Издвоено мислење

Издвоено мислење по предметот У.бр.56/2020

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), по моето гласање против Одлуката У.бр. 56/2020 од 3 јуни 2020 година, со која се ПОНИШТИ членот 3 од Уредбата со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредната состојба и постапувањето на судовите и јавните обвинителства („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.84/2020 и 89/2020) го издвојувам и писмено го образложувам следното:

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Сметам дека во овој предмет не постојат причини за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 3 од предметната уредба со законска сила односно неговото поништување.

Според моето мислење сметам дека дел од наведената уредба што се поништува е во:

– Согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, каде се предвидува дека владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија;

– Исто така, е во согласност со членот 51 од Уставот на Република Северна Македонија каде се предвидува дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите;

– Наведената уредба е во согласност и со член 125 став 1 од Уставот каде се предвидвидува дека вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии. Во ставот 2 од овој член е уредено дека постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници. Според ставот 3, одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена. Согласно ставот 4, ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.

Според член 126 став 1 од Уставот, при постоење на воена или вонредна состојба Владата, во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието (став 2).

Согласно членот 35 од Законот за Владата, за извршување на законите, Владата донесува уредби со законска сила, уредби, одлуки, упатства, програми, решенија и заклучоци.

Сo уредба со законска сила, Владата уредува прашања од надлежност на Собранието во случај на воена или вонредна состојба ако не постои можност за свикување на Собранието (член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Северна Македонија).

Сметам дека дел од наведената уредба е во склоп со ограничувањето утврдено со ставот 1 од членот 126 од Уставот, според кој при постоење на воена или вонредна состојба, Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила.

Понатаму, предмет на уредување на уредбите со законска сила може да биде само она што е непосредно поврзано со причините поради кои е утврдено постоење на вонредна состојба.

Согласно точката I од Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 68/2020), донесена од претседателот на Републиката, се утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот COVID-19.

Ова го определува конкретно мандатот на Владата при донесувањето на уредбите со законска сила коишто треба да се однесуваат на заштитата и справувањето со епидемијата.

Ако се анализира наведената уредба со законска сила таа е донесена согласно со членот 125-126 од Уставот на државата и согласно со член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Северна Македонија.

Од горното произлегува дека дел од наведената уредба се однесува на причината за утврдување на постоење на вонреднатасостојба ЗАРАДИ ЗАШТИТА И СПРАВУВАЊЕ СО ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД ШИРЕЊЕ НА КОРОНАВИРУСОТ-КОВИД 19 и не излегува надвор од наведената причина.

Со уредбата се запазени двата основни меѓународни принципи за време на вонредната состојба што треба да се имаат во предвид и тоа: принципот на пропорционалност и принципот на законитост.

Принципот на пропорционалност значи: мерките треба да бидат пропорционални со реалната состојба во државата што придонела за прогласување на вонредна состојба, а во наведената уредба целосно соодветно се отсликува принципот на пропорционалност.

Уредбите треба да бидат поврзани со одлуката за прогласување на вонредна состојба заради заштита и справување со последиците од ширењето на вирусот, да бидат поврзани и со мерките за санација и претпазливост од пандемијата. Исто така и наведените принципи се отсликуваат во наведената уредба.

Воедно, сметам дека кај наведената уредба со законска сила се согледува почитувањето на наведените меѓународни принципи и стандарди, од причини што со наведената уредби се регулира материја којашто е директно или индиректно предизвикана од коронавирусот.

Исто така, сметам дека преземените мерки се стремат да го заштитат демократскиот поредок, непреченото функционирање на судскиот систем, а се со цел да се заштитат вредностите во едно демократско општество.

Со наведената интервенција во Уредбата, Владата врши минимално изменување на нормалните правила и постапки на демократското одлучување, начелото за неопходност не е директно повикано во контекст на институционални мерки во вонредна состојба, но може да се извлече од барањето за пропорционалност и потребата од итни мерки во сферата на човековите права*.

Имено, минималната интервенција е во тоа што на веќе именуваните и актуелните судии–поротници кои со години работат како поротници, поради владеењето на правото, заштита на правата на граѓаните и спречување на повреда на скоро сите начела на парничната и кривичната постапка, а особено спречување на неосновани застарувања на предмети со оспорениот член „на судиите–поротници на кои мандатот им истекува за време на траење на вонредната состојба, по сила на оваа уредба, мандатот им се продолжува се до завршување на постапката по судскиот предмет“ се врши една минимална интервенција во едно демократско општество од причини што согласно Законот за судскиот совет, советот има само надлежност да ги бира и разрешува судии поротници. Во услови на намалени работни активности на установите, а и значителен број на судии-поротници на кои им престанува мандатот (во нашиот судски систем верувам дека бројката на судии поротници изнесува повеќе од 2/3 од бројот на редовните судии), ќе се зададе голем удар на нормалното функционирање на судскиот системи на државата во целина.

***

За да имаме една појасна слика ќе се обидам во кратки црти да ги изнесам ставовите од потребата и улогата на судии-поротници во нашиот судски систем.

Улогата на судиите-поротници во редовните судови

Во судењето учествуваат судии и судии-поротници кои во судењето се рамноправни.

Институцијата на судии-поротници е трајна карактеристика на судовите во бивша Југославија, којашто е воведена при основањето на првите судови, којашто се развиваше во изминатите скоро шест децении, а која е задржана и во сегашниот уставен систем на Република Северна Македонија.

Ако се анализира суштината и смислата на постоењето на судиите-поротници во нашиот судски систем, главно ја чинат следниве елементи:
– судовите да имаат и постојано да го задржат карактерот на народни судови;
– да се создаде поширока основа за учество на граѓаните и работните луѓе во вршење на судската функција;
– да се настојува интерпретацијата на Уставот, законите и на другите општи акти, како основ на судското работење и пресудување, што повеќе да се доближи до логиката и сфаќањето на работниците, работните луѓе и граѓаните.

Судиите-поротници сосема се изедначени со редовните судии во судењето и во донесувањето на одлуките. Во судските совети составени од редовни судии и судии-поротници според соодветните организациони и процедурални закони, бројно преовладуваат судиите-поротници. Така, на пример тричлениот совет секогаш го сочинуваат еден редовен судија и двајца судии-поротници, а во петочлен совет тројца се судии поротници, а двајца редовни судии.

Во нашиот Устав, постои уставен основ за функцијата судија-поротник и преставува правен институт предвиден во Уставот на Република Северна Македонија (член 103). Судот суди во совет. Со закон се утврдува кога суди судија поединец. Во судењето учествуваат и судии-поротници кога тоа е утврдено со закон. Судиите – поротници не можат да бидат повикани на одговорност за мислење и одлучување при донесувањето на судските одлуки**.

Формата на учеството на судиите-поротници во судењето се уредени со организациони и процесни закони. Така, според Законот за парничната постапка***, кога судот суди во прв степен, советот е составен од еден судија како претседател на советот и двајца судии-поротници (член 35 став 2) и кога суди во втор степен на расправа, советот на второстепениот суд е составен од двајца судии и тројца судии-поротници (член 37 став 2).

Според Законот за кривичната постапка****, во прв степен судовите судат во совети составени од двајца судии и тројца судии-поротници за кривични дела за кои со закон е пропишана казна затвор во траење од 15 години или казна доживотен затвор, а во совети составени од еден судија и двајца судии-поротници за кривични дела за кои со закон е пропишана поблага казна. За кривични дела за кои како главна казна е пропишана парична казна или казна затвор до пет години, во прв степен суди судија поединец (член 25 став 1).

Во втор степен судовите судат во совети составени од петмина судии за кривични дела за кои со закон е пропишана казна затвор во траење од 15 години или казна доживотен затвор, а во совети составени од тројца судии за кривични дела за кои е пропишана поблага казна, кога судот суди во втор степен на расправа, советот е составен од двајца судии и тројца судии-поротници (член 25 став 2).

Според Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија*****, како организационен закон, помеѓу други надлежности на советот е предвидено дека советот избира и разрешува судии-поротници (член 36).

Во глава V од истиот закон се предвидува избор, престанок и разрешување на судии и судија-поротник, избор и разрешување на судии-поротници:

(1) Советот избира и разрешува судии-поротници по предлог на претседателот на надлежниот основен и апелационен суд.
(2) Советот го утврдува бројот на судиите-поротници по предлог на претседателот на судот за кој се избираат судиите-поротници.
(3) Кога Советот избира судија-поротник во суд кој се наоѓа на подрачје на единица на локална самоуправа каде што 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот, одлучува со мнозинство гласови од присутните членови, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија (член 53).

Согласно член 42 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006, 62/2006, 35/2008, 61/2008, 118/2008, 16/2009, 150/2010, 39/2012, 83/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019), судиите-поротници ги избира и разрешува Судскиот совет на Република Македонија под услови и во постапка определена со закон.

Според член 49 од истиот закон, судија-поротник се избира за време од четири години и може повторно да биде избран.

Од горенаведеното се гледа улогата, значењето, неминовност и задолжителноста на учеството на судиите-поротници во судските постапки.Притоа, нефункционирањето на овој систем создава голема неправда со што се доведува во прашање владеењето на правото и другите уставни одредби со кои се гарантираат слободите и правата на граѓаните и непречено функционирање на едно демократско правно друштво.

****

Сметам дека со наведената уредба не се врши упад во судската власт, односно не се навлегува во ингеренциите на Судскиот совет од страна на извршната власт и не се повредува принципот на поделба на власта односно, не се загрозува самостојноста и независноста на судската власт. Наведената уредба е нужна и пропорционална со оглед на улогата, местото и функцијата на судија-поротник во нашиот правосуден судски систем. Поголем дел од судските постапки се водат во совети, а видовме дека во советите бројот на судии-поротници е двојно поголем од бројот на редовните судии.

Недоволната и конфузна уставна и правна регулатива во вонредна состојба остава простор за импровизации и политички судири околу толкувањето на овластувањето на владата за донесување на уредби.

Посебно е значајно дека со оваа уредба се почитува начелото на владеењето на правото, кое мора да се обезбеди и во вонредна состојба. Од друга страна процесните закони (ЗПП и ЗКП) предвидуваат дека:
„Судот е должен постапката да ја спроведе без одолжување, во разумен рок, со што помалку трошоци и да ја оневозможи секоја злоупотреба на правата што на странките им припаѓаат во постапката“.

Без овој член на оспорената уредба постапките неосновано ќе се одложуваат, ќе се повреди начелото на судење во разумен рок, ќе се зголемат трошоците на постапката, можно е да дојде до изминување на роковите на важноста на дел од доказите (уверенија, потврди, вешти наоди, проблеми со променети околности во текот на постапката и др.) ќе застарат поголем дел од постапките без вина на учесниците на постапката со што ќе се нанесе огромна штета на правата на граѓаните, другите субјекти и учесниците во постапките.

Со поништувањето на наведениот член од Уредбата сметам дека директно се повредуваат основните начела на постапките и тоа:
– Начело на судење во разумен рок. Судот е должен да настојува постапката да се спроведе без одложување, во разумен рок. Разумниот рок е време во кое судот би требало мериторно да ја заврши постапката.
– Начело на процесна економија. Ова начело се однесува на тоа судот да настојува да ја спроведе постапката без одложување, во разумен рок и со што помалку трошоци, односно парницата да се заврши со употреба на што помалку труд и материјални средства, а да се постигне што поповолен резултат.
– Начело на совесно користење на процесните овластувања. Ова начело пред се бара од странките и замешувачите пред судот да ја зборуваат вистината.
– Начело на концентрација на постапката и единство на главната расправа. Ова начело се однесува на тоа советот, односно судијата поединец да се грижат предметот на спорот сестрано да се претресе, но постапката поради тоа да не се одложува, така што да може расправата да се заврши на едно рочиште.

Од друга страна, сметам дека со поништувањето на членот 3 од Уредбата, индиректно се повредуваат следните начела во постапките: начелото на уставност и законитост, начелто на диспозитивност и официјалност, начелото на јавност, начелото на сослушување на странките, начелото на усност и писменост, начелото на непосредност, расправно и истражно начело, начелото на сослушување на странките иначелото на утврдување на вистината.

 

* Венецијанска комисија, Мислење за нацрт на уставниот закон за „Заштита на нацијата“ на Франција CDL-Ad (2016) 006
** Устав на Република Македонија („Службен весник на РМ“ бр.52/1991 од 22 ноември 1991)
*** Закон за парничната постапка („Службен весник на РМ“ бр.7 од 20.01.2011 година)
**** Закон за кривичната постапка („Службен весник на РМ“ бр.150 од 18.11.2010 год)
***** Закон за Судскиот совет на Република Северна Македонија („Службен весник на РСМ“ бр.102 од 22.5.2019 година)

Претседател
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Сали Мурати

Одлука У.бр.56/2020