Решение У.бр.92/2018

У.бр.92/2018

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 08 мај 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на:

– Одлука бр.08-2574/7 од 18.06.2018 година за јавни паркиралишта на Општина Струга;
– Одлука бр.08-2574/8 од 18.06.2018 година за определување на јавни паркиралишта за зонско паркирање на подрачјето на град Струга;
– Одлука бр.08-2574/9 од 18.06.2018 година за утврдување на тарифа на цени по зони, за организирање на зонско паркирање на град Струга и
– Одлука бр.08-2574/10 од 18.06.2018 година за условите и начинот на вршење надзор над непрописно запрени или паркирани возила и условите и начинот за блокирање, отстранување, преместување на непрописно запрени и паркирани, хаварисани и напуштени возила и чување на истите на подрачјето на Општина Струга, сите донесени од Советот на Општина Струга и објавени во „Службен гласник на Општина Струга“ бр.6/2018 од 20.06.2018 година.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитоста на Одлука бр.08-2574/2 од 18.06.2018 година за давање согласност на Одлуката за измена и дополнување на Статутот на Јавното претпријатие за паркови и зеленило „Еко-Струга“-Струга бр.01-01/2, донесена од Управниот одбор на 28.05.2018 година.

3. Ален Деребан од Струга, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оцена на законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Во иницијативата најнапред се бара Судот по службена должност да ги прибави оспорените одлуки од причина што службениот гласник број 5 не бил достапен на јавноста и подносителот не бил во можност да го означи бројот и датумот под кој биле заведени актите.

Според подносителот на иницијативата сите оспорени акти биле донесени без потребното мнозинство за нивно донесување, бидејќи Советот на Општината броел 27 членови, па за донесување на одлуките, согласно член 62 ставови 1 и 2 од Законот за локалната самоуправа било потребно да гласаат најмалку 14 советници, односно мнозинство од вкупниот број, што не било случај при носење на одлуките. За истите гласале само 13 советници што значело дека не гласало законски пропишаното мнозинство од наведената законска одредба од каде одлуките не смееле да произведуваат правно дејство, односно како воопшто да не биле донесени.

Поради наведеното се предлага Судот по спроведената постапка оспорените одлуки да ги укине.

4.Судот на седницата, утврди дека Советот на Општина Струга, врз основа на член 11 од Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/1996, 6/2002, 40/2003, 49/2006, 22/2007, 83/2009, 97/2010, 6/2012, 119/2013, 41/2014, 138/2014, 25/2015, 61/2015, 39/2016 и 64/2018) донел Одлука за давање согласност на Одлуката за измена и дополнување на Статутот на Јавното претпријатие за паркови и зеленило „Еко-Струга“-Струга.

Советот на Општината, врз основа на член 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) и член 88 став 2 од Статутот на Општина Струга („Службен гласник на Општина Струга“ бр.2/2018) донел Одлука за јавните паркиралишта на Општина Струга.

Врз основа на членот 7 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.169/2015, 55/2016, 11/2018 и 83/2018) и член 22 став 1 точка 4 од Законот за локалната самоуправа, член 88 став 2 од Статутот на Општина Струга, Советот на Општина Струга донел Одлука за определување на јавни паркиралишта за зонско паркирање на подрачјето на град Струга.

Врз основа на членот 7 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.169/2015, 55/2016, 11/2018 и 83/2018) и член 22 став 1 точка 4 од Законот за локалната самоуправа, член 82 став 2 од Статутот на Општина Струга, Советот на Општина Струга донел Одлука за утврдување на тарифа на цени по зони, за организирање на зонско паркирање на град Струга.

Врз основа на членот 7 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.169/2015, 55/2016, 11/2018 и 83/2018), членот 5 од Законот а комуналните дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2012, 163/2013, 42/2014, 44/2015, 147/2015, 31/2016 и 64/2018), членот 14-а од Законот за јавната чистота („Службен весник на Република Македонија“ бр.111/2008, 64/2009, 88/2010, 23/2011, 80/2012, 163/2013, 44/2015, 147/2015 и 31/2016) и член 88 став 2 од Статутот на Општина Струга, Советот на Општина Струга донел Одлука за условите и начинот на вршење надзор над непрописно запрени или паркирани возила и условите и начинот за блокирање, отстранување, преместување на непрописно запрени и паркирани, хаварисани и напуштени возила и чување на истите на подрачјето на Општина Струга.

Сите одлуки се донесени на седницата одржана на 18.06.2018 година и се објавени во „Службен гласник на Општина Струга“ бр.6/2018 од 20.06.2018 година).

5. Според член член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Членот 41 од Законот за локалната самоуправа е дел од главата V.ОРГАНИЗАЦИЈА И РАБОТА НА ОРГАНИТЕ НА ОПШТИНАТА.

Членот 41 од Законот е со наслов „Работа на седниците на советот“. Во ставот 1 од овој член од Законот е предвидено дека, советот може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинство од вкупниот број членови на советот.

Според член 41 став 2 од Законот за локалната самоуправа, советот одлучува со мнозинство гласови од присутните членови, ако со закон и со статутот поинаку не е определено.

Главата VII од Законот за локалната самоуправа е со наслов „Акти на општината“. Членот 62 од истиот закон е со наслов „Прописи на општината“.

Во ставот 1 од членот 62 од Законот е предвидено дека, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.

Според ставот 2 од членот 62 од Законот за локалната самоуправа, прописите се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот, доколку поинаку не е определено со овој или друг закон.

Според подносителот на иницијативата оспорените акти не биле донесени со потребното мнозинство предвидено во член 62 ставови 1 и 2 од Законот за локалната самоуправа, бидејќи за нив гласале само 13 советници на Општината.

Врз основа на доставената документација се утврди дека Советот на Општина Струга има 27 членови на Советот.

На одржаната 10-та седница на Советот првооспорената одлука е усвоена со 13 гласа „за“ и 8 гласа „против“, додека останатите оспорени одлуки се усвоени со 12 гласа „за“ и 8 гласа „против“. Оттаму, за оспорените одлуки гласале 21, односно 20 членови на Советот на Општина Струга.

Судот по однос на првооспорената одлука, односно Одлуката за давање согласност на Одлуката за измена и дополнување на Статутот на Јавното претпријатие за паркови и зеленило „Еко-Струга“-Струга оцени дека не е пропис подобен за уставно-судска анализа бидејќи согласноста не е општ акт којшто уредува вршење на општински надлежности, туку претставува форма преку која Советот како надлежен орган, ја изразил својата согласност за измена и дополна на претходно донесен акт од страна на наведеното претпријатие.

Оттаму, за оваа одлука се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот.

Останатите одлуки се однесуваат на организирање на јавното паркирање во Општината Струга и начинот на неговото спроведување. Ниту една одлука не е предмет на оспорување по однос на најзината содржина, туку само по однос на потребното мнозинство за нејзино носење од каде во уставно-судската анализа се задира само на овој аспект.

Тргнувајќи од анализата на член 62 став 1 од Законот за локалната самоуправа произлегува дека советот на општината во вршењето на работите од својата надлежност донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.

Членот 62 став 2 од Законот за локалната самоуправа, определува дека прописите се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот (апсолутно мнозинство), доколку поинаку не е определено со овој или друг закон.

Во истиот закон, во член 41 став 2 е определено дека советот одлучува со мнозинство гласови од присутните членови (просто мнозинство), ако со закон и со статутот поинаку не е определено.

Оттаму двете одредби предвидуваат исклучок од утврдените правила, доколку со Законот за локалната самоуправа, или пак друг закон, односно статутот на општините не е поинаку определено.

Во Законот за локалната самоуправа се предвидува и двојно мнозинство (член 41 став 3), но и квалификувано (двотретинско) мнозинство за носење на одреден вид на акти, како на пример член 42 став 3, 46 став 4, 47 став 2 и други.

Пример за друг закон кој го уредува потребното мнозинство, според видот на актот што се носи е Законот за просторното и урбанистичко планирање кој во член 39 став 9 предвидел дека, урбанистичкиот план се смета дека е донесен доколку за одлуката за донесување на урбанистичкиот план гласале најмалку 1/3 од вкупниот број членови на Советот на општината, општината во градот Скопје односно градот Скопје, а при тоа нивниот број не е помал од бројот на членовите на Советот на општината, општината во градот Скопје односно градот Скопје кои гласале против одлуката за донесување на урбанистичкиот план.

Законот за јавните претпријатија, Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, Законот за комуналната дејност и Законот за јавната чистота коишто се основа за донесување на оспорените акти не содржат посебни одредби за потребното мнозинство за носење на општински акти од овие области.

Членот 7 од Законот за локалната самоуправа носи наслов: „Прописи на општината“. Во ставот 2, меѓу другото е определено дека, со статутот на општината се уредува и организацијата и работењето на органите на општината.

Во членот 29 од Статутот на Општина Струга („Службен гласник на Општина Струга“ бр.2/2018) е утврдено дека, свикувањето на седниците на Советот, утврдувањето на дневниот ред, текот на седницата, записниците, постапката за донесување на акти и други прашања поврзани со работата на Советот, поблиску се уредуваат со Деловник.

Во членот 85 од Деловникот на Општина Струга („Службен гласник на Општина Струга“ бр.4/2018) е утврдено дека се полноважни одлуките за кои гласало потребното мнозинство членови на Советот, определено со закон, Статут и овој деловник.

Буџетот, Годишната сметка, Статутот и Деловникот се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот.

Програмите, плановите, одлуките, решенијата, заклучоците и другите прописи се донесуваат со мнозинство гласови од присутните членови на советот.

Оттаму, за актите коишто се од особено значење за функционирање и остварувањето на надлежностите на општината како што се буџет, годишна програма, статут и деловник на општината предвидено е да се донесат со апсолутно мнозинство или мнозинство од вкупниот број членови на советот.

По својот карактер оспорените акти поврзани со паркирањето не се акти од горенаведениот вид, туку се акти поврзани со редовните надлежности поблиску определени во членот 22 од Законот за локалната самоуправа, односно акти во врска со работите од јавен интерес од локално значење.

Оттаму, дали советот на општината, според комплексното уредување (Законот за локална самоуправа, други закони, статут и деловник) ги носи актите со просто мнозинство, со апсолутно мнозинство, со двојно мнозинство или со квалификувано мнозинство пред се зависи од карактерот на актот којшто е предмет на гласање и усвојување.

Доколку пак, член 41 став 2 и член 62 став 2 од Законот за локалната самоуправа, анализирани изолирано создаваат потешкотија по однос на примената би станувало збор за меѓусебна неусогласеност на одредби од еден ист закон што не може да биде предмет на оцена од страна на Уставниот суд.

Според сето наведено, а имајќи предвид дека Советот на Општина Струга има 27 членови, при донесување на оспорените одлуки биле присутни 20 членови, а одлуките се донесени со 12 гласа „за“ и 8 гласа „против“ произлегува дека истите се донесени со потребното мнозинство од член 41 став 2 од Законот за локалната самоуправа. Во овој случај член 62 став 2 од Законот, според карактерот на актите не може да најде примена.

Врз основа на направеното произлегува дека останатите оспорени акти се во согласност со наведената законска одредба.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски. Решението под точка 1 Судот го донесе со мнозинство гласови.

У.бр.92/2018
08 мај 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски

Издвоено мислење по предметот У.бр.92/2018