Издвоено мислење

Издвоено мислење по предметот У.бр.92/2018

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992) по моето гласање против Решението У.бр. 92/2018 донесено на 8 мај 2018 година, за неповедување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на:
– Одлука бр.08-2574/7 од 18.06.2018 година за јавни паркиралишта на Општина Струга;
– Одлука бр.08-2574/8 од 18.06.2018 година за определување на јавни паркиралишта за зонско паркирање на подрачјето на град Струга;
– Одлука бр.08-2574/9 од 18.06.2018 година за утврдување на тарифа на цени по зони, за организирање на зонско паркирање на град Струга и
– Одлука бр.08-2574/10 од 18.06.2018 година за условите и начинот на вршење надзор над непрописно запрени или паркирани возила и условите и начинот за блокирање, отстранување, преместување на непрописно запрени и паркирани, хаварисани и напуштени возила и чување на истите на подрачјето на Општина Струга, сите донесени од Советот на Општина Струга и објавени во „Службен гласник на Општина Струга“ бр.6/2018 од 20.06.2018 година, го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО  МИСЛЕЊЕ

Со означеното решение, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на горенаведените одлуки.

Убеден сум дека Уставниот суд мораше да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одлуки земајќи ги предвид наводите содржани во иницијативата, како и одредбите од Уставот на Република Македонија и Законот за локалната самоуправа.

Според член 51 од Уставот: „Во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите“.

Во конкретниот случај со Законот за безбедност на патиштата, Законот за комуналните дејности и Законот за јавната чистота коишто се основ за донесување на оспорените одлуки не е определено поинаку потребното мнозинство за донесување на оспорените прописи на Советот на Општина Струга.

Во членот 51 од Уставот е утврдено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Во член 110 алинеја 2 е пропишано дека Уставниот суд – „одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите“.

Во глава VII „Акти на органите на општините“ во член 62 ставови 1 и 2 од Законот за локална самоуправа е пропишано: „Во вршењето на работите од својата надлежност, Советот донесува прописи и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон“.

Прописите се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот, доколку поинаку не е определено со овој или друг закон“.

Цврсто сум убеден дека оспорените одлуки на Советот на Општина Струга на го добиле потребното апсолутно мнозинство гласови на Советот. Ова поради тоа што на седницата на Советот на Општина Струга за донесување на оспорените одлуки наместо потребното мнозинство од 14 советници гласале само 12 од вкупно 27 советници што е спротивно на член 62 став 2 од Законот за локалната самоуправа во кој децидно, јасно и прецизно е утврдено дека кога е во прашање донесување на прописи на општината, тие се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број на членови на советот, доколку поинаку не е определено со овој или друг закон.

Со тоа законодавецот со член 62 став 2 од Законот ја исклучил можноста прописите на Општината Струга да бидат донесени со поинакво мнозинство гласови врз основа на статути или деловници на општините. Тоа значи дека регулирањето на потребното мнозинство на донесување на општинските прописи е законско прашање par excellence.

Врз основа на горенаведената аргументација сметам дека оспорените одлуки не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 (владеење на правото), член 51 (начело на уставност и законитост) и член 62 ставови 1 и 2 од Законот за локалната самоуправа, оттука крајно е нејасно зошто Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одлуки, а потоа да ги укине или поништи.

Судија на Уставниот суд
Јован Јосифовски

Решение У.бр.92/2018