цел зачувување на нивната вредност на исто ниво како и во време пред случувањето на правните последици од отворањето на стечајната постапка, тогаш „правото на обезбедување на доверителот (Фондот)“ по тој основ има карактер на приоритетен побарувач на своите средства, кои законот му го дава.

Владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, во својата основа го има елементот „правна сигурност“ во правниот поредок. Поаѓајќи од заштитата на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните, законодавецот има уставен основ за законско нормирање на Фондот за осигурување на депозити како државен инструмент во банкарскиот сектор кој е дел од обезбедувањето на сигурност и стабилност во банкарскиот систем што е јавен интерес. Поради тоа и финансиските средства на Фондот се со закон заштитени како што е тоа уредено со оспорената одредба од ставот 3 на членот 163 од Законот за банки. Од овој аспект на анализата, овој суд не може уставно-правно да ја проблематизира оспорената одредба од Законот како несогласна со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Ова и од аспект дека во Република Северна Македонија моделот на националниот систем на осигурување на депозити во банкарскиот сектор е базиран на принципот на покривање на депозитите од страна на банката и Фондот, кој опфаќа и информираност на депонентите при склучување на договорите за депозит со што се подобрува свесноста за тоа што да се очекува во услови на пропаѓање на банката во која се вложуваат средствата.

Од анализата на одредбите од Законот за банки, а имајќи го во предвид Законот за Фондот за осигурување на депозити кои се во корелација по однос на предметната комплексна материја, неспорно произлегува дека законодавецот уредил еднаков правен режим кој се однесува подеднакво за сите субјекти во правото по ист основ, во случајов по основ на осигурани банкарски депозити на физички лица и нивно обесштетување праку Фондот до износ од 30 000 евра.

Законското лимитирање на осигурување на депозитите во облик којшто не ги опфаќа депозитите на правните лица и други депоненти е прашање кое е во доменот на тоа дека уставно-правно се оценува она што е содржано во законот а не и тоа што не е регулирано во правниот поредок на начин како тоа се приговара со иницијативата. Имено, во националната законодавна политика, од уставно-правен аспект, Уставниот суд ја цени содржината на одредбите од закон а не и тоа што не е, а требало да биде содржано како што во случајов се приговара во иницијативата, меѓутоа ова битно прашање секако заслужува законско нормирање во правниот поредок на нашата земја од страна на законодавецот адекватно на правото во Европската Унија. Оттука, во случајов начинот на законската поставеност на Фондот како осигурителна финансиска институција е сепак прашање на законодавната политика на законодавецот, поаѓајќи од уставниот основ во член 68 од Уставот, според кој Собранието на Република Северна Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Фондот е државна сопственост, гарантира покривање на одредено осигурено ниво на наплата на депозити на физички лица во банките на територија на Република Северна Македонија, неговата финансиска одржливост е неопходна за целокупниот банкарски сектор во државата, не е основан за еднократна цел па оттука и неговата уставно-правна опсервација се гледа како специфична осигурителна финансиска институција која заштитува на определен начин стабилност општо на банкарскиот систем како јавен интерес. Оттука, според Судот, оспорената одредба од Законот не може уставно-правно да се проблематизира како несогласна со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот во иницијативата.

Со оглед на наведеното, Судот оцени и дека по однос на посебното барање во иницијативата, нема услови за изрекување на времена мерка, односно запирање на извршување на поединечните акти или дејствија врз основа на оспорената законска одредба, согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

7. Поради погоре изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.299/2020
24 февруари 2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати

Издвоено мислење по предметот У.бр.299/2020