Издвоено мислење

Издвоено мислење по предметот У.бр.2/2019

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и („Службен весник на Република Северна Македонија“ 202/2019), по моето гласање против Решението У.бр.2/2019 од 4 март 2020 година, а со кое се отфрли барањето на Ајтен Бекир, Суват Бекир, Салим Сенат и Салим Севдије, сите од Скопје, поднесено преку полномошникот Кети Јандријеска Јованова, адвокат од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија коишто се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните врз основа на националното потекло коешто ја подразбира и етничката припадност, го издвојувам и писмено го образложувам следното:

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со наведеното Решение, Уставниот суд со мнозинство гласови го отфрли барањето за заштита на слободите и правата коишто се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на расна и национална припадност.

Судот во својата одлука констатира: “Тргнувајќи од погоре наведеното, може да се констатира, дека овластувањата на граничната полиција согласно Законот за гранична полиција, изразени преку дејствија на полициските службеници надлежни за вршење на гранична контрола, кои барателите со иницијативата ги посочуваат како дејствие на службеник на Министерството за внатрешни работи со кое и била извршена дискриминација по основите наведени во барањето, всушност се дејствија на постапување на надлежно службено лице согласно со закон, од чиј исход тие не се задоволни.

Со оглед на тоа дека пред Судот не се презентираа докази дека токму дејствијата коишто ги презело службеното лице на граничната полиција на критичниот ден, кои резултирале со неможност подносителите да ја преминат границата и да ја напуштат територијата на Република Македонија на граничниот премин Табановце, само со лична карта без да приложат и потребна патна исправа, Судот оцени дека во конкретниов случај, забраната за премин на државната граница на подносителите на барањето, не може да се смета за случај на дискриминација по основ на расна и национална припадност во смисла на основите од член 110 алинеја 3 од Уставот.

Имено, во конкретниов случај за прашањето поставено со барањето подносителите веќе го искористиле ефикасното правно средство – тужба пред надлежниот суд којшто во постапка заснована на начелата на приоритет и итност за заштита од дискриминација, и по изведување на контрадикторна доказна постапка утврдил фактичка состојба, и врз основа на која по слободно судиско уверување го применил материјалното право и ја донел правосилната пресуда, којашто во конкретниов предмет е акт со кој наводно е сторена дискриминацијата, и постапувајќи по истата Судот го одбил тужбеното барање во целост..“

Воопшто не се согласувам со мнозинството судии кое во конкретниот случај не утврди повреда на член 9, член 27 став 2 и членот 54 од Уставот и членот 14 од Конвенцијата, во врска со членот 2 од Протоколот бр.1.

За Судот не е спорно дека согласно член 27 од Уставот, на секој граѓанин на Република Македонија му се гарантира правото на слободно движење и избор на местото на своето живеалиште на територија на Република Северна Македонија, како и правото да ја напушти територијата на Република Северна Македонија и да се врати во неа. Остварувањето на ова право може да се ограничи со закон единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.

Правото на слобода на движење и напуштање на матичната држава е регулирано со повеќе меѓународни документи за заштита на човековите слободи и права како што се Универзалната декларација за човековите права, Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, Конвенцијата на ООН за елиминирање на расна дискриминација во сите нејзини форми.

Имајќи го во предвид претходно наведеното, не се согласувам со констатациите во Одлуката дека во барањето не се презентирани факти и докази за тоа дека барателите биле различно третирани во однос на другите граѓани, односно факти и докази дека на барателите им биле намалени можностите во остварувањето на слободите и правата поради нивната расна и национална припадност.

Моето мислење дека Судот требаше да утврди дека е направена повреда по основ на расна и национална припадност уште повеќе е зацврстена во аргументите на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.189/2012 од 25 јуни 2014 год. со која се укинати член 37 став 1 точка 6 и член 38 став 4 од Законот за патни исправи на граѓаните на Република Македонија („Службен весник на Р. Македонија“ бр.67/1992, 20/2003, 46/2004, 19/2007, 84/2008, 51/2011 и 135/2011).

Сметам дека на подносителите на барањето со наведените акти во оспорената одлука на судот им било повредено правото на забрана и заштита од дискриминација врз основа на нивната национална припадност како Роми, а Министерството за внатрешни работи го повредило правото на тужителите на еднаков третман поради нивната етничка припадност на начин што им биле донесени решенија за забрана на користење на личните карти за премин на државната граница без да има барање од страна на судот за донесување на такви решенија.

Министерството за внатрешни работи без законски основ во неколку наврати во различни термини донело поединечни решенија за сите подносители на барањето со кои на истите им се забранува употреба на личните карти за преминување на државната граница со образложение дека биле исполнети условите од чл.7-а од Законот за патните исправи според кој Министерството за внатрешни работи на барање на надлежен суд, којшто под услови и на начин утврдени со Законот за патните исправи на државјаните на Р. Македонија може да бара одбивање на барањето за издавање на пасош, односно одземање на пасошот, со решение ќе забрани употреба на личната карта за преминување на државната граница. Меѓутоа, во конкретниов случај не постоело никакво барање од надлежен суд.

Уште повеќе што Основниот суд Скопје 2 со Пресуда П4-292/16 првин го усвоил тужбеното барање на тужителите/барателите Ајтен Бекир, Суват Бекир, Салим Сенад и Салим Севдије, со која пресуда ги констатирал наведените повреди. Оваа пресуда била укината од страна на Апелационен суд Скопје и во повторената постапка без ниту еден нов доказ, Основниот суд без никакво дополнително образложение, целосно го одбил тужбеното барање врз основа на истите докази и анализи на кои претходно ја усвоил тужбатa на тужителите односно сега барателите.

Мојот личен став е дека Основниот суд Скопје 2 и Апелационен суд Скопје со донесените пресуди сториле повреда на забраната за дискриминација и без никаква поткрепа од доказите изведени во постапката било утврдено дека со решенијата на Министерството за внатрешни работи, Оддел за граѓански работи, Сектор за управно-правни работи, Одделение за управни работи Скопје, не само на тужителите, туку и на други лица им се забранувало употреба на лична карта за преминување на државна граница, а особено и содржината наведена во телеграмата бр.169 од 08.11.2011 година.

Точен е фактот дека судовите утврдиле дека на ден 08.11.2011 год., МВР Бирото за јавна безбедност испратило телеграма бр.169 до сите регионални центри за гранични премини, до Одделението за управни работи Скопје и раководителите на отсеците за управни работи за постапување и на инспекторите по странците и реадмисија за запознавање. Во телеграмата било наведено дека било потребно полициските службеници во ПС и ПО за гранични проверки да преземат одредени активности и тоа: за лице за кое е добиено известување од страна на странски надлежен орган дека е присилно пратено или протерано од друга држава (депортирано лице) потребно е со тоа лице на самиот граничен премин да се врши разговор за причините поради кои е присилно вратено или протерано… Во истата телеграма било наведено дека согласно чл.32 ст.2 од Законот за патни исправи доколку лицето со себе поседува важечки пасош истиот се одзема со потврда за привремено одземени предмети…”

Но, од увидот врз телеграмата на МВР бр.169 од 08.11.2011 година никаде не било наведено дека треба да се донесе решение за забрана на употреба на личната карта за преминување на државната граница.

Сметам дека доказите коишто ги предложиле барателите и врз кои Судот ја темели одлуката напротив докажуваат дека постои дискриминација затоа што во самиот доказ: Известување врска бр.13.2.-287/2 од 23.01.2017 год. од МВР до Оддел за судски постапки и имотно прашање на заштита од 31.01.2017 год., а примен во МВР на 02.02.2017 година стои дека за задолжувањето да достават барање од надлежен суд со кој се забранува употреба на личните карти на тужителите ве известуваме дека … за истите не е добиено барање од надлежен суд.

Според моето мислење со донесувањето на пресудите Основниот суд Скопје 2 Скопје, Апелационен суд Скопје и Уставниот суд погрешно ги утврдиле фактите дека со постапувањето на МВР преку своите овластени службени лица не било повредено правото на слободно движење, односно не го повредиле правото на барателите да ја напуштат територијата на Република Македонија. Судовите погрешно утврдиле дека со решенија од Министерството за внатрешни работи, Оддел за граѓански работи, Сектор за управно-правни работи, Одделение за управни работи Скопје не само на барателите туку и на други лица им се забранувало употреба на лична карта за преминување на државната граница.

Судовите не ја утврдиле целосно фактичката состојба кога пропуштиле да утврдат врз основа на што се донесени решенија за забрана за употреба на лична карта коишто МВР ги достави за лицата Рамиз Зеќири и Перко Георгиевски и дали се работи за ист основ како кај барателите и дали кај овие две лица постоело барање од надлежен суд со оглед на тоа што кај барателите немало такво барање и МВР без законска основа и самоволно ги донело спорните решенија за забрана на користење на лична карта за премин на државна граница.

Цврсто сум на стојалиште дека ниту тужените доставиле докази, ниту Судот утврдил дали решенијата за забрана за употреба на лична карта коишто тужениот ги достави за лицата Рамиз Зеќири и Перко Георгиевски се поради нивна депортација како азиланти или поради постоење на судска одлука или сторено некое друго кривично дело.

Од приложените докази и на јавната расправа се докажа дека донесувањето на Решение за забрана за користење на лични карти за премин преку државната граница било дел од пошироката политичка пракса на тужениот во тој период за да им се забрани на Ромите излез од Република Македонија.

Сметам дека, во конкретниов случај, постоел неповолен однос на барателите кои се Роми и сите други Роми кои се присилно вратени во Република Македонија, бидејќи лицата на кои спротивно на Законот и без наредба од суд им била наметната забрана за користење на личните карти за премин преку државната граница биле исклучиво од ромска националност и само за лицата од ромска националност не постоело барање од надлежен суд за донесување на таква мерка, услов што е предвиден во Законот. Од доказите се гледа дека МВР само на Ромите, а тука спаѓале и барателите, им изрекол мерка за забрана на користење на лични карти надвор од Законот, а судот погрешно утврдил дека таква мерка била донесена и за други лица во исти услови.

Исто така, сметам дека судовите погрешно го примениле чл.38 ст.1 од Законот за спречување и заштита од дискриминација. Тужениот со ниту еден доказ не докажал дека нема сторено дискриминација, односно дека не го повредил правото на еднаков пристап на тужителите, а согласно чл.38 ст.1 од Законот за спречување и заштита од дискриминација: „Докажувањето дека немало дискриминација паѓа на товар на спротивната странка.” Од друга страна, барателите докажаа дека поради нивната етничка припадност биле погодени со оваа незаконита забрана за користење на личната карта за премин на државната граница со што им било повредено правото на слободно движење и еднаков третман. Од друга страна, Првостепениот суд во Пресудата воопшто не се осврнува на овој член и постапката ја води согласно Законот за парнична постапка, а не согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Според моето мислење, судовите, а посебно Уставниот суд во својата одлука погрешно го примениле и член 27 став 2 од Уставот на Република Македонија којшто го гарантира правото на секој граѓанин да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката, освен во таксативно наведените случаи во кои загарантираното право може да се ограничи со закон и тоа единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето (член 27 став 3 од Уставот). Со донесените решенија се повредува и членот 54 од Уставот којшто предвидува дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Сметам дека, судовите погрешно ги примениле и одредбите од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи од 1997 година („Службен весник на Република Македонија” бр. 11/1997). Согласно членот 118 од Уставот на Република Македонија со чинот на ратификација, таа станала составен дел од правниот поредок на Република Македонија.

Членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи предвидувал дека: „Уживањето на правата и слободите, признати со оваа конвенција, ќе се обезбеди на сите без дискриминација, без оглед на пол, раса, боја на кожа, јазик, религија, политичко или друго уверување, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, сопственост, род или друг статус.”

Членот 2 став 2 од Протоколот бр. 4 од Конвенцијата го гарантира правото секој да ја напушти која било земја, вклучувајќи ја и својата. Во случајот на Стамосе против Бугарија (Ѕ1атоѕе V. ВиЈдапа, жалба бр. 29713/05, пресуда од 27 Ноември 2012) која се однесува на забрана на бугарски државјанин да ја напушти територијата на Бугарија и одземање на пасошот во период од две години заради прекршување на законите за имиграција на Соединетите Американски Држави, Европскиот суд за човекови права утврдил повреда на член 2 Протокол бр.4 од Конвенцијата. Имено, Судот не бил убеден дека ограничувањето на слободата на движење била со цел заштита на имиграциони прописи на странска земја е легитимна цел.

Сметам дека погрешен е наводот на првостепениот суд дека во конкретниот случај не станува збор за дискриминација на барателите по национална основа или по која било друга основа и повреда на правото на еднаквост и правото на слобода на движење во и вон територијата на Република Македонија и не станува збор за дискриминаторско однесување бидејќи ваквата забрана се однесувала и кон други лица што не биле припадници на ромската етничка заедница.

Сметам дека во конкретниот случај има и повреда на членовите 5, 6, 8 и 15 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, како и повреда на членот 15 од Законот за гранична контрола и членот 189 од Законот за облигационите односи.

Од друга страна од анализите на наводите на одлуката на Уставниот суд не се дава одговор на следните спорни работи:

– Дали имало претходно барање на надлежниот суд за донесување на решение за забрана на употреба на личната карта за преминување на државната
граница?
– Дали според МВР има законски основ, односно согласно со која одредба се донесени решенија за забрана за користење на лични карти за премин преку граница кога членот 27 од Уставот и член 2 став 2 од Протоколот бр.4 од Конвенцијата се јасни и прецизни?
– Дали по депортирањето на лицата по исти основи на сите им се одземаат патните исправи и им се донесени решенија за забрана за користење на лична карта за премин преку граница?
– Дали на сите депортирани лица од странство по истиот основ им се донесува решение за забрана на употреба на личната карта за преминување на државната граница?
– Дали се точни наводите дека органите имаат селективен пристап кон ромската популација во ваквите околности?
– Аналогијата и праксата што ја користи судот во предметот не дава одговор дали се работи за иста околност, дали претходно имало барање на надлежниот суд за донесување на забрана за депортирање?
– Дали мерката претежно се однесува кон ромската заедница и дали органите имаат различен третман на лица кои се во аналогни или релевантно слични ситуации?
– Дали кај органите за внатрешни работи постои неповолен однос при напуштање на државната граница во однос на Ромите?
– Дали со забраната кај наведените лица имало различни ефекти што ги создава нивниот третман со луѓето со различни карактери во конкретниот случај по основ на националност?
– Се знае дека долги години во земјата ромската заедница поради нејзиниот севкупен статут се вбројува како „заштитна група„ и дали со мерките на надлежните органи кај Ромите се чувствува значително понегативен ефект?

За наведените прашања и други околности за жал во одлуката на овој суд нема одговори, а доколку има некои одговори тие не се јасни, прецизни и поткрепени со докази и точни статистики за да се утврди точната фактичка состојба.

Од причини што Уставот предвидува сосема јасни, прецизни права и нивната заштита и тоа: според член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот се темелни вредности на уставниот поредок на Република С. Македонија.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република С. Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 27 став 2 од Уставот секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката. Според ставот 3 од овој член, остварувањето на овие права може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.

Според член 50 став 1 од Уставот секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност.

Според членот 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и тоа само во време на воена или вонредна состојба, според одредбите на Уставот, при што ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата, според ставот 4 на овој член, не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

За жал, слободно можам да кажам дека во Одлуката многу малку се анализирани наведените уставни одредби. А да беа анализирани, сметам дека според затечената фактичка состојба, со сигурност, Судот ќе утврдеше повреда на сите наведени уставни и други законски одредби како што наведувам во ова издвоено мислење.

Сметам дека од утврдената правна и фактичка состојба на јавната расправа, која преставува составен дел на одлуката на Судот, во конкретниот случај постои дискриминација во остварувањето на правата загарантирани со Уставот на Република Македонија и ратификуван меѓународен договор, односно е сторена дискриминација по основ на национална припадност на барателите во остварувањето на правото на слобода на движење, со што се повредувале нивните права од аспект на член 110 алинеја 3 од Уставот кој ги штити слободите и правата на граѓаните, а кои децидно се наведени во истиот.

На мислење сум дека во текот на постапката се утврди дека има различно постапување против други лица, односно дејствијата биле преземени само против подносителите на барањето, а не и против сите лица кои имале статус на депортирани.

Во конкретнава правна ситуација од прибавениот доказен материјал, како и од исказите на претставниците на Министерството за внатрешни работи дадени на одржаната јавна расправа, сметам дека донесените решенија од страна на Министерството за внатрешни работи се засноваат исклучиво на испратена телеграма, а не и по барање на надлежен суд, како што бара законската одредба, но во оваа постапка по поднесено барање во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд требаше да констатира повреда кај органите на МВР и врз основа на приложените докази и материјалното право да утврди дека и редовните судови во судските постапки неосновано не констатирале дека со правосилни поединечни акти е сторена повреда на член 110 алинеја 3 од Уставот.

Понатаму, од изнесената фактичка и правна состојба во барањето за заштита на слободите и правата неспорно произлегува дека судовите, чијшто поединечен правосилен акт е предмет на оценување, не се органите коишто ја довеле во прашање слободата на движењето гарантирана во членот 27 од Уставот на Република Северна Македонија, односно изворната одлука за попречување на слободата на движењето не е донесена од редовните судови, од каде истите не можат да бидат посочени како сторители на повреда на ова право. Граничната полиција при Министерството за внатрешни работи-Скопје, според овластувањата, е органот којшто не им дозволил на барателите напуштање на територијата на Република Северна Македонија при направената гранична контрола на критичниот датум, но овој орган во постапката пред Уставниот суд не е посочен како можен сторител на повредата.

Имајќи го предвид наведеното, сметам дека Судот погрешно оцени дека овие податоци доволно говорат за тоа дека не може да се прифати тврдењето во барањето дека националната припадност на подносителите на барањето била критериум за нивно попречување за преминување преку граничниот премин, односно, не може да се прифати тврдењето дека полицискиот службеник во вршењето на службените задачи и овластувања, при преземањето на дејствието се раководел исклучиво од националната припадност и бојата на кожата на која припаѓале подносителите на барањето.

Имено, од исказите на претставниците на Министерството за внатрешни работи дадени на јавната расправа не се утврди дека органот постапувал во смисла на одредбите на Законот за гранична контрола и Законот за патните исправи, од причина што и други депортирани лица имале забрана за користење на лична карта за премин преку државната граница, без оглед на нивната етничка припадност, што значи за сите националности. Клучен елемент во конкретниот случај не е фактот на депортација, туку националната, односно етничката припадност. Не се докажа фактот дека ваква забрана за преминување на државната граница важела и за други депортирани лица на кои им било забрането користење на патната исправа. Оттука, од доказите не произлегува дека и на други лица кои биле принудно вратени, депортирани, им биле одземени патните исправи, без оглед на националната припадност, што значи дека и други лица кои имале статус на депортирани, имале еднаков третман и кон нив се постапувало согласно одредбите на Законот за патните исправи.

Исто така, заслужува внимание и фактот дека иако Уставниот суд во предметот У.бр.189/2012 од 26.06.2014 год., објавен во „Службен весник на РМ бр.106/2014“ од 14.07.2014 год. го прогласи член 37 ст.1 т.6 од Законот за патните исправи за противуставен, МВР продолжувал да го применува спорниот член 37 ст.1 точка 6 од Законот за патните исправи и ПО НЕГОВОТО УКИНУВАЊЕ ОД СТРАНА на Уставниот суд. МВР носи решенија за забрана за употреба на личните карти на лицата Ајтен Беќир и Суват Беќир двајцата од Скопје по стапување во сила на Одлуката на Уставниот суд, а РЕШЕНИЈАТА ЗА ОДЗЕМАЊЕ НА ПАТНИТЕ ИСПРАВИ НА ОВИЕ ЛИЦА СЕ ДОНЕСЕНИ НА ДЕН 16.07.2019 годинa, односно 2 дена по донесување на решенијата со кои се забранува употреба на личната карта и по укинувањето на член 37 ст.1 т. 6 од Законот за патните исправи.

Исто така од приложените докази несомнено се гледа повреда на постапката и правата на барателите од страна на МВР, кога по скандалозните решенија за одземање на патните исправи на овие лица кои се донесени по укинување на наведениот член од страна на овој суд, на ден 01.05.2015 год. МВР донесува РЕШЕНИЕ БР.10.1.4.1-1647/3 НА ИМЕ НА СУВАТ БЕЌИР И РЕШЕНИЕ БР.10.1.4.1-1647/3 НА ИМЕ НА АЈТЕН БЕЌИР ЗА ПОНИШТУВАЊЕ НА РЕШЕНИЈА ЗА ОДЗЕМАЊЕ НА НИВНИТЕ ПАТНИ ИСПРАВИ коишто се одземени со решение од 16.07.2014 год.) и признава дека поништувањето е донесено од причини што врз основа на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија (одлука од 14.07.2014 год.) престанува обврската за одземање на патните исправи.

Со оглед на тоа што пред Судот не се презентираа докази дека токму дејствијата коишто ги презело службеното лице на граничната полиција на критичниот ден, кои резултирале со неможност подносителите да ја преминат границата и да ја напуштат територијата на Република Македонија на граничниот премин, само со лична карта без да приложат и потребна патна исправа, Судот оцени дека во конкретниов случај, забраната за премин на државната граница на подносителите на барањето, не може да се смета за случај на дискриминација по основ на расна и национална припадност.

Изразот дискриминација означува изложување на одредено лице на нееднаков, различен или понеповолен третман или положба во споредба со други лица кои се наоѓаат во иста ситуација, односно неоправдано правно или фактичко, непосредно или посредно правење на разлика или нееднакво постапување односно пропуштање (исклучување, ограничување или давање првенство) во однос на лица или групи на лица, кое се заснова на некоја нивна карактеристика (дискриминаторска основа).

Не се точни наводите на Судот дека „Суштествено кај случаите на дискриминација лицето кое тврди дека му е повредено правото на еднакво постапување со дискриминација, треба да ги изнесе сите факти и докази во поткрепа на своето тврдење, односно да докаже дека со дејствието што го оспорува тој бил дискриминиран по една или повеќе дискриминаторски основи, односно треба да покаже релевантни факти и докази дека бил изложен на нееднаков третман или неповолен третман во споредба со друго лице во иста ситуација, за да се активира механизмот за заштита од дискриминација“.

Исто така, сметам дека се погрешни наводите на Судот во оваа одлука: „дека за да постои дискриминација, вклучително и индиректна дискриминација, првенствено мора да се утврди постоењето на различен, неповолен третман на едно лице или група на лица во однос на друго лице односно друга група на лица и дека таквиот неповолен третман е поради заштитената карактеристика на лицето, што во конкретниов случај не се докажа“.

Исто така, сметам дека спротивно на нашиот Устав, законите, меѓународните норми и дефиниции се и следните наводи на Судот „Имено, во барањето за заштита на слободите и правата подносителите немаат поднесено каков и да било доказ во наведенава смисла бидејќи со барањето не се презентирани докази во поткрепа на тврдењето за нееднакво постапување во еднакви случаи, односно дека барателите биле во иста правна и фактичка положба со друго лице или лица, но дека тие биле понеповолно третирани во однос на тие лица поради нивното ромско етничко потекло, и дека на тој начин биле оневозможени во остварувањето на истите слободи и права, сметаме дека во конкретниот случај не може да се прифати дека е сторена дискриминација по основ на национална припадност во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот“.

Исто така, не се согласувам и сметам дека не се точни наводите и тезите на Судот дека „За да се покрене прашањето за заштита на слободи и права, како претпоставка нужно е потребно да се приложат релевантни докази за сторена повреда, бидејќи се штитат само повредени права, но, не декларативно искажани повреди, туку поткрепени со соодветни докази за таа цел, од кои објективно ќе произлегува вмешување на јавните власти во слободите и правата на граѓаните преку ограничување на истите„ наведените заклучоци и тези на Судот не се во духот на заштита и докажување на дискриминација.“

Сметам дека, мериторното постапување подразбира неспорно покажување на доволно докази за вмешување на јавните власти во правото, по што товарот на докажувањето преминува на другата страна (јавната власт), којашто наметнала ограничување на некое право, а која ќе треба да ги објасни и оправда основите за таквото постапување. Поконкретно, при мериторното одлучување, и кај уважувањето, а и кај одбивањето на барањето, несомнено мора да постои докажана повреда на слобода или право, при што Судот со одлука одлучува дали ќе ја даде бараната заштита, или пак, ќе одбие да ја даде бараната заштита. Што значи и кај уважувањето на барањето и кај одбивањето на барањето, доказот за сторена повреда на слобода или право, со вмешување на јавната власт преку одредени наметнати ограничувања во слободите и правата, е клучен предуслов за мериторно одлучување.

Следствено на обезбедени релевантни факти и докази за сторена повреда на слобода или право, улогата на Уставниот суд, преку тестот на проценка (применуван од страна на Европскиот суд за човекови права) е да цени дали тоа вмешување во правото, има основа во закон (дали било пропишано со закон), дали со вмешувањето следело некаква легитимна цел, дали било пропорционално на легитимната цел што се следи, односно целта која сакала да се постигне, дали било неопходни во едно демократско општество, односно дали вмешувањето одговарало на „неодложна општествена потреба”.

Сметам дека, Судот, во секој конкретен случај, одлучува дали вмешувањето на јавните власти се темели на разумна и оправдана основа (ако е случај, го одбива барањето и не ја дава заштитата) или пак вмешувањето се темели на неразумна и неоправдана основа (ако е случај, го уважува барањето и ја дава заштитата).

Сметам дека правото на слобода на движење и правото на напуштање на земјата и неговото значење за остварување на другите слободи и права, произлегува дека и ограничувањата на правото на напуштање на земјата мора да се толкуваат строго, во смисла на тоа да не ја загрозуваат и негираат самата суштина на слободата на движење. Или, како што наведува Комитетот за човекови права на Обединетите нации во својот Генерален коментар бр.27- Слобода на движење:

„1. Слободата на движење е неодвоив услов за слободниот развој на личноста“.
2. Дозволените ограничувања кои можат да бидат применети на правата заштитени со членот 12 (од Пактот) не смеат да го негираат (поништат) принципот на слобода на движење…
13. При усвојувањето на закони во кои се предвидени ограничувања што се дозволени согласно член 12 став 3, државите треба секогаш да бидат водени од принципот дека ограничувањата не смеат да ја нарушат суштината на правото.“

Судот при одлучување недоволно давал место, односно поинаку толкувал и недоволно се повикувал на меѓународните норми, стандарди, препораки, извештаи и пресуди на меѓународните судови.

Поради утврдување на точната фактичка состојба, ќе се обидам од една друга перспектива да дадам место и толкување на меѓународните норми по оваа конкретна проблематика, положбата на Ромите, препораките, директна и индиректна дискриминација, товарот на докажување на дискриминација поразлично од оно што Судот наведува или не навел во својата одлука:

Имено Парламентарно собрание 1. Препорака бр.1203 (1993) за Ромите во Европа, меѓу другото, ги изнесе следниве општи согледувања:

Една од целите на Советот на Европа е да се унапредува појавата на вистински европски културен идентитет. Европа е дом на многу различни култури и сите тие, вклучувајќи ги и многуте малцински култури, придонесуваат кон и ја збогатуваат културната разновидност на Европа.

Ромите имаат посебно место меѓу малцинствата. Со оглед на тоа што живеат насекаде во Европа, без земја која може да ја наречат своја, тие се вистинско европско малцинство, но малцинство кое не се вклопува во дефинициите за национални или јазични малцинства.

Нетолеранцијата кон Ромите постоела отсекогаш. Сепак сè повеќе има зачестени појави на расна или социјална омраза и напнати односи меѓу заедниците што придонесува кон незавидната ситуација во која денес живеат мнозинството Роми.

Почитувањето на правата на Ромите, индивидуалните, основните и човековите права и нивните права како малцинство е од суштинско значење за подобрување на нивната ситуација.

На мислење сум дека Судот при одлучување недоволно ги земал во предвид наведените препораки, исто така, и

Препорака бр.1557 (2002) за правната положба на Ромите во Европа предвидува меѓу другото, го наведува следново: “…Денес Ромите сè уште се подложени на дискриминација, маргинализација и сегрегација. Дискриминацијата е широко распространета на секое поле од јавниот и приватниот живот, вклучително и во однос на пристапот кон јавни места, образование, вработување, здравствена заштита и домување, како и во однос на преминувањето на границите и пристап кон постапки за азил. Маргинализацијата и економската и социјална сегрегација на Ромите се претвораат во етничка дискриминација, која вообичаено ги погодува најслабите социјални групи.

Ромите претставуваат специјална малцинска група, затоа што имаат статус на двојно малцинство. Тие претставуваат етничка заедница и најголем дел од нив припаѓаат на маргинализираните групи во општеството.

Собранието ги повикува државите да гарантираат еднаков третман за ромското малцинство, како етничка или национална малцинска група на полето на образованието, вработувањето, домувањето, здравствената заштита и јавните услуги.

Исто така, во оваа насока се ставовите и на Европска комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ). Борба против расизмот и нетолеранцијата против Ромите (донесена од ЕКРИ на 6 март 1998 г.) Во релевантните делови од оваа препорака се наведува следново: „..Потсетувајќи дека борбата против расизмот, ксенофобијата, антисемитизмот и нетолеранцијата претставува составен дел од заштитата и унапредувањето на човековите права, како и дека овие права се универзални и неделиви и дека сите луѓе, без никаква разлика, ги имаат овие права; Нагласувајќи дека борбата против расизмот, ксенофобијата, антисемитизмот и нетолеранцијата пред сè претставува прашање на заштита на правата на ранливите припадници на општеството; Убедена дека во сите активности за борба против расизмот и дискриминацијата, вниманието треба да се насочи кон жртвата и подобрувањето на состојбата на жртвата; Забележувајќи дека Ромите низ цела Европа страдаат од постојани предрасуди, потоа тие се жртви на расизмот кој е длабоко вкоренет во општеството, а истите се цел на понекогаш насилни појави на расизам и нетолеранцијата и дека нивните основни права редовно се повредуваат или се загрозени; Исто така забележувајќи дека постојаните предрасуди против Ромите доведуваат до нивна дискриминација на многу полиња во општествениот и економски живот и дека таквата дискриминација претставува голем фактор во процесот на општествена исклученост која погодува многу Роми; Убедена дека унапредувањето на начелото на толеранција е гаранција за зачучување на отворени и плуралистички општества кои овозможуваат мирен соживот; на Владите на државите – членки им го препорачува следново: …- да обезбедат дека се борат против самата дискриминација, како и дискриминаторските практики преку соодветно законодавство и во граѓанско-правната рамка да воведат конкретни одредби за оваа цел.“

Општа политичка препорака на ЕКРИ бр.7 за националното законодавство за борба против расизам и расна дискриминација (донесена од ЕКРИ на 13 декември 2002 г. Во целите на оваа препорака, се користат следниве дефиниции: „(а) под ’расизам’ се подразбира верување дека основата како што е раса, боја на кожа, јазик, религија, национална припадност или национално или етничко потекло го оправдува непочитувањето на одредено лице или група на лица или чувство на супериорност на одредено лице или група на лица. (б) под „директна расна дискриминација“ се подразбира секоја форма на различно постапување врз основа на раса, боја на кожа, јазик, религија, национална припадност или национално или етничко потекло, а за кое нема објективно и разумно оправдување.

Различното постапување нема објективно и разумно оправдување доколку со него не се постигнува легитимна цел или доколку нема разумен пропорционален сооднос меѓу средствата кои се користат и целта која се сака да се постигне.

Од друга страна под ’индиректна расна дискриминација’ се подразбираат случаи во кои навидум неутрален фактор, како што се одредба, критериум или практика не можат лесно да бидат исполнети од или кои ставаат во понеповолна положба …припадници на група определени како такви врз основа на раса, боја на кожа, јазик, религија, национална припадност или национално или етничко потекло, освен доколку за ваквиот фактор нема објективно и разумно оправдување. Ова би било случај доколку се сака да се постигне легитимна цел и доколку има разумен пропорционален сооднос меѓу употребените средства и целта која се сака да се постигне.“

Во објаснувачкиот меморандум кон оваа препорака се забележува (точка 8) дека дефинициите за директна и индиректна расна дискриминација содржани во став 1(б) и (в) од Препораката црпат инспирација од дефинициите содржани во Директивата на Советот 2000/43/ЕС за спроведување на начелото на еднакво постапување со лицата без оглед на нивното расно или етничко потекло и Директивaта на Советот 2000/78/ЕС со која се воспоставува општа рамка за еднакво постапување при вработување и професионални занимања, како и од прецедентното право на Европскиот суд за човекови права.

Од друга страна се знае дека начелото на забрана на дискриминација и барањето за еднакво постапување е долго воспоставено начело во најголем број од инструментите на Европската заедница, а врз основа на чл.13 од Договорот за основање на Европската заедница. Оваа одредба му овозможува на Советот, преку едногласна одлука, по предлог/препорака од Комисијата и по консултации со Европскиот парламент, да донесе мерки неопходни за борба против дискриминацијата врз основа на род, раса или етничко потекло, вероисповед или уверување, хендикеп, возраст или сексуална ориентација.

Членот 4 став 1 кој се однесува на товарот на докажување гласи: „Државите-членки преземаат онакви мерки какви што се неопходни во склад со нивните национални судски системи за да обезбедат дека кога лицето кое смета дека е оштетено заради тоа што начелото на еднакво постапување не било применето врз него, ќе утврди пред суд или друг надлежен орган, факти врз основа на кои може да се претпостави дека има директна или индиректна дискриминација, тогаш тужената странка треба да докаже дека не било повредено начелото на еднакво постапување.

Слично на целта на Директивата на Советот 2000/43/ЕС од 29 јуни 2000 год., за спроведување на начелото на еднакво постапување со лицата без поглед на нивното расно или етничко потекло е и Директивата 2000/78/ЕС од 27 ноември 2000 год. за воспоставување на општа рамка за еднакво постапување при вработување и професионални занимања е да се забранат, во областите на кои се однесуваат овие директиви, директната или индиректна дискриминација врз основа на раса, етничко потекло, вероисповед или уверување, хендикеп, возраст или сексуална ориентација.

Во преамбулите на двете Директиви се вели следново: „Оценката на фактите од кои може да се утврди дека имало директна или индиректна дискриминација е прашање на националните судски или други надлежни власти, во склад со правилата од националното право или пракса. Таквите правила може конкретно да предвидат дека индиректната дискриминација може да се утврди преку кои било средства, вклучително и врз основа на статистички податоци“ и дека „Правилата за товарот на докажување мора да се прилагодат кога има prima facie случај на дискриминација, а со цел начелото на еднакво постапување делотворно да се примени, товарот на докажување мора да премине на тужената страна кога ќе се изнесат докази за таква дискриминација.“

Конкретно, Директивата 2000/43/ЕС го предвидува следново: член 2 Концепт на дискриминација „1. Во целите на оваа директива, начелото на еднакво постапување значи дека нема директна или индиректна дискриминација заснована на расно или етничко потекло. 2. Во целите на став 1: (а) директна дискриминација се смета дека настанала кога со едно лице се постапува понеповолно отколку што било постапувано и се постапува со друго лице во слична ситуација, а врз основа на расно или етничко потекло; (б) индиректна дискриминација се смета дека настанала кога навидум неутрална одредба, критериум или практика би ставила лица од одредено расно или етничко потекло во особено понеповолна положба во споредба со други лица, освен доколку таквата одредба, критериум или практика се објективно оправдани со легитимна цел, а средствата кои се користат за постигање на таа цел се соодветни и неопходни….”

Член 8 предвидува Товарот на докажување „Државите – членки преземаат онакви мерки какви што се неопходни, во склад со нивните национални судски системи, за да обезбедат дека, кога лицата кои се сметаат дека се оштетени затоа што начелото на еднакво постапување не било применето врз нив, ќе утврдат, пред суд или друг надлежен орган, факти од кои може да се претпостави дека имало директна или индиректна дискриминација, тужената страна е таа која треба да докаже дека немало повреда на начелото на еднакво постапување. 2. Ставот 1 од друга страна не ги спречува државите – членки да воведат правила на докажување кои се поповолни за тужителот.

Според прецедентно право на Судот на правдата на Европската заедница (Судот на правдата), дискриминацијата, која подразбира примена на различни правила во слични ситуации или примена на истото правило во различни ситуации може да биде очигледна или прикриена и директна или индиректна.

Во пресудата во случајот Giovanni Maria Sotgiu v. Deutsche Bundespost од 12 февруари 1974 год., Судот на правдата подвлекол дека: „Правилата во однос на еднаквото постапување … забрануваат не само очигледна дискриминација врз основа на национална припадност, туку и прикриени форми на дискриминација, кои со примена на други критериуми со кои се прави разлика, всушност го произведуваат истиот резултат…”

На крајот во пресудата во случајот Commission of the European Communities v. Republic of Austria (пресуда од 7 јули 2005 год., случај C-147/03), Судот на правдата забележува: Според утврденото прецедентно право, начелото на еднакво постапување забранува не само очигледна дискриминација заснована на национална припадност, туку ги забранува и сите прикриени форми на дискриминација, кои со примена на други критериуми со кои се прави разлика, всушност го произведуваат истиот резултат. Следствено, предметното различно постапување може да се оправда само доколку истото се заснова на објективни согледувања кои не се поврзани со националната припадност на засегнатите лица и доколку е пропорционално со легитимната цел на националните одредби (случај C-274/96 Bickel and Franz [1998] ECR I-7637)

Исто така, и во Меѓународниот пакт за граѓански и политички права во членот 26 се предвидува: „Сите лица се еднакви пред законот и имаат право без никаква дискриминација на подеднаква заштита пред законот. Во таа смисла, законот мора да забранува секаква дискриминација и да им гарантира на сите лица подеднаква и делотворна заштита од секоја дискриминација, на која било основа, како што е расата, бојата, полот, јазикот, верата, политичкото или друго убедување, националното или социјалното потекло, имотна состојба, раѓањето, или секоја друга состојба.“

Исто така и Комитетот за човекови права на Обединетите нации, во точките 7 и 12 од Општиот коментар бр.18 од 10 ноември 1989 год., за недискриминација, го изразил следново мислење: „… Комитетот верува дека терминот ’дискриминација’ како што е употребен во Пактот треба да се разбере во смисла на тоа дека означува каква било разлика, исклученост, ограничување или давање предност кои се засноваат на која било основа како што се раса, боја, пол, јазик, вероисповед, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, имотен, статус по раѓање или друг статус и кои имаат за цел или го произведуваат резултатот на поништување или спречување на признавањето, уживањето или користењето од страна на сите лица, на рамноправна основа, на сите права и слободи. …кога државата-членка донесува законодавство, тоа мора да биде усогласено со барањата од членот 26 во смисла на тоа дека неговата содржина не треба да биде дискриминаторска…“

Г. Комитет за елиминација на расна дискриминација во Општата препорака бр. 14 од 22 март 1993 год. за дефиницијата на дискриминација, меѓу другото, го истакнува следново: „1. … Разликата е спротивна на Конвенцијата доколку има за цел или го произведува резултатот на загрозување на одредени права и слободи. Ова е потврдено со обврската која ја имаат државите-членки според член 2 став 1 (в) да поништат каков било закон или практика кои резултираат со создавање или продолжување на расна дискриминација.

Во праксата на ЕСЧП во повеќе наврати утврдил дека под дискриминација се подразбира различно постапување без објективно и разумно оправдување на лица во слична ситуација (Willis v. the United Kingdom, no. 36042/97, § 48, ECHR 2002-IV, и Okpisz v. Germany, no. 59140/00, § 33, 25 октомври 2005 год.).

Сепак, членот 14 не им забранува на државите-членки со дадени групи да постапуваат различно со цел да се коригираат „фактички нееднаквости“ меѓу нив; навистина во одредени околности непреземањето обид да се исправи нееднаквоста преку различно постапување може само по себе да доведе до повреда на членот (Case “relating to certain aspects of the laws on the use of languages in education in Belgium” v. Belgium (merits), 23 јули 1968 год., p. 34, § 10, Series A no. 6; Thlimmenos v. Greece [GC], no. 34369/97, § 44, ECHR 2000-IV; и Stec and Others v. the United Kingdom [GC], no. 65731/01, §51, ECHR 2006-VI).

Судот, исто така, прифаќа дека одредена општа политика или мерка којашто има непропорционално штетно влијание врз одредена група може да се смета за дискриминаторска без оглед на тоа што истата не е конкретно насочена против таа група (предмет Hugh Jordan) и дека дискриминација потенцијално спротивна на Конвенцијата може да резултира од де факто ситуација.

Дискриминацијата, меѓу другото, врз етничкото потекло на лицето е форма на расна дискриминација. Расната дискриминација е особено навредлив вид на дискриминација и со оглед на нејзините опасни последици, бара од властите особено внимание и одлучна реакција. Токму поради оваа причина, властите мора да ги искористат сите достапни средства за борба против расизмот, со што се зајакнува демократската визија за општество во кое разновидноста не се смета за закана, туку како извор на богатство.

Судот во Стразбур, исто така, смета дека никакви разлики во постапувањето коишто се засновани само или во одлучувачка мерка на етничкото потекло на лицето не може објективно да се оправдаат во едно современо демократско општество засновано на начелата на плурализмот и почитувањето на различните култури.

Што се однесува до товарот на докажување во оваа сфера, Судот утврдил дека штом жалителот покажал разлика во постапувањето, тогаш Владата е таа која треба да докаже дека таквото постапување е оправдано (меѓу други авторитативни мислење (Chassagnou and Others v. France [GC], nos. 25088/94, 28331/95 и 28443/95, §§ 91-92, ECHR 1999-III).

Што се однесува до прашањето што претставува prima facie доказ со кој може да се пренесе товарот на докажување врз тужената држава, во случајот (Nachova and Others), Судот подвлекол дека во постапката пред Судот нема процедурални пречки за допуштеноста на доказите или претходно определени формули за негова оценка. Судот донесува заклучоци кои според него се поддржани со слободна оценка на сите докази, вклучително и на индикациите кои може да произлезат од фактите и поднесоците на странките. Според утврденото прецедентно право на Судот, доказот може да произлезе од коегзистенцијата на достаточно силни, јасни усогласени индикации или слични неспорни претпоставки за фактите. Натаму, нивото на уверливост потребно за да се дојде до одреден заклучок и во врска со ова поделбата на товарот на докажување се тесно поврзани со специфичните одлики на фактите, природата на изнесените наводи и правото од Конвенцијата за кое станува збор.

Судот, исто така, прифаќа дека не во сите постапки според Конвенцијата може строго да се примени начелото affirmanti incumbit probation (тој кој изнесува наводи мора да ги докаже тие наводи, Aktaş v. Turkey, no. 24351/94, § 272, ECHR 2003-V). Во одредени околности, во кои предметните настани се целосно или во голем дел во рамките на исклучивото познавање на властите, товарот на докажување може да се смета дека го имаат властите кои треба да дадат задоволително и убедливо објаснување (Salman v.Turkey [GC], no. 21986/93, § 100, ECHR 2000-VII, и Anguelova v.Bulgaria, no. 38361/97, §111, ECHR 2002-IV). Во случајот Nachova and Others.

Во врска со ова, Судот забележува дека во правните системи на многу земји доказот за дискриминаторското влијание на одредена политика, одлука или практика ја укинува потребата да се докаже намерата да се стори наводната дискриминација при вработување или во давањето на услуги.

На крајот, како што се забележува во претходни случаи, ранливата положба на Ромите значи дека треба да се посвети посебно внимание на нивните потреби и на нивниот различен животен стил и во контекстот на релевантна регулаторна рамка и при донесување на одлуки во конкретен случај (Chapman v. the United Kingdom [GC], no.27238/95, §96, ECHR 2001-I, и Connors v. the United Kingdom, no. 66746/01, §84, 27 мај 2004 год.). Во случајот Chapman, Судот исто така подвлекува дека може да се каже дека меѓу државите-членки на Советот на Европа се јавува меѓународен консензус за признавањето на посебните потреби на малцинствата и за обврската да се заштити нивната безбедност, идентитет и животен стил, не само во целите на зачувување на интересите на самите малцинства, туку и со цел да се зачува културната разновидност која е од важност за целата заедница. 2. Примена на горенаведените начела во конкретниот случај Судот забележува дека како резултат на нивната турбулентна историја и постојаното раселување, Ромите станале специфичен вид на маргинализирано и ранливо малцинство (општите согледувања во Препораката бр.1203 (1993) за Ромите во Европа на парламентарното Собрание и т.4 од Препораката бр.1557 (2002) за правната положба на Ромите во Европа. Како што забележал Судот во претходните случаи, ним затоа им е потребна посебна заштита. Како што потврдуваат активностите на бројни европски и меѓународни организации и препораките на телата на Советот на Европа.

Во овој случај жалителите изнесуваат навод дека тие биле во различна ситуација од граѓаните кои не се Роми, а кои бараат посебен третман, или дека тужената држава не презела афирмативни мерки да се исправи фактичката нееднаквост или разликите меѓу нив (Thlimmenos и Stec and Others).

Според нивните поднесоци, сè што треба да се утврди е дека без објективно и разумно оправдување, со нив се постапувало понеповолно отколку со граѓани кои не се Роми во слична ситуација и дека ова во нивниот случај преставува дискриминација.

Судот во претходни случаи веќе прифатил дека разликата во постапувањето може да биде во форма на непропорционално негативно влијание на општа политика или мерка која иако дефинирана со неутрални термини дискриминира одредена група (Hugh Jordan и Hoogendijk). Во согласност со, на пример директивите на Советот 97/80/EC и 2000/43/EC и дефиницијата дадена од ЕКРИ, таквата ситуација може да претставува „индиректна дискриминација“, за која не мора да постои намера да се дискриминира.

Дали во конкретниот случај се јавува претпоставка за индиректна дискриминација.

Судот повторува дека разлика во постапувањето е дискриминаторска доколку за неа „нема објективно и разумно оправдување“, односно доколку разликата не е во служба на постигнување на „легитимна цел“ или доколку нема „разумен однос на пропорционалност“ меѓу средствата што се користат и целта којашто се сака да се постигне (Larkos v. Cyprus [GC], no. 29515/95, § 29, ECHR 1999-I, и Stec and Others. Кога разликата во постапувањето се заснова на раса, боја на кожа или етничко потекло, концептот на објективно и разумно оправдување мора да се толкува што е можно построго.

Исто така, Судот, во голем број случаи ја утврдил својата практика во врска со жалби за повреда на правото на слобода на движење и принципот на недискриминација ( види меѓу другото, Shioshvili and Others v.Russia, no.19356/07, 20 December 2016; Timishev v. Russia, nos.55762/00 and 55974/00, ECHR 2005-XII; AND Pilav v. Bosnia and Herzegovina, no. 41939/07, 9 June 2016)

Сепак, секогаш кога на националните власти ќе им се доделат дискрециони права коишто може да претставуваат вмешување во користењето на правата од Конвенцијата, заштитните процедури достапни на поединецот се од суштинска важност при определувањето дали тужената држава, при воспоставувањето на регулаторната рамка, се задржала во рамките на нејзините дискрециони права.

Оттука, секоја мерка што претставува ограничување на правото треба да се оценува не само од гледна точка на нејзината законитост, односно предвиденост во законот, туку и од аспект на нејзината неопходност и пропорционалност.

Според тоа, ценам дека преземените дејствија на овластениот службеник се прекумерни и непропорционални, и истите не можат да се подведат под дозволени ограничувања на правото на подносителите да ја напуштат РМ.

Имајќи го предвид наведеното, сметам дека во конкретниов случај на подносителите на барањето за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на расна и национална припадност, со преземените дејствија од страна на овластениот полициски службеник им било ограничено правото на слободата на движење, односно правото да ја напуштат територијата на Република Македонија од причини што тужениот Република Македонија-Министерството за внатрешни работи го повредил правото на тужителите на еднаков третман.

Претседател на Уставниот суд на
Република Северна Македонија,
Сали Мурати

Одлука У.бр.2/2019