Одлука У.бр.56/2020

У.бр.56/2020-1

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 202/2019), на седницата одржана на 3 јуни 2020 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ПОНИШТУВА членот 3 од Уредбата со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредната состојба и постапувањето на судовите и јавните обвинителства („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.84/2020, 89/2020).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Северна Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод иницијативата поднесена од Влатко Илиевски адвокат од Скопје, со Решение У.бр.56/2020 од 12 мај 2020 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот 3 од Уредбата со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредната состојба и постапувањето на судовите и јавните обвинителства („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.84/2020, 89/2020), затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 3 од Уредбата со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредната состојба и постапувањето на судовите и јавните обвинителства („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.84/2020, 89/2020), на судиите–поротници на кои мандатот им истекува за време на траење на вонредната состојба, по сила на оваа уредба, мандатот им се продолжува се до завршување на постапката по судскиот предмет.

5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Амандман XXV (со точката 1 од овој амандман се заменува членот 98 од Уставот), пропишува дека судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, органи­зацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозин­ство гласови од вкупниот број пратеници.

Со точката 1 од Амaндманот XXIX (со овој амандман се заменува член 105 од Уставот), се уредува дека, Судскиот совет на Република Северна Македонија: ги избира и разрешува судиите и судиите поротници.

Согласно член 128 од Уставот, мандатот на претседателот на Републиката, Владата, судиите на Уставниот суд и на членовите на Републичкиот судски совет се продолжува за време на траењето на воената или вонредната состојба.

Од цитираните уставни одредби јасно произлегува дека владеењето на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок се заснова врз неколку постулати: постоење на ограничена државна власт, поделба на власта на законодавна, извршна и судска и постоење на самостојно и независно судство.

Во Република Северна Македонија, согласно член 125 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, поради неможноста на Собранието како надлежен орган за прогласување на вонредна состојба да се состане, од страна на претседателот на Република Северна Македонија, донесени се две последователни одлуки за утврдување на постоење на вонредна состојба заради заштита и спречување со последиците од коронавирусот COVID 19, првата на ден 18.03.2020 година и втората на ден 16.04.2020 година, а во моментот кога Собранието ќе биде во можност да се состане ќе му бидат поднесени на потврдување согласно член 125 став 4 од Уставот.
Владата на Република Северна Македонија, при постоење на воена или вонредна состојба во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Ваквото овластување на Владата трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Оттука, со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може да регулира поинаку одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но, ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чиешто задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Со оспорената одредба од членот 3 од Уредбата со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредна состојба и постапувањето на судовите и јавните обвинителства („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.84/2020), се уредува прашањето за судиите-поротници на кои мандатот им истекува за време на вонредната состојба, по сила на оваа уредба, мандатот им се продолжува се до завршување на постапката по судскиот предмет.

Согласно член 42 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006, 62/2006, 35/2008, 61/2008, 118/2008, 16/2009, 150/2010, 39/2012, 83/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019), судии-поротници ги избира и разрешува Судскиот совет на Република Македонија под услови и во постапка определена со закон.

Според член 49 од истиот закон, судија-поротник се избира за време од четири години и може повторно да биде избран.

Членот 2 од Законот за Судскиот совет („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.102/2019) пропишува дека, Судскиот совет на Република Северна Македонија е самостоен и независен орган на судството. Советот ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, преку остварување на своите функции согласно со Уставот и законите.

Согласно член 53 од истиот Закон, Советот избира и разрешува судии-поротници по предлог на претседателот на надлежниот основен и апелационен суд (став 1). Советот го утврдува бројот на судиите-поротници по предлог на претседателот на судот за кој се избираат судиите-поротници (став 2). Кога Советот избира судија-поротник во суд кој се наоѓа на подрачје на единица на локална самоуправа каде што 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот, одлучува со мнозинство гласови од присутните членови, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија (став 3).

6. Во конкретниот случај, од наведената судска анализа, Судот оцени дека, оспорената уредба не е во согласност со уставните одредби кои се наведени во иницијативата.

Имено, мерките коишто се преземаат од владата во вонредна состојба мора да бидат дизајнирани и насочени кон справување со причинителот на состојбата, последиците од состојбата, да презема мерки коишто се во суштинска врска со причинителот и последиците, со времен карактер и лимитиран интензитет. Вонредната состојба е уставна материја, и во време на вонредна состојба Владата мора да ги почитува темелните вредности на уставниот поредок особено владеење на правото.

Имајќи го во предвид изнесеното, Владата со оспорениот член 3 од Уредбата, регулира материја која веќе е уредена во постоечка законска регулатива, односно настаната е состојба на двојство на примена на различни прописи по однос на исто фактичко прашање, односно не е предвидена околноста со влегувањето во сила на истата да престанат да важат одредбите од актот со којшто е регулирано истото прашање, што доведува до правна несигурност и двојно уредување на иста материја што е спротивно на начелото на владеење на правото утврдено со Уставот.

За принципот на правна сигурност како дел од темелната вредност – владеење на правото, од суштествена важност е меѓу другото, правниот поредок да содржи норми коишто се применливи без да бидат извор на можни забуни во примената што може да резултира со повреда на правата и слободите.

Во услови кога во државата е прогласена вонредна состојба, Владата покрај нејзините основни надлежности со статус на извршна власт, согласно уставните и законските овластувања уредува прашања од надлежност на Собранието, меѓутоа Владата со материјата која е уредена во оспорената одредба од членот 3 на Уредбата, излегла надвор од своите овластувања утврдени со Уставот, при што ја презела улогата на Судскиот совет кој како самостоен и независен орган во судството ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт преку остварувањето на своите функции. Преземањето на улогата на судската власт, значи мешање на извршната власт во судската власт, спротивно на уставниот принцип на поделба на власта на законодавна, извршна и судска, а со тоа се нарушува правната сигурност во правниот поредок со што се доведува во прашање и уставно загарантираната самостојност и независност на судството.

Членот 128 од Уставот на Република Северна Македонија прецизно пропишува на кои носители на јавни функции им се продолжува мандатот за време на воена или вонредна состојба, односно се продолжува мандатот на претседателот на Републиката, Владата, судиите на Уставниот суд и на членовите на Судскиот совет. Со продолжувањето на мандатот на членовите на Судскиот совет за време на вонредната состојба истиот е во можност во полн капацитет да ги извршува своите надлежности односно да врши повторен избор на судии-поротници, Во конкретниот случај со Уредбата, Владата директно навлегла во надлежностите на Судскиот совет, продолжувајќи им го мандатот на судиите-поротници во услови кога Судскиот совет непречено може да изврши избор на нови судии-поротници на местото на оние на кои им завршил мандатот за време на вонредната состојба. Исто така, Владата како доносител на Уредбата со законска сила, односно со уредената материја во оспорениот член 3, всушност вметнува уште една категорија на носители на јавни функции, на кои им се продолжува мандатот за време на вонредната состојба, во случајов судии-поротници, со што излегува надвор од рамките утврдени во членот 128 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.56/2020
3 јуни 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати

Издвоено мислење по предметот У.бр.56/2020