Решение У.бр.127/2018

У.бр.127/2018

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 3 јули 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Упатството за начинот на мерење на гледаноста и слушаноста на програмите, односно програмските сервиси на радио­дифузерите во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.198/2014 и 219/2015).

2. Љупчо Докузов, адвокат од Штип, до Уставниот суд на Република Северна Македонија достави иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на упатството означено во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на инцијативата оспореното упатство не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 55 од Уставот на Република Македонија како и со членовите 2, 4, 5, 6, 9 и 39 став 2 алинеја 9 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Македонија бр. 184/2013, 13/2014, 44/2014, 101/2014, 132/2014, 13/2016, 142/2016 и 132/2017).

Имено од самата преамбула на оспореното упатство произлегувало дека овој подзаконски акт со кој се уредува начинот на мерење на гледаноста и слушаноста на програмите, односно програмските сервиси и радиодифузерите во Република Македонија, е донесен покрај другите наведени членови и врз основа на член 18 став 1 алинеја 8 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Така во главата „Надлежности на советот“, стои дека Советот ги донесува подзаконските акти кои произлегуваат од овој закон, а тоа значи дека Агенцијата немала законски основ и не можела да донесува подзаконски акт кој не произлегува од цитираниот закон.

Во членот 9 став 4 од Законот, нормативецот поблиску ги утврдил надлежностите на Агенцијата при донесување на подзаконските акти, таксативно набројувајќи и прецизирајќи дека подзаконските акти можат да се донесат и тоа во следните случаи:

– постапката и начинот на примање на предлози од заинтересирани странки;
-начинот и местата на објавување на конкурси,приговори на кандидати, пријавување на конкурси како и други информации поврзани со постапката за доделување на дозволи
– податоци и информации што Агенцијата ќе ги објави како и начинот на пристап до истите согласно со законот.

Од наведеното, според подносителот, може да се заклучи дека Законот не и дава право на Агенцијата, односно на нејзините органи Советот и Директорот да донесуваат било какви подзаконски акти кои излегуваат надвор од опсегот на членот 9 од Законот.

Под плаштот на „уредување на начинот на мерење на гледаноста и слушаноста на програмите односно програмските сервиси на радиодифузерите“ Агенцијата дала зелено светло за формирање на „Македонски комитет за мерење на публиката“ како профитабилна стопанска интересна заедница (СИЗ), регистрирана во Трговскиот регистар на Република Македонија, за вршење на трговска дејност, која во иднина ќе ги координира мерењата на гледаноста на програмите, односно програмските сервиси на радиодифузерите што емитуваат телевизиска програма на државно ниво преку дигитален терестријален мултиплекс и на јавното радиодифузно претпријатие МРТ.

Во формираниот комитет којшто е стопанска интересна заедница, Агенцијата не е основач. Ова е евеидентно од основачкиот акт и тековната состојба на Комитетот,туку истата е член без право на глас, т.е. набљудувач, а за одделни работи и надзор.

Во точката 4 од Упатството стои дека Комитетот се формира со акт кој го донесуваат сите нејзини членови со право на глас. Од основачкиот акт кој подносителот го доставува во прилог, произлегува дека ЈРП МРТ не е основач и го нема потпишано оснивачкиот акт но сепак директорот на агенцијата за АВМУ дал согласност за негово формирање. На актот за формирање немаат ставено потпис ниту две маркетинг агенции, туку само Македонската асоцијација на маркетинг агенции која не е предвидена како член и потписник на актот за основање на комитетот од точка 5 од Упатството.

Понатаму, подносителот на иницијативата ги цитира одредбите од член 4 став 1 и 2, член 5 став 1 и 2 и член 6 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и наведува дека наведените одредби од Законот кои се појдовни точки во постапувањето на Агенцијата и нејзините органи јасно произлегувало дека Агенцијата во својата работа е должна да постапува самостојно, независно и непристрасно во поглед на другите државни органи или правни лица.

Формирањето на Комитетот, како надворешно тело на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со приватни фирми од типот на Алфа ТВ, Алсат-МДОО, Канал 5 ДООЕЛ Скопје, Сител, Телма ДООЕЛ Скопје и Асоцијацијата на агенции за маркетинг МААМ, е во спротивност со наведените одредби од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, од кои причини Уставниот суд треба да утврди дали со пренасочување на законските надлежности од Агенцијата на наведените правни лица, односно со формирање на спорниот Комитет (кој во овој момент го има одлучувачкиот збор при мерење на публиката) де факто се повредени цитираните законски одредби како и владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок.

Во иницијативата, исто така се наведува дека со оспореното упатство се нарушува конкуренцијата на пазарот на радиодифузерите во Република Македонија, и одредени правни лица ги става во повластена положба, бидејќи без критериуми се избрани членовите на Комитетот од страна на директорот на Агенцијата, при што се дискриминирани национални телевизии во Република Македонија кои емитуваат програма преку сателит и јавна електронска комуникациска мрежа на државно ниво, бидејќи им е ограничено правото тие да имаат членови во Комитетот,што е спротивно на членот 55 од Уставот.

Имајќи го предвид наведеното, според подносителот произлегува дека за тоа какви подзаконски акти е овластена да донесува Агенцијата е уредено со закон (член 9 став 4 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги) и дека не може да се доуредат со подзаконски акти работи и активности врз основа на Деловникот за работа на Агенцијата ниту со Заклучок на Советот на Агенцијата.

Не помала незаконитост има и во точките 10 до 18 од Упатството каде се дадени апсолутни права на Комитетот и тоа: да објавува огласи и врши избор на истражувачка агенција; да потпишува договори со истражувачката агенција кои дополнително ги одобрува директорот; членовите сами да утврдуваат колкав надомест ќе плаќаат на Комитетот и истите да одлучуваат колкав надомест ќе плаќаат другите корисници за користење на податоците, односно колкав ќе биде финансискиот надоместок, кое нешто не смее да се уредува со екстензивно толкување на подзаконската норма.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека самото формирање на надворешно тело со одобрение на Агенцијата е спротивно на членовите 2, 5 и 6 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а тоа дали е почитувано упатството при формирање на ова нелегално правно лице кое ќе извршува работи од надлежност на агенцијата е феномен сам за себе и е недозволива правна иновација. Според точките 4 и 5 од Упатството и неговите измени е утврдено дека истото ќе биде формирано со акт кој го донесуваат сите негови членови. За членови покрај споменатите радиодифузери во Упатството се наведени и ЈРП Македонска Радиотелевизија, две маркетинг агенции предложени од МААМ (а не асоцијацијата) и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги која е член на комитетот без право на глас, а кои не дале согласност-потпис на основачкиот акт на Комитетот кој се формирал и денес функционира.

Незаконитостите на одредбите од Упатството се особено евидентни ако се направи паралела помеѓу точките 4, 5, 7 и 8 од Упатството со кое се регулира начинот на формирањето членството и основните задачи на Македонскиот комитет за мерење на публиката, како и актот за основање vis a vis член 9 од Законот каде стои дека недозволена медиумска концентрација, во смисла на овој закон постои кога: радиодифузер емитува радио или телевизиска програма и се занимава со дејност на новинска агенција, друштво за реклама и пропаганда, друштво за истражување на пазарот и јавното мислење, друштво за дистрибуција на аудиовизуелни дела, друштво за филмска продукција или со дејноста оператор електронски комуникациски преноси кој обезбедуваат реемитување или емитување на радио или телевизиски програми.

Од упатството и актот за основање видно е дека Комитетот е правно лице кое ќе врши мерење на пазарот на гледаноста на радиодифузерите. Комитетот истражувањата и мерењето на пазарот во моментов го врши преку договор склучен со истражувачка агенција (НИЕЛСЕН).

Од наведеното, според подносителите, повеќе од јасно било дека радиодифузерите Алфа,Сител, Телма, Канал 5 и Алсат во никој случај не можеле да бидат основачи на Комитетот, па ниту со согласност од Директорот и Советот на ААВМУ. Оттука, произлегува дека со одлука на Советот на Агенцијата и дадената согласност од Директорот на Агенцијата спротивно на член 39 став 2 од Законот, е дозволена медиумска концентрација на ТВ радиодифузерите во друштва за истражување на пазарот и јавното мислење.

Имајќи го предвид наведеното, подносителот смета дека посочените одредби од Упатството за начинот на мерење на гледаноста и слушаноста на програмските сервиси на радиодифузерите немаат уставна и законска основа, од причини што со Упатството како подзаконски акт не е направена разработка на законските одредби,туку напротив изворно се утврдуваат критериуми врз основа на дискрециони овластувања на директорот и Советот да предлагаат и избираат членови на Комитетот за мерење на гледаноста.

Со цел Уставниот суд да има јасна претстава за незаконитоста на подзаконскиот акт подносителите ја приложуваат и „Одлуката за начинот на пресметување на износот за користење на податоците од мерењето, донесена од членовите на Комитетот, а која нема поткрепа во Законот каде стриктно е предвидено дека агенцијата ќе врши мерење на публиката. Во конкретниов случај членовите и основачите на Комитетот се поистоветуваат со функциите на директор и Совет на Агенцијата и си дозволиле да утврдат и критериуми за оние кои не се членови на Комитетот, иако во точката 19 е наведено дека мерење на оние кои емитуваат програма преку сателит врши Агенцијата за АВМУ преку избор на истражувачка агенција со оглас за јавна набавка. Врз основа на наведената одлука е донесена фактура за предлагачот на иницијативата ТВ 24 Вести која не е член на Комитетот и емитува програма преку сателит за која мерење треба да врши Агенцијата.

Врз основа на наведеното, подносителот предлага Уставниот суд да го укине Упатството во целина, а до донесување на конечна одлука согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд да донесе решение со кое ќе се запре извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспореното упатство.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 6 став 1 алинеја 6, член 18 став 1 алинеја 8 и член 20 став 1 алинеја 11, во врска со член 6 став 2 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Македонија“ бр. 184/13, 13/14, 44/14, 101/14 и 132/14), и член 15 став 1 алинеја 7 од Деловникот за работа на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги бр.01-4351/1 од 29.8.2014 година, а во согласност со Заклучокот на Советот на Агенцијата 02-6553/4 од 27.12.2014 година и 02-6029 од 11.12.2015 година, Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на својата 24-та седница одржана на 27.12.2014 година, и седницата одржана на 11.12.2015 година, донел

У П А Т С Т В О
ЗА НАЧИНОТ НА МЕРЕЊЕ НА ГЛЕДАНОСТА И СЛУШАНОСТА НА ПРОГРАМИТЕ, ОДНОСНО ПРОГРАМСКИТЕ СЕРВИСИ НА РАДИОДИФУЗЕРИТЕ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Предмет на Упатството

1. Со ова Упатство се уредува начинот на мерење на гледаноста и слушаноста на програмите, односно програмските сервиси на радиодифузерите во Република Македонија.

Цел на Упатството

2. Целта на ова Упатство е да се обезбеди валиден и веродостоен систем за мерење на гледаноста и слушаноста на програмите, односно програмските сервиси на радиодифузерите во Република Македонија.

II. ПОСЕБНИ ОДРЕДБИ

„ЕЛЕКТРОНСКО МЕРЕЊЕ НА ТЕЛЕВИЗИСКАТА ПУБЛИКА“.

Иницијативен одбор

3. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе покрене иницијатива за формирање Иницијативен одбор кој ќе ги спроведе подготовките за основање на Македонски комитет за мерење на публиката (во понатамошниот текст Комитетот).

3.1 Советот на Агенцијата на предлог на Директорот донесува решение за покренување иницијатива за формирање Иницијативен одбор.
3.2. Иницијативниот одбор ќе го сочинуваат: по еден претставник од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радиотелевизија, Алсат-М ДОО Скопје, ТРД АЛФА ТВ ДООЕЛ Скопје, КАНАЛ 5 ДООЕЛ Скопје, СИТЕЛ и ТЕЛМА ДООЕЛ Скопје, и два претставници од маркетинг агенциите членки на Македонската асоцијација на агенции за маркетинг.
3.3. Секоја членка на Иницијативниот одбор е должна да назначи свој претставник за учество во Иницијативниот одбор, во рок од 3 (три) дена од денот на приемот на решението од точка 3.1. Претставникот од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, чиј мандат трае 2 (две) години, го назначува Советот на Агенцијата, на предлог на Директорот.
3.4. Основната задача на Иницијативниот одбор е да ги подготви нацрт-актите за работа на Комитетот и да изврши регистрација на Комитетот во Трговскиот регистар и регистарот на други правни лица што ги води Централниот регистар на Република Македонија, најдоцна до 01.02.2015 година. Организациониот облик на Комитетот го утврдува Иницијативниот одбор, а го одобрува Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Овластеното лице на Комитетот го назначуваат членовите со право на глас. Доколку овластено лице на Комитетот не биде назначено најдоцна до 01.02.2015 година, Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе назначи лице вршител на должноста, кое оваа функција ќе ја врши се до назначувањето на овластено лице од страна на членовите на Комитетот со право на глас.

Македонски комитет за мерење на публиката

Комитетот се формира со акт кој го донесуваат сите негови членови со право на глас. Формата и содржината на овој акт во нацрт-облик ја пропишува Иницијативниот одбор. Актот за формирање и статутот на Комитетот ги одобрува директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

5. Членови на Комитетот се:

5.1. Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радиотелевизија, 5.2. Алсат-М ДОО Скопје,
5.3. ТРД АЛФА ТВ ДООЕЛ Скопје,
5.4. КАНАЛ 5 ДООЕЛ Скопје,
5.5. СИТЕЛ,
5.6. ТЕЛМА ДООЕЛ Скопје,
5.7. Две маркетинг агенции предложени од Македонската асоцијација на агенции за маркетинг,
5.9. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, без право на глас

6. Комитетот ќе ги носи одлуките според принципот 1 (еден) член = 1 (еден) глас, со исклучок на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која нема право на глас. За донесување на одлука потребна е согласност од најмалку 4 (четири) од телевизиските станици.

7. Основна задача на Комитетот е да ги координира „активностите во врска со електронското мерење на телевизиската публика“.

8. При остварување на својата основна задача од точка 7 од ова Упатство, Комитетот ги врши следните задачи:

8.1. распишува оглас за избор на истражувачката агенција која ќе го спроведе истражувањето врз основа на кое ќе се добијат сознанија за структурата и профилот на домаќинствата во Република Македонија, а коешто ќе биде основа за креирање на панелот, најдоцна до 01.03.2015 година;
8.2. распишува оглас за избор на истражувачка агенција која „ќе го спроведува електронското мерење на телевизиската публика“., најдоцна во рок од 4 (четири) месеци од денот на распишувањето на огласот од точка 8.1;
8.3. врши избор на истражувачка агенција;
8.4. ја надгледува реализацијата на проектот и ги утврдува условите за пристап до податоците;
8.5. утврдува минимални стандарди кон кои треба да се придржува избраната истражувачка агенција, а кои се однесуваат на:
8.5.1. стандарди за обезбедување квалитет;
8.5.2. стандарди за обезбедување транспарентност.

Избор на истражувачката агенција и реализација на истражувањето

10. Огласот за избор на истражувачка агенција која „ќе го спроведува електронското мерење на телевизиската публика“го објавува Комитетот, најдоцна во рок од 4 (четири) месеци од денот на распишувањето на огласот од точка 8.1;

11. Изборот на истражувачката агенција која ќе „ќе го спроведува електронското мерење на телевизиската публика“, го врши Комитетот, а го одобрува Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

12. Право на учество на огласот имаат истражувачки агенции кои имаат искуство во мерење на гледаноста најмалку 5 (пет) години, во не помалку од 3 (три) земји од земјите членки на Европската унија или на Организацијата за економска соработка и развој (OECD).

14. Договорот со истражувачката агенција која „ќе го спроведува електронското мерење на телевизиската публика“ го потпишува Комитетот, а го одобрува Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Договорот се саклучува за период од „7 (седум)“ години.

15. „Начинот на којшто ќе се пресметува износот што за користење на податоците од мерењето треба да го плати секој член на Комитетот го утврдуваат членовите на Комитетот со посебен акт, кој го одобрува директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радиотелевизија ќе склучат договори со Македонскиот комитет за мерење на публиката согласно Законот за јавни набавки.

Членовите на Комитетот со посебен акт, кој го одобрува директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, ги утврдуваат и правилата врз основа на кои ќе се пресметува износот што треба да го платат корисниците на податоците од електронското мерење на публиката коишто не се членови на Комитетот.“

16. Податоците обезбедени од избраната истражувачка агенција се официјални податоци за мерење на телевизиската публика во Република Македонија.

17. Членовите на Комитетот ќе имаат увид во главните индикатори за квалитетот на операциите кои ќе бидат дефинирани во договор за ниво на услугите кои ќе ги обезбедува истражувачката агенција. На барање на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе и биде овозможен пристап до податоците на индивидуално ниво за понатамошни анализи, со загарантирана анонимност на домаќинствата во панелот.

18. Доколку некој од корисниците на услугите на избраната агенција смета дека резултатите од мерењето на телевизиската публика се невалидни и неточни, ќе иницира ангажирање на независна консултантска/ревизорска куќа со меѓународно искуство во спроведу­вање на ревизија на мерења на телевизиска публика.

Активностите што ќе произлезат од наодите по извршената ревизија ќе бидат утврдени во договорот потпишан помеѓу Комитетот и истражувачката агенција.

МЕРЕЊЕ НА ГЛЕДАНОСТА НА ТЕЛЕВИЗИСКИТЕ СТАНИЦИ ШТО ЕМИТУВААТ ПРОГРАМА НА ДРЖАВНО НИВО ПРЕКУ САТЕЛИТ ИЛИ ПРЕКУ ЈАВНА ЕЛЕКТРОНСКА КОМУНИКАЦИСКА МРЕЖА И НА ТЕЛЕВИЗИСКИТЕ СТАНИЦИ ШТО ЕМИТУВААТ ПРОГРАМА НА РЕГИОНАЛНО И НА ЛОКАЛНО НИВО

19. „Податоците за гледаноста на телевизиските станици што не се предмет на електронското мерење, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе ги обезбедува преку редовни истражувања на публиката, кои ќе ги спроведува истражувачка агенција избрана согласно Законот за јавни набавки

МЕРЕЊЕ НА СЛУШАНОСТА НА РАДИОСТАНИЦИТЕ

20. Податоците за слушаноста на радиостаниците Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе ги обезбедува преку редовни истражувања на публиката, кои ќе ги спроведува истражувачка агенција избрана согласно Законот за јавни набавки.

II. ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

21. Упатството влегува во сила наредниот ден од денот на објавување во „Службен весник на Република Македонија”.

Од анализата на оспореното упатство произлегува дека со него се уредува начинот на мерење на гледаноста и слушаноста на програмите, односно програмските сервиси на радиодифузерите во Република Македонија со цел за обезбедување на валиден и веродостоен систем на мерење на гледаноста и слушаноста на програмите. За таа цел Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги покренува иницијатива за формирање на иницијативен одбор кој ќе спроведе постапка за основање на Македонски комитет за мерење на публиката.Понатаму во Упатството е утврден составот на иницијативниот одбор и бројот на членови меѓу кои има и претставник на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги чии мандат трае 2 години и истиот го назначува Советот на Агенцијата на предлог на директорот. Основна задача на иницијативниот одбор е да ги подготви нацрт актите за работа на Комитетот и да изврши регистрација на Комитетот во Трговскиот регистар. Комитетот се формира со акт кој го донесуваат сите негови членови со право на глас, при што членот на Агенцијата нема право на глас. Основна задача на Комитетот е да ги координира активностите во врска со електронското мерење на телевизиската публика за што распишува оглас за избор на истражувачка агенција која ќе го спроведе истражувањето врз основа на што ќе се добијат сознанија за структурата и профилот на домаќинствата, распишува оглас за избор на истражувачка агенција која ќе го спроведе електонското мерење, врши избор на истражувачка агенција, ја надгледува реализацијата на проектот и ги утврдува условите за пристап на податоците, утврдува минимални стандарди коишто треба да ги применува избраната истражувачка агенција.

Огласот за избор на истражувачка агенција го објавува Комитетот кој го врши и изборот, кој избор го одобрува директорот на Агенцијата. Договорот со истражувачката агенција која ќе го спроведува електронското мерење на телевизиската публика го потпишува Комитетот, а го одобрува директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и истиот се склучува за период од 7 години.

Начинот на кој се пресметува износот што треба да го плати секој член на комитетот го утврдуваат членовите на Комитетот со посебен акт кој го одобрува Директорот на агенцијата.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радиотелевизија ќе склучат договори со Македонскиот комитет за мерење на публиката согласно Законот за јавни набавки.

Членовите на Комитетот со посебен акт кој го одобрува Директорот на Агенцијата ги утврдуваат правилата врз основа на кои ќе се пресметува износот што треба да го платат корисниците на податоците од електронското мерење на публиката кои не се членови на Комитетот.

Податоците за гледаноста на телевизиските станици што не се предмет на електронско мерење, и слушаноста на радиостаниците, Агенцијата ќе ги обезбедува преку редовни истражувања на публиката, кои ќе ги спроведува истражувачка агенција избрана согласно Законот за јавни набавки.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1); Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Со членот 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Во член 55 став 2 од Закон за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македо­нија“ бр.58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011) е предвидено дека директорот на самостојниот орган на државната управа, односно управната организација донесува правилници, решенија, наредби, упатства, планови, програми и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Во член 55 став 2 од Закон за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македо­нија“ бр.58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011) е предвидено дека директорот на самостојниот орган на државната управа, односно управната организација донесува правилници, решенија, наредби, упатства, планови, програми и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Согласно одредбите на член 56 од наведениот закон, покрај другото е предвидено дека со упатство се пропишува начинот на постапување во извршувањето на одделни одредби на законите и другите прописи

5. Со членот 1 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Македонија“ бр. 184/ 2013, 13/2014, 44/2014, 101/2014, 132/2014, 142/2016, 132/2017, 168/ 2018 и 248/2018), се уредуваат правата, обврските и одговорноста на радио­дифузерите, давателите на аудиовизуелните медиумски услуги по барање и операторите на јавни електронски комуникациски мрежи кои ги емитуваат или реемитуваат програмските сервиси на радиодифузерите.

Во членот 2 од наведениот закон е предвидено дека:

Целта на овој закон е во Република Македонија особено да се обезбеди:

– развој на аудио и и аудиовизуелните медиумски услуги,
– промовирање на слободата на изразување,
– развој на независната продукција,
– поттикнување, унапредување и заштита на културниот идентитет, јазикот и традицијата на заедниците во Република Македонија, почиту­вање на културните и религиозните разлики, поттикнување на културата на јавен дијалог меѓу граѓаните со цел да се зацврстува заемното разбирање и толеранција за унапредување на односите меѓу различните заедници,
– поттикнување на творештвото, образовниот и научниот развој,
– заштита на интересите на корисниците особено на малолетните лица,
– развој на медиумската писменост,
– транспарентен, независен, ефикасен и отчетен јавен радиодифузен сервис,
– транспарентно, независно, ефикасно и отчетно регулаторно тело во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги,
– техничко-технолошки развој на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, конвергенција со електронските комуникации и услугите на информатичко општество,
– поттикнување и развој на конкуренцијата во аудио и аудиовизуелните медиумски услуги и реемитувањето на програмски сервиси преку јавни електронски комуникациски мрежи и
– развој на економијата во Република Македонија.

Во членот 4, пак од Законот е предвиден органот што е надлежен за вршење на работите што се предмет на овој Закон:

(1) Надлежен орган за работите што се предмет на овој закон е Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (во натамошниот текст: Агенцијата).
(2) Агенцијата е самостојно и независно непрофитно регулаторно тело со статус на правно лице со јавни овластувања.
(3) Република Македонија е основач на Агенцијата. Имотот и средствата за работа на Агенцијата ги користи и со нив управува Агенцијата.
(4) Седиштето на Агенцијата е во Скопје.
(5) Агенцијата има печат.
(6) Печатот на Агенцијата има тркалезна форма. Во средината на печатот е грбот на Република Македонија, а околу него е натписот “Република Македонија – Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“.
(7) Работењето на Агенцијата се финансира од средствата обезбедени од Буџетот на Република Македонија, од приходите од надоместоците предвидени со овој закон, како и од заеми и друга финансиска и техничка помош.

Во членот 6 од Законот се утврдени надлежностите на Агенцијата:

(1) Агенцијата во согласност со овој закон:
– се грижи за обезбедување на јавност во работата на радиодифузерите,
– ја поттикнува слободата на изразување,
– се грижи за заштита и развој на плурализмот на аудио и аудио­визуелните медиумски услуги, охрабрува и поддржува постоење на разновидни, независни и самостојни аудио и аудиовизуелни медиумски услуги,
– презема мерки во согласност со овој закон во случаите кога е извршена повреда на одредбите на овој закон или на прописите донесени врз основа на него и условите и обврските од дозволите,
– се грижи за обезбедување заштита на малолетните лица,
– ги донесува актите кои произлегуваат од овој закон;
– се грижи за заштита на интересите на граѓаните во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги,
– утврдува постоење на недозволена медиумска концентрација,
– одлучува за доделба, одземање или продолжување на дозволите за телевизиско или радио емитување,
– презема мерки за времено ограничување на пренос и прием на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од други држави на територијата на Република Македонија согласно со членот 45 од овој закон,
– донесува листа на настани од големо значење за јавноста на Република Македонија,
– поттикнува медиумска писменост,
– врши надзор согласно со членовите 28, 29 и 30 од овој закон,
– ги води регистрите утврдени со овој закон;
– спроведува истражувања и анализи во врска со одделни прашања од областа на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги,
– врши мерење на гледаност или слушност на програмите, односно програмските сервиси на радиодифузерите од Република Македонија и
– врши и други работи утврдени со овој закон.
(2) Начинот на мерење на гледаност или слушност на програмите, односно програмските сервиси на радиодифузерите од Република Македонија го пропишува Агенцијата.

Во членот 18 од Законот, покрај другите надлежности на Советот е утврдено дека тој ги донесува подзаконските акти кои произлегуваат од овој закон.

6. Од анализата на целината на Законот и наведените одредби произлегува дека предмет на наведениот закон е со него да се уредат: правата, обврските и одговорноста на радиодифузерите, даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање на операторите на јавни електронски комуникациски мрежи кои ги емитуваат или реемитуваат програмските сервиси на радиодифузерите, со цел, покрај другото, да се обезбеди транспарентно, независно, ефикасно и отчетно регулаторно тело во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги,при што надлежен орган за работите што се предмет на законот е Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, којашто е самостојно и независно непрофитно регулаторно тело со статус на правно лице со јавни овластувања.Агенцијата во својата работа е независна од друг државен орган или друго правно лице и треба да биде непристрасна кон нив.

Во рамките на на надлежностите утврдени со Законот, Агенцијата врши мерење на гледаноста или слушаноста на програмите, односно програмските сервиси на радиодифузерите од Република Македонија, при што начинот на мерење на гледаноста или слушаноста на програмите, односно програмските сервиси на радиодифузерите го пропишува Агенцијата. Работењето на Агенцијата поблиску се уредува со Деловник кој е јавно достапен и се објавува на веб страната на Агенцијата. Агенцијата за својата работа дава отчет пред Собранието на Република Македонија со доставување на извештај најдоцна до 31 март во тековната година, кој содржи извештај за претходната година и програма за работа за наредната година.Органи на Агенцијата се Совет и Директор, при што членовите на Советот врз основа на претходно спроведен јавен конкурс ги именува Собранието за период од 5 години.

7. Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, содржината на оспореното упатство наспрема наводите изнесени во иницијативата, Судот оцени дека истите се неосновани.

Ова од причина што согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Агенцијата како самостојно и независно непрофитно регулаторно тело, основано од Републиката, е овластена да донесува подзаконски акти коишто произлегуваат од Законот и да врши мерење на гледаноста и слушаноста на програмите и програмските сервиси на радиодифузерите во Републиката. Исто така на Агенцијата и е дадено законско овластување да го утврди начинот на мерењето на гледаноста или слушаноста на програмите што во конкретниов случај Агенцијата со оспореното упатство го уредила начинот на мерење на гледаноста и слушаноста на програмите при што според Судот начинот на кој го уредила прашањето на гледаноста и слушаноста на програмите бил во согласност со начелото на транспарентност и можност за вклучување на сите вршители на оваа специфична дејост да учествуваат во фазата на формирање на комитет за мерење на гледаноста и слушаноста на програмите,од каде Судот оцени дека Агенцијата не ги пречекорила законските овластувања.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, и Сали Мурати.

У.бр.127/2018
3 јули 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски

Издвоено мислење по предметот У.бр.127/2018